Игор Тодоровиќ
Србија е прва во Европа и седма во светот според стапката на целосна вакцинација! Но судејќи според последните потези на властите, следи период на стагнација. Контрадикторните изјави и активности од почетокот на епидемијата, особено оние што доаѓаа од кризниот штаб, предизвикаа сомнеж кај луѓето и оставија простор за теоретичарите на заговор да дојдат до израз.
Изминатиов викенд, на секој чекор низ Белград можеа да се слушнат македонски, како и други балкански јазици и дијалекти. Вакцинирани се 22.000 граѓани на околните земји, што е веројатно единствен ваков случај во светот. Како дојде до ова?
Владата на Србија и Министерството за здравство ја искористија својата позиција на глобалната табела за кампањата „На здравје“! Во едно видео можеме да видиме како боксер става маска и победува противник којшто го персонифицира КОВИД-19. Во друго видео, покрај новите болници, може да се види и неодамна подигнатиот контроверзен споменик на средновековниот владетел Стефан Немања, во близина на поранешната главна железничка станица во Белград, како и новиот пешачки премин во центарот на градот којшто потсетува на оној во Шибуја, Токио.
Пораката е победничка. Во еден краток сегмент на снимката, можеме да го видиме и претседателот Александар Вучиќ до новите респиратори. Тој, особено во првата фаза на кризата, лично им ја предаде медицинската опрема на болниците ширум Србија.
Најмалку што може да се каже е дека последната кампања ја промаши темата. Патем, Србија е добро рангирана според бројот на дадени дози на вакцини по глава на жител: таа е десетта во светот.
Пријавувањата за вакцинација започнаа во првата половина на јануари и, за нешто повеќе од една недела, бројот достигна 430.000. Три и пол месеци подоцна, целосно беа вакцинирани речиси 1 милион граѓани, а дадени беа приближно 2,4 милиони дози.
Пунктовите може да останат празни
Од бројките што ги обелодени на 15 март директорот на Канцеларијата за информатичка технологија и електронска администрација, Михаило Јовановиќ, се забележува пад на интересот за вакцинирање.
Според податоците на Блумберг (заклучно со 28 март), во Србија во последните седум дена, дневно во просек се вакцинираат 12.231 граѓани, а таа бројка претходно стигна и до речиси 80.000. Според податоците на Our World in Data, стапката на вакцинација е на најниско ниво од 9 февруари годинава.
Извор: Bloomberg Vaccine Tracker
На 6 март, Вучиќ ја искористи својата драматична прес-конференција посветена на борбата против мафијата, за да ги покани граѓаните да се пријават.
„Како Господ ве молам“, рече тој неколкупати, особено обраќајќи им се на постарите генерации. Тој изјави дека Србија нарачала вкупно 14,2 милиони вакцини и дека во април се очекуваат милион и пол дози. Подоцна биле нарачани уште неколку милиони. Тоа беше првпат некој од државата да посочи дека нешто не е во ред, а официјално сè уште нема загриженост дека кампањата за вакцинација „чкрипи“.
Промена на гласот
Владините претставници за текот на вакцинацијата претежно зборуваат во суперлативи, честитајќи си себеси за наводно одличниот одѕив. Само од неодамна некои од официјалните лица, како на пример министерот за здравство Златибор Лончар, со поголема сериозност им се обраќаат на граѓаните и им препорачуваат да се вакцинираат. Кога веќе зборуваме за Лончар, тој е познат, меѓу другото, по неговите изјави пред кризата дека коронавирусот е „многу послаб од сезонскиот грип“ и дека Србија може сама да ја развие вакцината.
Вучиќ, исто така, нагласи дека стапките (на вакцинирање) во посиромашните области се генерално многу ниски, но пропушти да каже колку вакцини имале на располагање за луѓето од внатрешноста. Тој дури навести дека може да оди да се вакцинира во Мала Жагубица или во Мерошина за да постави пример. Иако тоа досега не се случи.
На конференцијата беше очигледна промената во настапот на Претседателот, бидејќи во претходните месеци тој сосем малку зборуваше за инфекцијата. Тој скоро никогаш не носи маска, освен на средбите со францускиот претседател Емануел Макрон и при неодамнешната посета на Бахреин и Обединетите Арапски Емирати.
Вакцинирањето започна со турканици и преку врски
И почетокот на масовната имунизација не помина без грешки. Немаше јасен план за приоритетните групи и ситуацијата се менуваше ад хок. Додека побарувачката сè уште беше висока, се бараа врски за вакцинирање преку ред. На белградскиот Саем, најголемиот пункт за вакцинација, граѓаните неколку дена беа примани и без регистрација, па се создаде метеж, што го зголеми ризикот од инфекција. Очевидци велат дека оваа пракса била запрена истиот ден кога виделе дека пристигнуваат десетици автобуси, полни со вработени од јавните служби и претпријатија.
Малку фајде од маркетингот
Наместо да снимаат видеа каде што слават (јалова) победа над КОВИД-19, државните и здравствените институции многу порано требаше да започнат да ја информираат јавноста за сè во врска со вакцините (вклучувајќи ги и можните несакани дејства) и да овозможат отворена дебата на медицинската стручна јавност, со учество и на заинтересирани граѓани.
Само маркетингот нема да помогне, бидејќи има илјадапати повеќе лажни вести отколку видеа со насмеани пациенти. Не е доволно нагласено дека по вакцинирањето, потребно е време да се создаде имунитет, што веројатно придонесе за уште еден апсурд – да нема места во болниците, а меѓу пациентите има и многу вакцинирани лица. Одличен аргумент за оние кои ги плашат луѓето дека вакцините се бескорисни или, уште полошо, дека од нив се добива КОВИД.
Преполни болници
Официјалниот број на новозаразени на дневна основа не е под 1.300 од почетокот на ноември, а во последните неколку дена скокна на 5.000 и се заканува да го достигне рекордот од 7.999, забележан на 1 декември. Болниците се преполни, а некои луѓе со лесна пневмонија не успеваат да се сместат.
Се толерираат многу јавни собири, дури и концерти, а можно е вирусот драстично да се проширил на ски-центрите. На Плоштадот на Републиката, на 20 март, дури беше организиран и протест против мерките за заштита од ширење на вирусот, каде што беа присутни противниците на маските и заговорниците против вакцинирањето, но и пропагандистите против бегалците и воведувањето на истополовите бракови. Демонстрациите завршија со бизарен круг околу споменикот на Стефан Немања.
Извор: beograd.rs
Во секојдневните разговори не е невообичаено да се слушаат гласишта дека вакцината предизвикува стерилитет, како и други приказни кои како да излегле од второрангирани филмови од жанрот полунаучна фантастика.
Можно е стапката на инфекција да е постојано висока како резултат на присутноста на британскиот сој и прекумерното отпуштање поради перцепцијата дека со вакцинацијата станува побезбедно. Сепак, сè уште не сме достигнале ни до 15 отсто (на граѓани што целосно се вакцинирале), а треба да сметаме и на периодот што треба да помине по втората доза на вакцината за навистина да се зајакне имунитетот.
Дебата со дезинформаторите
Врз општиот скептицизам влијае и присуството на противниците на вакцинирањето и на теоретичарите на заговор на најгледаните програми и во таблоидите, од кои државата не се оградува. Притоа, не е познато дека некој лекар е казнет за ширење дезинформации. Не помага ни фактот што се објавуваат сомнителни официјални бројки на смртни случаи, случаи на заразени и тестирања.
Една од најпопуларните личности во Србија е Бранимир Несторовиќ, пулмолог и универзитетски професор. Беше угледен член на кризниот штаб сè додека не замина на крајот од октомври. Тој упорно ја релативизира сериозноста на пандемијата, веродостојноста на тестовите и вакцините, за што здружението на лекарите „Заедно против КОВИД“ го пријави во Лекарската комора на Србија. Некои пациенти од неговата приватна ординација велат дека тој дури и ги обесхрабрува да носат маски.
Среќна околност во слабиот интерес за вакцинација е што огромен број луѓе се само збунети или исплашени, а не се решителни против вакцинирањето, но за тоа сигурно ќе дознаеме само доколку има сериозна здравствена писменост.
Дипломатија на вакцини
Србија располага со дури четири видови вакцини, а според тој критериум заостанува само зад Обединетите Арапски Емирати и Унгарија, кои имаат по пет. Граѓаните на Србија можат да избираат помеѓу кинеската вакцина Синофарм, руската Спутник V и вакцините Астра зенека и Оксфорд или Фајзер и Бајонтек.
За оваа поволна позиција се покажа дека се заслужни директните преговори со производителите и државите. Од друга страна, преку механизмот Ковакс сè уште не е пристигната ниту една вакцина.
Сепак, информациите за цените и постапките за набавка се апсолутно недостапни, како што беше случајот со респираторите, останатата опрема и изградбата на болници. Патем, исто така и за споменикот од почетокот на оваа статија. Ова предизвика сомневања дека Русија, Кина, Велика Британија, САД, а можеби и Индија ќе добијат некои отстапки на политичко и економско поле, а со тоа ќе го прошират нивното влијание во Србија. Од примерот на војната за вакцините меѓу Велика Британија и Европската Унија, како и разидувањето на 27-члениот трговски блок по тоа прашање, лесно може да се заклучи дека вакцините во моментов се еден од најважните геополитички адути.
Во таа насока, властите во Србија јавно се фалат за преговорите со Русија, со Кина и со ОАЕ за започнување производство на вакцини на нивна територија, откако некогаш славниот белградски институт „Торлак“ падна на ниско ниво. Понатаму, Вучиќ изјави дека ќе ја прими кинеската вакцина, по најавата дека ЕУ нема да ги признае вакцините што не се одобрени од неа, во т.н. ковидни пасоши.
Геополитика на мало
Сликата од глобалната сцена полека се пренесува во односите во регионот на Западен Балкан. Србија донираше 4.680 вакцини Фајзер во Македонија, 2.000 дози Спутник V на Црна Гора и 10.000 вакцини произведени од британската Астра зенека на Федерацијата БиХ. Ентитетот ќе добие и 15.000 дози од индиската вакцина преку Владата во Белград. Србија – одделно – на Република Српска ѝ обезбеди 2.000 руски вакцини Спутник V.
За жал, во БиХ донацијата предизвика контроверзии и, да биде работата уште полоша, во ФБиХ, вакцинирањето со производот на компанијата Астра зенека беше привремено прекината. Србија го вакцинира населението во Косово во рамките на својот здравствен систем, додека Владата во Приштина сè уште нема добиено ниту една вакцина.
Во меѓувреме, сите вработени во Уставниот суд на БиХ и повеќе од сто македонски новинари беа вакцинирани во Србија, а Стопанската комора на Србија им го обезбеди истото на свои соработници од другите земји од Западен Балкан. Косовската стопанска комора ја одби поканата.
Изминатиот викенд илјадници луѓе од БиХ, Косово, Црна Гора, Хрватска, Албанија и Македонија се упатија кон Белград за да ја искористат одличната можност што ја немаат во својата татковина. Дали овде се работи за солидарност? Рокот за употреба на вакцините на Астра Зенека истекува денес (29 март). Оттаму, постои опасност да пропаднат голем број на дози ако не бидат употребени.
Здружението „Заедно против Ковид“ посочи и на можниот ризик од зголемен број на инфекции како резултат на толпата на странски државјани кои дојдоа да се вакцинираат. Тие предложија да се донираат преостанатите вакцини во земјите од регионот за исцрпените здравствени работници да „земат здив“.
Во секој случај, добро ќе биде ако вакцините се употребат, особено за здравствените работници и постарите лица. Единственото прашање што останува е дали поради судирот меѓу ЕУ и Велика Британија околу Астра зенека, којшто несомнено има политичка заднина, на нивните вакцини ќе им истече рокот. Дали земјите со помалку среќа во набавките ќе одлучат да одбијат таков подарок? Без разлика дали станува збор за парадокс или за иронија, односите меѓу нашите републики би биле загрозени, а тогаш сите би биле губитници.
Текстот е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Хрватска (Lupiga), Косово (Sbunker), Србија (Не давимо Београд), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Црна Гора (PCNEN), Бугарија (Sega.bg), и Грција (Macropolis).
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.