fbpx

Професионални лажговци во време на пандемија

Вук Вучетиќ

Вук Вучетиќ

Minas Bakalcev 400x500Сите теории на заговор имаат многу едноставни премиси како основа за нивното функционирање. Во суштина, секоја теорија на заговор претставува поделба на светот на добро и зло. Тешко е да се побијат, бидејќи секој што ќе се обиде да го стори тоа, се смета за соучесник во заговорот. Проблемот е што овие теории се шират многу брзо, најчесто преку социјалните мрежи, но и преку затворени групи на некои платформи како Вибер.

На прес-конференција која се одржа по инаугурацијата на тогашниот американски претседател Доналд Трамп, портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер, меѓу другото, изјави дека станува збор за „најпосетената инаугурација во историјата на САД“. Набрзо следеше реакција од речиси сите медиуми, кои пронајдоа фотографии од претходни инаугурации и сфатија дека портпаролот Спајсер во најмала рака претерал со оценката и дека тоа не била најпосетената инаугурација досега, туку спротивно од тоа. Наскоро, репортер на Ен-би-си се соочи со Келијан Конвеј, тогашната советничка на претседателот на САД, презентирајќи ѝ ги тие сознанија, која таа ја отфрли, со образложение дека Спајсер понудил „алтернативни факти“ за инаугурацијата. Од тој момент (јануари, 2017 година), овој израз стана сеприсутен и во суштина отвори ново општествено-политичко поглавје во односот кон фактите, вистината и реалноста во најширока смисла.

Алтернативни факти во ерата на пост вистина

Новата ера во која алтернативните факти ги заменија реалните докази се нарекува пост вистина, каде што толкувањата, емоциите, уверувањата имаат посилно влијание врз донесувањето одлуки отколку фактите и доказите. Пост-вистина е ера во која главните социо-политички актери настојуваат да ја убедат јавноста да верува во нив, во нивните водачи, а не во фактите и доказите, што може да се спореди со ситуација во која од соговорникот се бара да им верува повеќе ним отколку на своите очи. Концептот на пост-вистина може да се поврзе со она што познатиот американски комичар и телевизиски водител Стивен Колбер го нарече концепт на „вистинскост“ (truthiness) пред повеќе од десет години. Под концептот на „вистинскост“, тој се обиде на комичен, но и на критички изострен начин да ја објасни опасноста од тоа „луѓето да не размислуваат со главата, туку да разбираат со срцето“.

Со други зборови, луѓето прифаќаат и реагираат позитивно на информациите затоа што тие им предизвикуваат одредени емоции и чувства, а не затоа што се поткрепени со вистински докази. Значи, во преден план е она што луѓето сметаат дека е вистина, а не она што е всушност точно. Во таа смисла, може да се каже дека ерата пост-вистината која ја најави Колбер е еден вид општествено-политичка ситуација во која луѓето се склони да веруваат во лажни вести, алтернативни факти и други форми на дезинформации, бидејќи од различни причини тоа може да им причинува задоволство и така полесно можат да ја разберат реалноста во која живеат.

Со изразот „алтернативни факти“ всушност се настојува да се објасни дека фактите немаат универзално значење, туку дека нивното значење е секогаш поврзано со контекстот, односно дека во зависност од контекстот и гледната точка, фактите можат да се толкуваат поинаку или да имаат различно значење. Затоа, како што наведуваат авторите Турчило и Буљубашиќ, алтернативните факти можат да се дефинираат како форма на манипулација, што се одразува во изборот, врамувањето и контекстуализацијата на информациите во согласност со интересите на другите, најчесто политички чинители. Во таа смисла, алтернативните факти, всушност, се факти „врамени“ во одреден контекст или изнесени само делумно, со цел кај јавноста да се создаде ефект на „дежаву“ и да се предизвика одредена реакција. Така, се чини дека со алтернативните факти се создава некаква, условно кажано, алтернативна реалност во која важат правила што се на другата страна на рационалноста, фактичноста и вистинитоста.

Еден начин да се дефинираат алтернативните факти е дека тие можат да се однесуваат на нешто што има потенцијал да биде вистинито, но не мора да биде такво. Тука може да се вметнат разни информации и тврдења кои можат да бидат точни, односно за нив постои одредена веројатност, како и одредени докази дека се точни, но во исто време не мора да бидат точни. Поточно, ако тврдењето и неговата негација се подеднакво оправдани, т.е. постојат подеднакво валидни причини или подеднакво силни докази за поддршка на која било од овие две можности, тогаш ваквите тврдења може да се разберат како алтернативни факти. Во овој контекст, можат да се набљудуваат разни теории на заговор за кои не постојат валидни докази, но кои можат, под услов одредени претпоставки да се покажат точни, да станат предмет на разгледување.

Алтернативни факти како теории на заговор во пандемијата со корона вирусот

Сите теории на заговор имаат многу едноставни премиси како основа за нивното функционирање. Во основата на секоја теорија на заговор стои поделбата на светот на добро и зло. Потоа, секоја теорија на заговор главно се карактеризира со постоење на таен план, кој го спроведува некоја група. Исто така, секогаш има одредени „докази“ со кои се настојува да се потврди постојната теорија, кои по правило се придружени со параноични тврдења дека ништо не се случува без причина и дека нема случајности, односно дека ништо не е како што се чини и дека сè е поврзано. Откако ќе се вкоренат, теориите на заговор можат брзо да се шират. Тешко е да се побијат, бидејќи секој што ќе се обиде да го стори тоа, се смета за учесник во заговорот. Проблемот е што овие теории се шират многу брзо, најчесто преку социјалните мрежи, но и затворени групи на некои платформи како што се Вибер и слично.

Теориите на заговор не се ништо ново. Некои од „најинтересните“ кои и денес се на дневен ред се поврзани со настани како што се терористичките напади на 11 септември во Њујорк, атентатот врз американскиот претседател Џон Кенеди, слетувањето на Месечината и слично. Се чини дека сите важни настани ја отвораат вратата кон разни теории на заговор за да се открие што има во позадина. Пандемијата со корона вирусот исто така послужи како одлично тло за развој и ширење на разни теории на заговор.

Најчестите теории беа дека Кинеската влада го создала коронавирусот во лабораторија; дека фармацевтската индустрија е вклучена во ширењето на коронавирусот; дека постои врска помеѓу 5G технологијата и коронавирусот; дека американската војска го развила коронавирусот како биолошко оружје; дека Бил Гејтс го користи коронавирусот за да „истурка“ вакцина со микрочип што може да ги следи луѓето; како и дека коронавирусот „избегал“ од лабораторијата во Вухан.

Profesionalni lazgovci vo vreme na pandemijaИзвор: rs.n1info.com

Kако и самиот вирус, теориите на заговор преживуваат и се пренесуваат преку домаќинот. Популарни и влијателни домаќини, како што се политичари и/или други познати личности, потенцијално можат да заразат милиони други преку нивните активности.Profesionalni lazgovci vo vreme na pandemija 2 Во таа смисла, поранешниот американски претседател Доналд Трамп честопати го нарекуваше корона вирусот „обичен грип“ кој „ќе исчезне во текот на летото“ и слично. Сепак, она што може да го класифицира меѓу оние кои ја пренесуваат заразата на теоријата на заговор е твит од март 2020 година во кој го нарекува корона вирусот - Кинески вирус. Овој твит ги поддржува теориите дека Кинезите се виновни за настанувањето на коронавирусот, а во исто време предизвика и лавина коментари насочени против Кинезите на социјалните мрежи.

Слично како Доналд Трамп, двајца американски сенатори исто така придонесоа за ширење на разни теории за коронавирусот. Сенаторот Ренд Пол, републиканец од Кентаки, изјави дека нема да се вакцинира затоа што прележал корона. Тој исто така сугерираше дека природниот имунитет е поефикасен од вакцината. Освен политичарите кои на овој начин придонесоа за ширење на разни форми на теории на заговор поврзани со коронавирусот, тоа го сторија и познати личности од светот на шоу-бизнисот. Една од најголемите икони на поп-музиката во САД, Мадона објави видео на својот Инстаграм профил во кое коментира дека вакцината против вирусот постои веќе некое време, но дека намерно ја кријат за полесно да се контролираат обичните луѓе и за богатите да се збогатат.

Ширење теории на заговор на домашен начин

Ниту Западен Балкан не остана имун на разни форми на дезинформации, лажни вести, алтернативни факти и теории на заговор поврзани со корона вирусот. На почетокот на пандемијата, пулмологот Бранимир Несторовиќ ја увери српската јавност дека коронавирусот е „обичен смешен грип“ и дека жените можат слободно да одат на „шопинг тури до Милано“. Со оглед на тоа што изјавите беа дадени на 26 февруари 2020 година, односно на самиот почеток на ширењето на коронавирусот, може да се каже дека се резултат на недоволна информираност. Проблематична и загрижувачка е и недоволната сериозност и одговорност кога пред јавноста се излегува со информации што директно се однесуваат на здравјето на луѓето. Слична грешка „во чекори“ направи и тогашниот министер за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ, кој на 28 февруари 2020 година изјави дека не е исклучено пандемијата на коронавирусот „да е дел од специјалната војна против Кина“.

Ваквите изјави во најмала рака може да се стават во редот на непроверени алтернативни факти, и пошироко гледано во редот на теории на заговор. Освен тоа, една од истакнатите теоретичарки на заговор која доби голем медиумски простор не само во емисии на опскурни канали на Јутјуб, туку и на национални телевизии во Србија, е клиничкиот психолог Мила Алечковиќ. Таа е позната по своите теории дека пандемијата се користи за воведување „експериментални мерки“ чија цел е „поробување на луѓето“ за да се збогатат мал број „глобалисти“.

Како и на Запад, освен официјалните политичари и јавните личности од оваа струка, проблемот со ширење разни форми на дезинформации и непроверени информации стана поголем кога се вклучија популарни ѕвезди од светот на забавата и спортот.Profesionalni lazgovci vo vreme na pandemija 3 Во таа смисла, изјавата на фолк пејачката Нада Топчагиќ е дека корона може да се излечи со ракија и лук, а тенисерот број еден во светот Новак Ѓоковиќ им ги понуди на сите своите десет совети за борба против коронавирусот. Хрватскиот фудбалер Дејан Ловрен преку социјалните мрежи се приклучи на бранот негативни коментари насочени против Бил Гејтс, кој се смета за еден од најодговорните за појавата и ширењето на вирусот. Ловрен на својот Инстаграм напиша „Играта заврши, Бил. Луѓето не се слепи“.

Како беше во БиХ

Социјалните мрежи секако се едни од најефикасните платформи за ширење разни форми на дезинформации. Во тој контекст, во БиХ, групата „Q-Anon Босна и Херцеговина“ беше активна на Фејсбук пет месеци, укината во октомври 2020 година. Оваа група беше дел од поширокото движење „Q-Anon“, формирано во 2017 година во САД кое го следи заедничкото мото #wwg1wga (Where We Go One We Go All – Каде оди еден, одиме сите). Суштината на ова движење, кое ја доживеа својата експанзија на социјалните платформи, е ширење разни форми на дезинформации, лажни вести и теории на заговор.

Во таа група, меѓу другите, може да се најдат тврдења дека: Коронавирусот не постои, туку е измислен; доколку постои, создаден е во лабораторија. Секој родител е должен да го заштити своето дете од присилна вакцинација. Воведувањето 5G технологија ќе донесе непоправливи последици за сè живо на Земјата. Во Македонија е сè попопуларно да се испраќаат дезинформации преку лични пораки, најчесо преку платформи како Messenger, Viber, WhatsApp и слично. Ова е ефикасен начин за ширење дезинформации со оглед на тоа што е тешко да се открие. Интересно е и тоа што друг ефективен метод да се избегне откривањето дезинформации е испраќање скриншотови, но и намерно мешање на кирилица и латиница за да се прикрие трагата.

Меѓутоа, покрај овие, условно кажано, изолирани примери кои секако можат да илустрираат одредени трендови, многу е важно да се посочат податоците од истражувањето „Сомнителен вирус: Заговорите и КОВИД-19 на Балканот“ спроведено од Советодавната група за јавна политика: Балканот во Европа (BiEPAG) во 2020 година, за популарноста на различните теории на заговор на Западен Балкан. Истражувањата покажуваат дека речиси 80% од испитаниците веруваат, во голема мера или делумно, во некои од теориите на заговор во врска со корона вирусот. Ова истражување покажува дека Албанија има најголем процент на луѓе кои веруваат во теории на заговор. Најпопуларните се теориите кои ѝ припишуваат одговорност на Кина, но дури и кога станува збор за поврзаноста со Бил Гејтс, 43% од населението верува дека тоа е во голема мера или барем до одреден степен точно.

Критичкото промислување во улога на вакцина против теориите на заговор

Воопшто не е лесно човек да се снајде во морето од различни форми на дезинформации, теории на заговор, лажни вести, алтернативни факти. Со оглед на тоа што генерално не постојат системски решенија кои би им помогнале на поединците подобро да се ориентираат во заглушувачкиот дигитален простор, важни се обидите за самостојно развивање на потребните вештини и компетенции во овој поглед. Во контекст на проверка на содржините, еден од најважните чекори е да се провери изворот на информациите. Во оваа смисла, важно е да можете да одговорите на прашањето дали одреден извор е веродостоен и реномиран.

Еден од важните предуслови што одреден портал треба да ги исполни за да се земе како релевантен извор на информации е постоењето на импресум, односно рубрика во рамките на која се содржани податоци за сопственичката/уредничката структура и основните информации за контакт. Исто така, еден од важните аспекти на проверка на веродостојноста на изворот е секако доменот што се користи. Неретко се случува некои лажни портали да се обидат да ги копираат постојните информативни портали користејќи сличен домен, на што просечниот читател обично не обрнува внимание. На пример, доменот „cnn.com“ може да биде заменет со „cnn.com.co“ или „cnn.website“, што веќе може да сугерира на одредени неправилности. Потоа треба да се провери дали овој извор е цитиран од други медиуми.

За секој случај, проверете дали постојните веб-страници за проверка на фактите (како што е snopes.com) веќе ја покриле темата на некој начин. Вториот чекор е да се провери авторот, односно да се провери дали авторот има квалификации и искуство во таа област и дали во текстот се користат проверливи факти и докази од научно или академско истражување. Освен тоа, важно е да се провери дали авторот или соговорникот е самопрогласен експерт или е поврзан со некоја организација. Конечно, третиот чекор, кој не е безначаен, е да се провери стилот и тонот во кој е напишан текстот. Обично различни форми на дезинформации и теории на заговор се пишуваат во сензационалистички стил.

Конечно, заедно со овие три чекори, неопходно е постојано да се развива критичка острица, да се стекнуваат знаења за тоа како функционираат масовните медиуми, но и дигиталните платформи, како се шират различни форми на дезинформации и кои интереси стојат зад ваквите активности. Овие мали чекори за човештвото, се чини дека се одлични за секој поединец и во некој краен збир тие можат да придонесат за деконтаминација на јавниот онлајн простор.

 
Петтото издание на „Приказни од регионот“ се спроведува од Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Хрватска (Lupiga), Косово (Sbunker), Србија (Не давимо Београд), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Црна Гора (PCNEN), и Грција (Macropolis).

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Вук Вучетиќ

Д-р Вук Вучетиќ дипломирал во 2010 година на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Источно Сараево, отсек новинарство. Магистерските студии по комуникација ги завршил во 2013 година на Факултетот за политички науки во Сараево на тема „Политичкиот спектакл како медиумски феномен – примерот на БиХ“. Во 2018 година ја одбранил докторската дисертација на Факултетот за политички науки во Сараево на тема „Контроверзии на медијатизацијата на политиката во современа Босна и Херцеговина.“ Од 2011 година е постојано вработен на Филозофскиот факултет на Универзитетот на Источно Сараево на Катедрата за новинарство.