fbpx

Албанците се уморни од празните ветувања на Брисел

Алис Тејлор

Зборовите како „посветеност“, „соработка“ и „стратешки приоритет“ може да се слушнат на секоја прес-конференција, изјава и јавна средба во врска со Албанија и ЕУ, а на луѓето им здодеа да ги слушаат.

Албанија аплицираше за членство во ЕУ во април 2009 година и доби кандидатски статус во јуни 2014 година. Потоа, по период на чекање што многу Албанци го сметаат за непотребно долг, во летото 2022 година започнаа преговорите.

Пристапниот пат на Албанија беше попречен неколку години поради недостатоците во владеењето на правото, слободата на медиумите, корупцијата и организираниот криминал. Но, откако се дојде до заклучок дека може да се штиклираат тие полиња, барем на хартија, дојде до застој во пристапниот пат поради геополитичко несогласување помеѓу соседите.

Патот на земјата кон ЕУ беше споен со оној на Северна Македонија. Иако Скопје ги исполни критериумите порано од Тирана, несогласувањата со Бугарија околу јазикот, историјата и културата доведе до тоа Софија да стави вето на процесот. Ова значеше дека патот на Албанија во суштина беше заложник две години додека не се реши ќор-сокакот во летото 2022 година.

Токму во тие две години, додека бевме во чекалната на ЕУ, почнаа да се појавуваат пукнатини во довербата на јавноста.

Про-ЕУ, а не про-ЕК

Албанија, долго време беше земјата во регионот што најмногу се залагаше за влез во ЕУ. Една анкета спроведена од Euronews Albania во декември 2022 година покажа дека 95,9 отсто од Албанците се проевропски настроени, а сличен процент се изјасниле дека членството е многу важно.

Меѓутоа, бројките се пониски кога станува збор за довербата во ЕУ и нејзините институции. Довербата на Албанците во ЕУ падна за четири процентни поени во 2021 година, од 75 отсто во 2020 година, покажува анкетата на „Доверба во владеењето“ спроведена од Институтот за демократија и медијација. Со 71% доверба во ЕУ, ЕУ се рангираше под НАТО (73,2%) и под ООН (71,4%).

Друга болна точка за ЕУ се реформите во правосудството и процесот на проверка односно ветинг, поддржани од Брисел и САД. Истражувањето покажа дека само 35% сметаат дека тоа се спроведува правилно, а 57% рекле дека тоа позитивно ќе влијае на земјата. Додека бројките се зголемуваат за 6 и 4 процентни поени, соодветно во 2020 и 2021 година, тие се далеку од импресивни.

„Сè се враќа, сè се плаќа“

Незадоволството кон ЕУ уште повеќе се разгоре поради фрустрираните коментари на албанскиот премиер Еди Рама.

Во јуни 2022 година, пред официјално да започнат пристапните преговори, тој изрази „длабока тага“ за ЕУ, го нарече духот на проширувањето „извитоперен“ и додаде: „Во хаос сте, луѓе. Во голем неред сте и за срам сте и мислам дека е срамота што една земја од НАТО киднапира две други земји на НАТО додека во дворот на Европа се одвива жестока војна и, се разбира, не е добро да се види дека 26 други земји седат мирни, како страшен приказ на немоќ“ во врска со несогласувањата меѓу Бугарија и Македонија.

Кога скандалот со „Катаргејт“ го потресе Европскиот парламент на крајот на 2022 година, Рама без заобиколување директно изјави „Сè се враќа, сè се плаќа“ и ги обвини дека на другите земји им поставуваат повисоки стандарди од оние што самите тие ги исполнуваат.

„Повеќе од половина од членките на ЕУ сега не би можеле да влезат во ЕУ“, рече Рама. „Не зборувам за поранешните комунисти. Зборувам и за основачите, верувајте ми“.

Во едно интервју со мене, во декември 2022 година, тој рече дека не може да се пристапи во ЕУ со мамење, обвинувајќи ја Грција дека го направила тоа кога се приклучила на блокот во 1981 година.

Извор: freepik.com

Анди Хоџа, предавач по право на Универзитетскиот колеџ во Лондон и експерт за интеграција во ЕУ, исто така смета дека ова има улога во намалувањето на довербата.

„ЕУ проповеда и советува нешто поинакво за Западен Балкан, а не ги следи сопствените совети. На пример, Унијата со право повикува на борба против корупцијата и зголемување на транспарентноста на институциите на Западен Балкан, но, во исто време, голем број функционери на ЕУ се вмешани во корупција и се фатени на дело, како што се гледа во скандалот ‘Катаргејт’“, вели тој.

„Така, граѓаните на Западен Балкан веруваат дека некои институции на ЕУ, кои порано се сметале за репер, се однесуваат слично како оние на Балканот“.

Во врска со едно прашање што го поставив на моите профили на социјалните медиуми, еден корисник ми рече „Се надевам дека никогаш нема да се приклучиме, бидејќи со оглед каква е ЕУ денес, тоа нема да значи одење кон подобро“.

Празни флоскули

Но, не е само политичката реторика причина за разочарувањето на јавноста. Фразите што ги користат претставниците на ЕУ го тенчи трпението на луѓето.

Во 2022 година, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на Твитер напиша: „Западен Балкан е стратешки приоритет за ЕУ. Целосно сме посветени на европската перспектива на регионот. Го поздравуваме фокусот на вашата влада на спроведувањето реформи и справувањето со прашања како владеењето на правото, реформите во правосудството и борбата против корупцијата“.

Претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен, исто така, има добар репертоар на слични изјави.

„…издржлива соработка меѓу Албанија и Европската Унија и нашата заедничка иднина. Ја видовме иднината. Ги видовме децата, момчињата и девојчињата. Да се изразам сосема јасно, иднината на Албанија е во Европската Унија. Ние сме пријатели и партнери“.

Зборовите како „посветеност“, „соработка“ и „стратешки приоритет“ може да се слушнат на секоја прес-конференција, изјава и јавна средба во врска со Албанија и ЕУ, а на луѓето им здодеа да ги слушаат.

Хоџа рече: „Луѓето веќе подолго време губат верба во таквите изјави, бидејќи ‘заложбата’ е бесмислена освен ако е придружена со конкретен распоред за тоа кога и како ќе се одвива интеграцијата“.

Тој додава дека веќе не е доволно да се каже „Албанија припаѓа во ЕУ“ затоа што е дел од културното и геополитичкото ткиво на ЕУ итн., туку треба да се даде подетална слика за тоа како може да се одвива интеграцијата.

„Како резултат на тоа, недостатокот на јасна временска рамка за интегрирање на Албанија и остатокот од Западен Балкан само ќе послужи за намалување на довербата на јавноста во ЕУ и нејзините институции“, додаде тој.

Штиклирање квадратчиња

Некои сегменти од населението, исто така, тврдат дека Албанија е далеку од исполнувањето на барањата за пристапување, и ја обвинуваат ЕУ дека прогледува низ прсти во однос на проблемите со владеењето на правото, медиумите и корупцијата, во корист на владата.

Винсент Ван Хервен Ои, издавач и политички аналитичар, изјавил: „Довербата во институциите на ЕУ пропаѓа затоа што процесот на пристапување по својата природа ја зајакнува извршната власт дури и ако оние што се на власт се сметаат за корумпирани, што во Албанија се покажува со нејзиниот постојан пад на индексите за корупција и широко распространетата јавна перцепција на корупција во владата. Ако Европската комисија, која јавноста ја перципира како неразделна од Европската Унија, се смета дека го зајакнува токму тоа што е корумпирано, се разбира, довербата се руши“.

Тој додал дека верува дека постои одредена посветеност на интеграцијата, но дека е јасно дека ЕУ „нема поим“ дали сака да се прошири или како би можела да изгледа нејзината иднина. Тоа, според него, се покажа преку брзото доделување кандидатски статус на Украина, начинот на кој Унијата го „води“ дијалогот Косово-Србија и нејзиниот пристап кон распадот на Босна и Херцеговина.

Во комбинација со „амбивалентноста кон албанската влада“ тоа значи дека „додека Унијата не ги реши овие прашања, ќе продолжи да го губи кредибилитетот. Ова е процес што се одвива во последната деценија, не е нешто ново“.

Димитар Бечев, визитинг професор во Карнеги Европа, напиша дека „процесот на проширување на ЕУ е далеку од кредибилен“, бидејќи последната членка пристапи во 2013 година.

Една брза, неформална анкета на моите профили на социјалните мрежи покажа дека многумина не се убедени дека ЕУ дури и сака Албанија да се приклучи.

„ЕУ не сака ни Албанија да биде дел од нив. Се грижи само за Србија. Албанија ќе биде членка на ЕУ кога Турција ќе претседава со ЕУ“, рече еден корисник. Друг објасни: „На луѓето им здодеа да слушаат празни зборови од Брисел додека животот во Албанија станува потежок и илјадници луѓе си заминуваат секоја година“.

Околу 1,4 милиони луѓе ја напуштиле Албанија од падот на комунизмот во 1991 година, при што 700.000 емигрирале минатата година и рекордни 36.000, главно млади, се преселиле само во 2022 година. Овој егзодус може да се припише на многу фактори, но веројатно е дека недостатокот на јасна европска перспектива исто така има влијание.

Во Албанија, ЕУ не треба да се грижи за надворешно влијание од Русија или други малигни актери, туку за политиката, стратегијата, реториката и лажната транспарентност на самата извршна власт.

 

Текстот е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Exit News), и Црна Гора (PCNEN).

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Алис Тејлор

Алис Тејлор е новинарка родена во Британија која од 2017 година живее и работи во Тирана, Албанија. Пишува за Exit.al/en, уредничка е на вести и дописник од Албанија и Косово за ЕУ политика и за EURACTIV. Алис го покрива регионот за медиуми како што се DW, BBC, а повремено и за The Times, The Lead, Vice, Open Democracy и Byline Times. Покрај тоа што е новинар, таа е избрана и во Одборот на Сојузот за етика на медиумите во Албанија, и тоа со втор мандат во 2022 година. Својата кариера ја започна во Малта како политички и општествен колумнист пред да работи со истражувачка платформа The Shift News која има добиено бројни награди. Фото од авторката: Јута Бензенберг