fbpx

Дезинформациите во Албанија: Инструмент на политичките класи

Барбара Хала

Приказни од регионот

Медиуми

06.04.22

Прегледи

Без разлика на примесите и целта, дезинформациите се шират низ албанската медиумска сфера, без оглед дали се традиционални или онлајн медиуми. Честопати одат во полза на предрасудите и потребите на луѓето, кои произлегуваат од извори на кои им веруваат.

Албанскиот информативен портал Jeta Osht Qejf (на албански: „Животот е забавен“), има 1,2 милиони следбеници на Инстаграм и уште 2 милиони на Фејсбук. Бројот на онлајн следбеници на овој портал е неспоредлив со други албански медиуми и забавни портали, а има и неспоредливо повеќе директна интеракција со следбениците.

Jeta Osht Qejf – сега ребрендиран како JOQ – започна како страница за мемиња и набрзо стана онлајн простор каде што се собираат Албанците за да ги документираат смешните и иритирачки апсурди од нивните животи. Меѓутоа, со текот на годините, JOQ стана информативен портал, во широка смисла на зборот. Поголемиот дел од содржините што порталот ги презентира на социјалните мрежи доаѓаат директно од албанската јавност, бидејќи граѓаните објавуваат „докази“ или поплаки коишто не би нашле публика на друго место.

Тоа може да биде снимка од разговор во докторска ординација, слики од страшни сообраќајни несреќи или купишта ѓубре што се таложи и гние, без никој да го собере.

Не е само JOQ со ваков формат, иако тој има бројка на следбеници што е многу поимпресивна од повеќето други. Неколку онлајн портали на ист начин се преиначија од страници за мемиња, за сега да служат како страници за вести од заеднички извори. Заедно, тие шират еден вид правда преку социјалните медиуми со тоа што посочуваат внимание на проблемите и обезбедуваат барем некаква форма на одговорност, колку и да се ограничени нејзините резултати. Подемот на овие платформи не е изненадувачки.

Извор: Freepik.com

Тие го пополнуваат празниот простор за многу Албанци кои се чувствуваат како никој да не ги слуша и да не ги гледа. Веб-страниците како JOQ се доказ за секојдневните маки во животот во Албанија и, иако конкретните политички исходи изгледаат оскудни, таму барем има публика која ќе ги уважи нивните искуства.

Поради значителното учество на заедницата, постигнато преку вирална содржина во форма на мемиња и известување за ужасни настани, порталите како JOQ ја заслужија довербата на јавноста. Но, таа доверба лесно може да стане предмет на манипулација: токму оваа недела, JOQ објави, како што тврди, порака од лекар кој тврди дека владини службеници вршат притисок врз здравствените работници да ги вакцинираат граѓаните, или во спротивно ќе бидат отпуштени. Придружниот текст ги опишува напорите на владата да го вакцинира населението против КОВИД-19 како „пропаганда“.

Не е јасно дали и како JOQ ги проверува своите извори и како избира што да објави од она што ќе им биде испратено. Но, едно е јасно: дезинформациите - а во случајот со вакцините, тенденциозните погрешни информации – одат по истиот пат како и онлајн порталите.

Во случајот со вакцинацијата, можеби постојат лични мотиви што можат да се припишат на недовербата што сè уште постои кај албанското население во однос на вакцините. Но другите дезинформации што се шират од места како JOQ имаат појасна цел. Како мемињата и видеата со несолени шеги, озборувања или бомбастични информации за војната во Украина вообичаено земени од неверодостојни извори (вклучувајќи ги и британските таблоиди како „Дејли меил“ или „Мирор“), голем дел од содржината на JOQ и слични портали се објавуваат за да се привлечат повеќе читатели.

Домашен проблем

Студија од 2020 година за лажни вести и дезинформации во Западен Балкан, нарачана од Европскиот парламент, покажува дека, во регионот, најголемиот дел од дезинформациите се произведуваат во самите држави и за домашни цели. Во случајот со Албанија, „дезинформациите имаат тенденција да се користат опортунистички од сите страни, стремејќи се кон краткорочни цели наместо долгорочни стратегии“, се вели во извештајот.

Додека европските претставници се разбирливо загрижени за досегот на руските дезинформации – што беше и фокусот на прес конференцијата на високиот претставник на ЕУ, Борељ, за време на посетата на Тирана во средината на март - во извештајот се тврди дека, во Албанија, „има релативно малку докази за обиди на странски сили да ја нарушат албанската политичка сцена или меѓународните односи“. Наместо тоа, се вели дека медиумите користат дезинформации за да привлечат читатели и да го зголемат бројот на посетители на нивните веб-страници, а и политичките актери и нивните соработници ги користат дезинформациите за политички цели.

JOQ - и искрено, загрижувачки голем дел од албанските медиуми, вклучително и весници и ТВ станици - го претставуваат првиот дел од оваа слика: непрестајното трчање по кликови на веб-страниците, за да се обезбеди нечиј финансиски профит, често на штета на субјектите кои се залагаат за проверка на фактите. Употребата на дезинформации за политички цели може да биде малку попроблематична или можеби нејзиното присуство е толку сеприсутно што бара концентриран напор за да се одделат обичните политички спинови од дезинформациите.

Како и да е, матната природа на дезинформациите и тоа што служат како инструменти на политичките класи, стана многу очигледно со неодамнешните настани, кога премиерот Еди Рама ги обвини Албанците дека ѝ служат на руската воена агенда кога илјадници граѓани излегоа да протестираат поради зголемените трошоци за живот.

На почетокот на март, цените на горивата во Албанија пораснаа, достигнувајќи невидени 2 евра за литар, што претставува зголемување од 50% во однос на просекот во 2021 година. Во меѓувреме, албанскиот национален институт за статистика покажа дека цената за 20 основни прехранбени производи се зголемила за најмалку 20%, а некои поскапеле и до 40%. Покрај горивото, инфлацијата најмногу ги погоди маслото за јадење и брашното.

Во неделата што почна на 7 март, Албанците речиси секој ден излегуваа на улиците барајќи од Владата да спроведе мерки за намалување на цените и да обезбеди олеснување за своите граѓани, кои сè уште се едни од најсиромашните во Европа. Со сè поголемиот притисок од улиците, Рама формираше Одбор за транспарентност, што ќе ги одредува цените на горивото и гасот на интервали од неколку дена и го претстави социјалниот план за индексирање на пензиите и предвремено зголемување на минималната плата за да се надомести за трошоците што растат.

Тоа малку ги смири граѓаните, кои продолжија со протестите, иако неодамна бројот на протести - и нивните учесници - се намали.

Меѓутоа, и покрај неговите увертири за тоа дека ќе покаже слух за проблемите на народот, Рама ја искористи Русија како Баба Рога, за да ги оцрни демонстрантите, укажувајќи дека се против Украина и дека ѝ помагаат на агендата на Кремљ. Во текот на неколку преноси, објавени на телевизија или на неговата лична страница на Фејсбук, Рама тврдеше дека зголемените цени се исклучиво последица на руската војна против Украина и ги предупредуваше сопствениците на бизниси дека може да дојде време кога воопшто нема да има нафта. Тој, исто така, ги окарактеризира демонстрантите како незадоволно малцинство чии постапки ја оцрнуваат Албанија и му служат на Кремљ.

Тврдењата дека протестите ѝ помагаат на Русија продолжија и во текот на неделата што почна на 14 март. Во пренос во живо со бројна публика, премиерот тврдеше дека добил порака од некој во Брисел во која пишувало дека тие се загрижени за потеклото на овие протести, навестувајќи дека европските претставници веруваат дека Русија е поттикнувач на граѓанската непослушност на Албанците.

Подоцна во истиот тој ден, за време на состанокот со пензионери, Рама упати уште пожестоки обвиненија, тврдејќи дека Русија е задоволна од овие протести бидејќи го одвлекуваат вниманието од војната што ја води против Украина. Иако Европската Унија не даде директен коментар за наводната порака што Рама ја добил од официјален претставник на Брисел, Комисијата објави соопштение во кое се вели дека го поддржува правото на собирање на Албанците.

Албанските медиуми одиграа своја улога во драмата што следеше, каде едни покажуваа со прст кон други: порталите со финансиски и политички врски со опозицијата ги исмеваа тврдењата на Рама, додека други објавуваа колумни каде се плетеа приказни за слабо аргументирана врска помеѓу протестите, опозицијата и Русија. Што се однесува до демонстрантите, тие за локалните медиуми изјавија дека ја поддржуваат Украина и не се противат на санкциите. Тие едноставно сакаат да се ублажат последиците.

За време на еден неодамнешен протест, неколку учесници носеа украински знамиња за да се спротивстават на наративот на премиерот, осудувајќи ја неговата ароганција.

Двопартиски проблем

Тврдењата и однесувањето на премиерот Рама во текот на март обезбедија интересна студија на случај за напливите на дезинформации во Албанија, потврдувајќи ги наодите од извештајот на Европскиот парламент дека дезинформациите во Албанија се внатрешна работа, често користена за политички цели. Меѓутоа, тврдењата на Рама се далеку од единствените политички мотивирани кампањи за дезинформации во Албанија.

И опозицијата има свој дел од вината. Пред само неколку недели, поранешниот премиер Сали Бериша тврдеше дека одбил поткуп од руски Газпром за да потпише договор со Транс-пацифичкиот гасовод. За време на неговата изјава, Бериша не ја пропушти можноста да ја нарече владата на Рама „мафија поддржана од Сорос“.

Всушност, во текот на изминатите години, Демократската партија (ДП) - некогаш предводена од Сали Бериша - стана плодна почва за антисемитски теории на заговор. Бериша често ги нагласуваше тврдењата дека неговото именување за корупција од страна на САД се случи откако американскиот милијардер и филантроп Џорџ Сорос лобирал кај американската влада.

Исто така, неодамнешната посета на Александар Сорос на Тирана, каде што се сретна со Рама и градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, беа проследени со обвинувања од медиумски портали поврзани со ДП дека владата на Рама е марионета во рацете на Сорос.

Екстремно десничарските фигури, вклучително и поранешниот американски претседател Доналд Трамп, општопознато ги раширија антисемитските теории на заговор против Џорџ Сорос, обвинувајќи го не само за финансирање социјално прогресивни движења, туку и дека стои зад група Евреи кои ја контролираат глобалната економија.

Априлскиот извештај објавен од Меѓународниот републикански институт за антисемитизам на Западен Балкан го истакна порастот на таквите дискурси чијашто мета е Сорос, особено во Албанија.

Без разлика на примесите и целта, дезинформациите се шират низ албанската медиумска сфера, без оглед дали се традиционални или онлајн медиуми. Честопати одат во полза на предрасудите и потребите на луѓето, кои произлегуваат од извори на кои им веруваат.

Подобрите медиумски извори, со проверени факти и лесно достапни информации се најважни, но тие опции се чинат ретки и тешко го наоѓаат својот пат до јавноста. Во исто време, иако подобро регулиран медиумски пејзаж би бил идеален, во контекст на Албанија, има замка. Во минатото, и владејачката партија упатуваше повици за регулирање за да се обидат да ги стават сите медиуми под своја контрола, како што беше случајот со сега суспендираниот медиумски пакет против клевети, кој наиде на многу осуди.

Иако е потребен подобар баланс, решението сè уште е недостижно, поткопано од интересот на владата за инструментализирање на дезинформациите.

 

Текстот е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Хрватска (Lupiga), Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Exit News), и Црна Гора (PCNEN).

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Барбара Хала

Барбара Хала е главна уредничка за страницата на Exit News на англиски јазик, непрофитен новинарски портал во Албанија. Од 2017 година таа исто така е член на уредувачкиот одбор на Asymptote, меѓународно книжевно списание фокусирано на литература, со превод на англиски јазик, каде што во моментов работи како уредник за критики. Барбара исто така пишува и за културолошките корени на сексуалното насилство во Албанија за Politikja кое е албанско академско списание, покрај другите проекти за кои пишува. Дипломирала историја на Харвард а живее и работи во Тирана, претходно во Кембриџ и Париз.