1. Дефинирајте ги засегнатите страни и целната публика

Поединците, групите, организациите или институциите  кои на каков било начин може да бидат засегнати од активностите кои ги спроведувате, накратко, се нарекуваат засегнати страни. Тие може да ја поддржуваат вашата активност или кампања, на некој начин да бидат засегнати од прашањето, да имаат моќ да ја променат ситуацијата или пак да го предизвикале проблемот кој сте го идентификувале.

Засегнатите страни може да бидат:

  • Поддржувачи– луѓе или организации кои го разбираат проблемот, сакаат да придонесат за негово решавање и се подготвени да ви помогнат;
  • Опоненти– луѓе кои се против решавање на проблемот или на кои не им се допаѓа начинот на кој предлагате да се реши истиот;
  • Неутрални– луѓе кои немаат став, или кои на каков било начин не се вклучуваат во вашите активности.

Совет

Размислете добро кои се засегнати страни за прашањето за кое се залагате. Вбројте ги во една од овие три категории. Анализирајте! На тој начин полесно ќе ја дефинирате целната публика и ќе знаете од каде може да очекувате поддршка.

Следно е да ги дефинирате односите на вашите засегнати страни. Познавањето на нивните меѓусебни односи како и нивниот поединечен однос кон прашањето за кое се залагате и решението кое го предлагате ќе ви помогне за да знаете од кого може да очекувате и да добиете поддршка.

Веќе дефинираните засегнати страни сега може да ги поделите во повеќе категории:

  • Активни поддржувачи– ги поддржуваат вашите активности и се мотивирани да ви помогнат да ги остварите целите;
  • Поддржувачи– може да имаат некаква корист од резултатот на вашата активност;
  • Неутрални– не се инволвирани или не се засегнати од прашањето;
  • Опоненти– може да имаат негативни последици од успехот на вашите активности;
  • Активни опоненти– активно работат против остварување на вашите цели.

Тоа ќе ви помогне во иднина да предвидите соодветни тактики за секоја од групите. На пример, за оние кои ве поддржуваат може да користите активности и алатки за мобилизација, а пак за неутралните да користите алатки и тактики за едукација и информирање.

Совет

Креирајте профили на засегнатите страни. Така полесно ќе ја дефинирате пораката и ќе ги одредите каналите за пренесување на истата. Профилот дефинирајте го во однос на критериуми како што се:

  • Демографија: пол, возраст, национална припадност, образование;
  • Географија: место на живеење (урбана средина, рурална средина), локално/ национално итн.;
  • Навики: како се однесуваат во однос на прашањето? Кој или што ќе ви помогне за да ги активирате? и сл.
  • Навики во однос на канали за прием на информација: до кои медиуми има пристап? Дали користи само традиционални или и онлајн медиуми? Кои? Кога? Како?;
  • Култура: кои и колку јазици зборува? Кои се неговите културни карактеристики?.

ПРИМЕР (профил на засегнати страни)

Гоце е вашиот активен поддржувач

Гоце може да биде и Македонец и Албанец, има 35 години, високо образование и живее во урбана средина. Има семејство и нема проблем да се дружи со никого, без разлика на нивниот статус и припадност. Работи во приватна компанија. Во неговото пошироко семејство има историја на хронични болести. Свесен е дека луѓето треба да живеат во здрава животна средина. Самиот се вклучувал во различни кампањи во заедницата. Гледа телевизија, чита весници, а користи и социјални медиуми, најмногу Facebook, Instagram и YouTube. Покрај мајчиниот говори уште еден странски јазик.

Гоце е активен поддржувач на вашите активности за носење закон со кој ќе се зголемат казните за сите кои придонесуваат за загадување на воздухот.

Целна публика

“Целната публика“ на вашата кампања се групите или луѓето кои можат да ја направат промената кој сакате да се случи. Најдобро е целната публика да ја поделите на примарна и секундарна.

  • Примарна– клучните актери кои имаат моќ или средства да делуваат директно за решавање на прашањето;
  • Секундарна– групи или поединци кои имаат моќ да влијаат на клучните актери или можат да го променат јавното мислење.

Во кампањи кои се насочени кон општествени промени, примарна целна публика најчесто се носителите на одлуки, како:

  • Пратеници во Собранието;
  • Владата;
  • Меѓународни организации:
  • Бизнис заедница;
  • Лидери во заедницата; и сл.

Исто така, постојат и поединци и групи кои можат да влијаат врз вашата примарна целна публика, бидејќи таа се грижи за нивните ставови и акции. Тие се вашата секундарна публика. Таа вклучува групи и луѓе кои го поддржуваат или обликуваат јавното мислење кон примарната целна публика, како што се:

  • Новинари;
  • Здруженија;
  • Јавни личности и познати личности;
  • Групи на гласачи.

ЗАПОМНЕТЕ!

Општата јавност не е целна публика!

Медиумите многу ретко се целна публика. Медиумите се начин или канал преку кој може да стигнете до целната публика!

За да може понатаму да ги дефинирате пораките и може да ги насочите, целната публика мора јасно да ја дефинирате.

ПРИМЕР

Вашата цел е да се донесе нов закон со кој ќе се забрани сообраќај на возила во централното градско подрачје. Вашата примарна целна публика ќе бидат пратениците во Собранието и/или членовите на Владата, односно соодветните министерства, кои имаат моќ да го предложат и да го донесат законот. Вашата секундарна целна публика може да бидат здруженија кои се занимаваат со екологија, јавни личности кои се активни за чист воздух, гласачи и сл.

Совет

Примарната целна публика во никој случај не е позначајна од секундарната. Називот „примарна“ само значи дека тие ја имаат моќта да ја направат промената за која се залагате. Многу често е полесно и поефикасно прво да ја таргетирате секундарната целна публика!

2. Дефинирајте го успехот- поставете SMART цели

Целите на вашата кампања или активност ја покажуваат „метата во која нишаните“, односно промената која сакате да ја постигнете. Доколку добро сте го дефинирале проблемот и знаете која промена сакате да ја направите, лесно може да ги дефинирате целите:

  • Долгорочни– визијата за промена на долг рок; и
  • Краткорочни– специфични и мерливи цели кои можат да се остварат за одреден временски период.

Добро дефинирана цел е најважната компонента на добра стратегија. Ако целта е премногу широка, сите одлуки кои ќе треба да ги донесете понатаму ќе бидат нејасни, и практично ќе гарантираат неефикасна кампања.

Краткорочните цели ќе ги претставуваат резултатите на вашата активност и ќе бидат индикатор за успешноста на акцијата. Затоа, секогаш поставувајте SMART цели.

S– Specific – специфични

M– Measurable – мерливи

A– Achievable – остварливи,

R– Realistic – реални

T– Time-bound – во утврден временски период

Специфична или прецизна цел најчесто се утврдува преку поставување на шест прашања:

  1. Кој?
  2. Што?
  3. Каде?
  4. Кога?
  5. Како?
  6. Зошто?

Мерливоста е еден од механизмите за утврдување на тоа дали поставената цел е добра или не. За една цел да биде мерлива таа треба да содржи квантитативен податок. На пример: регрутирање на најмалку 500 поддржувачи.

ЗАПОМНЕТЕ!

Само целта за која може да се постават показатели за утврдување на напредокот е добра цел!

Остварлива цел е резултат на добар и аналитичен пристап кој овозможува предвидување на начини и методи за нејзино остварување. Сепак при анализирањето на овој критериум внимавајте на капацитетите, ресурсите, времето и динамиката со која се развиваат настаните, а кои прават временски притисоци!

Реална цел треба да претставува состојба до која сакате и можете да дојдете. Понекогаш и високите цели се реалистични само бараат голема посветеност, труд и пожртвуваност. При утврдувањето на целта земете ја предвид целокупната атмосфера како и предизвиците со кои би можеле да се соочите.

Поставување на временски рокови е клучно за да го задржите чувството на итност и ажурност. Сепак, во некои случаи, најчесто поради надворешни влијанија, временските рокови може да се скусуваат или продолжуваат. Тие влијанија се оние кои вие како дел од овој процес не можете да ги контролирате, на пример: реконструкција на влада, промена на директор на агенција, промена на раководител на сектор, предвремени избори и слично.

ЗАПОМНЕТЕ!

Цел без временски рокови останува заборавена и неостварена!

Окупирај го Вол Стрит- СТУДИЈА НА СЛУЧАЈ

Окупирај го Вол Стрит (Occupy Wall Street) прогресивното протесно движење кое започна на 17 септември 2011 во Њујорк, го сврте вниманието на целиот свет кон случувањата во Америка. Сепак, освен голем публицитет, не донесе позначајни резултати. Според критичарите, ова се должи на немањето јасно поставена цел.

Според организаторите, целите на OWS вклучувале намалување на влијанието на корпорациите врз политиката, побалансирана распределба на приходот, повеќе и подобри работни места, реформи на банкарскиот систем (особено за намалување на шпекулативните тргувања од страна на банките), простување на долговите за студентски кредит или друго олеснување за задолжените студенти, и олеснување на ситуацијата со запленување на имот.

Движењето е критикувано поради тоа што немаше збир на јасни барања што би можеле да се искористат за забрзување на формалната промена на политиката. Овој недостиг на агенда е наведен како причина зошто истото згасна пред да постигне какви било законски измени.

Со самото тоа што на почетокот не се поставени јасни и мерливи цели, успехот на движењето е доведен во прашање. Не постои јасен индикатор кој може да се измери, а не се предизвикани ни вистински институционални промени во банките и корпорациите во Америка.

3. Што сакате да кажете?- комуницирајте јасно

Вашата порака е тоа што луѓето ќе го запомнат („понесат“) од вашата кампања или тоа што ќе ги натера да се приклучат на активностите. Затоа, за секоја целна публика дизајнирајте посебна порака, но внимавајте, сите треба да водат кон остварување на иста цел. Истражувањето на почетокот ќе ви покаже што и како да комуницирате.

За пораката да биде ефективна, треба:

  • Да биде едноставна и да ја искажува каузата јасно, без двосмисленост;
  • Да ја изразува критичката важност на каузата;
  • Да им кажува на луѓето нешто ново, нешто за што се уште не размислувале;
  • Да биде примамлива, интересна, па дури и шокантна;
  • Да ја нагласува потребата за преземање акција и изнаоѓање решение.

Совет

Развијте повеќе пораки и тестирајте ги. Направете фокус групи или на друг начин видете каква е реакцијата на луѓето на вашите пораки. Искористете ги само тие кои ќе предизвикаат акција. Порака која бара објаснување не е  добра порака!

Елементи на добра порака

Ефективна порака комуницира многу информации во неколку реченици. Со неа треба да објасните:

  • Што сакате да постигнете?
  • Зошто сакате да го постигнете тоа?
  • Како предлагате да го постигнете тоа?
  • Каква акција барате публиката да преземе?

Пораката што ќе ја креирате треба да може да се комуницира преку различни канали во подолг временски период. Треба да го содржи решението на проблемот што сте го идентификувале, на начин на кој соодветната целна публика сака да го слушне и да повика на акција.

  1. Добрата порака пред се е точна и искрена!
  2. Добрата порака е концизна, кратка и јасна!
  3. Добрата порака предизвикува емоција!
  4. Добрата порака содржи повик за акција!

ЗАПОМНЕТЕ!

Пораката не е слоган!

4. Не бидете сами- изградете мрежа

Создавањето мрежа е од за секоја организација која сака да предизвика промени. На патот кон постигнување на целта потребни ви се сите активисти, сојузници, волонтери, кои можат да ви помогнат во тоа. Тие ќе ви помогнат во ширење на информациите и ќе ве придружуваат на протестите или собирите. доколку ги организирате.

Притоа, треба да имате предвид дека градење мрежа и нејзиното управување и одржување, не е сосема. Старите начини за проширување на вашата мрежа на контакти во голема мера сè уште се валидни, но сега имате и дигитални алатки кои во голема мера можат да ви го олеснат процесот.

Направете база на контакти

За почеток можете да направите обична табела, со име, презиме, податоци за контакт и дополнителни полиња во кои ќе внесете различни категории, како на пример:

  • Интерес за волонтирање;
  • Историјат на вклучување во активности;
  • Вештини;
  • Претплата на електронски весник; и сл.

Задолжете некој од членовите на тимот за постојано да ја дополнува и обновува базата на контакти.

Обичната табела е добра за почеток, но кога ќе почне да се зголемува листата на контакти ќе мора да побарате некој соодветен софтвер, како на пример CiviCRM.

Прибирање на нови контакти

Прибирањето информации од нови лица заинтересирани за вашата кауза може да го направите така што ќе поставите форма за пријавување на вашата веб страница.

Градење коалиција

Поврзувањето во коалиции со други организации со кои имате заеднички интерес да работите на решавање одреден проблем може:

  • Да помогне прашањето да стане поверодостојно. Кредибилитетот на секоја од групите може да се зајакне преку нејзината поврзаност со другите членови на коалицијата и на тој начин можеби ќе можете полесно да стигнете до креаторите на политики.
  • Да го зголеми јавниот притисок врз носителите на одлуки. Голема група на организации и компании може да имаат можност да заземат посилен став по одредено прашање заедно, одошто секој може сам.
  • Да обезбеди мрежа на поддржувачи и да ви помогне да регрутирате волонтери. Различните членови на групата можат да споделуваат сложени проекти (врз основа на искуства, експертиза и ресурси). Трошоците може да се поделат меѓу членовите на коалицијата, дозволувајќи им на помалите организации да учествуваат во активности кои инаку би биле надвор од нивниот капацитет.

Регрутирање можни коалициски партнери

Идентификувајте ги потенцијалните партнери со кои би сакале да влезете во коалицијата и начинот на кој тие можат да помогнат. Обратете им се и убедете ги да се приклучат кон вашата коалиција, преку следниот процес:

  1. Направете сеопфатна листа на можни членови со информации за контакт.
  2. Закажете состанок со соодветните лидери на организациите.
  3. Започнете со групи со кои имате воспоставено контакт или сте имале некаква заедничка активност.
  4. Ставете им ги на располагање сите информации кои ќе ги побараат или им се потребни. Одговарајте им на барањата и држете ги информирани.
  5. Обидете се да ги убедите да ја поддржат вашата активност.
  6. Вклучете ги во тимот.

При градење коалиции важно е да се постават јасни правила за структурата, начинот на донесување одлуки, начинот на комуникација, поделбата на трошоците, времето на реализирање на активностите, расположливите ресурси и сл.

5. Имплементација и мерење

Спроведувањето на кампањата или активноста мора да се одвива според однапред испланираната динамика. Пред да почнете со реализирање на активностите направете уште една проверка:

  • Дали го знаете вистинскиот проблем и дали имате соодветно решение за него?
  • Целите кои сакате да ги постигнете, дали се едноставни, мерливи, реалистични, повикуваат на акција и имаат определен временски рок за реализирање?
  • Дали сте ги одредиле сите засегнати страни, целните публики на кои ќе се обраќате и каналите преку кои ќе ја пренесете пораката?
  • Имате ли соодветна јасна, кратка и прецизна порака, која повикува на акција?
  • Имате ли идентификувано сојузници- групи и поединци, кои ќе ви помогнат во реализирање на активностите?

Ако одговорот на сите прашања е позитивен, може да започнете со реализација.

Ниту еден процес не може да ги постигне посакуваните ефекти доколку не постои план за преземање на активности. За да можете да ги постигнете планираните цели, неопходно е внимателно да ја следите реализацијата на сите чекори и активности во согласност со предвидените рокови.

На интернет постојат мноштво алатки за следење и анализа, со помош на кои може да следите како се однесува вашата кампања и како се однесуваат засегнатите страни и да го измерите степенот на остварување на целите. Користејќи различни (бесплатни) алатки може да го набљудувате ширењето на пораката, да ја следите дебатата околу проблемот на кој се однесува кампањата и да видите како се однесуваат вашите сојузници и противници.

1. Следете ја пораката

Следењето на пораката онлајн вклучува мониторинг на тоа како, каде и кога таа е пренесена на интернет. Во овој процес може да утврдите кој и во каков контекст ве споменува вас, проблемот или вашата порака.

Некои од социјалните медиуми (како Facebook, YouTube, Instagram, Twitter…) нудат можност автоматски да добиете електронска порака кога некој ќе направи интеракција со содржината која сте ја пласирале.

Некои други алатки кои ќе ви помогнат да ја следите пораката се:

Google analytics– нуди можност да измерите колку луѓе ја посетиле вашата веб страница, од каде дошле и каде се упатиле потоа, колку долго време поминале на вашата веб страница, кои страници ги читаат, и на која страница тие кликнале од вашата веб страница. За да ја користите оваа алатка треба да додадете JavaScript генериран код од Google на вашиот на вашата страница.

Email alerts– одредени сајтови и социјални мрежи нудат опција да добивате електронска порака со која ве известуваат кога луѓе ќе ви додадат како пријател или контакт, коментираат за вашата содржина или ви испраќаат приватна порака. Отворете посебна маил адреса или користете некоја од постојните за да ги добивате овие пораки. Колку што тоа е можно, избегнувајте да ги преоптоварувате електронските адреси на луѓето вклучени во реализирање на активностите со вакви пораки.

2. Следете ја темата на која се однесува вашата кампања

Најверојатно нема да бидете само вие оние кои споделуваат содржина поврзана со проблемот или прашањето за кое се залагате на онлајн платформите. Однесувањето на другите во однос на темата може да го следите со пребарување на клучните зборови кои ги користите вие или другите во комуникацијата, некои од дигиталните алатки го дозволуваат тоа. За полесно наоѓање на содржината користете хаштаг (#) пред таквите зборови.

Алатки кои ќе ви помогнат при следење на темата се:

Google Alerts– овозможува пребарување на која било тема во дигиталните медиуми, како и на веб страни и блог постови. Пријавете се да добивате известувања (алерти) преку електронска порака или RSS feed и ќе може да ги следите новостите како што се појавуваат.

HootSuite – има вградена алатка за аналитика преку која може да го следите однесувањето на одредена порака (споделување, цитирање, одговор и сл.) на Twitter.

3. Следете ги засегнатите страни и целната публика

Еден од начините за следење на однесувањето на другите на интернет е со поставување на Google Alerts или користење на сервиси како Media Toolkit. Доколку за темата што ја следите се дискутира на различни јазици, поставете клучни зборови на сите тие јазици. Други алатки што може да ги користите за ова се:

RSS feeds – Многу страници каде содржината се генерира од страна на корисниците нудат можност да ги добивате резултатите од пребарувањето по клучен збор во вашиот RSS feed. Доколку ја поставите оваа опција, содржината во која се најдени клучните зборови ви е автоматски достапна за читање. За да знаете како се однесуваат засегнатите страни, поставете RSS feed на нивните веб страници.

TweetDeck – може да го користите за полесно следење на налозите на Twitter кои се предмет на ваш интерес. Дава можност да правите групи, па така, профилите кои ги следите може да ги поделите на сојузници, опоненти, политичари и сл., а пример.

За да може на крај да ја оцените успешноста на кампањата или активноста, од самиот почеток па до крајот на реализацијата сите овие информации континуирано следете ги и документирајте. Тоа ќе ви помогне да измерите дали сте ги постигнале планираните цели и кој ви помогнал во тоа.