Масовните протести што избија во Европа, поточно во Франција, Шпанија, Италија, Белгија, Германија, а неодамна и во Австрија, ја открија аномалијата на либералниот капитализам.
Француските средношколци укажаа на системска дискриминација и поткопување на државното образование во корист на приватното, каде државниот буџет е скратен до максимум за јавните училишта во кои одат деца од сите општествени слоеви. Лошите услови за учење, нереновираните училишта, слабо платениот наставнички кадар директно влијаат не само на оцените на учениците, туку и на нивните шанси за упис на факултет и за вработување. На протестите им се придружија и синдикалните организации незадоволни од поскапувањето на горивата, лошите работни услови и најавените кратења од 48 милијарди евра во буџетот за социјална заштита.
Поделеноста на француското општество дополнително ја покажува и употребата на сила од страна на полицијата. Во 2024 година, министерот за внатрешни работи на Франција, Жералд Дарманен, ги советувал полицајците да постапуваат поблаго кон земјоделците кои протестираа таа година и со арско ѓубре ги посипаа зградите на министерствата за финансии и за земјоделие. Оваа година, пак, полицајците не биле советувани да бидат поблаги кон учениците иако станува збор за малолетници, туку да употребат сила како кон возрасни. За пошироката слика: економската состојба на Франција, јавниот долг на Франција изнесува 4 трилиони евра, и е 119 отсто од БДП (бруто домашниот производ), со што Франција е меѓу петте најзадолжени земји во светот, веднаш до САД.
Најновиот протест, во Виена, е против кратењето на буџетите на австриските универзитети за 18 милијарди евра до 2030 година. Во Германија се одржаа масовни протести во Берлин, Келн, Хамбург и Минхен против лошите услови во образованието. Германската полиција стравува дека најавените протести можат да бидат преземени од радикалната левица во Германија и дека може да се повтори француското сценарио. Најновите анализи покажуваат дека состојбата со протестите во Франција оди во прилог на Национален фронт и Марин Ле Пен, а не на лидерот на француската левица Жан-Лук Меланшон. Француската десница побара од властите целата штета што ја направиле студентите во училиштата да биде платена од нивните родители, класичен пример на префрлање на вината од државата врз угнетените.
Како да не се важни причините за протести, важно е единствено да се зачува капиталистичкиот поредок кој од идниот работник (студентот) извлекува максимум, без тој да има право да се побуни против нехуманите услови за живот и образование.
Високите кирии за домување ги изнесоа Шпанците на улица; на пример, во Барселона кирија за една соба чини 670 евра. Во сета оваа ситуација придонесоа и скандалите околу владата на Педро Санчез чија сопруга е вмешана во случај на корупција во образованието, а поранешниот министер за транспорт е обвинет за корупција од времето на Ковид пандемијата. Претходниот шок кој Санчез им го приреди на своите сограѓани е легализирањето на половина милион мигранти, главно од Африка и Блискиот Исток, кои пристигнаа во Шпанија во последните години. Многумина сметаат дека системот нема да го издржи финансискиот и бирократскиот притисок сите тие да добијат документи и речиси веднаш право на социјална помош.
Ниту Италија не беше имуна на бранот на протести, при што во Милано, Џенова, Торино, Рим, и Фиренца студентите и граѓаните излегоа на улица, протестирајќи против високите кирии за домување. За споредба, во Алба, гратче на час со воз од Торино, познато по фабриката на „Фереро“, соба за студент чини 400 евра. Заштитата на капиталот од страна на десницата, која во Франција ја видовме во барањето учениците да ја платат штетата, во Италија се гледа во распоредувањето силни полициски сили во сите градови каде што има протести.
Премиерката Мелони се чини нема намера да го решава проблемот со високите кирии, туку да ги задуши протестите и да го заштити капиталистичкиот поредок, она што Ненси Фрејзер го нарекува канибалистички капитализам.
Извор: Magnific
Иронијата на протестите и кој се смешка во позадина
Паралелно со протестите, кружат и теории на заговор дека ЦИА и израелскиот Мосад ги финансираат протестите во Франција поради нејзината поддршка за палестинската држава. Истата теорија се појави и кога голем број мигранти навлегоа во шпанската енклава Сеута. При неговата последна посета на Катар, францускиот претседател Макрон изјавил дека „странски лидери што се во предизборна кампања“ алудирајќи на американскиот претседател Трамп и израелскиот премиер Нетанјаху, ги злоупотребуваат протестите за лични интереси.
Шпанскиот дневен весник La Gaceta објави дека седум француски невладини организации кои се поврзани со протестите, добиле средства од фондацијата на Џорџ Сорос.
Русија и Иран реагираа со загриженост за случувањата во Франција и Европа и укажаа на двојните стандарди на Европа кога станува збор за протести. Портпаролката на министерство за надворешни работи на Русија, Марија Захарова го посочи лицемерието на Елисејската палата која укажува дека за Франција е недемократски кога некоја друга земја со полицијско насилство ги запира протестите, додека кога француските полицајци употребуваат прекумерно насилство, тоа е „заштита на демократијата“. Иранските власти отидоа чекор подалеку: го повикаа францускиот амбасадор и протестираа против полициското насилство за време на протестите, потсетувајќи на реакциите на француските власти за време на масовните протести во Иран на почетокот на 2026 година.
Економски кризи поради лични профити
Кризата во која се наоѓа Европа: високите цени на домувањето, лошите услови во образованието и скапото гориво, има повеќе причини. Критичарите на политиките на Брисел посочуваат на трошоците за поддршката на Украина. Тие укажуваат и на, според нив, премногу попустливиот однос на ЕУ кон администрацијата на Трамп, кон Израел и кон војната со Иран.
Според овој став, ваквиот курс ја чини Унијата економски и самиот придонесува за незадоволството на граѓаните. Тие сметаат дека кратењата на државните буџети поради финансирањето на помошта за Украина се одразуваат и врз образованието, кое е клучно за стабилноста и просперитетот на секоја држава.
Цените на домувањето се толку високи што за многу млади луѓе сопствен дом е недостижен, а сè почесто им е тешко да ги платат и сегашните кирии.
Протестите, исто така, покажаа дека ЕУ не е имуна на обиди за надворешно влијание. Дали и во која мера таквите обиди влијаеле врз протестите, допрва треба да се утврди.
