САД продолжуваат да бидат воено помоќната страна, но сè уште не можат да го натераат Иран да ги прифати условите што би ја завршиле војната според целите на Вашингтон. Токму тука лежи објаснувачката моќ на теоријата за „асиметрични конфликти“.
Кога Соединетите Американски Држави и Израел ги започнаа нападите врз Иран во февруари оваа година (2026), воената надмоќ беше јасно на нивна страна. Воената операција имаше за цел уништување на ракетните капацитети на Иран, на морнарицата, на нуклеарната програма и на воената инфраструктура воопшто. Претседателот Доналд Трамп ја претстави операцијата и како можност за поттикнување пошироки политички промени во Иран и во регионот.
Повеќе од пет месеци подоцна, оваа воена предност на САД во однос на Иран останува непроменета. Сепак, додека војната продолжува, Вашингтон сè уште не успеал да ја преточи во политички резултат што би ѝ ставил крај на војната.
Ова несовпаѓање меѓу воената моќ и политичкиот резултат може да се објасни преку теоријата за „асиметрични конфликти“ на Иван Арегин-Тофт.
Во својата студија „Како слабите ги добиваат војните“ (анг: „How the Weak Win Wars“) тој аргументира дека големата разлика во материјалната моќ не го определува нужно исходот од војната. За него особено значење има начинот на кој заемно дејствуваат стратегиите на двете спротивставени страни во војната. Кога помоќниот и послабиот актер се борат директно, материјалната предност вообичаено му оди во прилог на посилниот. Но, кога послабиот актер ја избегнува ваквата пресметка и избира друга стратегија, надмоќта на посилниот актер станува потешка за претворање во победа.
Во својата анализа на асиметричните конфликти меѓу 1800 и 1998 година, Арегин-Тофт наоѓа дека актерите што биле посилни победувале во 76% од случаите кога двете страни користеле слични стратегиски пристапи. Кога стратегиите биле различни, послабите актери победувале во 63% од случаите.
Извор: Envato
Оваа логика помага да се разбере и начинот на кој Иран одговара на американската воена надмоќ. Техеран не може да се спореди со САД по воздухопловна моќ, технологија и воени капацитети. Меѓутоа, за да постигне поволен политички резултат, Иран нема потреба да ја победи американската војска во класична смисла. Доволно е да ја зачува способноста за возвраќање, да го продолжи конфликтот и да му ја зголеми на Вашингтон цената на продолжувањето на војната.
Во таа насока, иранската стратегија не се ограничи само на возвраќање на американските воени напади. Техеран се обидува цената на војната да ја рашири надвор од сопствената територија, напаѓајќи ги американските бази во регионот и енергетската инфраструктура на земјите од Заливот. Сепак, најважниот инструмент на притисок останува Ормускиот проток.
Пред почетокот на војната, преку овој проток минуваше околу една петтина од светскиот транспорт на нафта и течен природен гас. Ограничувањето на сообраќајот во овој коридор не им нанесува на САД воени загуби во традиционална смисла, но ги зголемува економските трошоци на конфликтот, ги погодува нивните регионални партнери и го проширува бројот на актери што имаат интерес од завршување на војната. Така, географската предност на Иран се претвора во инструмент на притисок врз воено многу помоќен противник.
Но, најважниот елемент во теоријата за „асиметрични конфликти“ е времето. Според оваа теорија, стратегијата на послабиот актер не се стреми нужно кон уништување на воените капацитети на противникот, туку кон продолжување на конфликтот до онаа точка кога трошоците од војната влијаат врз волјата на помоќниот актер да ја продолжи војната.
Трошоците од војната за САД веќе се мерливи. До почетокот на август, војната го чинеше американскиот буџет над 30 милијарди долари, додека 18 припадници на американските сили го загубија животот. Во исто време, анкета на јавното мислење покажа дека само 35 отсто од Американците ја поддржуваат војната.
Одолжувањето на војната се отсликува и врз американските воени резерви. Според Ројтерс, САД го употребиле најголемиот дел од своите капацитети на ракети со висока прецизност како ATACMS, додека околу 65 отсто од пресретнувачите „Патриот“ се веќе потрошени. Ваквото намалување на воените ресурси предизвика загриженост за подготвеноста на САД да одговорат на други глобални кризи во време кога Вашингтон продолжува да ја смета Кина за главен стратегиски предизвик.
Познато е дека овие трошоци не го менуваат односот на силите меѓу САД и Иран. Сепак, тие влијаат врз политичките пресметки за продолжување на војната. Колку повеќе конфликтот се одолжува, толку помалку неговиот исход се определува само од почетниот однос на силите.
Во таков конфликт значење има и тежината што секоја страна му ја придава на резултатот од војната. За САД, целите во Иран се стратегиски важни, но за Техеран војната е директно поврзана со опстанокот на режимот, зачувувањето на воените капацитети и позицијата на Иран во регионот. Тоа ја зголемува неговата подготвеност да поднесе поголеми трошоци и тоа во подолг период, правејќи го времето сè поважен елемент.
САД продолжуваат да бидат воено помоќната страна, но сè уште не можат да го натераат Иран да ги прифати условите што би ја завршиле војната според целите на Вашингтон. Токму тука лежи објаснувачката моќ на теоријата за „асиметрични конфликти“, која го подвлекува фактот дека воената надмоќ може да определи кој доминира во пресметката на бојното поле, но не нужно и кој го постигнува политичкиот резултат заради кој влегол во војна.
