fbpx

Зимава ќе биде долга за Турција

Каан Бајракошан

Политика

КОВИД-19

20.11.20

Прегледи

Каан Бајракошан

Kaan Bayirakosan 200x250Во време кога турската лира е во историски пад, Турција мора да надмине бројни предизвици за целосно да закрепне од кризата.

Измина речиси една година откако епидемијата на КОВИД-19 го погоди светот. И покрај тоа што многу влади ги попуштија рестриктивните мерки во текот на летото, бројот на случаи и стапката на смртност повторно се зголемуваат во вториот бран. Некои земји во Европа неодамна достигнаа највисоки бројки на позитивни случаи досега, со што режимот на ограничено движење повторно е ставен на владините агенди. Од друга страна, во Република Турција, засега, бројките се зад дневниот рекорд на земјата (околу 5000 дневни случаи и 120 смртни случаи), овие рекордни бројки беа регистрирани во април.

Меѓутоа, има извесни тврдења за веродостојноста на бројката на случаи, додека земјата воведува нови рестрикции. Се прават и напори, среде сета оваа криза, со извесни мерки кои вклучуваат и промени на позициите и нови ветувања за нова ера, со цел да се поправи кревката економија што беше погодена од пандемијата и од погрешни финансиски одлуки. Ќе успее ли Турција да воспостави поголема транспарентност и стабилност во врска со епидемијата и економијата, што воедно се и најголемите предизвици за земјата?

Тврдења за неверодостојни податоци

Во периодот кога се пишуваше овој напис (13 ноември), во последните 24 часа беа регистрирани 3 045 нови случаи и 93 починати лица, според дневната табела на случаи на корона вирус на Министерството за здравство. Земјата има 47 809 активни пациенти. 3 356 од нив се во критична состојба. Вкупниот број на смртни случаи е 11 326. Додека бројките во моментов се зголемуваат во градовите, министерот за здравство Фахретин Коџа повика луѓето посериозно да ја сфатат оваа болест и да избегнуваат патување колку што е можно.

Турското лекарско здружение се огласи, тврдејќи дека податоците од министерството не се веродостојни. Според нивната изјава од 8 април, некои смртни случаи не биле евидентирани како КОВИД-19, туку стоело дека се предизвикани од други причини, како на пример: вирусна пневмонија, природна смрт или заразна болест. Проф. Синан Аџијаман, претседател на Здружението, на 9 август изјави дека статистичките податоци за здравствените работници чии резултати од тестовите биле позитивни, биле болни или починале не се објавени од април навака. Тој исто така тврди дека владата не го исполнила ветувањето за износот на дополнителни исплати на работниците, иако министерот Коџа изјави дека бонусите ќе се исплаќаат 3 додатни месеци. Конфликтот помеѓу владата и Здружението стана поинтензивен во септември и октомври. Претседателот Ердоган изјави дека е можен план за структурни промени во Здружението.

Тврдењата предизвикаа голем одек во јавноста, зголемувајќи го притисокот врз Министерството. Според истражувањето на MetroPOLL (септември 2020 година), 58,9% од луѓето не веруваат дека бројките што ги споделува владата се вистинити или транспарентни, додека 36% од испитаниците сметаат дека бројките се веродостојни. Негативната реакција на јавноста кон статистиката го достигна својот врв кога министерот Коџа разјасни дека не ги регистрираат сите позитивни случаи како пациенти. „Не сите случаи се пациенти. Има такви кои немаат никакви симптоми иако нивните тестови се позитивни и нивниот број е поголем од лицата кои имаат симптоми“. По оваа контроверзна изјава, Светската здравствена организација упати повик до Турција да ги пријавува податоците за КОВИД-19 во согласност со соодветните упатства на СЗО, со цел да се усогласи собирањето податоци и мерките за спречување на вирусот, иако Организацијата го пофали високиот број на тестови и политиката на изолација во земјата.

Нови мерки против КОВИД-19

Освен проблемите со транспарентноста, вниманието на луѓето за одржување растојание меѓу себе стана пофлексибилно во последниве месеци, поради средби на кои присуствувале голем број луѓе и свадби. Со зголемувањето на бројките на новозаразени и на смртни случаи, оваа недела Министерството за внатрешни работи објави директива со која се забранува пушење на улици и на други отворени јавни места, за да се спречи вадењето на маските.

Zimava ke bide dolga za TurcijaИзвор: dailysabah.com

Освен тоа, забрането е луѓето постари од 65 години да излегуваат надвор во дадени периоди во денот, во зависност од ризикот во градовите, мерка која вклучува метрополи како Истанбул, Анкара и Измир. Меѓутоа, со новите најави за резултатите постигнати во креирањето вакцини од страна на „Фајзер“ (Pfizer) и „Бионтек“ (BioNTech), може да се каже дека се појавија надежи за можен лек. Според компаниите, со вакцините е постигнато 90% закрепнување во третманите и можно е тие да почнат да се доставуваат до земјите во 2021 година. Министерот Коџа изјави дека биле во контакт со проф. Угур Сахин, турскиот извршен директор на BioNTech, додека траел процесот на истражување. Во моментов нема информации за нарачка/набавка на вакцини од страна на владата.

Турската економија сè уште е во опасност

И покрај што постои искра надеж во поглед на лекувањето, се чини дека турската економија мора да надмине бројни предизвици за целосно закрепнување. Во октомври, Турскиот статистички институт објави дека општата стапка на невработеност бил 13,4% во јули, што е трет најголем процент во Европа, по Шпанија и Грција, според податоците на Евростат. Исто така, неодамнешниот процент на невработеност кај младите (од 15 до 24 години) е 25,9%. Лирата постојано ја губеше вредноста во однос на доларот и еврото поради коронавирусот и неефикасните економски политики, соборувајќи уште еден рекорд во кој доларот достигна 8,60 лири, а еврото го помина прагот од 10 лири. Со оглед на фактот што доларот беше 5,95 лири на почетокот на 2020 година, загубата на вредноста на турската валута достигна 30% само во оваа година.

Според Блумберг, валутата го бележи својот најдолг пад (9 недели по ред) од 1999 година, иако Турската централна банка ја зголеми каматната стапка за своп трансакции (размена на парични приливи изразени во две валути) во текот на периодот, што исто така ја наведе Владата да го сфати прашањето посериозно, наместо да ги брани сегашните услови.

На 7 ноември, Ердоган го разреши гувернерот на Централната банка Мурат Ујсал, и на негово место го назначи Наџи Агбал, кој е поранешен министер за финансии. Меѓутоа, најголема промената се случи на 8 ноември со ненадејната оставка на Берат Албајрак, министерот за финансии и трезор. Албајрак, кој исто така е и зет на Ердоган, ја објави одлуката на неговиот профил на Инстаграм, без никаква официјална изјава. Во објавата наведе дека причината за неговиот потег се здравствени проблеми. Државните институции не дадоа никаков официјален коментар следните 27 часа. Иако ситуацијата во врска со министерот беше непозната, турската лира, иронично, престана да губи вредност.

Молкот заврши со официјално соопштение од претседателот Ердоган, со кое ја прифати оставката на Албајрак и го замени со Лутфи Елван, кој е поранешен министер за транспорт и инфраструктура. Според написот на Карлота Гал во „Њујорк тајмс“, оваа промена може да биде и стратегија насочена кон исходот од последните претседателски избори во САД. Таа напиша „Дел од портфолиото на г. Албајрак беше да се грижи за односите со Белата куќа, преку неговото пријателство со ќерката на претседателот Трамп, Иванка Трамп и нејзиниот сопруг Џеред Кушнер“, истакнувајќи ги избегнатите санкции за купување на рускиот ракетен систем S-400 и избегнатите високи парични казни за случајот со турската државна банка „Халкбанк“.

Изборите во САД: нова можност за Турција

Со оглед на победата на Џо Бајден, ова може да предизвика Турција да бара нов пристап кон САД со цел да се подобрат односите. Лутфи Елван, кој студирал во Делавер каде што студирал и Бајден и бил избран за сенатор, би можел да биде новиот мост помеѓу двете страни. Познато е дека Бајден го критикуваше квалитетот на демократските права во Турција во минатото, со тоа навестувајќи ја својата поддршка за турските опозициски партии. Исто така се очекува тој да биде поагресивен во однос на санкциите доколку не успеат напорите за добри односи.

Откако Албајрак поднесе оставка, а Централната банка постојано ги зголемуваше каматните стапки, турската лира порасна за дури 4% во однос на доларот, намалувајќи го курсот на размена на 7,81 лира. Исто така, еврото падна под прагот од 10 лири. На 11 и 13 ноември, Ердоган вети нова ера за економијата и правосудството во земјата, нагласувајќи ја целта за намалување на ризикот на земјата и стекнување поголема доверба и кредибилитет за странските инвеститори. Тој продолжи велејќи „Без колебање ќе ги спроведеме вистинските чекори, дури и ако се мачни“.

Што ќе донесе новата ера?

Според експертите, оваа формула за „мачни чекори“ се однесува на поскапи цени и повисоки даноци во 2021 година за граѓаните. Со падот на вредноста на лирата, економската состојба на државјаните на Турција веќе трпи негативни последици, поради зголемувањата на цените што настапија долго пред да се појави корона вирусот, оттаму овие мерки требаше да се воведат многу одамна.

Исто така, имаше две смени на позицијата Гувернер на Централната банка во краток рок, односно Наџи Агбал е третиот гувернер во последниве 16 месеци. Токму затоа постои сомневање за тоа дали последнава измена ќе ги обезбеди потребните решенија. Ако владата го оствари ветувањето и успее да воспостави побезбедна економска средина на долгорочен план, има надеж дека негативните последици од чекорите ќе може да се сведат на минимум.

Од друга страна, содржината на плановите за реформирање на судството сè уште не е јасни. Правосудната гранка во Турција е една од структурите што добива најмногу критики од опозицијата. Со преодот од парламентарен на претседателски систем во 2017 година, интензитетот на овој проблем се зголеми, во поглед на принципот на демократија и владеење на правото. Со оглед на важноста на сето ова, ако новите ветувања за правосудниот систем навистина се остварат, ова не само што ќе може да има позитивно влијание на политичката клима, туку ќе може и да ѝ помогне на економијата на земјата, обезбедувајќи постабилен и побезбеден пазар за инвеститорите.

Накратко кажано, Турскиот народ бара поголема транспарентност во податоците за коронавирусот и ефективни решенија за економскиот систем на владата, наместо привремени чекори што целат исклучиво кон следните избори во 2023 година. Долгорочно гледано, времето ќе покаже дали тие регулативи за финансиска стабилност и за судскиот систем ќе ги зацелат раните на турската економија. Сепак, се чини дека оваа зима нема да биде многу лесна за луѓето, во услови на повторно засилување на епидемијата на корона вирус и нестабилната политичка/економска клима на Турција.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Каан Бајракошан

Каан Бајракошан е студент на магистерските студии по политички науки на Универзитетот во Варшава во Полска. Завршил додипломски студии по новинарство на Универзитетот Еге во Турција. Тој исто така студирал на Универзитетот Вилнус во Литванија во оваа област како дел од програмата за размена на студенти. Тој има новинарско искуство во локалните медиуми за време на неговите студии во Измир, Турција.