Брејер – Симон: Социјалната нееднаквост ја отвора вратата за странско мешање

Интервју

17.06.25

Прегледи

Конрад Блејер-Симон е соработник-истражувач во Центарот за плурализам и слобода на медиумите при Европскиот универзитетски институт во Фиренца. Тој работи на истражувања поврзани со медиумски политики и борба против дезинформации во рамки на Европската опсерваторија за дигитални медиуми (ЕОДМ), каде што претседава со Работната група за политики и анализа. Тој минатата недела беше во Македонија, каде во собрраниската Комисија за одбрана и безбедност ја презентираше студијата „Справување со странско манипулирање со информации во контекст на европските регулативи“, како дел од проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“, што Институтот за комуникациски студии го спроведува со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје.

Автор сте на истражување кое се однесува на странското мешање и манипулирање со информации (СММИ). Но, бидејќи се работи за термин кој не е познат за пошироката публика, може ли да го објасните насловот на Вашето истражување?

-Истражувањето што го подготвив за презентацијата во македонското Собрание се однесува на различните пристапи кои можете да ги преземете за да ја зголемите отпорноста од СММИ во државата, конкретно во Северна Македонија. СММИ е еден од многуте предизвици за интегритетот на информацијата кои ги имате денес, во дигиталната средина. Интегритет на информацијата значи дека треба да има простор за информации во секоја држава од каде граѓаните ќе може да се информираат за одлуките, кои ќе може да им помогнат да разберат што се случува во политиката, кои теми се релевантни, што се случува во светот. А, доколку имате премногу манипулации, тоа значи дека одредени аспекти изгледаат подоминантно, или дека имате премногу извори на информации кои не се веродостојни. Или пак, тоа значи дека не можете да се одлучите во која информација можете да верувате, а во која не. Во контекст на ова, друг термин кој честопати се користи се дезинформациите.

Што е разликата помеѓу дезинформација и СММИ?

- Разликата меѓу СММИ и дезинформациите е тоа што  дезинформацијата се однесува на вистинитоста на информацијата, односно дали содржината е веродостојна или не. Додека, СММИ го истражува изворот на заканувачката информација која доаѓа од странство. Но, ова не значи дека станува збор за дезинформација секој пат. Може да биде напад со пробивање и протекување на информации, може да биде координирана и неконтролирана активност. Практично, кога повеќе ботови пренесуваат одредени пораки.

Но, исто така има и преклопувања. Постојат и странски дезинформации кои се сметаат како СММИ. На пример, имаше два големи напади на информации во последните години. Движењето Правда и Допергенгер, кои креираа вебстраници кои наликуваа дека се основани во ЕУ, но содржината која ја објавуваа беше измислена и лажна.

Живееме во дигитален свет, каде информациите се шират брзо, но дезинформациите уште побрзо. Имаме многу нови, лесно достапни дигитални платформи и нови технологии. Ја имаме и вештачката интелигенција (ВИ), алатка на која сè уште се прилагодуваме. Без оваа нова технологија е многу тешко да се адаптираме, но и да останеме отпорни на дезинформации. Но, додека го читав Вашето истражување, впечаток ми остави фразата која сте ја вметнале, а се однесува на тоа дека ниската отпорност на дезинформации се должи на социјалната нееднаквост. Какви се последиците од таквите состојби во Македонија?

-Социјалната нееднаквост е само еден од условите, бидејќи кога говориме за отпорност мора да размислуваме на отпорност на општеството. Па така, ако имаме општество каде има многу нееднаквости, тогаш странскиот актер кој пренесува одредени штетни содржини може да ги искористи овие поделби во општеството. Па така, до некои луѓе кои се посиромашни од другите и се чувствуваат лошо поради тоа, може да бидат испратени пораки кои ќе ги повредат нивните чувства дополнително, за разлика од другите луѓе во општеството.

Исто е и со јазичните малцинства, маргинализираните групи. Можете лесно да ги таргетирате. Колку е пониска довербата во општеството, пониското нивото на образование или пропустите за одредени услуги, поголеми се шансите да креирате нешто лошо со конретни пораки.

Регулативата и алатките против СММИ треба да се прилагодат, а не да се копираат

Каква е моментално европската легислатива? Дали мала држава како нашата, која е земја кандидат за влез во ЕУ, може реално во пракса да ги имплементира обврските кои произлегуваат од ЕУ алатките за СММИ? Тука мислам на европската регулатива за дигитални медиуми, Европскиот закон за слобода на медиуми, без притоа да се зголеми административниот товар?

-Возможно е да не можете да претставите сè, бидејќи сте дел од ЕУ и би било тешко да бидете дел од сите дискусии. Но, сметам дека како прв чекор би било многу важно за агенциите и регулаторите да бидат дел од некои разговори, да имаат добри конекции, на пример, со одборот на ДСА, како и оној на за медиумски услуги, чии политики се поврзани со оние на ДСА и ЕМФА. Важно е да имате дискусии и со други експерти и регулатори во ЕУ, со цел да сфатите каде ЕУ може да ви помогне.

На пример, се става голем акцент на системските ризици во ДСА. Но, системските ризици се проблеми кои го засегнуваат целиот систем, не само една држава конкретно, туку повеќе држави. Некогаш милиони, или десетици милиони лица. Тоа се закани кои не можете да ги адресирате само на една држава, затоа е важно да имате соработка. Но, сепак има работи кои можете лесно да ги имплементирате. Особено, да се почитува она што е напишано во Европскиот закон за слобода на медиумите, бидејќи во пракса тоа се бројни различни регулативи или обврски кои се веќе дел од бројни интернационални кодови или најдобри новинарски искуства.

Во оптимално сценарио сите држави треба да ги имаат. Проблемот е што дури сега и во најбогатите држави, независните и квалитетни медиуми се во криза. Немаат доволно пари за да креираат квалитетни новинарски содржини, а тоа предизвикува и општеството да има ниска доверба во медиумските куќи, бидејќи населението не знае во што да верува. Затоа, дефинитивно, мерките за медиумите може да бидат лесно имплементирани, но кога станува збор за дигиталните услуги многу е потешко, бидејќи говориме за услуги и компании кои се поголеми од одредени држави, кои имаат стотици милиони корисници. И се подразбира, не можете да се справите сами како една држава, мора да се потпрете на ЕУ и сите партнери кои ги имате како држава.

Кога станува збор за тоа какви регулативи има ЕУ за темата, тоа се веќе двете легислативи кои ги споменавте, Законот за дигитални медиуми и Европскиот закон за слобода на медиуми. Европскиот пристап кој се однесува на дезинформациите и СММИ е стар околу една декада. Започна со основањето на Агенцијата за стратешки комуникации на ЕУ која ги мониторира дезинформациите и стратешки комуницира за да ја минимизира штетата од нив. Има различни документи кои се објавени, а се фокусираат на европскиот пристап на дезинформации, всушност се однесуваат на транспарентноста на онлајн услугите, но и заштитата на основните права на човекот.

Би било многу лесно да претставите легислатива која ќе ги казни оние кои објавуваат дезинформации. Но, ако креирате средина, каде ќе може да ставите некој во затвор за тоа што објавил некоја содржина која не е вистина, дури некогаш без да знаете самите, дали тоа што сте го објавиле е вистина или не, тогаш имаме значително потиснување на слободата на говорот. Европскиот пристап се залага за тоа службите да бидат одговорни, а истовремено да се заштити сободата на говорот колку што е можно повеќе. Истовремено, да се зголеми отпорноста во општеството со поддршка за медиумска писменост, проверка на факти и други активности.

Во Вашето истражување повикувате на внимателна проценка на локален терен пред да ги усогласиме нашите легислативи и практики со оние на ЕУ. Што значи ова?

-Не сум сигурен дали е усогласување на регулативите со ЕУ Тоа е креирање плодна легислатива која ќе ги адресира ризиците на СММИ и дезинформациите. Тука е важно да се разбере како функционираат институциите во одредени држави, кое е нивото на медиумска писменост, каков е квалитетот на медиумите бидејќи тоа дефинира какви политики да се користат. Не може да се гледаат најдобрите практики од другите земји и да се имплементираат, бидејќи можеби она што функционира добро во Финска или Шведска, не мора нужно да функционира и во Македонија зашто имате различни услови, поинакви навики, поинакво ниво на доверба во институциите. Од таа причина, најпрво треба да се направи проценка каква е ситуацијата во дадената земја, па дури потоа да се прилагодат различните алатки што може да се користат.

Спомнавте дека различни европски држави имаат различен пристап во битката со дезинформациите. Според Вас, кој пример е најсоодветен за Македонија, како мала држава и зошто?

-Најдобриот пристап веројатно е оној на балтичките земји и Финска, бидејќи тие даваат силен акцент на медиумската писменост. За нив е многу важно да ја едуцираат својата популација за да бидат сигурни дека граѓаните умеат да разберат што читаат. Општо земено, според моето мислење, медиумската писменост е една од најефективните алатки против дезинформации, бидејќи ако имате општество со високо ниво на медиумска писменост, тогаш иако ќе има дезинформации во земјата на различни онлајн платформи, граѓаните ќе знаат да препознаат да ги препознаат и ќе разберат дека не треба да им веруваат. А кога ќе разберат дека нештото има штетна содржина, помала е веројатноста да го споделат, лајкнат или реобјават.

Затоа ова е дефинитивно еден од најдобрите пристапи. Дополнитено, би рекол дека овие земји можат да бидат добар пример за Македонија, бидејќи се помали отколку другите земји од ЕУ. Пристапите на малите земји се многу подобри за Македонија, отколку да гледаме што Германија или Франција прават, бидејќи тие се соочуваат со различни предизвици, располагаат со различни ресурси. Германија или Франција можат да инвестираат во огромни апарати кои може да мониторираат различни трендови, да имаат силен оддел за стратешки комуникации итн., но тоа бара големи инвестиции и сметам дека многу земји не можат да си го дозолат тоа.

Казните немаат смисла

Франција и Германија се првите две земји кои во 2017 година кои ги следеа обврските што произлегуваат од европската легислатива за борбата со дезинформациите. Овие се двете земји лидери кои се над сите во справувањето со дезинформациите. Како експерт дали поддржувате казни или институционални реакции во борбата со дезинформациите? Ако поддржувате, тогаш во какви ситуации?

-Не би го подджал тоа воопшто. Во случајот со СММИ нема никаква смисла, бидејќи во СММИ изворите на дезинформации доаѓаат од странство. Па така, не можете да санкционирате никој што не подлежи на вашето законодавство. Но дури и во други случаи многу е тешко да претставите систем во кој ќе казнувате луѓе кои објавуваат содржини, бидејќи можат да бидат погрешно толкувани.

Ако имате промена на Влада која не го почитува владеењето на правото -содржините може да бидат погрешно толкувани, но може да и има и потиснувачки ефект на слободата на говорот. Истовремено, многу е важно да се нагласи дека дезинформациите не се нелегални. Едноставно, ако некој лаже за фактите не е криминал.

Се разбира, постојат случаи во кои можете да го оправдате санкционирањето за дезинформации. На пример, ако предизвика значителна штета. На пример, ако објавите вест за терористички напад во државата и тоа предизвика паника. Но, во најголемиот број на случаи дезинформацијата не е нелегална и за нејзино објавување не може некој да биде казнет.

Споменав случаи како предизвикување на паника или значителна штета на интегритетот на изборите или менаџирање на криза, како здравствена криза. Во тие случаи може да бидат казнети оние што објавуваат такви содржини. Но, ако ги погледнете трошоците и бенефитите ќе дојдете до заклучок дека има премногу лица кои би требало кривично да ги гоните, но нема да го имате соодветниот капацитет да го сторите тоа. Па согласно ова, зошто да не се зголеми отпорноста на општеството, за луѓето да немаат ефекти од ваквите содржини.

Многу е тенка линијата помеѓу санкциите и заштитата на слободата на говорот. Како да се одржи баланс на ова поле?

-Тоа е многу тешко, Затоа велам дека е подобро да не се користат санкции. Подобро е да го подготвиме општеството да препознае дезинформации и соодветно да одговори на таквите содржини.

На крајот од Вашето истражување пишувате повеќе препораки за сите инволвирани. Имате препораки за владата, за медиумите, за новинарите и за политичарите. Она што ме заинтересира особено е препораката која ја упативте до Владата. Предлагате Владата да скрои стратегија против СММИ. Како треба да изгледа оваа стратегија?

-Мислам дека најдобриот пример за стратегија е онаа што е развиена во Ирска. Тие создадоа експертска комисија да одлучат како ќе изгледа таа стратегија и како различни институции може да соработуваат. Но, всушност идејата позади стратегијата е да се има долгорочна проценка за ризиците од дезинформациите и како да се справите со нив. Но, и да има сеопфатен пристап во општеството. Тоа значи да ги вклучите сите страни од него. Но, исто така и да вметнете различни политики. Не само да ги искористите услугите на одбраната, туку во процесот да се вклучат и експерти од образованието, медиумите, граѓанскиот сектор и заедно да креирате средина во која ќе имате поотпорно општество за дезинформациите. Стратегијата не треба да зависи од промените во политиката. Треба да биде градена на тој начин што, дури и да има промена на владата, таа нема да суштински да се промени. Туку да се споделат идеите и мисијата да продолжи.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Габриела Лескова

Фотографии: Иван Поповиќ