Коавторот на студијата за ИКС „Како СММИ ја поттикнува поларизацијата и радикализацијата во Западен Балкан“, холандскиот експерт Џорди Најенхаус, е интересен соговорник бидејќи се осврнува на т.н. амбиентална радикализација чија цел е продлабочување на недовербата и нормализирање на екстремни толкувања на реалноста. Како обучувач и консултант, и соосновач на Dare To Be Grey организацијата што се бори против поларизацијата, дезинформациите и омразата, неговите согледувања се дека на Балканот постои богат фонд на наративи што можат да го наелектризираат населението. Македонија не е исклучок, додава тој посочувајќи го незадоволство од долгиот процес на пристапување во ЕУ, вклучително и барањето да се направи промена на името без исходот што се очекуваше, што произведува разочарување и услови да се манипулира со чувствата на населението. Зборувавме и за штетните техники за искористување на емоциите и насочување на онлајн дискусиите во радикален правец и други интересни теми.
Господине Најенхаус во вашата студија велите дека старите модели веќе се напуштени и злонамерните актери сега се префрлаат на пософистицирани методи како што е амбиенталната радикализација. Што точно се подразбира под амбиентална радикализација?
-Јас би ja опишал помалку како „пософистициранa“, а повеќе како „поширокa“ техника. Постариот модел всушност не е напуштен, туку се проширил во нешто со многу поголем опфат. Тој постар модел, во извесна смисла, беше хипер-таргетиран: бараше специфични луѓе кои веќе се обесправени или се жалат на нешто, и работеше на тоа да ги привлече. Амбиенталната радикализација „плете“ поширока мрежа. Наместо да ја бараат соодветната личност, актерите ги објавуваат поларизирачките пораки на отворено и ги оставаат да циркулираат, знаејќи дека порано или подоцна пораката ќе стигне до некој што се жали на нешто за да се поврзе со неа.
Она што го олеснува тоа е самата средина. Платформите на социјалните медиуми и алгоритмите зад нив имаат тенденција да го наградуваат емоционалниот и поларизирачкиот јазик, бидејќи тоа е она што мобилизира. Значи, најраздорната содржина патува најдалеку речиси по дифолт. Не треба да ја пронајдете вашата цел; системот ја дистрибуира содржината за вас, а емоционалниот набој ја врши селекцијата на примателот. Резултатот е дека сите ние, како општества, сме постојано изложени на ваков вид содржини.
Тоа е всушност сржта на промената: од тесно, намерно влијание врз одредени поединци до дифузен, амбиентален притисок врз сите, од кој може да се појави радикализација секаде каде што е плодна почвата.
Ниска бариера за влез на влијанија
Кои се најчестите методи или алатки што ги користат злонамерните актери за радикализирање на одредени групи преку интернет?
-Искрено, алатките се поедноставни отколку што луѓето често претпоставуваат. Основниот метод се социјалните медиуми, а особено разбирањето на тоа како функционираат алгоритмите – знаењето каков вид содржина се засилува и обликувањето на наративите така што самите платформи ги пренесуваат подалеку. Не ви треба ништо посебно. Треба да знаете што сака системот и соодветно да го храните.
Она што навистина се промени е колку ниска стана бариерата за влез. Не толку одамна, водењето операција за влијание беше навистина тешко и скапо. Требаше да креирате содржина, ви требаа канали на дистрибуција, ви требаа човечки ресурси и пари и ви требаше пристап до места кои беа подготвени да ја пренесат вашата порака. Кога влијанието се прави онлајн, поголемиот дел од тоа е непотребно. Платформите се веќе таму за да можете да ги користите и има изобилство од бесплатни или евтини алатки за производство на содржина.
Вештачката интелигенција уште повеќе го овозможува тоа: со кратка команда на ВИ сега може да произведе материјал прилагоден на даден наратив за неколку секунди. Значи, истата операција што некогаш бараше вистински инвестиции и инфраструктура може сè повеќе да се извршува евтино, брзо и во голем обем. Таа пристапност е, според мене, една од најважните новости во оваа област.
Кои знаци треба да ги бара родителот кај своето дете за рано да препознае дека е цел на онлајн кампања за радикализација?
-Всушност, не мислам дека најкорисен пристап е да се следат знаци дека одредено дете е цел на такво нешто. Реалноста е дека сите ние сме цел, а особено младите. Наместо да претпоставувам дека вашето дете е единствено изложено на ризик и да се бараат предупредувачки сигнали, би започнал од претпоставката дека секој млад човек е изложен на ваков вид содржина и би дејствувал превентивно врз основа на тоа.
Во пракса, тоа значи дека највредното нешто што родителот може да го направи е да води континуирани разговори и да помогне во градењето критички начин на размислување пред изложеноста, а не по неа. Медиумската писменост и критичкото размислување се заштита токму затоа што „патуваат“ со детето насекаде онлајн. Би отишол дотаму што би рекол дека децата навистина не треба да сурфаат на интернет без воспоставен критички начин на размислување.

Конкретно, тоа може да значи да се оди онлајн заедно, да се погледне што всушност гледаат и да се искористат тие моменти за да се изгради еден вид внатрешен алармен систем – навика да се прашува од каде дошло нешто, кој има корист од тоа и зошто ги тера да се чувствуваат на одреден начин. Останувањето во тек со случувањата и љубопитноста прави многу повеќе отколку надзорот.
Кои наративи најчесто се користат во амбиенталната радикализација како плодна почва за сеење екстремистички ставови?
-Незадоволството е „најкорисен“ материјал, и затоа е најпогодно за таа цел па затоа би нагласил колку се опортунистички луѓето што го шират и пренесуваат. Тие не се нужно врзани за кохерентна приказна или наратив. Тие скокаат од тема на тема. Она што е тренд денес, нема да биде тренд утре и тие ќе продолжат со нешто друго. Каде и да има пукнатина, тие можат да ја прошират, ќе ја прошират; секогаш кога има криза или бран разговори околу некое прашање, тие ќе се приклучат на бранот и ќе се обидат да го искористат.
Наративите што најдобро функционираат се оние што секое незадоволство го претвораат во емоционално набиен отпор – со наративи за предавство, закана, понижување, загуба, или наративи ние наспроти нив. Политичка недоверба, вознемиреност околу идентитетот, или миграцијата, економска фрустрација, гнев кон институциите – тие се најчести затоа што се реални и широко се чувствуваат.
Но, би се спротивставил на идејата дека постои фиксно мени на наративи. Поверодостојната слика е збир на опортунистички актери кои постојано демнат за следната погодна тема за раздор давајќи и било каква емоционална нота што може да биде корисна.
Доследноста е во методот, а не во темата.
Во студијата што ја напишавте за Институтот за комуникациски студии, ја објаснивте разликата помеѓу СММИ (Странско мешање и манипулација со информации) и радикализацијата. Но, колку се тие всушност испреплетени?
-Дефинициите укажуваат на вистинска разлика: СММИ е координирана, манипулативна активност што ја спроведува актер во информацискиот простор, додека радикализацијата е поширок социјален и психолошки процес преку кој луѓето се движат кон поекстремни позиции. Но, не е само изворот што се разликува. Според мене, радикализацијата, или барем поместувањето кон поекстремни ставови, често е вистинската цел на овие операции, а не само случаен нуспроизвод. Во таа смисла, двете одат рака под рака.
Она што го прави ова моќно е тоа што добро водената СММИ операција не само што промовира индивидуални наративи туку таа одржува група корисници, следбеници и верници. Потоа тие луѓе продолжуваат да ги радикализираат своите колеги и публика. Значи, СММИ функционира како почетна точка: ги поттикнува и турка луѓето кон поекстремни позиции, и откако таа група станува функционална и активна, организираната кампања може тивко да се повлече и да и дозволи сама да се движи.
Колку повеќе го загадувате информацискиот екосистем на овој начин, толку порадикални можат да станат луѓето во него и, што е карактеристично, толку станува полесно оригиналниот актер да исчезне, бидејќи динамиката сега е самоодржлива. Токму затоа сметам дека е покорисно да се размислува за двете заедно, во рамките на истиот екосистем, отколку како за одвоени феномени.
Балканот богат фонд на приказни
Исто така, го споменувате Балканот како област со висока поларизација. Кои се главните одлики што го прават Балканот како поле на дејствување за амбиентална радикализација за разлика од европските земји? Дали постојат одредени наративи што привлекуваат злонамерни актери да го стават Балканот на нивната мапа на дејствување?
-Балканот е убедлив случај едноставно затоа што има толку многу работи со кои манипулативниот актер може да работи – и сакам да го кажам тоа како согледување на условите, а не како осуда за регионот или неговите луѓе. Постои голема историја, широк спектар на незадоволства и поларизација што се протега не само меѓу земјите, туку и во нив. Таа комбинација значи дека постои необично богат фонд на приказни и наративи што можат да се соберат и да се претворат во емоционално наелектризирани рамки.
Оттука, мојата искрена проценка е дека искористувањето на општествените поделби е релативно лесно таму, бидејќи линиите на поделби се бројни, историски наелектризирани и лесно се активираат. Она што би го нагласил е дека не станува збор за тоа дека регионот е таков во некоја културна смисла. Станува збор за тоа што теренот е „натоварен“ со повеќе емоционален материјал кој може да се искористи.
Тензиите меѓу Косово и Србија од 2023 до 2024 година илустрираат колку брзо може да се активира тој терен: околу инцидентот во Бањска, брзо се ширеше погрешна и непроверена содржина и ја заостри веќе нестабилната ситуација, со наративи што нагласуваат жртва, закана и нелегитимност на другата страна. Дополнителна компликација за регионот е што ова се одвива паралелно со спорната интеграција во ЕУ и, на места, со послаба институционална одбрана од манипулација.
Во вашата студија, посочувате на пандемијата на Ковид, кога мерките преземени од здравствените власти беа искористени од некои кругови за ширење наративи за авторитарна контрола и координирана измама. Што треба да се направи за да се спречи ова повторно да се случи, или барем да се намали при некоја идна здравствена криза?
-Основната лекција од пандемијата е дека кризата е моментот кога многу одделни незадоволства можат да се спојат во еден антисистемски наратив – скептицизам кон вакцините, економска анксиозност и општо чувство против естаблишментот, сите тие се спојуваат во една заедничка рамка на институционална недоверба. Спречувањето на повторување значи признавање дека ниедна мерка нема да биде доволна. Мора да се адресира од неколку агли одеднаш.
Главно е предупредувањето: помагање на луѓето однапред да ги препознаат техниките на манипулација, така што кога ќе се појават ставови за „медицинска тиранија“ или рамки за координирана измама, тие веќе се познати и се со послаби ефекти. Тоа функционира многу подобро од проверката на фактите, која секогаш пристигнува предоцна за да го спречи првиот емотивен бран. Заедно со тоа, искрената, навремената и транспарентна комуникација од властите е од суштинско значење, бидејќи овие наративи се хранат со секоја перцепција за тајност или манипулација од страна на елитата. А критичкото размислување и медиумската писменост, изградени со текот на времето, им даваат на луѓето основен капацитет за да знаат како да се движат во хаотична информациска средина.
Регулацијата, исто така, припаѓа во тие мерки. Законот за дигитални услуги може да ги поттикне платформите сериозно да ги сфатат системските ризици и може да ограничи дел од инфраструктурата преку која се шири манипулацијата. Не би барал од него да го носи целиот товар – не може сам по себе да ја обнови довербата или да ја намали поларизацијата – но е вистински и неопходен дел од слоевит одговор. Поентата е дека критичкото размислување, транспарентната комуникација и регулацијата се зајакнуваат меѓусебно. Грешка би била да се потпреме само на која било од нив.
И Македонија има теми за манипулација
Во Северна Македонија, постои криза на доверба кон ЕУ и проширувањето со нови земји-членки, поради децениското безуспешно патување на земјата за приклучување кон клубот. По патот, мораше да го промени и своето име. Колку ова ја прави ранлива на операции за ширење радикални ставови?
-Јас би го формулирал ова како незадоволство од долгиот и досега неуспешен процес на пристапување – вклучително и барањето да се направи значајна промена како што е името на земјата без исходот што се очекуваше и тоа природно произведува разочарување и чувство на непочитување. Овие чувства се реални и разбирливи и постојат пред да се вклучи кој било манипулативен актер.
Ранливоста кон радикалните наративи е генерално поголема кога основното незадоволство е реално, токму затоа што манипулацијата најдобро функционира кога може да се надоврзе кон нешто што луѓето веќе го чувствуваат. Сепак, овие динамики не бараат строго вистинско незадоволство – замислено или перцепирано. И двете може да се искористат на ист начин. Но, таму каде што разочарувањето е искрено, како овде, особено е лесно да се користи. Теми како што се да бидеш присилуван, непочитуван или да се бара да се жртвува идентитетот за ништо, сами по себе се доволни за манипулација.
Би сакал да ја нагласам и конструктивната страна: одговорот не е да се отфрли фрустрацијата, која само го продлабочува чувството дека не сте слушнати. Тој е да се сфати тоа сериозно а воедно да им се помогне на луѓето да разликуваат легитимно разочарување од манипулативен наратив изграден врз него.
Како да се постави граница помеѓу мејнстрим дискурсот и екстремистичката содржина, со оглед на тоа што, како што забележавте во студијата на случај, таа граница понекогаш е нејасна?
-Ова е навистина тешко прашање и би почнал со признавање дека границата е нејасна речиси по дефиниција – таа е нејасна на начин што е повеќе или помалку вграден во тоа како функционираат овие средини, а не нешто што некој го предизвикал намерно. Повторувањето ги прави маргиналните идеи да се чувствуваат познати, а штетната содржина сè повеќе се појавува во кодирани или омекнати форми што се блиску до легитимна дебата.
Дел од проблемот е што лошото однесување често се наградува. Без разлика дали станува збор за политичар кој намерно зазема провокативна линија или содржина што навистина не би сакале да ја видите како циркулира, алгоритмот има тенденција да ја награди со ширење – лајковите и споделувањата што ги привлекува емоционално набиениот материјал што ги крши нормите. Значи, стимулациите водат кон погрешен правец. Тоа ми кажува дека одговорот не е само во цртањето прецизна линија на содржината; туку во тоа да се направи многу повеќе за да се постави нормата – да се биде појасен како општество за тоа што е прифатливо, што не е и кои се ризиците.
Сметам дека е корисно да се третира ова како прашање на јавното здравје. На крајот сфативме дека пушењето не е само лошо за поединецот, туку е лошо и за општеството и навистина чини многу. Би рекол дека радикализацијата функционира на ист начин: тоа е ризик за поединецот, но исто така е ризик и реална цена за општеството како целина – нешто што го гледаме дека се случува сега. Пристапувањето кон тоа во тој дух – поставување норми, превенција, споделена одговорност – е попродуктивно отколку обидот да се контролира секоја поединечна акција. Таму каде што се повлекуваат формални граници, тие треба да се фокусираат на манипулација и однесување, а не на изразен став, и затоа се потребни силни заштитни мерки за слобода на изразување, особено таму каде што надзорот е слаб.
Но, подлабоката работа е промена на културата: менување на она што колективно го третираме како прифатливо.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинар: Соња Крамарска
