Сè поголема е загриженоста меѓу медиумските професионалци за тоа како зголемената автоматизација на работните текови во медиумите, која е овозможена од вештачката интелигенција, може да доведе до затворање на работни места за луѓето или негативно да влијае на креативноста, вели нашиот соговорник Јанис Компатсијарис. Тој е директор на Институтот за информатички технологии, директор за истражување во CERTH-ITI и раководител на лабораторијата за мултимедијално знаење и анализа на социјалните медиуми. На меѓународниот симпозиум на ИКС и партнерите, тој говореше на темата што ги бранува медиумите ширум светот: „Вештачката интелигенција во медиумите: доброто, лошото и грдото“. Насловот на неговиот осврт не е случајно одбран затоа што тој и во ова интервју предупредува дека, иако придобивките од вештачката интелигенција се многубројни и важни за медиумската индустрија, тие сепак со себе носат и етички предизвици и ризици.
Како гледате на тоа дека вештачката интелигенција ќе ги трансформира медиумското опкружување и забавната индустрија во следниве пет години?
-Технологиите на вештачката интелигенција се очекува да ја нарушат медиумската и забавна индустрија и да ги трансформираат постојните работни текови преку автоматизирање на здодевните процеси, развивање асистенти за поддршка на медиумските професионалци, подобрување на анализата и профилирањето на публиката и развивање напредни алатки за предвидување и за поддршка во донесувањето одлуки.
Генеративната вештачка интелигенција е онаа која особено може многу да влијае на медиумскиот сектор поради револуцијата која ја предизвикува во креирањето содржина, подобрувањето на визуелните ефекти, овозможувањето персонализирани искуства и поттикнувањето нови форми на уметничко изразување. Да ги споменеме тука и предизвиците кои се однесуваат на дезинформации, на приватноста и етичките аспекти.
Вештачката интелигенција како технологија би можела да помогне во создавањето на медиумско искуство кое го имаат корисниците така што ќе овозможи нови начини на информирање, забава, креативност, интеракција со содржини, комуникација со други луѓе ширум светот итн.
Дали можете да дадете примери за успешни примени на вештачка интелигенција во медиумската продукција или во креирањето содржини кои сметате дека се особено значајни?
-Медиумската и индустријата за креирање забавни содржини (вести, филм/ТВ, музика, игри, социјални мрежи, реклами, издаваштво итн.) веќе има полза од напредокот на вештачката интелигенција која ќе може значително да ги олесни, подобри или трансформира важните активности во рамките на синџирот на вредност на медиумската индустрија, вклучувајќи ги тука (и не ограничувајќи се само на): автоматизација на постојните здодевни работни процеси како што е пребарување низ големи аудиовизуелни архиви и потрага по содржина и нејзино пронаоѓање; автоматско креирање содржина со користење на моќта на генеративната вештачка интелигенција; автоматско подобрување на содржината, на пример за искористување на богатството на постојните аудиовизуелни содржини кои се создадени во времето пред да се појават дигиталните можности; персонализација на содржината и услугите преку подобрено профилирање на корисникот и давање подобри препораки за препорачана содржина со која се подобрува корисничкото искуство; точна анализа на публиката во насока на нејзино подобро таргетирање, развој на содржини/услуги и поголем приход од реклами, како на глобално така и на локално ниво; подобар пристап до содржините благодарение, на пример, на автоматското преведување; точно предвидување за разни деловни аспекти; и поефикасно одлучување генерално.
Алгоритамска пристрасност
На кои начини може да се искористи вештачката интелигенција за да се подобрат препораките за персонализирана содржина наменети за корисниците на стриминг медиумите?
-Сè поголем е бројот на медиумски компании кои инвестираат големи суми пари за да ги персонализираат своите содржини и услуги и на тој начин да им излезат во пресрет на уникатните преференции, искуства, потреби и расположенија на секој клиент.
Персонализацијата опфаќа давање предлози за содржина, презентирање на содржина, интеракција со содржината или персонализација на самата содржина (на пример, персонализирани трејлери за филмови). Таа исто така се однесува и на обезбедување содржини на корисниците таму каде што се и кога тие го сакаат тоа.
Елаборираното профилирање кое е засновано на континуирано собирање и анализа на преференците, однесувањата и дејствата на корисниците е нешто што веќе широко се користи во многу медиумски сектори (на пример, индустријата за игри, социјалните мрежи, рекламите, стриминг услугите итн.), но трендот се движи во насока на поелаборирани пристапи кои земаат предвид што се случува со корисникот или што се случува во светот во моментот.
Иако персонализацијата нуди голем број придобивки, секогаш постои опасност од прекумерна персонализација, која им дава преголема улога на филтрите, ограничувајќи ја така изложеноста на различни перспективи и поттикнувајќи тнр. „ехо-комори“. Ова го инхибира критичкото размислување, влијае негативно на поларизацијата во општеството и може да доведе до алгоритамска пристрасност и до зајакнување на стереотипите и до погрешни информации.
На кој начин технологиите за вештачка интелигенција можат да придонесат за автоматизација на рутинските задачи во медиумската продукција, и какво влијание може да има тоа врз индустријата во целина?
-Работните текови на медиумите честопати вклучуваат здодевни или репетитивни задачи и активности кои бараат многу ресурси. Примери за ова се пребарување на големи аудио-визуелни архиви или пребарување на Интернет со цел да се најдат информации кои ќе можат да му помогнат на проверувачот на факти да ја потврди валидноста на некоја изјава; анализа на големи количини на документи за цели на истражувачко новинарство; генерирање титлови или гласовна синхронизација на различни јазици, генерирање резимеа на содржина, модерирање на содржина, организирање A/Б тестови за различни параметри на производот, разјаснување на сложени IPR, итн. Вештачката интелигенција може да им помогне на медиумските професионалци поефикасно да ја вршат својата работа преку целосно автоматизирање на некои работни активности (на пример, етикетирање на содржина или превод на повеќе јазици) или поддршка за професионалците во правењето задачи кои се покреативни (на пр. нудење автоматизирани предлози, уредување или подобрување на содржината, одговарање на прашања, предвидувања за тоа како корисниците се ангажираат со содржината итн.).
Употребата на вештачка интелигенција може да ги намали трошоците на работење и да ослободи ресурси кои ќе можат да се насочат кон давање поддршка на работата во насока на остварување подобар квалитет и остварување поголема креативност. Во исто време, сè поголема е загриженоста меѓу медиумските професионалци за тоа како зголемената автоматизација на работните текови во медиумите која е овозможена од вештачката интелигенција може да доведе до затворање на работни места за луѓето или негативно да влијае на креативноста.
Етички предизвици и ризици
Кои етички аспекти треба да се земат предвид при имплементацијата на вештачката интелигенција во медиумите, особено во системите за раскажување на содржини и давање препораки?
-Иако придобивките од вештачката интелигенција се многубројни и важни за медиумската индустрија, тие сепак со себе носат и етички предизвици и ризици. Тука е важно да го споменеме ризикот за приватноста на корисниците предизвикан од големите механизми за следење и профилирање на корисниците што ги користи медиумската индустрија за да се овозможи поголема персонализација и да се постигне нивно подобро таргетирање. Подеднакво проблематични се пристрасноста на вештачката интелигенција и дискриминацијата на одредени групи луѓе, вклучително и пристрасноста по расна и родова основа, итн. На пример, „енџините“ кои ги даваат препораките е можно да ги дискриминираат жените - доколку се „обучувани“ со користење на рецензии на филмови кои главно се напишани од мажи, додека друи модели е можно да бидат пристрасни пак кон недоволно застапените групи.
Друга работа која предизвикува загриженост е немањето објаснување за тоа што е вештачката интелигенција. Системите за вештачка интелигенција во моментов се непознаница за која не може да се објасни како донела одлука за тоа, на пример, да препорача одредена содржина или да предвиди определен исход. Потребна е поголема транспарентност за тоа како функционираат алатките за вештачка интелигенција за да може да им се верува од страна на медиумските професионалци.
Исто така, постои зголемена загриженост во врска со манипулирањето со содржини и дезинформации, поради што медиумските организации се загрижени поради растечкиот степен на дезинформации кое има негативно влијание на довербата на јавноста во медиумите, но и врз слободата на изразување.
И, конечно, постои зголемена загриженост кај медиумските професионалци за тоа дека зголемената автоматизација на работните текови во медиумите која е овозможена од вештачката интелигенција може да доведе до губење на работни места за луѓето или да има негативно влијание на креативноста.
Со сè поголемата распространетост на deepfake технологијата, како вештачката интелигенција може да се користи за откривање и ублажување на ширењето на дезинформации во медиумите?
-Во насока на откривање и ублажување на ширењето на онлајн дезинформации или погрешни информации, потребно е да се развијат системи за поддршка кои користат вештачка интелигенција и кои ќе овозможуваат: Анализа на повеќе платформи и со користење на повеќе различни начини; анализа според јазик, земја, култура, контекст како и анализа на репутацијата; целосна анализа на синтетичката содржина и на синтетичката манипулација во случај на текст, слика, видео, аудио; автоматско и рано (во реално време) откривање на дезинформации; автоматско откривање на нешта, тврдења или наративи кои заслужуваат проверка; интероперабилност со постоечките системи за проверка на содржината; беспрекорни и флексибилни работни текови за соработка помеѓу човекот и вештачката интелигенција.
Нови искуства во раскажувањето приказни
Како замислувате дека вештачката интелигенција ќе ја обликува иднината на раскажувањето и создавањето наративи во различни изразни медиумски форми, како што се филмови, ТВ емисии и интерактивни искуства?
-Ова се неколку примери за тоа како вештачката интелигенција може да ја промени иднината на раскажувањето наративи:
Користењето вештачка интелигенција за продолжување на одредени делови и подзаплети на филм со материјали кои се поинтересни за одредена публика или создавање персонализирани искуства врз основа на реакциите на публиката (кое се мери, на пример, со сензори за носење или камери) може да доведе до иновативни начини на доживување во кино и на телевизија. Овозможување на интерактивна фиктивна содржина која е заснована на разговорни агенси, на пр. интерактивни приказни за деца или возрасни. Способностите за разговор и персонализација на четботите создаваат поблиско корисничко искуство и поттикнуваат ангажирање. Овој тип на технологија за вештачка интелигенција може да обезбеди нови искуства во раскажувањето приказни и да го подобри ангажирањето на корисниците во дејности како што се рекламирање, маркетинг, филм и аудио.
Вештачката интелигенција има потенцијал да го унапреди раскажувањето приказни со користење на виртуелни ликови кои се способни за напредни интеракции со луѓе. Вештачката интелигенција исто така може да го надополни виртуелниот лик (изрази на лицето, движења на телото, гласот), може да ги идентификува човечките емоции и да ја подобри интеракцијата помеѓу луѓето и виртуелните ликови со тоа што истата ќе ја направи поприродна. Генеративната вештачка интелигенција веќе се користи за автоматско креирање нова содржина а користејќи ја за таа цел постоечката содржина. Ваквите технологии сè повеќе ќе наоѓаат примена во медиумската индустрија со цел креирање на нови и висококвалитетни текстови, слики, видео и аудио. Опсегот на можни примени е неограничен: deepfakes за филмската дејност, компонирање музика, дизајн на асети за игри, пишување сценарија итн. Вештачката интелигенција веќе се користи во креативниот процес на изработка на филмски трејлери и реклами. Deepfakes се актуелна тема во филмската индустрија; првичната сегашна употреба на оваа технологија има за цел да ги замени актерите, на пример стариот актер да ги прикаже во помлада верзија кога тоа е потребно за филмското продолжување. Во наредните неколку години можеме да очекуваме и генерирање на цели филмски сцени.
Вештачката интелигенција може да се користи за автоматизирање на процесите на снимање филм/ телевизиска режија/ уредување/ монтажа и слично. Преку автоматско избирање на најдобро снимените сцени, виртуелната кинематографија овозможува создавање нови сцени од веќе снимените, додека автоматското движење и следењето на камерата го подобруваат процесот на снимање.
Вештачката интелигенција може да помогне и во развојот на информации кои му се потребни на издавачкиот сектор за да ги насочува своите купувачи, преку обезбедување алгоритми и техники за искористување на неискористениот потенцијал на мноштвото податоци кои се генерирани од корисниците, како што се заедниците на фанови за фантастика и потоа нивно користење за подобрување на процесите на заедничко креирање.
Кои предизвици мислите дека ќе се појават во спроведувањето на решенија кои се водени од вештачката интелигенција во медиумите и како би се справиле со тие предизвици?
-Ова се некои од предизвиците кои се веќе познати како такви: Интеграција на вештачката интелигенција во постоечките работни процеси и трошоци за развој на решенија за вештачка интелигенција. Ова прашање може да се решава преку поттикнување на соработката помеѓу медиумската индустрија и овозможувачите на вештачка интелигенција и преку заеднички развој на релевантни технологии, но исто така и со достапност на алатки кои се готови за употреба или на алатки со отворен код во јавните пазари за вештачка интелигенција.
Потоа - недостаток на вештини за вештачка интелигенција кај медиумските професионалци. Ова прашање ќе може да се решава преку обука на персоналот за стекнување на вештини за вештачка интелигенција и регрутирање на дополнителен персонал кој има такви вештини.
Или - обезбедување усогласеност со релевантните регулаторни рамки на ЕУ. Во секоја компанија ќе биде неопходно да се воведе етичка рамка за употребата на вештачката интелигенција, а ЕК и релевантните институции бараат повеќе насоки и појасни информации за практичното спроведување на етиката во однос на вештачката интелигенција.
Потребни се разбирливи објаснувања
Дали може нешто да кажете во врска со улогата на вештачката интелигенција во подобрувањето на ангажирањето и интеракцијата со публиката, особено кај настани или преноси во живо?
-Вештачката интелигенција може да се користи за автоматизирање на ангажманот во однос на корисниците и на двонасочната комуникација со нив преку анализа на искуството и NLP (natural language processing), но исто така и за подобрување на персонализацијата на содржината и услугите преку платформи за управување со податоци кои користат вештачка интелигенција. НЛП технологијата исто така може да се користи и за автоматско преведување на содржина во реално време и за подобрено комуникациско искуство, без притоа да постојат јазични бариери. Дополнително, вештачката интелигенција е способна да поддржува автоматска анализа на видео или текстуална содржина и на тој начин да ги олесни активностите како што се следење на публиката во реално време и откривање трендови на социјалните мрежи. Чет ботовите може да се користат за разговор со корисниците/публиката или за автоматизирано и персонализирано коментирање на програми во живо, како што се спортски настани - можностите за разговор и персонализација на чет ботовите овозможуваат поприемчиво корисничко искуство, ја подобруваат интеракцијата со корисникот и поттикнуваат ангажирање.
Како што вештачката интелигенција сè повеќе се интегрира во работните текови на медиуми, да си го поставиме прашањето на кој начин организациите можат да обезбедат приватност и безбедност на податоците, особено кога се постапува со чувствителни информации или податоци за корисниците?
-Поголемиот дел од актуелните прашања во однос на вештачката интелигенција се однесуваат на правата на корисниците на приватност и на транспарентност во врска со тоа „со кого“ тие комуницираат, но и на тоа како воведувањето на вештачката интелигенција отвора нови прашања кои се однесуваат на одговорноста и отчетноста. Практиките кои ќе ги наведам можеме да ги нагласиме како мерки за ублажување во однос на актуелните прашања поврзани со приватноста, транспарентноста, одговорноста и отчетноста кога станува збор за вештачката интелигенција во медиумскиот сектор:
Најдобри практики на одговорни пракси во однос на податоците во медиумскиот сектор. Со оглед на тоа дека широката употреба на податоци и понатаму бележи свој раст, од витално значење ќе биде да се развијат нови добри практики со кои ќе се поддржуваат одговорни стратегии за податоци кои ги штитат правата на поединецот.
Најдобри практики и политики во врска со обелоденувањето на системи за вештачка интелигенција за потребите на медиумскиот сектор. Со оглед на тоа дека прашањето за тоа кој изработил или објавил текст повеќе не е ограничено, на пример, на новинари, уредници и продуценти, од суштинско значење ќе биде да се развијат нови упатства за тоа како да се обелодени употребата на вештачката интелигенција во овие процеси со цел да се заштити правото на поединецот на транспарентност.
Решенија за вештачка интелигенција кои можат да се објаснат и кои можат да им помогнат на корисниците да разберат како функционира системот за вештачка интелигенција и како тој ја донесува својата одлука. Со оглед на тоа што корисниците сè повеќе се делумно опслужувани од системи за вештачка интелигенција кога користат медиуми, важно е тие да имаат пристап до разбирливи објаснувања за тоа што прави системот и врз основа на кои податоци го прави тоа, да го поддржат своето право за, на пример, да се спротивстават на одлуката што е донесена.
Потребно е развивање на нови најдобри практики за поддршка на одговорни податоци во рамките на стратегиите на медиумскиот сектор кои ги штитат правата на поединецот. Потребни се и најдобри практики и политики во врска со обелоденувањето на системите за вештачка интелигенција кои се користат во медиумскиот сектор.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.