fbpx

Кристин Ван Дам: Со вештачката интелигенција учениците ќе бидат самите господари на своето учење

Интервју

08.03.24

Прегледи

Иако вештачката интелигенција нуди бројни придобивки, од суштинско значење е да не се занемари важноста на човечката интеракција, емпатијата и менторството во учењето, порачува Кристин Ван Дам, предавач и истражувач на универзитетот во Гент, Белгија која беше еден од говорниците на оваа тема на симпозиумот што го организираа ИКС и партнерите. Таа вели и дека писменоста и етиката за вештачка интелигенција мора да станат составен дел од наставните програми, но и предупредува да не се занемари важноста на улогата на наставниците.

Како ја замислувате вештачката интелигенција да ги револуционизира традиционалните образовни методи и да го подобри учењето кај учениците?

-Да бидам искрена, не сум јас таа што тврди дека вештачката интелигенција наскоро ќе го преземе образованието. Имам искуство во делот на новинарски студии, а важен аспект на вештачката интелигенција во новинарството е тоа дека „луѓето постојано се дел од случувањето“, поточно луѓето (новинарите) и понатаму се одговорни за содржината. Ако ме прашувате мене, истото треба да биде и во образованието. Јас се залагам за наставниците и се надевам дека тие ќе бидат уште поважни во иднина.

Во таа смисла, вештачката интелигенција се разбира дека поседува потенцијал да ги трансформира традиционалните образовни методи преку персонализирање на искуствата за учење и (се надеваме) рационализирање на административните задачи. Во однос на првото, токму таму го гледам нејзиниот вистински потенцијал. Замислете учениците да добиваат адаптирана содржина, која е прилагодена на нивниот интерес. Преку адаптивните системи за учење кои се управувани од вештачка интелигенција, учениците можат да имаат корист од настава која ќе биде прилагодена на нивните индивидуални стилови и на темпото на учење, што ќе доведе до подобрено разбирање и нивно задржување. А во однос на второто имам, можеби, само надеж за такво нешто. Вештачката интелигенција би можела да ги автоматизира административните задачи како што е оценувањето, овозможувајќи им на едукаторите да одвојат повеќе време за давање значајни повратни информации и за ангажирање со учениците. Дополнително, аналитиката на вештачката интелигенција може да даде увид во учинокот и ангажираноста на учениците, овозможувајќи им на едукаторите рано да ги идентификуваат оние студенти кои се ризични и да интервенираат проактивно.

Во секој случај, навистина сум убедена дека ни требаат луѓе во образованието, па се надевам дека нема да преминеме на образованието кое го реализираат виртуелни тутори или чет-ботови кои се напојувани со вештачка интелигенција. Таа треба да се користи за поддршка на наставниците, но не да ги замени.

Можете ли да дадете примери за успешна примена на вештачката интелигенција во образованието каде позитивно влијаела на резултатите на учениците или на ефективноста на наставата?

-Прво ќе зборувам од мое искуство. На моите часови јас ги поттикнувам студентите да користат genAI алатки за бура на идеи. На пример, да им помогнат во однос на општите работи за трудовите што треба да ги напишат. Исто така, им велам да користат и ChatGPT за да вежбаат за испитите со тоа што ќе им креира прашања.

Убедена сум дека студентите можат да научат што овие алатки можат, а што не можат со самото нивно користење. Кога ги користите првпат, алатките се нешто навистина спектакуларно, но откако ќе ги користите често ќе забележите дека честопати произведуваат празен збор. Поточно, многу зборови, а малку се кажува. Минатата година имав студенти кои пишуваа есеј. Потоа им реков Rytr да напише есеј. Некои студенти рекоа дека есеите беа исти. Така што, следниот чекор е да ги оставите студентите да го напишат есејот кој е напојуван со вештачка интелигенција, а потоа да го поправат или дополнат за да добие почовечки карактер.

Доколку зборуваме во поширока смисла, значаен пример за имплементација на вештачката интелигенција во образованието се адаптивните платформи за учење како што е Khan Academy и Duolingo. Овие платформи користат алгоритми за вештачка интелигенција за да анализираат како ви оди со учењето и да испорачаат персонализирани искуства за учење кои се приспособени на вашите јаки и слаби страни како индивидуа. Истражувањата покажаа дека учениците кои ги користат овие платформи покажуваат подобри резултати во учењето во споредба со традиционалното учење во училница, бидејќи содржината се прилагодува на темпото и нивото на секој ученик.

Потенцијал за инклузивно образование

На кои начини може да се искористи вештачката интелигенција за персонализирање на искуствата за учење кај студенти со различни стилови и способности за учење?

-Вештачката интелигенција може да ги приспособи едукативните искуства така што ќе одговараат на разните стилови и способности на учење кај студентите, и тоа на различни начини. Како што споменавме, адаптивните платформи за учење кои се напојувани со вештачка интелигенција можат да ги анализираат податоците за успешноста на учениците/студентите и да ги приспособат нивото на тежина, темпото и содржината на материјалите за да одговараат на индивидуалните преференции и потреби. На пример, на учениците кои подобро учат визуелно може да им се дадат повеќе дијаграми и видеа, додека на аудитивните ученици може да им се претстават објаснувања кои се базирани на аудио.

Ако зборуваме за модалитет, она што ми се допаѓа е адаптацијата на содржината, и тука гледам потенцијал за инклузивно образование. Вештачката интелигенција може да го поддржи инклузивното образование преку овозможување функции со кои се обезбедува пристапност, како што се функционалностите кои претвораат говор во текст или обратно, потоа алтернативни формати за материјали за учење како и адаптивни интерфејси кои им излегуваат во пресрет на учениците со попреченост или со посебни потреби.

Во новинарството се прават експерименти со кои веста се пренесува преку стрип (графичка новела) која е генерирана со вештачка интелигенција. Иако лично се сомневам дека ваквиот формат би бил одржлив во однос на пренесување на вести, замислете како би можел да придонесе на предавања по историја.

Други, исто така, ќе тврдат дека алгоритмите за обработка врз основа на природен јазик (NLP) можат да им овозможат на чет-ботови и на виртуелни тутори да комуницираат со учениците/студентите во реално време, овозможувајќи персонализирани повратни информации и помош кои се прилагодени на стилот на учење на секој студент. На пример, студент кој најдобро учи преку практични активности добива предлози за интерактивни симулации или експерименти. Да бидам искрена, јас сум малку воздржана во однос на тоа. Сум го видела ваквиот ентузијазам и претходно и сум давала придонес во подготовката на повеќекратни курсеви кои зависат од сопственото темпо за учење. Тука ја забележавме важноста од тоа да се посетуваат часови, да се споделуваат искуства со колегите... Од друга страна, пак, има и други студенти кои најдобрите резултати ги постигнуваат ако учат со свое темпо, без да учат во клас. Притоа, вештачката интелигенција помага да се обезбеди таква содржина.

Транспарентноста е клучна алатка

Кои етички аспекти треба да се земат предвид при спроведувањето на вештачката интелигенција во образовните услови, особено во однос на приватноста на учениците и безбедноста на податоците?

 

-Кога се имплементира вештачката интелигенција во едукативно опкружување, секако дека етичките аспекти во врска со приватноста на студентите и безбедноста на податоците имаат огромно значење. Со оглед на тоа дека алатките за вештачка интелигенција кои се користат во едукацијата собираат чувствителни податоци за учениците, образовните институции мора да имаат усвоено силни мерки за заштита на податоците за да се обезбеди дека личните податоци се доверливи и безбедни. Во таа насока, мора да се воспостават јасни политики кои ќе го регулираат собирањето, чувањето и користењето на податоците кои се однесуваат на учениците/студентите.

Како и секогаш, клучна работа тука е транспарентноста; учениците, родителите и едукаторите треба да бидат информирани за видовите на собрани податоци, како истите ќе се користат и кои се нивните права во однос на заштитата на тие податоци. Уште повеќе, тие треба да бидат свесни за тоа како вештачката интелигенција е инкорпорирана во технологијата. Едукаторите и институциите треба да се стремат кон транспарентност од страна на провајдерите на вештачката интелигенција, со желба да разберат на кој начин вештачката интелигенција дава препораки и одлучува за одржување контрола врз образовниот процес. Можни решенија тука би можеле да бидат шифрирање, контроли за пристап, но особено негување култура на свесност за приватноста кај едукаторите и учениците/студентите.

Во однос на безбедноста на податоците, потребно е да се спроведат мерки за заштита на податоците на учениците/студентите од неовластен пристап, од можни прекршувања или злоупотреба. Ова подразбира постоење на сеопфатни протоколи за шифрирање, безбедни механизми за автентикација и редовни ревизии на безбедноста за да се идентификуваат и да се решаваат пропустите. Секако дека едукаторите и наставниците имаат добри намери, но секојдневните рутини може да доведат до незнаење или до заборавање на податоците, што може ненамерно да доведе до „протекување“ на податоците. Повеќето наставници веќе се имаат префрлено на веб базирани услуги, но речиси и да не постојат обуки во врска со хигиена на податоци.

Едукаторите и програмерите треба, исто така, да бидат свесни за алгоритамската пристрасност и за дискриминацијата во системите за вештачка интелигенција. Пристрасноста може ненамерно да ги засилува нееднаквостите со фаворизирање на одредени демографски групи или преку зајакнување на стереотипите. Решение за ова е користењето на разновидни и репрезентативни збирки на податоци за обука на моделите за вештачка интелигенција, а алгоритмите треба редовно да се ревидираат и тестираат од аспект на нивна правичност и точност.

Досега истакнав некои аспекти што наставниците треба да ги земат предвид, а истото тоа се однесува и на учениците. Писменоста и етиката за вештачка интелигенција мора да станат составен дел од наставните програми, бидејќи користењето на genAI за образовни цели сè повеќе се зголемува.

Да не се занемари човечката интеракција

Може ли да кажете нешто во врска со потенцијалот на вештачката интелигенција во однос на автоматизирањето на административните задачи за едукаторите, со што ќе имаат повеќе време да се фокусираат на наставата и менторството?

 

-Системите со вештачка интелигенција можат да ги автоматизираат рутинските задачи како што се оценување задачи и тестови и закажувањето часови, овозможувајќи им така повеќе време на едукаторите за настава и помала потреба од тоа да се занимаваат со административни задачи. Се појавуваат укажувања за тоа дека вештачката интелигенција може да има значително влијание во оценувањето и бодувањето, но сепак тоа зависи од курсот. Јас се обидов, на пример, да воведам систем за бодување со ChatGPT, но ниту едно од прашањата што ги поставив, а кои потекнуваа од студентите (преку испит од отворен тип во врска со иновативно истражување) не можеше да биде одговорено од ChatGPT во доволна мера. Секако дека овие системи ќе се подобруваат, но сепак, ние, како предавачи, сè уште треба самите да го правиме оценувањето.

Вештачката интелигенција може да им помогне на наставниците така што ќе им овозможи едукативен материјал/ресурси без тие да губат многу време во барање, а исто така ќе овозможи и содржина која е заснована на потребите на ученикот, на стилот и темпото на учење.

Што се однесува до менторството, верувам дека на некои студенти ќе им биде од помош двојно зголемената употреба на вештачка интелигенција, која ќе ги води низ студирањето. Како што споменавме, вештачката интелигенција, исто така, може да помогне да се анализира успешноста на ученикот/студентот и да се идентификуваат нивните силни и слаби страни, на пример оценување на тоа како пишуваат или презентираат. Овој тип на повратни информации кои учениците ги добиваат во реално време може да им помогне во добивањето разбирањето за сопствениот напредок и за областите во кои им треба подобрување. Ова ги мотивира учениците/студентите самите да бидат господари на своето учење и исто така ги поттикнува навиките за самонасочено учење.

Јас, лично. во моментов експериментирам со листа на задачи која е поддржана од вештачка интелигенција. Затоа, наместо да ја користам за моите предавања, се обидувам да најдам начини да ја задржам на сите оние мали задачи кои се настрана од моите предавања. Примената ме убеди во тоа дека вештачката интелигенција може да ги рационализира административните работни текови преку автоматизирање на рутинските задачи како што се правењето распоред, распределба на ресурсите и комуникација. Сепак, прерано е да се каже дали ова функционира. Еве на пример, не успеав ја завршам обврската околу ова интервју во договорениот рок, иако истиот претходно го внесов во мојот роковник кој користи вештачка интелигенција (се смее).

Со оглед на тоа што вештачката интелигенција станува сè поприсутна во образованието, на кој начин можат едукаторите и институциите да постигнат рамнотежа помеѓу учење кое е водено од технологија и постоењето на „човечки допир“ во образовниот процес?

 

-Иако вештачката интелигенција нуди бројни придобивки во однос на персонализацијата, ефикасноста и пристапноста, од суштинско значење е да не се занемари важноста на човечката интеракција, емпатијата и менторството во учењето. Како што беше споменато и претходно, постојаното присуство на луѓето во едукативниот процес е од клучно значење.

Прво, наставниците можат да ја искористат вештачката интелигенција како алатка за подобрување на наставниот процес кој е предвиден од луѓе, наместо целосно да го замени човечкото присуство. Со интегрирање на адаптивни платформи за учење управувани од вештачка интелигенција и виртуелни тутори во cвoите наставни практики, едукаторите можат да ги персонализираат искуствата за учење, можат веднаш да дадат повратна информација и да си ја олеснат наставата. Сепак, од клучно значење е едукаторите да бидат постојано присутни во процесот на учење така што на учениците/ студентите ќе им даваат насоки, охрабрување и поддршка додека тие ги совладуваат сложените концепти и предизвици.

Второ, не смееме да заборавиме дека одењето на факултет е социјално искуство за многу студенти. Се сеќавате како депресијата кај младите достигна врв за време на пандемијата? Точно е дека вештачката интелигенција може да ги направи полесни индивидуалните искуства во учењето, но човечката интеракција и понатаму има суштинска важност за развојот на меѓучовечките вештини и негувањето чувство на припадност во заедницата и во училницата. За огромното мнозинство луѓе, да се биде опкружен со други луѓе е многу подобро отколку да се биде сам пред екраните.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска
Фотографии: Дарко Андоновски