fbpx

Михаел Мартенс: Европската перспектива за Западен Балкан испари

Интервју

13.07.23

Прегледи

Германскиот новинар Михаел Мартенс е важен извор на информации за балканските држави. Неговата острина кон инертноста на ЕУ за прием на земјите од Западен Балкан, се почесто е тема во политичките кругови кои го поврзуваат овој „заборавен“ дел на Европа со престолнината на ЕУ - Брисел. „Што би се случило ако го вклучите бугарското малцинство во Преамбулата? Повторно ништо. Порано или подоцна, една земја ќе ви го блокира патот кон членство во ЕУ. Не ме сфаќајте погрешно: не гледам проблем во спомнувањето на мала група луѓе кои се дефинираат како Бугари во вашиот Устав, иако би било добро Софија конечно да прифати дека има и мала група луѓе во Бугарија кои избраа да се дефинираат како Македонци“, вели тој во интервјуто што љубезно се согласи да го направиме на тема Македонија – регион - ЕУ. Неговиот статус на дописник од Југоисточна Европа за „Frankfurter Allgemeine Sonntagszeitung“ го издигна во еден од најголемите познавачи на „комплицираниот однос“ меѓу нашиот регион и Унијата. 

Господине Мартенс, да почнеме со општо прашање, бидејќи често пишувате за Балканот. Што се случува во тој регион? Како ја гледате моменталната ситуација?

-Дозволете ми да одговорам на општо прашање со општ одговор: Сегашната ситуација е обликувана од фактот дека она што беше „европска перспектива за Западен Балкан“ испари. Тоа никој не го знае подобро од вас Македонците. Фактот дека перспективата за полноправно членство во ЕУ исчезна, има различни негативни ефекти за регионот. Реформаторите се ослабени, авторитарните структури зајакнати.

Дали постои опасност од поширока дестабилизација на целиот регион со оглед на експлозијата на незадоволството во Србија што се излеа на улиците, ситуацијата околу изборот на влада во Бугарија и повторното будење на проблемите меѓу Србија и Косово, како и блокираната европска интеграција на Северна Македонија?

-Што се однесува до незадоволството во Србија, не сум сигурен до каде ќе доведе тоа. Бројките на луѓе што излегуваа на улиците се импресивни, но засега не можам да видам како демонстрациите ќе се претворат во политичка опција која ќе биде успешна на гласачките кутии. Дали коалицијата во Бугарија ќе биде успешна и колку долго ќе трае, останува да се види, но јас сум внимателен оптимист дека навистина може да видиме напредок во оваа земја, вклучително и со многу потребната судска реформа. Конфликтот на северот на Косово е навистина сериозен. Се надевам дека КФОР ќе дејствува одлучно во случај да биде потребно: Против обидите на Србија да го претвори Северот уште повеќе во сива зона надвор од секое владеење на правото, но и против секој обид на владата на Курти да воспостави контрола со сила. Не знам дали Косово некогаш ќе може официјално да го вклучи Северот стопроцентно во својата држава. Но, мислам дека знам како Косово може да биде стопроцентно сигурно дека ќе го изгуби Северот засекогаш: со обидот да воспостави контрола со насилни средства.

Сите мислевме дека српско-косовскиот спор е пред решавање, но односите повторно ескалираа. Процесот меѓу Белград и Приштина го водеше меѓународната заедница. Дали можеби имаше грешка во чекорите? Што мислите, какви отстапки треба да направат двете страни?

-Би сакал прво да се спротивставам овде. Јас не мислев дека спорот Србија-Косово ќе се реши, а знам и други кои го делат мојот песимизам. Што се однесува до неодамнешната ескалација, ја споделувам американската позиција: Одлуката на Курти да испрати специјална полиција со цел да се спроведе пристап до општинските згради за локалните градоначалници кои имаа речиси нула поддршка од населението со кое требаше да управуваат, беше погрешна. Очекувано создаде конфликт што можеше да се избегне. Така, тоа беше подарок за српскиот претседател Вучиќ. Исто така, не разбирам зошто косовската влада не се согласува со формирање на Заедница на општини со мнозинско српско население со строги локални надлежности. Ако ова се направи правилно, нема начин да се плашиме дека такво здружение може да стане втора Република Српска. Но, откако неодамна разговарав со некои косовски извори, мислам дека подобро го разбирам двоумењето на Приштина. Бидејќи Приштина се плаши дека ќе даде многу и ќе заврши без ништо. Нема ни јасна поддршка за обидот на Косово да се приклучи на Советот на Европа, иако Косово ги исполнува условите да биде членка.

Постои ли опасност за Македонија од новите немири на Косово? Во Македонија сметаме дека со влезот во НАТО се елиминирани сите безбедносни ризици за Северна Македонија. Дали сме наивни?

-Ризиците никогаш не завршуваат, дури и ако сте членка на НАТО. Припадноста кон Алијансата ја прави земјата побезбедна, но ризиците никогаш не се елиминираат. Единствениот пат кога сте целосно безбедни е кога сте мртви. Не сум сигурен за последиците од можниот насилен конфликт во Косово за Македонија. Но, се разбира, кога една земја ќе излезе од шините, тоа никогаш не е добро за нејзините соседи. Погледнете ги Молдавија или Полска во моментов.

Извор: www.kas.de

Во Северна Македонија постои големо разочарување од бавноста на процесот на интегрирање на земјата во ЕУ. Дали е оправдано тоа разочарување? Софија му наметна список на услови на Скопје за да продолжи со евроинтегративниот процес, од кои некои тешко може да се проголтаат. Еден од тие услови е Северна Македонија да ги вклучи Бугарите во Уставот. Но, прогнозите се дека Собранието ќе ја отфрли таа одлука. Во тој случај престануваат преговорите меѓу Северна Македонија и ЕУ за членство. Дали мислите дека е тоа фер?

- Секако дека е оправдано разочарувањето! Како што разговаравме претходно: Она што и е направено на вашата земја е навистина прогласување банкрот за политиката на проширување на ЕУ. Морам да признам дека не го очекував ова. Сè уште верувам дека промената на името беше исправна, бидејќи го отстрани стариот конфликт со Грција и ја внесе земјата во НАТО. Но, покрај тоа: Патот до членство во ЕУ е блокиран, и сите го знаат тоа. Што би се случило ако го вклучите бугарското малцинство во Преамбулата? Повторно ништо. Порано или подоцна, една земја ќе ви го блокира патот кон членство во ЕУ. Не ме сфаќајте погрешно: не гледам проблем во спомнувањето на мала група луѓе кои се дефинираат како Бугари во вашиот Устав, иако би било добро Софија конечно да прифати дека има и мала група луѓе во Бугарија кои избраа да се дефинираат како Македонци. Но, она што е поважно: сето ова не е поентата. Поентата е дека во ЕУ нема апетит за прифаќање нови членки, дури и ако во Преамбулата вклучите уште десет националности и да ја преименувате вашата земја во Западна Бугарија. Затоа, мора да најдеме поинаков пристап.

И повторно да се надоврзам разочарувањето и евроскептицизмот во Северна Македонија се зголемија и откако меѓународната заедница не го одржа зборот дека промената на името (Договорот од Преспа) е последниот чекор што треба да го направи земјата за целосно да излезе на меѓународната сцена како членка на НАТО. и ЕУ. Но, набргу по Договорот од Преспа, на патот кон Унијата пристигна новото вето од Бугарија. Како го гледате сето тоа?

-Веќе кажав и претходно. но да додадам и дека бугарската политика е неверојатно кусогледа. Македонците на Бугарите можеа да им станат најблиски сојузници во ЕУ. Наместо тоа, Бугарија ги отуѓи Македонците уште повеќе отколку што тоа го правеше Грција во неславните денови на спорот за името. Румен Радев можеби знае да лета со Миг-29, но неговото разбирање за историјата и етничката самоидентификација се чини дека повеќе наликува на времето на браќата Рајт (браќата Рајт се американци пионери во авијацијата кои го конструирале првиот авион во 1903, н.з.).

Тогаш, кои би можеле да бидат алтернативите во политиката на проширување?

-Поинаков пристап беше предложен не многу одамна од пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот. Беше одбиен, бидејќи ЦДУ/ЦСУ во моментов е во опозиција, но тоа може да се промени по следните избори. Она што го предлага ЦДУ/ЦСУ е вклучување на средна цел во преговарачкиот процес: Полноправното политичко членство треба да остане конечна цел за сите земји од Западен Балкан (и Украина и Молдавија). Но, додека не се постигне ова, треба да се понуди членство на единствениот европски пазар - не на далечна дистанца, туку во рок од седум-осум години, за да можат две последователни влади, ако навистина го сакаат тоа, да стигнат до таа цел. Тоа би значело дека земјите ќе бидат полноправни членки на економската сфера на ЕУ, без политички да бидат членки на ЕУ. Ова е она за што се одлучи Норвешка. Сакаа да станат членство на единствениот пазар, но не и на ЕУ. Дали она што е добро за Норвешка е лошо за Северна Македонија? Не мислам така. Наместо вие да дојдете во ЕУ, би ви дошла ЕУ, барем економски. На почеток, тоа веројатно ќе го зголеми бројот на млади Македонци кои ја напуштаат земјата, бидејќи тие ќе имаат право да живеат и работат каде било во ЕУ. Меѓутоа, на подолг рок, очекувањата се дека тоа ќе ја забави, па дури и ќе ја запре емиграцијата. Ако животот е добар во вашата земја, зошто да се преселите на друго место? Ако разговарате со економисти и претприемачи, тие се многу за идејата, бидејќи тоа би го подобрило нивниот бизнис.

Извор: www.dnevnik.ba

Дали ги сметате за реални очекувањата дека војната во Украина ќе го забрза приемот на земјите од Западен Балкан во ЕУ?

- Не навистина, за жал. Сите велат дека рускиот напад врз Украина во февруари 2022 година го промени светот. И навистина тоа се случи во многу аспекти. Но, дали тоа важи и за проширувањето? Оттогаш помина повеќе од еден и пол година- но дали се случи нешто суштинско во проширувањето? Дали некоја земја затворила повеќе поглавја, можеби и добила датум за пристапување? Далеку од тоа. Само чекалната стана пополна, при што се приклучија Украина и Молдавија. Но, тоа е чекална за Годо.

Во регионот врие уште еден потенцијален конфликт - Република Српска чие раководство се заканува да ги поткопа напорите на меѓународната заедница за стабилизирање на БиХ. Останаа ли механизми (алатки) за ЕУ и САД да го зауздаат Додик?

-Со својата последна одлука заснована на „бонските овластувања“, високиот претставник Шмит донесе закон според кој секој државен функционер што не ги почитува неговите одлуки ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години. Од една страна, апсурдно е што неизбран странски функционер може да донесе закон со кој се заканува дека ќе испрати во затвор луѓе кои не ги следат неговите наредби или желби. Од друга страна, може да се постави едноставно прашање: Дали најновиот декрет на Шмит е знак на сила - или само предвесник на слабост на која наскоро сите би можеле да посведочиме? Дали обвинителите, судиите и полицијата во Босна сега ќе тргнат по некој што не се придржува до Шмит? И ако не го сторат тоа, што ќе направи Шмит? Дали сите се уапсени? Кој ќе апси? Наскоро би можеле да видиме дека тие навидум огромни „бонски сили“ се всушност само парче хартија. Блеф кој функционира само додека публиката не види дека зад него нема ништо. Освен ако Шмит не добие огромна меѓународна поддршка за санкционирање, разрешување и апсење на Додик, не гледам како овластувањата во Бон менуваат нешто. Тие само се приспивна песна за луѓето во Босна и давање на лажно чувство на сигурност. Како да божем високиот претставник може да направи се во случај на конфликт. Но, тој не може

Балканскиот регион сè уште останува меѓу најкорумпираните. Која е причината за тоа - лошата проценка на граѓаните при гласање на избори, слабите институции или бавното спроведување на европските стандарди?

-Корупцијата е таму каде што системот дозволува да биде. Колку се посилни институциите на една држава, толку е помала корупцијата. Кога зборувам за институциите, мислам не само на државните институции, туку и на добрите новинари кои не се плашат да ја вршат својата работа и имаат поддршка да си ја завршат работата. Бодо Хомбах, шефот на кабинетот на германскиот канцелар Герхард Шредер, еднаш ми кажа дека во Германија стравот од медиумите да откријат корупциска шема е веројатно помоќна алатка за ограничување на корупцијата отколку државните институции задолжени да се борат против неа. Тоа веројатно не е точно за неговиот поранешен шеф кој имаше проблем да се продаде во Русија, но тоа е друга приказна. Важно е корупцијата не само да се открие, туку и општеството да се погрижи да има последици. Борбата против корупцијата никогаш не завршува. Тоа е постојана обврска во секоја демократија, исто како гласањето или плаќањето даноци.

 

Новинарка: Соња Крамарска

Насловна фотографија - извор: www.mvinfo.hr