fbpx

Пател: Циркуларната економија е клучна за заштита на животната средина

Интервју

01.06.23

Прегледи
  • Имајќи циркуларна економија и користејќи ги ресурсите кои се веќе во нашата економија, ќе немаме потреба да се потпираме на други, за да можеме да функционираме како општество.
  • Циркуларната економија бара од луѓето да размислат каде ги купуваат работите, од какви материјали се направени и во што може да се претворат.
  • Владата игра клучна улога во едукацијата на луѓето од мали нозе, учејќи нѐ дека треба да ги најдеме нашите ресурси и да ги користиме одговорно.

Доколку имаме некои ресурси и материјали кои се веќе во системот, зошто да не ги користиме повторно, вели Џаи Пател, советник за рециклирање на отпад и циркуларна економија во Дирекцијата за одржливост и инфраструктура во британското Министерство за бизнис и трговија. Тој смета дека циркуларната економија, која се базира на поефикасна и одржлива употреба на ресурсите преку обновување, реупотреба, регенерирање или рециклирање, е клучна за заштитата на животната средина и порачува дека е многу важно да целиме кон нешто што е одржливо и реупотребливо, односно, да купуваме работи направени од рециклирани материјали или половни работи. Во интервју за Рес публика, Пател споделува зошто е важната циркуларната економија и како таа може да се воспостави.

На кој начин циркуларната економија ја поддржува заштитата на животната средина?

Циркуларната економија е апсолутно клучна кога станува збор за заштита на животната средина, затоа што заштитата на животната средина се потпира многу на ресурсите и користењето на обновливите, но и на необновливите извори. Циркуларната економија е навистина важна во тоа, бидејќи се обидува да биде ефикасна и да покаже дека, доколку имаме некои ресурси и материјали кои се веќе во системот, зошто да не ги користиме повторно. Тука може да се спомене примерот со дрвото. Доколку некаде има клупа која што веќе не е употреблива, можете да направите нешто со таа клупа, зошто да исечете друго дрво за да направите нешто ново, ако веќе ги имате постоечките ресурси во системот?

Како имплементацијата на циркуларната економија влијае или е поврзана со состојбата на националните економии на земјите?

Да се вратам на првобитната точка, ресурсите се главната работа, затоа што во моментот, или барем за некое време, речиси земавме здраво за готово колку ресурси имаме, само правиме и правиме дополнително, не размислувајќи за тоа дека ќе дојдеме до точка каде што ќе треба да ги повратиме ресурсите од нив самите. Така, мислам дека тоа е поврзано со економијата, бидејќи земјите се навикнати да извезуваат и увезуваат доста работи. Да можеш да управуваш со сопствените ресурси, значи да можеш да управуваш со својата економија, што значи дека ќе зависиш помалку од увозот од други места. Видовме дека со војната во Украина, размената на ресурси беше многу тешка. Мислам дека имајќи циркуларна економија и користејќи ги ресурсите кои се веќе во нашата економија, ќе немаме потреба да се потпираме на други, за да можеме да функционираме како општество.

Кои се првите чекори кон изградба на систем на циркуларна економија?

Добрите владини политики се клучни, но, свеста на потрошувачите, е исто така, важна. Зборувам од перспектива на човек од Англија каде што има нешто како Амазон Прајм, и каде што можете да нарачате што било, во секое време, а нарачката да ви пристигне следниот ден. Мислам дека се навикнавме на оваа потрошувачка економија во која секогаш можете да купувате работи и не мора да размислувате од каде доаѓаат или каде ќе завршат. Циркуларната економија бара од луѓето да размислат каде ги купуваат работите, од какви материјали се направени и во што може да се претворат. Но, исто така, можам да кажам дека добрите политики се клучни за луѓето да се осигураат дека можат да да бидат фокусирани на циркуларната економија и да знаат дека ресурсите се користат и дека можат да се пренаменат подоцна, исто така.

Која е улогата на Владата во циркуларната економија?

За многу работи, политиките и доброто владеење се клучни, особено на почеток, кога се воспоставуваат принципите. Сметам дека доколку оставиме луѓето тоа сами, природно да го сфатат, ќе биде потребно подолго време затоа што секој има различно мислење. Ако имате централната влада која ќе каже дека треба да правиме одредени работи низ целата земја, тоа им олеснува на бизнисите и поединците да речат: „Во ред, ова се случува насекаде, треба сите да се навикнеме на тоа“, наместо да им се остави избор и да речат: „Денеска чувствувам дека можам да бидам малку поодговорен за животната средина, во споредба со утре“. Клучно е воспоставување рана рамка за луѓето да се „изградат“, а исто така е важно и да се едуцираат, затоа што овие работи се мошне важни. Владата игра клучна улога во едукацијата на луѓето од мали нозе, учејќи нѐ дека треба да ги најдеме нашите ресурси и да ги користиме одговорно.

Каква е разликата помеѓу тоа како развиениот, западен свет управува со циркуларната економија, а како другите делови од светот?

Не можам да зборувам во име на сите, но мислам дека е јасно и се гледа дека колку повеќе средства има земјата, толку повеќе пари може да вложи во работи како што се управување со отпад и циркуларна економија. Кога имате земји кои се релативно сиромашни во однос на бруто домашниот производ, тие немаат многу финансии и за нив е многу потешко да ги спроведат овие практики, бидејќи за луѓето циркуларната економија можеби не е главен приоритет во моментот, како што можеби се преживувањето, добивањето храна и чиста вода, односно, да имаат доволно пари за живеење. Така што, дефинтивно, богатството на земјата е важно кога станува збор за тоа колку тие даваат во однос на ресурсите за промовирање на циркуларната економија, или, генерално, промовирање на еколошката стабилност. Одлично е ако владата има некаква идеја за тоа во која насока сака да се движат граѓаните, но, ако луѓето се борат сами и има сиромаштија, тогаш, знаете, тоа е многу потешко отколку само да се каже дека ќе рециклираме, бидејќи во многу од овие економии за почеток немате ниту добра инфраструктура за управување со отпад, следствено, доколку не можете правилно да го соберете отпадот, тоа го отежнува обидот да се спроведе што било правилно.

Кои се првите три чекори за Македонија да воспостави систем на циркуларна економија?

Број еден е рамка за управување со отпад, број два - спроведување на таа рамка, осигурување дека навистина се собира целиот отпад што е создаден и број три свест - тоа е нешто што е природно вградено кај луѓето. Речиси е тешко да им се каже на луѓето дека треба да се грижите за циркуларната економија, кога некои од луѓето можеби страдаат.

На крајот, доволно е барем да бидете отворени, да се разберете себеси како личност и да разберете што е тоа што го консумирате на дневна или годишна основа.

Како секој од нас може да придонесе за циркуларната економија?

Секој од нас може да придонесе кон циркуларната економија доколку сме свесни што е тоа што го купуваме, од каде го купуваме, што ќе се случи откако ќе завршиме со негова употреба, а исто така, најпрво, дали навистина ни треба за да го купиме. Треба да се обидеме да целиме кон нешто што е одржливо и реупотребливо, да се обидеме работите да ги искористиме повторно, да купуваме работи направени од рециклирани материјали или половни работи. Тоа е благороден начин да се оди напред.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Ангела Рајчевска
Фотограф: Дарко Андоновски