Во време кога Македонија е под силен меѓународен притисок за уставните измени, а регионот е во исчекување дали ќе го повлече европската локомотива, погледите од надвор стануваат насушна потреба за земјава да се постави на вистинските координати во геополитичките случувања кои нема да не одминат. По интервјуто со германскиот новинар и специјалист за Балканот Михаел Мартенс, донесуваме уште еден разговор, овојпат со Спирос Софос, чија истражувачка работа на Лондонската школа за економија и политички науки меѓу другото се фокусираше и на општествената несигурност, идентитетот и колективната акција, како и популизмот во Југоисточна Европа.
Тој вели дека играњето на националистичката карта од страна на бугарските елити ризикува да долее масло на огнот во регионот во време кога влезот на Северна Македонија во ЕУ би ги направил спорните прашања ирелевантни. За американските санкции или популарно наречени црни листи посочува дека можат лесно да се заобиколат од оние врз кои се применети, бидејќи тие личности сè уште можат да располагаат со своите сметки и средства во странство на име на други, и честопати таквите поединци можат да одржуваат луксузен начин на живот во нивните земји. Смета и дека Преспанскиот договор отвори врата за враќање на гласот на Македонците во Грција.
Господине Софос, важите за добар познавач на регионот бидејќи преку вашата истражувачка и академска работа анализирате голем дел од процесите. Дали го следите спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија? Дали е фер да се уценува Северна Македонија на патот кон ЕУ?
- Користењето на националистичката карта од страна на бугарските елити е дополнителна пречка што ризикува да долее масло на огнот на национализмот во регионот во време кога влезот на Северна Македонија во ЕУ би ги направил спорните прашања ирелевантни. Дозволете ми да бидам јасен: оваа уцена не само што е неправедна кон народот на Северна Македонија, туку е и обид да се држи бугарскиот електорат како заложник на традиционалните политички елити во земјата. Тоа има многу малку врска со тоа дали луѓето од другата страна на границата се чувствуваат Бугари, се Бугари, сонуваат на бугарски или во одреден момент од историјата биле Бугари. Токму тоа го прават елитите со закана низ целиот регион – се враќаат на стариот добар национализам кога ќе почувствуваат дека ја губат контролата.
Опозицијата силно се противи на вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав - што е услов за преговори за членство во ЕУ. Со оглед на тоа што сте роден и израснат во Грција, која исто така имаше турбулентна политичка историја, која е вашата порака до Скопје по тоа прашање?
- Тешко е да се делат лекции. Можам да кажам само една работа. Опозицијата просперираше во моменти на националистички тензии. Го искористи и го влоши спорот со Грција за да ја задржи својата контрола над земјата и нејзините ресурси, и на крајот ја напушти власта речиси банкротирајќи ја земјата. Не сугерирам дека не е променета и дека пак ќе го направи истото. Сепак, верувам дека националистички рефлекси се длабоко вкоренети во психата на ВМРО-ДПМНЕ и понекогаш ја попречуваат да заземе политички конструктивен став. Постоењето и просперитетот на Северна Македонија можат подобро да се реализираат во рамките на Европската унија (иако ЕУ во никој случај не е решение за сите проблеми, далеку од тоа).
Егзистенцијата и благосостојбата на луѓето во земјата зависат од инвестиции, отворени граници и можности за соработка со европските сојузници на Македонија. Не можам да шпекулирам каков треба да биде оптималниот одговор на бугарскиот притисок на кој било друг начин освен да се нагласи дека Северна Македонија веќе ја има вградено во својот Устав својата неверојатна и силна културна, верска и етничка разновидност и таа не настрада од тоа. Препознавањето на различноста е сила само по себе бидејќи ги намалува тензиите што може да ги предизвика нејзиното потиснување, и во сегашната ситуација, може да го отвори патот за членство на земјата во ЕУ. Бугарските националистички елити се тие што имаат повеќе да изгубат на подолг рок со некаков компромис (кој што ќе ја одразува политичката реалност на теренот бидејќи има Македонци во Северна Македонија кои имаат афинитети кон Бугарија), што нема да влијае на кохерентноста на Северна Македонија и ќе ги замолчи бугарските националисти. Но, би сакал да видам ЕУ да усвои поактивна и поконструктивна улога во овој процес.
Преспанскиот договор е пресврт
Северна Македонија и Грција го склучија познатиот Преспански договор, со кој се стави крај на тридецениското „непријателство“. Какви се Вашите оцени пет години по тој Договор?
- Бев многу среќен што ги видов Северна Македонија и Грција како наоѓаат решение (колку и да е несовршено) за нивниот спор. Сметам дека тоа ги зајакна односите меѓу двете земји и општествата, иако го сметам за прв чекор во многу чекори што треба да се преземат. Но би сакал и да додадам дека јас бев критички поддржувач на договорот. Сфаќам дека тоа беше дете на компромис и како таков беше критикуван од двете страни. Сепак, мислам дека Договорот од Преспа ги подобри односите меѓу двете земји и, и покрај првобитното противење на сегашната партија на власт во Грција, среќен сум што гледам дека Грција продолжува со имплементацијата на договорот. Вистина, договорот дава можности да се направи многу повеќе во прекуграничната соработка и поблиска и подлабока соработка на толку многу полиња, и затоа двете земји треба да направат многу повеќе за да се интегрираат и да обезбедат подобра иднина за своите граѓани.
Грција не се спротивстави на регистрацијата на невладината организација Центар за македонски јазик во Лерин – потег што во Северна Македонија е дочекан со одобрување и поздравување. Кои други придобивки може да се очекуваат од Преспанскиот договор?
- Мислам дека ќе има процес на „нормализација“ на положбата на грчките граѓани кои се идентификуваат како Македонци – со ова мислам на подобрување на условите што ќе им овозможат да добијат глас, застапеност, градење институции и да станат дел од главните збиднувања и процеси. Досега сме виделе мали чекори и ќе продолжиме да гледаме мали чекори. Интересно е дека овие чекори не се директни исходи од договорот од Преспа, туку од позитивната клима создадена од тој договор. На патот претстојат трнливи прашања – правото на етничките Македонци од грчко потекло да добијат пристап до имотите, па дури и да можат да ги посетат своите села и градови. Но, само позитивната клима што ја имаме сега може да го отвори патот за ова.
Дали гледате иднина за Западен Балкан?
- Гледам мешана слика. Во целиот регион постојат општествени сили кои гледаат кон иднината со позитивна визија, но има кругови со интереси за одржување на корупцијата, непотизмот, поттикнувањето на национализмот и уште полошо, овие сили имаат силна контрола врз големи сегменти од населението - оние кои се плашат од промени, или оние кои се подложни на ксенофобични дискурси и на плашење за уништување на традицијата и распаѓање на семејните вредности. Различните резултати на претседателските и парламентарните избори во Црна Гора, скромните резултати на прогресивни сили направени на локалните избори во Србија против многу конзервативен политички систем, протестите против Вучиќ и неговите сојузници, политичкиот ќорсокак во Босна или актуелната бугарска коалициска влада ја демонстрираат поделбата низ регионот.
Се добива впечаток дека меѓународната заедница се врти во круг кога управува со кризата меѓу Косово и Србија. Зошто, и покрај сите напори, резултатот изостана?
- Западната дипломатија, по интервенцијата предводена од САД во Косово, го гледа Косово повеќе како проблем отколку како потенцијална успешна приказна. Западните дипломати и миротворци не се осмелија да охрабруваат дијалог и соработка меѓу косовските Албанци и Срби и да најдат соговорници кои би биле спремни да се ангажираат со нив и едни со други. Тогаш се случи војната во Украина која ја натера Европската унија да сфати дека не трасира патишта во Западен Балкан во смисла на градење доверба, обезбедување визија и поддршка на прогресивните сили. Се прибегна кон решение да се смират силите кои беа скептични или непријателски настроени кон европската интеграција за да се намали влијанието на Русија во регионот. Но ова е тешко одржливо решение бидејќи статус квото во регионот поттикнува нееднаквост, непотизам, корупција и продолжување на хроничните проблеми во регионот.
Санкциите на САД се заобиколуваат
Зошто корупцијата стана силна карактеристика на балканскиот регион? Освен за земјите од таканаречениот Западен Балкан, мислам и на членките на ЕУ, Бугарија, Грција и Хрватска. Што е тоа што ја прави климата толку погодна за корупција?
- Во многу од овие земји, формата на либерална демократија беше присвоена или злоупотребена од етаблирани елити за да извлечат корист за себе и да присвојат ресурси кои треба да им припаѓаат на сите. Мислам дека она што е потребно во регионот е силно граѓанско општество кое ќе бара одговорност од политичките елити. Ни треба продлабочување на нашите демократии и ова е долг и тежок процес.
Дали американската црна листа на која од скоро се најдоа моќен градоначалник од Македонија и близок соработник на Вучиќ во Србија, може да помогне во борбата против корупцијата во регионот?
- Видовме дека таквите санкции можат лесно да се заобиколат од оние врз кои беа применети, бидејќи тие сè уште можат да располагаат со своите сметки и средства во странство на име на други и честопати таквите поединци можат да одржуваат луксузен начин на живот во нивните земји. Главната функција на црната листа е симболична, иако сè повеќе американското Министерство за финансии и другите финансиски институции ги усовршуваат своите црни листи правејќи ги поефективни. Она што мислам дека треба да се надоврзе на тие листи е поддршката од оние групи, организации и поединци кои се борат против корупцијата и нивно дејствување за поголема транспарентност и правда.
Важите и за добар познавач и истражувач на процесите во Турција. Зошто претседателот Ердоган е толку моќна фигура - го преживеа воениот удар, големиот земјотрес кој однесе многу животи меѓу другото поради хаосот во градежни стандарди, како и рекордната инфлација која достигна и до 70 проценти?
- Ердоган е производ на неговото време, и неговото издигнување претставува факторизација на дел од турското општество кој беше маргинализиран од она што ние го нарекуваме Кемалистички систем. Тоа не се само религиозните Турци, туку и руралните сиромашни, урбаните сиромашни внатрешни мигранти, оние кои прифаќаат ниски работни места за да го одржат начинот на живот на голем попривилегиран дел од општеството. Овие луѓе беа игнорирани. Тие имаа мал пристап до образование, можности за работа и политичко претставување. Ердоган успеа да ги мобилизира нивните стравови од враќање на политичката ситуација пред неговото доаѓање на власт и нивните аспирации за добар живот и да ги убеди дека под него ќе продолжат да работат релативно добро и да бидат слушнати. Сè додека таквите нееднаквости продолжат да постојат во турското општество и ја хранат политичката поларизација на Турција, Ердоган ќе напредува.
Новинарка: Соња Крамарска