fbpx

Како да се спречи поголемо крвопролевање меѓу Русија и Украина

м -р Тимурленк Чековиќ

Политика

15.12.21

Прегледи

Тимурленк Чековиќ

Timurlenk Cekovic 400x500

Најповолно решение во овој миг е Зеленски и Путин да седнат на директни преговори и да ги споделат „црвените линии“. Во спротивно, можниот воен судир од поголем обем ќе го дестабилизира поширокиот дел на регионот и Европа и ќе има разорни последици по глобалниот мир и безбедност.

 

Руско-украинската хибридна војна започна во февруари 2014 година, и од почеток вклучуваше недржавни актери. Со самопрогласувањето на Доњeцк за народна Република и Анексијата на Крим, на некој начин се озваничи таа војна и освојувачкиот поход на Русија врз независна Украина.

Украинците и од минатото важеле за храбар и борбен народ, козаци од Запорожје, кој нема лесно да се предаде на освојувачките политики на голема сила како што е Русија, а духовите од минатото само ги зголемија сомнежите за оживување на СССР, па и на славното минато на Царска Русија.

Мобилизацијата на руските трупи покрај украинската граница последните месеци сѐ повеќе ги подрива надежите за мир и на одржувањето на примирјето потпишано во Минск во 2015 година под покровителство на ОБСЕ.

Геополитички судир

Русија од своја страна, веќе не крие дека најмалку 70 000 војници се во близина на украинската граница спремни да се спротивстават на Украина, доколку „ескалира“ состојбата, односно доколку Украина се обиде да ги поврати териториите кои ги загуби изминатите години.

Концентрацијата на НАТО-трупите во Црното Море, воените вежби во близина на украинската граница, мигрантската криза на полската граница со Белорусија, санкциите врз Белорусија се само спирала на настани кои претходеа минатата година и кои водат во еден непосакуван правец. Американскиот политички научник Семјуел Хантингтон во своето дело „Судирот на цивилизациите“ ја класифицира Украина како „расцепена земја“.

Тој одбива да прифати дека западната цивилизација ќе дозволи „крвав долгогодишен судир“, туку дека истиот ќе биде менаџиран од цивилизациски принципи. И навистина, делот од Украина, Крим, де факто се припои со референдум кон Русија, а со референдумот во Доњецк се изгуби влијанието на Украина врз истокот на државата. Но, Хантингтон прогнозираше дека доколку цивилизацијата има клучна улога тогаш нема да има насилства меѓу Украинците и Русите. Настаните во изминатите години ја оспоруваат оваа негова прогноза, а од друга страна покажуваат дека судир е можен помеѓу Украинците и Русите.

Денес, со сигурност може да се каже дека станува збор за беспоштедна борба за територија во која досега се загубени најмалку 15.000 животи, додека два милиони се раселени. Таа војна е обликувана од геополитичките интереси и сфери на влијанија каде Русија има намера да осигура поголема тампон-зона преку руското население во Украина, додека САД имаат намера да спречат ширењето на руското влијание користејќи ја положбата на Украина.

Линијата на поделба е и помеѓу истокот и западот на Украина, рурална Украина која зборува руски и урбаната Украина која зборува украински. Политички е поделена меѓу „Мајден-Украина“ и „Антимајден-Украина“. Поделбата се протега по линијата Уман - Харков, односно помеѓу шумските области и степите. Во 18. век степата - која некогаш била коридор за номадските народи - станала гранична територија за Украинците, а потоа и на Царска Русија.

Руските врски со градовите во регионот дополнително се зајакнаа со индустријализацијата во 19. и 20. век со русификација на украинските степи. Политичката елита на Украина не успеа да го реши проблемот на соодветен начин. Неодамнешната ескалација на конфликтот се должи на недостатокот на политичка кохезија во младата држава и гравитациониот ефект на големите сили, а не само на некаква цивилизациска разлика.

Рускиот блицкриг во најава

На 10 ноември, американскиот државен секретар Ентони Блинкен јавно ја предупреди Русија да не прави „сериозна грешка“ со ескалација преку војна против Украина. Украина во последните седум години стана и тест полигон во кој се употребуваат и современи видови оружје, дронови, опрема за набљудување и следење, сајбернапади, тактики и хибридни дејства досега незабележани од Втората светска војна.

Тенковските, артилериските и рововските битки покажаа кои се новите предизвици со кои се соочува секој војник на боиште. Украинската армија, иако воено и технички заостанува зад Русија, се надева на моралот на нејзиниот војник, кој сепак е голем чинител во секој конфликт. Но, според информациите, Украинската армија во голем дел ја има подобрено борбената подготвеност и е на 25-тото место во светот според арсеналот кој го поседува.

Kako da se spreci pogolemo krvoprolevanje megu Rusija i UkrainaИзвор: shutterstock.com

Покрај воената, Украина забележува и економски и политички подобрена клима во борбата против корупцијата. Руската мека моќ од 2014 година вроди со неуспех и само еден од десет гласачи сега поддржува проруска политика. Кремљ засега не гледа друг начин освен воено да ја врати Украина под своја сфера на влијание. Областите кои се сега под руско влијание станаа празни градови на духови, со скоро никаква можност за развој. Не постојат слободни медиуми ниту на Кримскиот Полуостров, а скршен е секој отпор и поинаквото мислење, особено од малцинските кримски Татари. Крим воедно станува огромна воена база која треба да го брани „рускиот свет“ од НАТО и Западот.

Алтернативно, доколку би се разгорела голема војна во регионот на Црното Море наместо во западниот дел на Русија, задачата на моболизираните руски единици ќе биде да навлезат во Украина од север, претежно преку Белорусија. Русија во тоа сценарио ќе се обиде брзо да го отсече Киев од какво било засилување и ќе заземе позиции на западниот брег на реката Дњепар, која минува низ главниот град и ја преполовува Украина.

За ваков блицкриг е доволно да се наведе како причина непочитување на Договорот од Минск, а тој е веќе прекршен голем број пати од сите вмешани страни во конфликтот. Во Крим е веќе евидентно трупањето на тенкови и формирање на нови бази, додека во руската Ростовска област близу Украина се забележани десетици транспортни авиони спремни за десант со пешадија и воени оклопни транспортери.

НАТО-поддршката на Украина

Во Украина драстично е зголемена поддршката за НАТО, но Украинците се свесни дека НАТО под овие околности нема воено да се ангажира. Тоа што е потребно за да се одврати Русија не е само смирување на тензиите, туку и силна поддршка за Украина, како во однос на подобрените одбранбени капацитети, така и нови и поболни санкции кон Русија. Но, дали е можно Украина во стилот на хрватската „Олуја“ или азарбејџанската повеќенеделна војна во Нагорно-Карабах да си ги поврати своите изгубени територии е голем прашалник.

Можеби и затоа се 6-те Бајрактар дронови кои Украина ги набави од Турција, а уште дузина други се планирани за нарачка во 2022 година. Поради набавка на НАТО-оружје и опрема, Русија побара од НАТО да ја поништи обврската за приклучување на Украина и Грузија и ветувањето дека тие еден ден ќе станат членки. Според руската одбранбена стратегија, Алијансата треба да вети дека нема да распоредува оружје во земјите кои граничат со Русија, што може да ја загрози нејзината безбедност.

Колку е сериозна состојбата говори и фактот што рускиот заменик министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, сугерираше дека тензиите околу Украина може да се претворат во реприза на кубанската ракетна криза од 1962 година, кога Советскиот Сојуз и САД беа на работ на нуклеарна војна. Русија во меѓувреме го прекина мониторингот на границите од страна на ОБСЕ, што се опишува како јасно прекршување на протоколите од Минск.

Како единствена надеж во овој тунел е последниот состанок помеѓу Бајден и Путин чии резултати според агендата треба да бидат видливи дури после неколку месеци. Но, додека американските власти ги информираа сојузниците во НАТО за заканата од руска инвазија, украинските власти веруваат дека Кремљ е фокусиран на пошироки напори за дестабилизација на земјите од ЕУ и НАТО.

Напорите за дестабилизација вклучуваат пораст на светските цени на природниот гас и ограничување на снабдувањето, создавање вознемиреност во некои европски земји дека имаат доволно плин за зимата и општо незадоволство помеѓу граѓаните поради повисоките сметки за греење на домовите. Сепак, НАТО нема да може воено да интервенира, ниту може долгорочно да ја спречи инфилтрацијата на руските воени сили во Украина.

На крај останува да се послуша мислењето на обичните Украинци. Според анкетите, повеќе од 50% од Украинците веруваат дека Украина треба да води директни преговори со Русија за решавање на конфликтот во Источна Украина - и тоа се резултатите од истражувањето на истражувачката група „Рејтинг“, спроведено во декември оваа година.

Можеби најповолно решение во овој миг е Зеленски и Путин да седнат на директни преговори и да си ги образложат „црвените линии“. Доколку во наредниот период не дојде до тоа, за стравување е дека е можен воен судир од поголем обем со кој може да се дестабилизира поширокиот дел на регионот и Европа и да има несогледиви последици по глобалниот мир и безбедност.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

м -р Тимурленк Чековиќ

Тимурленк Чековиќ магистрирал кризен менаџмент на Воената Академија во Скопје. Истражува за влијанијата на глобалните закани и безбедност. Заинтересиран е да пишува и споделува новости во технологијата, глобалните промени и настани. Посветува интерес во геопросторно разузнавање и технолошки напредок, како и етички вредности и историја. Има активен блог и е автор на неколку книги, академски статии и истражувања. Моментално е вработен како инспектор во Граничната полиција.