fbpx

Тајните за прислушкувањето

Предраг Тасевски

Јавен интерес

19.10.15

Прегледи

м-р Предраг Тасевски

predrag tasevskiOд почетокот на годината, поточно од 9 февруари до денес, граѓаните се опседнати со аудио-снимките од прислушкуваните телефонски разговори и транскриптите од таканаречените „бомби“ кои ги објави опозицијата на своите прес-конференции. Станува збор за вкупно 36 „бомби“ кои се достапни на веб страницата на ПРИЗМА - Проект за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор. Скандалот предизвика политичка криза, чија разрешница по Договорот од Пржино и формирањето на специјалното обвинителство треба да ги открие и вистинските виновници за неовластеното прислушкување.

Етимологија, начини и техники на прислушкувањe

Според етимологијата, глаголот прислушкува во нашиот речник е дефиниран со две значења: (1) насочува внимание, се обидува нешто да слушне и (2) тајно слушање или прислушкување туѓи/приватни разговори со помош на апарати. Значи, ако пораката јавно се емитува во етерот, преку Интернет или во друга форма, според дефиницијата тоа не се смета за прислушкување.

Кај нас „бомбите“ се однесуваат на тајно слушање и запишување туѓи разговори без дозвола на институциите и без информирање на државните органи. Истовремено, според опозицискиот СДСМ прислушкувани биле над 20.000 граѓани. Ако се има предвид дека вкупниот број на население на РМ заклучно со 31.12.2014, според Државниот завод за статистика изнесува 2 069 172, тоа значи дека речиси 1 отсто од населението во нашата држава било прислушкувано.

Начини и техники за прислушкување има многу. Најчесто се спроведува прислушкување преку фиксните и мобилните телефонски линии, СМС пораките, VoIP, електронското сандаче, инстант пораките, социјалните мрежи, прелистувачот (browser) итн. Технички, прислушкувањето е изводливо преку инфекции на комуникациски софтвер или хардвер или со вметнување малициозен код, како што е тројански вирус, за која институциите или организациите немаат сознание.

Првиот начин на прислушкување им дозволува на институциите да вршат контрола во интерес на државната безбедност според прописите и дефинираните начини во законите и легислативата. Додека вториот начин е криминално дејство.

foto pap

Извор: Cardinals in the Vatican, by Henri AdolpheLaissement, 1895.

Скандали

Историски, прислушкувањето не е ново за Македонија и за соседните земји, но и за Европа и за светот.

Првиот скандал со прислушкување во Македонија датира од 2000 година, т.н. афера „Големото уво“ која ја откри лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, кој објави транскрипти од прислушкувани разговори од новинари, политичари и дипломати. Вештачењето што беше направено во 2001 година покажа дека МВР и Македонски телекомуникации имале соодветна опрема за прислушкување. Аферата доби каква-таква правна разрешница две години подоцна кога скопското обвинителство поднесе обвинение против екс министерката за внатрешни работи Доста Димовска дека го нарачала прислушкувањето и против началникот на управата за оперативна техника во МВР, Александар Цветков, кој наводно ја извршил наредбата. Но, тогашниот претседател Борис Трајковски ги аболицираше и двајцата, изземајќи ги од обвинение, со што постапката беше запрена. Дополнително, во средината на 2007 година аферата доби судска разрешница во која секој од 17-те македонски новинари, чии телефони биле прислушкувани од МВР добија по шест илјади евра отштета.

Еден од најголемите скандали на прислушкување на Балканот датира од 2004 година во Грција. Тој е познат по името „Грчкиот случај на прислушување 2004-2005“, наречен и грчки Вотергејт. Во случајот нелегално се прислушкувани членови на грчката влада и топ-ранг државни службеници, односно повеќе од 100 мобилни телефони во мрежата на „Водафон Грција“. Прислушкувањето почнало на почетокот на август 2004 година, а завршило во март 2005 година без откривање на идентитетот на сторителите. Притоа, треба да се има предвид дека опремата на „Водафон Грција“ е базирана на решенија од компанијата „Ериксон“ во која на 4 март 2005 година по извршена ревизија на комуникацискиот систем е пронајден малициозен код вметнат во Ериксон AXE прекинувачи (илустративно прикажано на Cyptome.org). Завршницата на овој случај е следната:„ Водафон Грција“ во декември 2006 година била казнета со 76 милиони евра од страна на Управата за заштита на приватноста на комуникациите, на 19 октомври следната година повторно била казнета со дополнителни 19 милиони евра за наводно кршење на правилата за приватност, и на крајот, во 2011 година се појавија нови докази дека всушност американската амбасада во Атина стоела зад телефонското прислушкување.

Кај северниот сосед Србија кон крајот на 2012 година излезе скандалот за прислушкување кој резултира со конфликт помеѓу тогашниот претседател и премиерот на Србија. Разрешницата се уште не е позната. Во текот на оваа година повеќе медиуми во самостојно истражување докажуваат дека вработените во Владата на Србија не се свесни за нелегалното прислушкување на нивните разговори од страна на нелегални базни станици поставени низ Белград. Поточно, станува збор за технологија наречена IMSI-catcher која се користи за следење на мобилниот телефонски сообраќај и на движењето на корисниците.

Малку подоцна, во 2013 година Бугарија подигна обвинение против поранешен министер за внатрешни работи вмешан во скандал со прислушкување. Скандалот наречен „бугарски Вотергејт“ имал за цел нелегално прислушкување на политичари и бизнисмени. За жал, скандалот сѐ уште талка во бирократски лавиринти и нема  разрешница.

Вон границите на Балканот може да забележиме дека масовното прислушување се случува и во САД, како и во други земји од светот. Датира од крајот на 1791 година и трае до денешен ден, што хронолошки прецизно го прикажуваат Electronic Frontier Foundation и ProPublica. Последните клучни настани поврзани со прислушкување се американската програма PRISM, по јавното објавување на Едвард Сноуден. Во едно од моите интервјуа за „Нова Македонија“ потенцирам дека Сноуден помогна за масовно будење на свеста. Имено, САД ги прислушкувале сите земји членки на Европската унија и други држави.

Закони и институции за следење на комуникациите

Македонското законодавство го регулира следењето и прислушувањето на комуникациите во неколку закони, наведени и опширно анализирани во Надзор на следењето на комуникациите во Македонија „Правејќи го невозможното возможно“ од Аналитика:

•    Закон за следење на комуникациите,
•   Закон за електронските комуникации и
•    Закон за кривичната постапка.

Наведените закони претрпеа важни измени во последните неколку години. Како на пример, Законот за кривичната постапка ја обезбедува генералната рамка, додека поконкретни одредби можат да се најдат во Законот за следење на комуникациите. Заклучно, со последните измени од крајот на 2013 година, Јавниот обвинител е главната личност кој може да поднесе барање за одобрување на следењето на комуникациите до надлежниот суд и воедно игра главна улога во целата процедура.

Постојат четири институции за примена на ваквите мерки, како што се: Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Финансиската полиција и Царинската управа. Еден од најважните актери во смисла на надлежности и капацитет е Министерството за внатрешни работи.

Инаку, прислушкувањето и следењето на комуникациите е битна повреда на приватноста и на слободите и правата на граѓанинот кои се регулирани со членовите 17 и 19 на Уставот на РМ. Заштитата на приватноста како начело е вградена во повеќе закони, почнувајќи од Законот за заштита на личните податоци, кој е усогласен со важечките европски директиви, а во согласност со кои личните податоци на граѓаните може да бидат обработувани само врз основа на закон, за конкретно дефинирана цел што ја оправдува обработката и во точно определен рок, по истекот на кој, обработката треба да престане. Кривичниот законик експлицитно забранува неовластено прислушување и снимање (член 151 и 152) и пропишува затворски казни до три години. Од друга страна, Европската комисија, во Извештајот за напредокот за 2014 година, укажа дека е потребно дополнително прилагодување на законите во различни сектори за да се усогласат со европските регулативи за заштита на личните податоци.

Што да очекуваме?

Многу често ваквите скандали не добиваат разрешница. Опозицискиот СДСМ кај нас ја обвини власта дека прислушкувањето се одвивало во МВР, во период од 2008 со опремата за следење на комуникациите во надлежната Петта управа на Управата за безбдност и контраразузнавање, со која раководел Горан Груевски, по наредба на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, додека корисник на информациите наводно бил премиерот Никола Груевски, за што СДСМ поднесе и кривични пријави. Власта, пак, покрена судски процес под името „Пуч“ против лидерот на опозицијата Зоран Заев и екс директорот на УБК Зоран Верушевски, дека по нивни налог и во интерес на неименувана странска служба, двајца оперативци на УБК, од кои едниот подоцна го признал делото и се спогоди со обвинителот на казна затвор од три години, во континуиран период од повеќе години со опремата на МВР прислушувале државни функционери, бизнисмени, политичари, новинари, дипломати и сл.

По постигнатиот политички договор во Пржино, скандалот со прислушувањето му е предаден на специјалниот обвинител и се очекува конечна разрешница. Во истрагата на специјалниот обвинител треба да се утврди и евентуалниот број прислушкувани граѓани. Специјалната комисија за надзор над безбедносните служби во Собранието, која допрва треба да се формира, треба да изврши анализа и надзор на досегашното работење на главните институции (МВР и ДБК) за примена на мерките за следење на комуникациите и да обезбеди нивна независна контрола.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате

Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на проектот ниту на Институтот за комуникациски студии

Предраг Тасевски

Предраг Тасевски е магистер по инженерство во областа на кибернетичката безбедност. Се стекнал со пост-магистериум во безбедноста во компјутерски системи и комуникации на елитна школа во Франција и има добиено повеќе меѓународни сертификати. Неговите истражувачки интереси се во областа на кибернетичката безбедност, интернет одбраната, сајбер ризикот и социо-техничките аспекти. Тој е автор на две книги, има објавено повеќе статии  и научни трудови во Македонија и во странство.