Промена на изборниот модел - шанса за малите партии

Ивана Туфегџиќ

ivana tufegdzicПоради неможноста да се постигне политичка согласност за една изборна единица без изборен праг, шансата на малите партии е во промена на методот на пресметка на пратеничките места според освоените гласови. Сент Лагеовиот систем, за разлика од Донтовиот метод кој се применува кај нас, ги фаворизира малите партии и ги мотивира граѓаните помасовно да учествуваат во изборниот процес.

Изминативе месеци во јавноста беше покрената дебата дали ни е потребна промена на изборниот модел. Почетокот на преговорите по потпишувањето на Договорот од Пржино го наметна ова прашање, по што партиите започнаа со лицитација на предлози. Малите партии кои се вон овие преговори предлагаа да се задржи пропорционалниот систем, но наместо во шест, да се гласа во една изборна единица и да се прифати модел на отворени листи, за да можат сами да настапат на изборите.

И опозицискиот СДСМ се залагаше за ваква промена, додека, пак, владеачката ВМРО-ДПМНЕ предлагаше мнозински изборен модел со бонус од 17 пратеници за победничката партија. Очигледно, спротивставените барања влијаеа конечно да нема промени на изборниот модел – останаа пропорционалниот систем и шесте изборни единици - освен при гласањето на дијаспората, кое сега ќе се одвива во една изборна единица, наместо како досега, во три.

Како и да е, расправата за начинот на избор на претставници на граѓаните во Собранието со тоа не запира, и сепак може да се направи осврт на она што би требало да се промени во полза на малите политички партии кои се осакатени од постоечкиот изборен модел.

Изборни модели во РМ

Во Република Македонија од 1990 година до денес изборниот модел е менуван три пати. Во 1990-та е користен мнозински систем, кој доведе до нестабилност при формирањето влада и појава на многу политички партии. Во 1998 година, пак, користен е комбиниран изборен систем, мнозински и пропорционален, според принципот - 85 пратенички места по мнозински и 35 по пропорционален, за од 2002 година до денес да се користи пропорционален изборен модел во шест изборни единици со Донтов метод на пресметка на освоените пратенички места.

И двата изборни модели, мнозинскиот и пропорционалниот, имаат свои предности и слабости. Така, на пример, мнозинскиот, кој се применува во Велика Британија, по првите парламентарни избори во 1990-та, во Македонија создаде нестабилност на политичкиот систем и појава на многу политички партии. Изборниот модел, но и фактот што ВМРО-ДПМНЕ и останатите политички партии на Македонците се плашеа од коалиција со партијата на Албанците (ПДП), доведе до неможност за избор на политичка коалициона влада, поради што беше избрана т.н. експертска влада со консензус на повеќе политички партии. Пропорционалниот модел, пак, кој нуди простор за малите политички партии и пофер распределба на мандатите, кај нас ги зацврсти позициите на двете партии – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, односно на четирите најголеми политички партии - заедно со двете партии на Албанците – ДУИ и ДПА.

Зошто се случи ова?

Главната причина, според малите политички партии, но и според теоретичарите на изборните системи, е поделбата на Македонија во шест изборни единици, поради што тие се залагаа за една изборна единица. Но, она што е многу важно да се напомене е дека на преговарачката маса за промена на изборниот модел, според сознанијата од преговарачките тимови на партиите, бил предложен праг од 4 отсто освоени гласови, што во зависност од големината на избиричакиот список – 1,6 – 1,7 милиони гласачи, би ги елиминирал сите партии што би освоиле под 60 - 70 илјади гласови, што за мнозинството мали политички партии во Македонија е недостижен резултат.

Токму затоа, поради неможноста да се постигне политичка согласност за една изборна единица со низок (2 отсто и помалку) или без изборен праг, шансата на малите партии е во промена на методот на пресметка на пратеничките места.

Донтовиот метод ги фаворизира големите политички партии

Донтовиот метод во теоријата на изборните системи и методи на пресметка, кој се применува во Македонија, важи за еден од најточните методи по кои се распределуваат пратеничките места. Методот се користи со најголем количник. Делењето на мандатите почнува од 1, 2, 3, 4, 5.. и кај нас се до 20.

Проблемот на овој метод на пресметка е тоа што ги фаворизира големите партии и со тоа простор за мали партии практично и да нема. Затоа кај нас малите партии се приврзоци на големите - принудени се на предизборна коалиција за да стигнат до пратеничко место. Дополнително, Донтовиот метод предизвикува голем број изгубени и пропаднати гласови, кои не се претвораат во мандати. Поради тоа, гласачите на малите политички партии кои решиле да настапат сами на изборите речиси никогаш не стигнуваат до свој претставник во Собранието.

Сент Лагеов метод - формула за малите политички партии

Сент Лагеовиот метод, пак, наместо делители во серија 1, 2, 3, 4 користи систем на делители на непарни броеви, односно 1, 3, 5, 7, 9 со што им се намалува просторот на големите партии да добијат повеќе пратенички места. Гласањето останува исто – пропорционален модел, односно се гласа за партиски листи, но за да стигнат до еднаков број мандати како со Донтовиот метод, со овој метод на пресметка на гласовите, големите партии треба да освојат поголем број гласови на прво место.

За да се добие појасна слика како Сент Лагеовиот систем на пресметка влијае на освоените пратенички места за малите партии, според овој метод пресметав како би изгледало Собранието по резултатите од изборите во 2011 година. Овие резултати ги зедов предвид затоа што опозицијата ги оспори резултатите од предвремените парламентарни избори во 2014-та поради изборни нерегуларности. Натаму, поради највисокиот број освоени гласови, како и заради застапеност на партии од македонскиот и од албанскиот партиски блок, за пресметување ги зедов предвид резултатите што ги освоија седум политички партии - ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ДПА, ВМРО-НП, Обединети за Македонија и НДП. Пресметката е направена на постоечките шест изборни единици, без изборен праг, со исклучок на изборните единици во дијаспората. Поради тоа, ВМРО-ДПМНЕ има три пратеници помалку (50 наместо 53).

Табела: Сент Лагеовиот систем на пресметка
на резултатите од изборите од 2011 година
ПАРТИЈА БРОЈ НА ГЛАСОВИ ДОНТОВ МОДЕЛ СЕНТ ЛАГЕОВ МОДЕЛ

ВМРО-ДПМНЕ

438.138

50

47

СДСМ

368.496

42

43

ДУИ

115.092

15

15

ДПА

66.315

8

9

ВМРО-НП

28.217

0

3

НДП

29.996

0

3

ОМ

17.081

0

0

Извор: авторот на текстот

Најважната разлика е тоа што наместо ниту едно пратеничко место, според Сент Лагеовиот систем, ВМРО-НП би добила 3 пратенички места, додека НДП исто така би добила 3 мандати во Собранието.

Овој изборен модел е применлив и на една изборна единица, но притоа партиите мора да се исклучително претпазливи при предлагањето на изборниот праг, затоа што високите изборни прагови како оној кој бил предложен на преговарачката маса се само уште еден ѕид за малите партии, кои во таква ситуација повторно би останале приврзоци на големите.

Изборниот модел - предуслов за демократија

Малите партии кои немаат ниту еден претставник во Собранието со овој метод на пресметка би стигнале до доволен број места за да добијат дури и клучна улога при составувањето на Владата.

Уште едeн аргумент кој оди во полза на Сент Лагеовиот метод е што нема да бидат изгубени над 75.000 гласови на граѓаните, кои со Донтовиот систем се пропаднати и непретставени. Оваа бројка е многу поголема доколку се соберат гласовите на сите мали партии кои се натпреваруваа на изборите 2011-та и не успеаја да влезат во Собранието.

Со Сент Лагеовиот метод малите партии би биле мотивирани да излезат на избори самостојно, со своја програма, наместо под закрила на големите политички партии, но и граѓаните, кои се разочарани од доминантните политички партии, а немаат друг избор, би добиле дополнителен мотив да излезат на избори. Овој изборен систем се користи за пресметка на гласовите во земји со помало искуство на изборна демократија, како што се Босна и Херцеговина, Ирак, Косово, Латвија, но и во држави со големо демократско изборно искуство како што се Нов Зеланд, Норвешка, Шведска и Германија.

Дебатата за промена на изборниот модел и систем на пресметка на гласовите е неопходно да продолжи без оглед на тоа што ова прашање веќе не е тема на преговорите за исполнување на Договорот од Пржино. Изборниот модел е нужен предуслов за демократизација и развој на парламентарната демократија. Кога Собранието станува гласачка машина и наместо да ја контролира Владата, се случува обратното - Владата го контролира Собранието, тоа значи дека дошло време за малите партии, граѓаните, медиумите и граѓанските организации да вршат силен притисок врз доминантните политички партии за промена на изборниот систем.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате

Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на проектот ниту на Институтот за комуникациски студии

Буџетска транспаретност – сон или јаве?
Само со автономен универзитет до демократија
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 23 Февруари 2018
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: