Политички и правни претпоставки за специјално одделение во кривичниот суд

Драган Малиновски

dragan malinovski1Kривичниот суд, кој безрезервно прифаќаше се` што беше побарано од Јавното обвинителство, премина во другата крајност во односот кон новосоздаденото СЈО одбивајќи ги сите негови барања. Кривичниот суд дури оспоруваше и надлежности на СЈО, прашање за кое тој воопшто нема надлежност. За да се овозможи кредибилен процес низ кој би се процесуирале предметите кои се од надлежност на СЈО, мора да се воспостави специјализирано одделение во Кривичниот суд.

 

 

Евидентно е дека Република Македонија ја живее најкомплексната политичка криза од своето осамостојување. Причините за актуелната состојба се лоцираат во повеќе фактори (слаб институционален капацитет, застој во демократските процеси и сл.), при што во почетоците на кризата земјата се покажа со слаб имунитет, не успевајќи да ги надмине првите симптоми, за да денес бидеме соочени со состојба на безизлезност, заглавени во политичките и правни лавиринти.

Ако се навлезе подлабоко во генезата на кризата, веројатно ќе се дојде и до констатацијата дека таа всушност преставува една природна последица на состојбите во општеството подолг период наназад. Таа е еден вид скрама, која исплива на површината на лонецот, во кој со години се крчкаат погрешни политики, кога партиските интереси ги разорија институциите до ниво на елементарна нефункционалност, а од истите причини правосудниот систем колабираше во немоќта да се справи со сериозниот предизвик.

Она што во пролетта 2015 година беше детектирано во извештајот на групата независни експерти за системски прашања за владеењето на правото, предводена од пензионираниот директор во Европската комисија, Рајнхард Прибе, каде се посочува дека нашето судство нема капацитет за независно и непристрасно третирање на случаи со политичка димензија, само се потврди со случувањата кои се одвиваа во наредниот период. Формирањето на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) беше сигнал за мобилизација на сите институции и тела, во насока за опструкција на неговата работа. Тоа е толку очигледно, и токму затоа, буквално во секоја изјава на меѓународните претставници, нашите власти се повикуваат да му овозможат на СЈО услови за нормална работа.

Веќе со првите поднесоци, упатени од страна на СЈО кон кривичниот суд, стана јасно дека судот ќе биде тесното грло на правната разрешница, низ кое нема да може да минат предметите кои се оформуваат од СЈО, а во кои се сомничат лица од актуелната власт. Дека перцепцијата за тоа дека нашето правосудство е жестоко стегнато во канџите на власта не е без основ, говорат многу факти. Така, доколку се погледнат годишните извештаи на Јавното обвинителство на Република Македонија за 2012, 2013 и 2014 година, ќе забележиме многу апсурдни податоци, но кои точно ја илустрираат нераскинливата врска на извршната власт со судството. Или попрецизно кажано, ја илустрираат сервилноста на судството кон владеачките партии.

Однос на судот кон Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција

Од анализата на работата на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, помеѓу останатото, може да се констатираат и следните податоци:

grafa

Напомена: Во графата на прифатени барања за притвор од страна на судот, во заграда, со * е даден бројот на определен куќен притвор.

Анализата на изнесените податоци недвосмислено упатува на заклучокот дека во кривичниот суд имаме сериозен проблем со правораздавањето. Ако се тргне од фактот дека како подносители на кривичните пријави до ова јавно обвинителство со 99.9% се јавуваат Министерството за внатрешни работи (МВР), Министерството за финансии и останати државни органи (што би рекле институции под директна контрола на власта), кога само незначителен број од тие кривични пријави не се прифатени од обвинителството (помалку од 2%) и кога процентот на осудителни пресуди на судот по овие обвиненија е фрапантно висок (преку 95%), сето тоа упатува на неколку заклучоци. Или МВР и останатите државни органи подготвуваат совршени кривични пријави, или јавното обвинителство истите недоволно критички ги прифаќа и иницира кривично гонење.

Но, таквиот однос на обвинителството кон МВР и не би бил причина за голема загриженост, доколку судот кон барањата и обвиненијата на oбвинителството се поставил авторитетно, со неопходната независнот и компетентност. За жал, поразителен е податокот дека во анализираните три години, постапувајќи по вкупно 717 барања за притвор, судот ги прифатил буквално сите барања на jавното обвинителство (100%)!!! Само во 11 случаи, или 1,5%, наместо бараниот притвор, бил определен куќен притвор. Ниту едно барање не било одбиено.

Индикативен е и податокот дека за разлика од 2012 година, кога за 7 лица наместо притвор бил определен куќен притвор (околу 4%), во текот на 2014 година судот бил многу понаклонет кон обвинителството, па куќен притвор дал само на едно лице, или за 0,4% од оние за кои бил побаран притвор. Тоа значи дека, во времето на стариот Закон за кривичната постапка (ЗКП), кога за притворот одлучуваше истражен судија, судот имал за десет пати построг критериум за определување притвор, отколку денес, кога согласно новиот ЗКП, за тоа одлучува судијата на претходна постапка. Големата ефикасност, односно краткото траење на постапките многу често е резултат на компромисот на осомничените со неправото, во фаза на спогодување со обвинителството за видот и висината на казната.

Фактот дека во анализираниот период кривичниот суд во повеќе од 95% од предметите на јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донел осудителна пресуда, само го потврдува сомневањето во непристрасноста на судот и доследната примена на законот.

Според тоа, можеме недовосмислено да заклучиме дека во изминатиот период кривичниот суд имал извонредно висока наклонетост кон јавното обвинителство, што пак јасно упатува и за наклонетост кон актуелната власт.

Однос на кривичниот суд кон СЈО

Меѓутоа, кога е во прашање односот кон новосоздаденото СЈО, кривичниот суд зазеде сосема поинаков став. Во неговите одлуки, кои ги носи по повод барањата на СЈО, се забележува драматична промена. Однос, кој до сега не бил својствен во релацијата кривичен суд – обвинителство. Истиот оној суд, кој безрезервно прифаќаше се` што ќе беше побарано од јавното обвинителство, сега премина во другата крајност, одбивајќи ги сите барања на СЈО. Кривичниот суд отиде дури до таму, што се впушти и во оспорување на надлежноста на СЈО да постапува по определени предмети, прашање за кое тој воопшто и нема надлежност.

Според информациите достапни на веб страницата на СЈО, во изминатиот период, во пет оформени предмети, СЈО до судот поднело вкупно 20 барања за определување мерка притвор. Ниту едно од овие барања не е усвоено, односно не е определен ниту еден притвор. Сите се одбиени. Само во еден случај е определен куќен притвор, а за 7 лица се опредлени меки на претпазливот. Исто така, во овие предмети од поднесените 14 барања за определување меки на претпазливост, сите 14 се одбиени од страна на судот.

Овие податоци само ја зацврстуваат констатацијата дека постојната консталација во кривичниот суд не влева надеж дека предметите кои се работат од страна на СЈО би имале непристрасен третман од негова страна. До сега говоревме за опструкции од страна на судот во една рана фаза од постапката, кога се одлучуваше по барања на СЈО за определување мерка притвор и определени мерки на претпазливост. Такво нешто не би смеело да се дозволи во натамошната постапка. Ваков кривичен суд не смее да ги дочека и првите обвиненија на СЈО.

Специјално одделение при кривичниот суд

Токму затоа, час поскоро ќе мора да се направат суштински промени во рамките на кривичниот суд, се со цел да се овозможи кредибилен процес низ кој би се процерсуирале предметите кои се од надлежност на СЈО. Тоа се предмети во кои се засегнати високо профилирани личности од политичкиот живот, во најголем дел припадници на владејачките партии, со сомневања за сторени тешки кривични дела. Неопходно е воспоставување на една кредибилна структура во целата вертикала на кривичниот суд, почнувајќи од судии на претходна постапка, кривичните совети, совети за оценка на обвинителните акти, преку апалациониот суд, па се до Врховниот суд на Македонија. Се разбира дека тоа воопшто не е лесно, во услови кога дел од актерите кои тоа треба да го овозможат, преку одредени законски измени, се директно засегнати од работата на СЈО.

Имплементацијата на идејата за специјализирано одделение во рамките на кривичниот суд, кое би постапувало по предметите од СЈО, е возможна преку измени во Законот за судовите. Тоа може да се организира според истиот модел, како што сега егзистира Одделението за судење на делата од организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1. Ова одделение има точно определена стварна надлежност, односно со Законот за судовите прецизно се наброени кривичните дела што се од негова надлежност, при што тоа постапува за целата територија на Република Македонија.

Она што реално преставува најделикатна фаза е дефинирање на модел за кадровското екипирање на оваа нова структура. Имајќи ги предвид сите критики упатени на адреса на Судскиот совет, особено оние во извештајот на Рајнхард Прибе, неминовно ќе биде суштинско редуцирање на влијанието на ова тело во процесот на регрутација на судиите во оваа структура, а воедно и лимитирање на надлежноста на Судскиот совет во делот на нивното разрешување. Се разбира, исклучувањето на Судскиот совет од овој процес е невозможно, бидејќи со тоа би се повредил Уставот на Република Македонија, но затоа преку измени во постојниот Закон за судски совет на РМ може да се предвидат посебни одредби кои би се однесувале на изборот, следењето на работата и разрешувањето на судиите од специјализираното одделение при кривичниот суд, кој ќе ги работи предметите од СЈО.

Според тоа, решенија има, а ќе мора да се обезбеди и потребната политичка волја за ваквиот проект, бидејќи влогот е премногу голем. Влогот е владеење на правото, како услов без кој не се може во демократски организирано општество.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Специјализирано судско одделение: Прв чекор кон ос...
Ребаланс на буџетот за 2016 „свето срање“ на еконо...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Сабота, 22 Септември 2018
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не