Македонија „испарува“, арамиите токмат старо-нова влада

м-р Петар Гошев

Со секој изминат ден Македонија има сè помал број жители: и апсолутно (службената статистика тоа не го покажува) и релативно, во однос на светската популација, што воопшто не може да се сокрие. Под товарот на институционалното насилство, масивната корупција, неправдата, сиромаштијата, непресушните лаги и омразата кон луѓето со интегритет, нацијата се топи како грутка снег на пролетно сонце.

Наводно, по завршувањето на последните парламентарни избори требаше да почне корекцијата на таквите трендови - „нормализацијата“ на нашето раѓање и умирање. Како што сега стојат работите, „нормализација“ не може да почне - арамиите сè уште се фактор во играта за живот и смрт на нацијата.

Може ли да исчезнат големите европски нации?

На 9 декември 2016, европската бирократија во Маастрихт ја одбeлежа 25-годишнината од потпишувањето на истоимениот Договор. Во говорот по тој повод, претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, меѓу другото, кажа: „Ние, сега, сме важен дел од светската економија, 25 проценти од светскиот БДП, по десет години ќе бидеме 15 насто. По 20 години ниту една земја од ЕУ нема да биде член на Г-7. Од географска гледна точка, нема да исчезнеме. Но, го губиме демографското значење. На почетокот на 20-тиот век Европејците претставуваа 20 отсто од човештвото, сега се 7 проценти, а на крајот на овој век ќе бидат 4 насто во рамките на 10 милијарди луѓе. Оние што мислат дека дојде време да ја деконструираат Европа, .... да нè разделат во национални одделенија/управи, целосно грешат. Без ЕУ, нема да постоиме како поединечни нации“.

Поттикнат од оваа изјава, погледнав во статистиката на Обединетите Нации. Во Демографскиот годишник 2015, стои: „Европското население, во апсолутен износ (заедно со Руската Федерација, Украина, Белорусија) од 1990 до 2015 година речиси стагнира: има прираст од само 17,3 милиони жители (од 721,1 на 738,4 милиони). Бидејќи, во истиот период, светското население се зголемило од 5,3 на 7,3 милијарди жители (прираст од две милијарди), релативното учество на европското во вкупното светско население се намалило од 13,6 на 10 проценти. Ако се земат предвид само жителите на сегашните 28 земји членки на ЕУ (510 милиони), тоа претставува 6,9 проценти - колку што Јункер, всушност, наведува. Во динамичка смисла, во изминатите 25 години светското население се зголемило за 38,4 насто, а европското за само 2,4 отсто. Всушност, стапката на прираст на светското население била 16 пати поголема од онаа на европското население.

Погледнато по региони, податоците велат дека во Источна Европа е намален дури и апсолутниот број на жители (од 310 на 292 милиони), додека во другите региони има занемарлив апсолутен раст - најмал (8,9 милиони) во Јужна Европа.

Според тоа, демографската карта на нациите во последните сто години драматично се променила на штета на големите европски нации, а во последните децении значително се менува и вкупната економска моќ, исто така на штета на европските нации. Тоа, всушност, го изнудува драматичниот крик на Јункер, засилен со дезинтеграционите тенденции во самата ЕУ и најновите миграциски движења за кои Европа, засега, нема ефикасен одговор.

Што се случува со „нашите краишта“?

Ако под „наши краишта“, условно, ги третираме земјите од Југо-Источна Европа (ЈИЕ-6) во кои спаѓаат - Албанија, Србија, БиХ, Црна Гора, Македонија и Косово - тогаш, според дата базата на ОН - Извештај за населението и виталните статистики за 2016 и за 2006, состојбата е следната:

(1) Сите заедно, во 2014 година учествувале во светското население со 0,23 проценти, а во светскиот БДП со 0,12 проценти. Србија, како „најголема“, учествувала во светското население со 0,1 процент; Албанија со 0,04; БиХ со 0,05; Црна Гора со 0,008 проценти. Очигледно, целиот регион претставува само болва на опашката на бикот, а да не говориме за одделните единки.

(2) И „болвата“/регионот ЈИЕ-6 во целина, и сите одделни делови/државички, ја зголемуваат безначајноста во светот: од 2003 до 2014 вкупното население на ЈИЕ-6 се намалило од приближно 17,1 милиони жители на 16,5, односно за околу 600 илјади жители, или за 3,5 проценти. Со тоа го намалило и своето и така безначајно учество во светското население од 0,27 на 0,23 проценти. Во тоа намалување најмногу учествувале Србија, со бизу 400.000 и Албанија со близу 200.000 луѓе.

(3) За разлика од географска Европа во целина, или само ЕУ со 28-те држави, каде што населението главно стагнира, или само благо се зголемува, поради брзиот раст на светското, европското население опаѓа само релативно, додека населението на ЈИЕ-6 се намалува и апсолутно и релативно.

(4) Заканата за ефемерност на регионот ’ЈИЕ-6’ е уште поголема ако се погледне најсинтетичкиот показател за економската моќ - бруто домашниот производ. Според Статистичкиот годишник на Обединетите Нации, земјите на ЈИЕ-6 во 2014 година учествувале во светскиот БДП со само 0,12 проценти, односно 71,5 милијарди долари пресметани по постијани цени, наспроти 58,3 трилиони долари. Но, внимавајте: ЕУ во 2014 учествува во светското население со 7 проценти, додека во светскиот БДП со 28 проценти или четири пати повеќе со со економската моќ. Додека земјите од ’ЈИЕ-6’ во светското население учествуваат со 0,23 проценти, а во светскиот БДП со 0,12 проценти или двојно помалку во однос на учеството според населението.

Каде е Македонија во оваа приказна?

Според ДЗС, Статистички годишник - 2016, Македонија во 1991 година имала 2.033.946 жители; во 2003 год. 2.026.773; во 2015. год. 2.070.226 жители. Доколку наведените бројки се точни, од 1991 до 2015 година населението на Македонија се зголемило едвај за 36.280 жители, или само 1.8 процент. Споредено со процентот на раст на светското население (38,4%), растот на населението во Македонија бил побавен за 21,3 пати. Според тие бројки, Македонија го намалила учеството во светската популација од 0,032 на 0,028 насто.

Меѓутоа (знаеме) вистинската состојба е полоша. Податоците на ДЗС не се точни. Македонија, де факто, нема толку жители колку што ни соопштува ДЗС: во 1991 имавме нецелосен попис, затоа го повторивме во 1994; последниот што беше извршен беше во далечната 2002. Од тогаш до денес не е вршен попис на населението. Ниту една институција, за тој период, не објави колку лица се иселија од државата, иако знаеме дека се работи за масовен процес. Врз основа на некои извештаи на Светската банка може да претпоставиме дека во Македонија фактичкиот број на жители е помал, најмалку за 500.000. И, ако тоа го вкалкулираме, населението во нашата држава, де факто, во изминатите 25 години не го намалило учеството во светското население од 0,032 на 0,028, туку на околу 0,020 проценти.

„Извагани“ според другиот показател, БДП, ние сме уште поголемо „ништо“. Според Статистичкиот годишник на Обединетите Нациии за 2016, БДП на Македонија за 2014 (8,2 милијарди долари, по постојани цени) претставува само 0,014 процент од БДП на светската економија (58,2 трилиони американски долари). Исто како и за целината на ЈИЕ-6, тоа претставува речиси двојно помалку од учеството на нашето население во светското.

Од досега наведеното, произлегува клучното прашање: ако на големите европски нации, според Јункер, со нивните величини, им се заканува исчезнување, доколку истите демографски и економски трендови продолжат, дали таа закана за земјите од „нашите краишта“, во нив и за Македонија, веќе преминала во фаза на длабок процес на остварување?

penzioner slika vb
Извор: Grid.mk

Зошто целиот регион е во фаза на депопулација?

Затоа што сите боледуваме од исти болести! Сите излеговме од социјалистичкиот тоталитарен модел - некаде потврд, некаде помек - сите изгубивме најмалку половина век учење и практикување демократија. По падот на комунизмот, сите „елити“ на своите граѓани им ветуваа дека ќе градат демократски општества со функционални пазарни економии - копии на западните - но, само ветуваа. По 1990 година ниту една од составките на ’регионалната болва’ не оствари пристојно демократско општество; не инсталира функционална пазарна економија. Нема претприемач во регионот што нема да ви каже: „Ако не работиш со власта, нема бизнис, нема пари“.

Затоа, пак, сите ги тресе треската на екстремниот национализам (нивниот термин за тоа е „патриотизм“); сите се дават во огромна корупција која ги јаде работните места; сите ги карактеризира отсуство на одвоеност и независност на различните видови власт - сите се потчинети на еден „центар на моќ“/ неформален цар / политичка и бизнис групација ....; во сите има огромна сиромаштијата и навредливата социјална нееднаквост; сите имаат отворени прашања за кавги со соседите; сите бараат протегнување кон дворовите на соседот, без да видат дека нивниот е сé попразен; на сите им недостасува визија за напредок (ако во тоа не се смета бамборењето за членство во ЕУ и НАТО); во ниту една од овие микро-државичи мнозинското население не верува дека работите кога било ќе се подобрат. Затоа младите раѓаат сé помалку деца, сè повеќе ја напуштаат земјата, дополнително поткопувајќи ја основата за економски раст. Во сите нив непрекинато се говори за демократија и мултикултурализам, а повеќето постапки на партиите и органите на власт одвратно смрдат на шовинизам и неприфаќање на Другиот/Поинаквиот.

И за време на социјализмот во овие државички најголем вишок беше „вишокот луѓе“. Постојано имаа повеќе луѓе од работни места и многу помали плати од потребните за пристоен човечки живот. Затоа рамнотежата, издишувањето на социјалните бомби се вршеше со исселување на „вишокот луѓе“ во странство (оние кои тоа го дозволуваа - поомекнатите), или со „помагање“ пократко да живеат. И денес, сите овие државички кои ја сочинуваат ’регионалната болва’, го прават истото: произведуваат „вишок“ луѓе и тогаш кога стапките на прираст на населението се негативни. Повторно немаат доволно работни места, здравствена заштита, пристојно образование. До кога така? Веројатно до нивното дефинитивно исчезнување од демографските карти.

Македонија е најранлива

Нашиве арамии не гледаат дека Македонија е најслабата алка во овој клуб на најпечени ’нации-кандитдати’ за бришење од демографската карта на Европа. Нејзината демографска супстанца не може да издржи натамошни потрајни економски неуспеси - голема сиромаштија, навредлива економска и политичка нееднаквост; постојани меѓуетнички тензии, неискрена и недоволна соработка со соседните држави.

Последните избори сакавме да донесат повеќе надеж за позитивен пресврт по тие прашања. За жал, големиот број алчни владини клиенти, преплашените „луѓе-зајаци“ и „слепите Самоилови војници“ во „логорот на етничките Македонци“ не дозволија појасно расчистување на завејаните патишта по кои талкаме со децении. И пост-изборните настани говорат дека она што со тешки маки може да се помести чекор напред, може без мака, со само еден итромански потег на препредените матикаши, да се врати два и повеќе чекори назад. Затоа црвените линии со некои соседи, сега се појавија и меѓу најголемите етнички заедници внатре во земјата.

Па, како што сега стојат работите, процесот на депопулација на земјата ќе продолжи. И во 2017 година најмалку дваесетина илјади работоспособни луѓе (од сите логори) ќе ја напуштат земјата, кратејќи ја нејзината иднина, зашто неизвесноста нема да се намали. Но, тој процес ќе продолжи и кај суфлерите надвор од земјата за тоа кој со кого да прави или да не прави влада, како и кај оние кои се каеле што ја признале Македонија под уставното име. На крајот, можно е, натпреварот меѓу готвачите на ’балканската чорба’ да се сведе на тоа по кој редослед, во која временска перспектива, една по една нација, ќе не снемува од демографската карта. Ако не се случи некое чудо!

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Знаеја ли македонските политичари да ги користат с...
Во училиште нема место за различните
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 20 Октомври 2017
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: