Лојалност кон државата или подаништво на партијата

д-р Ненад Живановски

И покрај несомнениот успех на опозицијата на последните избори и лошиот резултат на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, она што претставуваше големо изненадување е како после сѐ што се случи во државата во последните десетина години и после сѐ што преживеаја граѓаните од оваа власт, сѐ уште може да постои завидна бројка од 455.000 граѓани кои и понатаму гласаат и ја поддржуваат владеачката партија? Имајќи ја предвид сеопштата катастрофална состојба до која доведе неодговорното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, здраворазумско е прашањето дали овие 455.000 гласачи можат да имаат црвена линија на нивната лојалност кон ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ?

Каков е психолошкиот профил на 455.000 гласачи на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои има и честити домаќини, вредни домаќинки и учени деца, а да не им пречи криминалот кој се слуша во бомбите и како можат да поддржуваат такви политичари? Каков мотив треба да имаат тие за да изразат лојалност на политичари кои безмилосно трошеле јавни пари за лично богатење и како можат да го игнорираат фактот дека задолженоста на државата била 2,3 милијарди долари кога власта го почнала мандатот, а сега е над 6 милијарди (со поразително сознание дека Македонија никогаш повеќе нема да биде ниско задолжена држава, каква што била пред десетина години)? Или како можат да гласаат за партија чии водечки политичари се слушаат како прават стратегија за да го сокријат убиството на Мартин Нешкоски, или како премиерот, министерката за ватрешни работи и директорот на тајната полиција избираат судии, иако за тоа немаат никакво законско овластување?

Фрапантно е како овие гласачи можат да ја проголтаат лагата за скромност на лидерот Никола Груевски и да го гласаат, а го слушаат како купува плац на Водноза џабал’к“, или перфидно од нив го крие новиот Мерцедес од 600.000 евра, со тоа што и понатаму низ град ќе се возел во стариот? Конечно, како можат да ја сварат аферата во која брутално се демонстрираше привилегираноста на партиската каста со случајот Диме Спасов, кој беше фатен со спуштени гаќи како вози пијан, дава и менува изјави на полицијата по потреба, за на крајот случајот да заврши како ништо да не се случило, а истите тие 455.000 поддржувачи и на тој и таков Диме Спасов, само ако поминат на неодбележано место на улица како пешаци веднаш ќе бидат казнети со 100 евра?

Но, и обратно: каков родител треба да бидеш, кога СДСМ цврсто ти ветува дека уште на првата седница на Владата ќе го укине екстерното тестирање, а ти тоа го отфрлаш и прифаќаш да гледаш како врз сопственото дете некој садистички се изживува, и уште тоа го поддржуваш?

Имаат ли овие гласачи црвена линија во лојалноста на партијата за конечно да кажат дека е доста од кабадаиското однесување на вмровската елита и дека интересот на државата им е пред сѐ?!

Поклопување на партиските со општите интереси

Во својата најширока дефиниција, терминот лојален граѓанин значи граѓанин на некоја земја кој ги почитува нејзините закони и ги исполнува одредените права и обврски. Притоа граѓаните на различни начини можат да се мотивираат да бидат лојални на земјата и нејзината власт. Во теоријата се издвоени три мотивирачки фактори за лојалност: интересовни, идеолошки и емоционални. Идејата за граѓанска лојалност политикологот Маурицио Вироли тесно ја поврзува со концептот на патриотизам, истакнувајќи дека и зад двата поима се крие приврзаност и лојалност кон државата, а за граѓаните да ја сакаат државата и да ја чувствуваат како своја, таа не смее да толерира постоење привилегирани и дискриминирани граѓани. Уште повеќе, смета Вироли, таа мора да ги поттикнува сите да учествуваат во политичкиот живот, при што, широкото политичко учество не е само средство за постоење квалитетни закони и да се спречи злоупотреба на политичката власт, туку тоа е и најдобрата едукација за да се добијат добри граѓани.

Кога зборуваме за лојалноста, клучниот момент е дали таа треба да биде насочена кон власта и одредената идеологија или кон државата во која живееме? Краткиот одговор би бил, секако лојалност кон државата, бидејќи власта може да се смени, а државата останува. Притоа, доколку власта е правична и демократска, тогаш нема да има разлика во тоа што лојалноста кон власта се поклопува со лојалноста кон државата. Но, како да се справиме со нашиот современ Луј XIV, кој е на сцена повеќе од десет години и кој сака во демократија да владее апсолутистички, според принципот „Државата, тоа сум јас!“?

Бавејќи се со ова прашање, филозофот Хана Арент предупредува дека е тешко да се утврди каде престанува граѓанската лојалност кон идеалот на државата, а каде започнува граѓанската лојалност кон структурите на власта, која граѓаните често ги сведува на статус на објект, со кој лесно може да се манипулира или пак на статус на животни кои можат да се искористуваат или припитомат. За Арент, безусловната лојалност кон власта може да се очекува само од целосно изолиран поединец, кој, откако претходно останал без врска со општеството, семејство и пријатели, добива чувство дека за него единствено место под сонцето е членството во партијата.

На размислувањето на Арент одредени политиколози ја надоврзуваат тезата според која само во недемократските политички системи, политичките одлуки се носат надвор од дофатот на обичниот човек кој е изложен на манипулација и пропаганда во која му се сервира како објективна вистина дека власта работи во интерес на државата, одосно дека партиските интереси и заедничките интереси се поклопуваат. Со тоа што обичниот граѓанин несвесно верува дека е лојален на државата и дека со своите постапки е од корист за заедницата, всушност тој е изманипулиран да ги остварува интересите на недемократската власт и партија.

Дополнително, отсуството или игнорирањето на алтернативни извори за толкување на политичката реалност во државата ѝ овозможуваат на недемократската власт комотна позиција со тоа што поголемиот дел од граѓанството своите ставови кон власта ќе ги искажува само со послушност и беспоговорна потчинетост, доброволно прифаќајќи да бидат поданици на недемократската власт. Таквите поданици се пасивни во јавниот живот, политички незрели и зависни, неспособни за критичко размислување и лековерни и како такви се погодни за секаков вид манипулација, а особено за политичка манипулација. Или, како што сликовито се изразува американскиот книжевник и филозоф Хенри Давид Торо, „луѓето во многу случаи воопшто слободно не се служат со моќта на расудување ниту со моралните чувства, туку се деградираат себеси како да се дрва, земја, камен“. За него, секое гласање е некаков вид коцкање, со блага морална примеса, поигрување со правдата и неправдата и со моралните прашања. „Гласам и мислам дека правилно сум го дал гласот, иако воопшто не ми е битно правдата да надвладее над неправдата“. Тоа е и веројатниот профил на доминантниот дел од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ.

sloiiau

Лојалност или подаништво

Имајќи предвид дека недемократските традиции се многу постари од демократските, особено во земјите во транзиција, во кои спаѓа и Македонија, опстојувањето и влијанието на политиката која се темели на поданичка политичка култура сѐ уште е доминантно. Во таква ситуација, преовладувачката состојба на политичката свест, според Клаус Офе, се опишува како „комбинација на апатија, ослабнување на општествените односи, пасивност, неподготвеност да се превеме одговорност, фрагментација, недостиг на почитување на усвоените правила, свртеност кон краткорочни цели и секаде присутниот грабеж и корупција".

Знаејќи дека корупцијата, во суштина, не е ништо друго туку занемарување на заедничкиот интерес заради лична корист или корист на одредена група, јасно е дека постои директна врска помеѓу порастот на корупцијата и опаѓањето на граѓанските вредности и доблести. Една од тие доблести е и лојалноста кон државата и заедницата, при што, кога вредностите се намалени или девалвирани, сосема е разбирливо меѓу граѓанството да се постави прашањето зошто јас би бил совесен и лојален, кога политичарите се корумпирани и не покажуваат приврзаност кон земјата која ја раководат, туку егоистично ја користат. Според моја оценка, тоа е карактеристиката на помал дел од 455.000 гласачи на ВМРО-ДПМНЕ кои при гласањето се раководат од утилитарни мотиви.

Филозофот Џон Клеининг воочува и друг проблем на лојалноста, а тоа е што нејзиниот носител може да се врзе стриктно за одреден политичар и својата лојалност да му ја искажува само нему, што многу често води до идолопоклонство на популистички лидер. За разлика од овој тип лојалност, другата лојалност е лојалноста кон идеалите, идеологијата и патриотизмот. Кога во едно општество се присутни и двата типа на лојалност, тогаш може да се зборува за конфликт на лојалноста, кој настанува кога членовите на заедницата ги губат критериумите за објективна перцепција на политичарите и се фасцинирани од идеалистичката претстава која им се сервира, најчесто, преку необјективните медиуми. Таквите членови, освен што се дефицитарни со политичка култура и доблест, тие се и без интегритет, што сето заедно ги прави лесна цел за политичка манипулација и создавање лажна слика во општеството дека мнозинството, преку своите избрани репрезенти, демократски владее со државата. За ваквата состојба, Клеининг иронично вели дека кога една партија сака граѓаните правилно да постапат, тогаш таа моли за нивниот интегритет, а кога сака да донесат лоша одлука (која е во нејзин интерес), тогаш таа ја бара нивната лојалност.

На слично стојалиште е и филозофот Стефан Нетенсон, според кој во недемократските општества или во државите каде елитата се служи со манипулативни политики, постои проблем не само со лојалноста туку и со патриотизмот бидејќи безусловната лојалност на патриотот може да го доведе во ситуација несвесно да поддржува политика и политичари кои се неморални и нехумани. Ова е својствено за помал процент на гласачи на ВМРО-ДПМНЕ кои, и после сѐ, сѐ уште не веруваат дека Груевски во своето владеење се служел со неморал и нехуманост. Доминантниот дел од гласачите тоа го знаат, но не му го земаат за зло.

И конечно, Клеининг го заклучува она што и сите ние сме го доживеале изминатите години дека неуспешната лојалност често резултира со предавство, што е воочливо кога приврзаниците ѝ искажуваат лојалност на една власт сѐ додека таа има општествена моќ, но штом ќе ја изгуби позицијата веднаш ја напуштаат и преоѓаат во други табори, не ретко и кај најголемиот политички противник (пр. Ставрески, Јанакиески, Јанкулоска, Боцевски и многу други, за кои гласачите на ВМРО-ДПМНЕ знаеле дека се „предавници“ и бегалци од други партии, но сепак им искажале лојалност).

Можна ли е истовремена лојалност и кон државата и кон ВМРО-ДПМНЕ?

Каква треба да биде македонската позиција во однос на лојалноста? Согласно претходно изнесеното теоретско објаснување, секој од 455.000 гласачи треба да одговори на прашањата:

1. Дали власта која ја поддржува е во функција на општо прифатените принципи на еднаквост и праведност?
2. Дали таквата власт поттикнува сите да учествуваат во политичкиот живот за да се носат квалитетни закони и да се спречи злоупотреба на политичката власт?
3. Дали вмровската власт ги носи политичките одлуки надвор од дофатот на обичниот човек, кој е изложен на манипулација и пропаганда во која му се сервира како објективна вистина дека власта работи во интерес на државата, односно дека партиските интереси и заедничките интереси се поклопуваат?
4. Дали вмровската власт толерира постоење на привилегирани и дискриминирани граѓани?
5. Дали имаме конфликт на лојалност, при што гласачите ги немаат критериумите за објективна перцепција на власта и Груевски и се фасцинирани од идеалистичката претстава која им се сервира, најчесто, преку необјективните медиуми?
6. Дали имаме безусловна лојалност од овие граѓани кои несвесно поддржуваат политика и политичари на ВМРО-ДПМНЕ кои се неморални и нехумани?
7. Дали во вмровската власт имаме толку голема корупција која го занемарува заедничкиот интерес заради лична корист или корист на одредена група и поединци?

Искрените одговори кои ќе си ги дадат себеси ќе го одредат и нивниот однос дали се поданици кон партијата на власт или се лојални на заедничкиот јавен интерес за успешна, ефикасна и рамнопрвна држава за сите граѓани. Впечаток е дека за голем број од овие 455.000 гласачи својствена е партиската лојалност, која ги надминува границите на рационална поврзаност со политичките истомисленици и добива обележје на дисциплинирано подаништво. Тоа е најдолниот вид на политичка идентификација која не прифаќа каква било алтернативна опција за владеење со државата, освен партијата со која се поистоветуваат и по цена на (само)деструкција на општеството и државата.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Сите медиуми во Македонија во битка за повеќе публ...
Македонскиот даночен систем ги наградува богатите,...

Коментари

 
No comments yet
Already Registered? Login Here
Guest
Четврток, 27 Април 2017
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: