fbpx

Политиката на ЕУ кон Западниот Балкан: несомнена поддршка и анемичен процес на евроинтеграции

Силвана Мојсовска

Јавен интерес

22.03.17

Прегледи

проф. д-р Силвана Мојсовска

silvana mojsovskaЗемјите од Западниот Балкан, речиси 14 години после Самитот во Солун, се поврзуваат со термините политичка криза, проблеми во владеење на правото и корупција. Најголем застој во евроинтеграцијата има кај Република Македонија, која, хипотетички, можеше скоро да ги има завршено преговорите со ЕУ, но не е ниту на самиот старт, па дури е и чекор назад во определени области. Поделба на поглавјата по кои ќе се преговара, со тоа што веднаш ќе се отворат преговорите за поглавјата кои немаат политичка конотација, ќе даде импулс на процесот на европската интеграција.

Земјите од Западниот Балкан беа на агендата на последниот состанок на Европскиот Совет, одржан во март 2017 година. Во заклучоците од Советот стои следното: „Советот ја потврди својата несомнена поддршка за европската перспектива на Западниот Балкан. Со поздравување на напредокот направен од земјите од регионот, Европскиот Совет истакна дека ЕУ останува посветена и ангажирана на сите нивоа да ги поддржи овие земји во реализирањето на ЕУ ориентирани реформи и проекти”.

Првата изјава за „несомнена поддршка на земјите од Западен Балкан на патот кон ЕУ“ беше дадена на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, одржан на 21 јуни 2003 година во Солун, Грција. После тоа, следеа уште неколку потврди од највисоките тела на ЕУ за европската иднина на регионот. Се разбира, напредокот на земјите од Западен Балкан беше секогаш поврзуван со исполнување на критериумите од Копенхаген и Мадрид, а постојано се додаваа и нови критериуми во согласност со специфичностите на земјата. Најочигледната форма на ЕУ поддршка за Западниот Балкан (и Турција) е ИПА (Инструментот за претпристапна помош) која нуди финансиска поддршка за реформи преку конкретни проекти. Покрај тоа, земјите беа охрабрени да работат неуморно на усогласување на националното законодавство со тоа на ЕУ, да започнат со градење на институционална структура за регулирање на определени сектори согласно европската пракса, како и да се подготват за примена на европските стандарди во бројни области. Нивниот напредок е редовно следен и оценуван во годишните извештаи на Европската Комисија. Согласно извештаите, несомнено, сите земји од регионот работат на интеграција кон ЕУ и своите национални реформски зафати ги усогласуваат кон т.н. ЕУ агенда.

Сепак, и покрај континуираниот процес на реформи со цел интегрирање во ЕУ, земјите од Западниот Балкан, речиси 14 години после Самитот во Солун, се поврзуваат со термините политичка криза, проблеми во владеење на правото, корупција, итн. Во 2011 година, Европската Комисија предложи промена во стратегијата за проширување на ЕУ и објави дека преговорите треба да започнуваат со отворање на поглавјата 23 (Судство и фундаментални права) и 24 (Правда, слобода и безбедност). Со тоа потврди дека овие прашања се клучни за земјите од регионот и дека без успех на овие полиња, ЕУ перспективата на овие земји не е можна.

Република Македонија заостанува најмногу во евроинтеграцијата

Фактографски, индивидуалниот напредок на земјите од Западниот Балкан кон ЕУ е следниот:

Tabela silvana mojsovska blog

Од податоците јасно се гледа дека Црна Гора и Србија најбрзо и најмногу напреднале на патот кон ЕУ. Овие две земји се единствени кои ги започнале преговорите за членство во Унијата. Од вкупно 35 поглавја на преговорите, Црна Гора има затворено 2, тековно преговара по однос на 24, а за останатите 9 поглавја допрва треба да ги започне преговорите. И покрај тоа што се смета дека Црна Гора нема бариери во процесот поврзани со трети страни (спорови со други земји по определено прашање), сепак земјата се соочи со политичка криза пред парламентарните избори во октомври 2016 година. Покрај тоа, прашањата околу владеењето на правото и борбата против корупцијата ЕУ ги оценува како области каде земјата бележи незначителен напредок.

Србија, пак, досега преговара по 4 поглавја, а другите допрва треба да ги отвора. Во отворените поглавја влегува и поглавјето 35: Други прашања, каде е поместен спорот со Косово, односно неговото непризнавање од страна на Србија. Отворањето на другите поглавја не е тесно поврзано со поглавјето 35, меѓутоа, очекувано е дека затворањето на ова поглавје ќе биде проблематично. Сепак, заради веќе започнатите преговори, кај овие две земји процесот на интеграција кон ЕУ има пореални димензии, односно значи дека ЕУ ќе мора конкретно да се заложи за разрешување на проблематичните прашања.

Најголем застој во процесот на интеграција кон ЕУ има кај Република Македонија. Како земја од регионот која прва поднесе апликација за членство во ЕУ во 2004 година, Република Македонија е заглавена во процесот повеќе од 13 години. Главниот проблем е лоциран во билатералниот спор со Грција кој датира од 1991 година. Забележаниот напредок во периодот 2001 (кога е потпишана Спогодбата за стабилизација и асоцијација) и 2005 (кога е добиен кандидатскиот статус) е направен во време на постоење на спорот. Препорака од Европската Комисија за започнување преговори за членство во Унијата, земјата првпат доби во 2009 година. Таа се повторува секоја година, но Советот на ЕУ досега не донел одлука за потврдување и нејзино ефектурирање, односно определување датум за започнување преговори. Така, во периодот од 2009 година наваму, процесот на интеграција на Република Македонија кон ЕУ се наоѓа во своевиден вакуум.

Во меѓувреме, позитивно е укинувањето на визниот режим кон Република Македонија од земјите во Шенген зоната во 2009 година, иако, и во тој контекст, може да се дискутира дека дотогашното постоење на визен режим кон земја кандидат (статус на земјата од 2005 година) не е вообичаена и доброприфатена пракса во меѓународните односи.

Натамошниот напредок на Република Македонија во процесот на интегрирање кон ЕУ е условен од согласноста на Грција како членка на Унијата, а непредвидувањето механизми од страна на ЕУ со кои би се надминала ситуацијата на нерешавање на спорот помеѓу двете земји (што реално се случува) функционира на штета на Република Македонија. Процесот на интегрирање кон ЕУ продолжува главно преку усогласување на законодавството, меѓутоа стагнира примената на законите, посебно во однос на проблематичните области на демократијата, владеењето на правото и судството. Последните две години, Република Македонија се соочува со тешка политичка криза во текот на која во редовните годишни извештаи од ЕУ добива сè полоши оценки за наведените области. Европската унија се вклучи во процесот на разрешување на кризата со свое посредување, со предлози и препораки, посебно во Пржинскиот процес (заедно со САД), меѓутоа без поголема ефикасност во поглед на забрзување на решавањето на проблемите.

Другите земји од Западен Балкан, заради различни причини, својот пат кон Унијата го започнаа подоцна. Албанија доби кандидатски статус во 2014 година, но се очекува да ги започне преговорите со ЕУ кога ќе започне да ја имплементира реформата на судството, што е планирано за 2017 година. Босна и Херцеговина, заедно со Косово, имаат долг пат до кандидатскиот статус, така што регионот на Западен Балкан ќе остане поделен во однос на динамиката на приближување кон ЕУ.

Поделба на поглавјата по кои се преговара би ја придвижила евроинтеграцијата

Во контекст на индивидуалниот тек на евроинтеграцијата, се наметнува прашањето што треба земјите од Западен Балкан да очекуваат во рамките на ветената „несомнена” поддршка од ЕУ? Поконкретно, како процесот на европска интеграција на Западниот Балкан во ЕУ да не биде перципиран само како процес, туку да биде ориентиран кон резултати и влез на сите овие земји во Унијата?

Во случајот на Србија, започнувањето на преговорите во ситуација на непризнавање на Косово може да се оцени како добар механизам кој на Белград му ветува видлив напредок во интеграцијата, а на ЕУ поголем кредибилитет при учеството во разрешувањето на проблемите со кои се соочува земјата. Црна Гора засега има отворен пат кон ЕУ и, иако влезот сигурно ќе биде поврзан со дополнителни барања, кредибилитетот на ЕУ не би требало да биде загрозен. За Босна и Херцеговина, како и за Косово, процесот само што започна и ќе трае долго.

Поимањето на несомнената поддршка на ЕУ е најкомплицирано од перспектива на Република Македонија. Хипотетички, земјата можеше скоро да ги има завршено преговорите со ЕУ (доколку добиеше датум после препораката од Европската Комисија во 2009 година), а таа не е ниту на самиот старт, туку чекор назад во однос на определени области. Со постојаното одложување на следната фаза од процесот на интеграција логично е да опаѓа кредибилитетот на ЕУ во земјата. Потребни се конкретни механизми кои Унијата ќе ја вратат на пиедесталот на моќна сила која може да ѝ помогне на Република Македонија на патот кон политичка, економска и социјална добросостојба.

Таков механизам е поделба на поглавјата по кои се преговара, со тоа што веднаш ќе се отворат преговорите за поглавјата кои имаат строго стручна и професионална димензија, односно немаат политичка конотација како поглавјата 20 (Претпријатија и индустриска политика) и 27 (Животна средина), итн. Тоа ќе даде импулс на процесот на европските интеграции зашто активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции би имале конкретни цели и рокови, што позитивно ќе влијае и на одговорноста на домашните политичари. Притоа, политичките односи со земјите членки на Унијата не би биле загрозени, а процесот нема да трпи заради застојот во решавањето на спорот со името. Конечното интегрирање во ЕУ секако дека ќе зависи од решавање на политичките прашања, меѓутоа процесот воден на ваков начин би имал бројни придобивки.

Овој механизам е применлив и за другите земји од регионот кои допрва очекуваат кандидатски статус од ЕУ. Ним ќе им отвори можност за реални очекувања од процесот, а воедно ќе даде и видлива форма на несомнената поддршка на ЕУ за регионот. Така, и земјите од Западниот Балкан ќе го перцепираат регионот како целина, односно дека ЕУ има еднакви аршини за сите нив. За примена на овој механизам потребни се свест и волја за унапредување на процесот - како од ЕУ, така и од домашните власти во овие земји. Тоа е посебно важно во денешни услови, кога превирањата во Унијата заради излезот на Велика Британија ќе влијаат и на политиката на проширување, во форма на поголемо свртување на ЕУ кон внатре.

Токму заради оваа ситуација, доколку во краток временски рок политиката на ЕУ кон Западниот Балкан не вклучи механизми со кои процесот на ЕУ интеграција ќе има траса на движење напред кај сите земји (а, не селективно), тогаш реално е да се очекува продлабочување на анемичноста на евроинтеграциите на (дел од) регионот. Резултат ќе биде губење на кредибилитот на ЕУ во овие земји и евентуално барање на нов дискурс, кој ќе има влијание и врз ЕУ доколку дојде до промени во политичката економија на регионот. Оттаму, ЕУ треба (и мора) да се придвижи од зоната на комфор (ветувања кон Западниот Балкан) во процес на реална интеграција, посебно во случајот на Република Македонија, доколку стои на својата позиција за европската перспектива на регионот.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Силвана Мојсовска

Силвана Мојсовска е редовен професор на Економскиот институт – Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Нејзиниот истражувачки интерес е главно насочен на прашања од областа на меѓународната економија и ЕУ интеграциите. Автор е на бројни научни трудови, работела на многу апликативни проекти, реализирала истражувачки престои на престижни универзитети во странство и учествувала на голем број меѓународни и домашни конференции.