Утопијата наречена даночна реформа

м-р Златко Јакимовски

zlatkoМакедонската економија денес личи на „лонец“ кој е празен и во кој никој не сака да стави ништо, а сите се тепаат за „црпката“. Логично е дека пред да може да се подели нешто од тој лонец, истиот треба да се наполни!

Политичката промена настаната со изборот на новата Влада полека, но сигурно го отвора прашањето за насоката во која ќе се движи македонската економија како последица на економските политики на новата Влада. Едноставните магични решенија кои значат подобрување на квалитетот на животот за граѓаните во Република Македонија се ближат кон крајот. Паралелно со сите други проблеми на македонското современие, се разбира дека проблем број еден претставуваат парите (економијата). Фактите за македонската економија се следните: економијата е во катастрофална кондиција, невработеноста е превисока, продуктивноста е на екстремно ниско ниво, претпријатијата имаат лош сооднос помеѓу фиксниот имот и опремата, трошиме повеќе од што произведуваме и увезуваме повеќе од што извезуваме, јавната администрација изгледа како шлепер чиј мотор е дефект, а шасијата е непотребно преоптоварена. Алармот е запален, ратите за сервисирање на јавниот долг тропаат на вратата. Ние денес личиме на организам со лош метаболизам, колку повеќе јадеме толку сме послаби. На потег е економската политика на новата Влада, креирана од страна на Министерството за финансии.

Политичка економија и eкономска политика

Најнапред на граѓаните треба да им се објасни разликата помеѓу поимите „(политичка) економија“ и „економска политика“. Поедноставено „(Политичка) Економија“ на макро ниво е егзактна наука која што ви дава одговор на прашањето колку патници можат да се возат во овој автобус наречен држава, додека пак „економската политика“ се занимава со прашањето кои од патниците кои што се вишок ќе ги „исфрлите“ од возилото.

Новата Влада уште во предизборието најави дека во духот на социјал-демократијата ќе воведе прогресивен данокданок, како еден од инструментите со кои би се решиле повеќе проблеми. Најнапред би бил подигнат степенот на социјалната правда, а подоцна, преку зголемените приходи во буџетот, би следел процес на „раздолжување“. Базичен аргумент за воведување на прогресивно оданочување е целната ориентираност на новата влада да го намали јазот помеѓу богатите и сиромашните. Меѓутоа воведувањето на неколку „скалила“ при оданочувањето само ги погодува оние кои имаат повеќе, а никако не придонесува за подобрување на состојбата на оние кои имаат помалку. Зошто?! Затоа што тие социјални трансфери не се одвиваат непосредно од богатите кон сиромашните, туку тоа се одвива со посредништво на буџетот на РМ. Во тие услови Трезорот е крупие што не секогаш ќе доделува подобри карти за посиромашните субјекти. Имено, расходната страна на државата е централизирана и се одвива преку Трезорот, кој врши реално порамнување и парите ги пренасочува од буџетските единки кои во даден момент имаат вишок кон оние кои имаат недостаток на средства за реализирање на определена трансакција во која како должник се јавува одредена буџетска единка. Вишокот на пари собрани како директни даноци, сигурно ќе влезе во трезорот, но дали ќе заврши за оние намени кои биле претходно предвидени зависи од тоа дали сите други дупки се „покриени“.

Настрана политичките поени што ги носи ваквата мерка на „мек популизам“, сепак таа не е апликативна на денешните пазарни услови од повеќе причини. Занимавањето со даночната политика всушност значи дека Македонија би била доминантно држава на редистрибуција. Тоа значи дека се зема од едни и се дава на други (од богатите на сиромашните или можеби обратно?!). Резултатот од тоа е дека вкупниот квантум на вредноста во најдобар случај ќе биде ист како и во почетниот стадиум пред да биде направена таа прераспределба. Во бројки, тоа би изгледало вака: доколку еден големец има 100 парични единици државата при процесот на прераспределба би му одземала 40 и истите би ги дала на еден сиромашен поединец кој што има само 10 парични единици, а тоа ќе резултира со ситуација во која што „големецот“ има 60, додека „сиромашниот“ има 50 парични единици. Тоа за целокупната економија не менува ништо (затоа што 100+10=110, како и 100-40+10+40=110 парични единици). Имајќи предвид дека во услови на функционирачка и компетитивна пазарна економија каква што се стремиме да станеме, пазарот е единствениот судија, јасно е дека ваквата даночна реформа би ја довело македонската Влада во „офсајд“ положба. Тоа би бил избрзан скок напред кој не би ги дал посакуваните резултати.

Одмазда кон богатите

Поенатата е во тоа државата да стане систем на репродукција, односно создавање на нови економски вредности, затоа што без репродукција нема вишок, без вишок нема раздолжување. Досега секоја македонска Влада се водела од максимата дека „ќе најдам пари, па ќе им дадам на граѓаните“, и ниту една Влада не успеа да им објасни на граѓаните дека парите едноставно мора да се заработат. Вишокот на производство и зголемената економска ефикасност се првите чекори на патот кон раздолжувањето. Популарноста на политиката на прогресивно оданочување не се темели на економски причини, туку нејзината етиологија задира длабоко во општествените корени и се сфаќа, пред се`, како одмазда кон богатите, затоа што мнозинството кое се уште има минимален доход се сомнева во начинот на кој богатите го стекнале нивниот капитал. Новите власти се и повеќе од свесни за мобилноста на капиталот и за фактот дека фискалната пресија и подлабокото навлегување на државата во џебот на даночните обврзници ќе резултира со отпор и даночна евазија. Земете го примерот на Новак Ѓоковиќ, големиот српски патриот кој што е резидент на Монте Карло. Причините се повеќе од познати. Крупниот капитал нема емоции и е мотивиран исклучиво од профитот. Тоа значи дека тој може многу лесно да се пресели во некоја од дестинациите кои важат за даночен рај и на оваа држава да ѝ остави само дополнителен број луѓе без работа кои треба да бидат згрижени.

pari pari

Директни и индиректни даноци

Она што треба да се има на ум е дека оваа мерка прогресивен данок за чија реализација е потребна промена на законите кои што ги регулираат директните даноци (на доход и добивка) нема да помине лесно во јавноста. Од аспект на даночниот обврзник во ерата на централизирана наплата на јавните давачки, тотално е ирелевантно дали станува збор за задолжителна давачка во вид на данок или да речеме за пензиско и здравствено осигурување. Сетете се само на бурната реакција на „хонорарците“ од пред неколку години кога државата сакаше да ги оданочи со 35 отсто. Истото би се случило и сега, само што интензитетот на овие бунтови би бил далеку повисок.

Во услови на еднакво ниска ефикасност и продуктивност на работникот, прогресивниот данок веројатно би резултирал со поголема (регистрирана, не фактичка) невработеност, како и зголемување на сивата економија. Тоа би било така затоа што прогресивниот данок за работодавачот најнапред значи зголемување на трошоците за работникот при неговото ангажирање, што би значело демотивација за идни вработувања. Златно правило во економијата е дека никој нема да ве ангажира доколку вие за него претставувате поголем расход отколку што би донеле приход. Ако на ова го додадеме и зголемениот корпоративен данок на добивка не би требало да бидеме зачудени доколку некој типичен македонски производ (доколку се уште постои нешто такво) во иднина се продава како „made in Vietnam“. Директните даноци секогаш директно го погодуваат оној кој е должен да ги плати на државата, а тоа се претпријатијата или останатите субјекти кои вршат исплата, што значи дека висината на директниот персонален данок на доход паѓа на товар на работодавачот (иако со него се оданочува доходот на работникот како обејкт на тој данок). Што се однесува до работникот, нему секогаш ќе му биде исплатена нето плата, ослободена од даночните стеги. На крајот од денот, тој е единствениот кој може да затаи данок во таква ситуација, бидејќи е единствен субјект кој го плаќа данокот на доход или добивка. Логичен заклучок е дека доколку државата цели да го оданочи со повисока даночна стапка, во тој случај работодавачот ќе манифестира однесување во материјално-правниот промет кое ќе инклинира кон даночна евазија.

Она што треба да се има предвид дека кога доаѓа до зголемување на директните даноци во услови на еднаква продуктивност и ефикасност на трудот на работникот, секогаш ќе следи само зголемување на цените на производите, но не и на платите, затоа што директните даноци ја зголемуваат „цената за водење на бизнис“.

Од друга страна, работникот кој добива чиста нето плата е погоден исклучиво само од индиректните даноци. Таков е ДДВ, како сефазен нето данок на промет кој паѓа на товар на крајниот потрошувач доколку е физичко лице, затоа што претпријатијата имаат право на поврат на данокот. Па така, работник кој би имал минимален нето доход од 12.000 денари и кој во месецот би потрошил 10.000 денари, би бил директно погоден со 1.800 денари ДДВ. Работинкот никако не го засега тоа што неговиот работодавач за него би платил повеќе или помалку персонален данок на доход. Правичноста при оданочувањето попрво би била постигната доколку на граѓаните (домаќинствата) со минимален приход би им се овозможил поврат на ДДВ, како што тоа го прават трговците.

Како пчелите сами да произведуваат мед?

Прашањето е дали има излез од оваа ситуација во која се наоѓа македонската економија? Македонската економија денес личи на „лонец“ кој е празен и во кој никој не сака ништо да стави, а сите се тепаат за „црпката“. Логично е дека пред да може да се подели нешто од лонецот, тој треба да се наполни. За поздравување е потегот на СДСМ во својата програма да предвиди мерки за поддршка на малите и средни претпријатија и јакнење на претприемништвото. Владата на СДСМ треба да направи мала просветена држава која само ќе ја воспостави рамката во која пчелите (претпријатијата) самите ќе внесуваат мед. Тоа треба да биде различно од она што го правеше ВМРО-ДПМНЕ кога со огромни количини на шеќери ги трупаше трутовите (определени претпријатија кои беа миленичиња на претходната власт). Оваа Влада треба да воспостави определени правила на игра кон кои субјектите би се придржувале и во конкурентска битка би ја зголемувале својата продуктивност. Владата на СДСМ треба само да ги нацрта линиите на фудбалскиот терен, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ кој се занимаваше со додавање на топката од корнер.

Најнапред се потребни итни реформи во легислативата кои би го нормализирале прометот како, на пример, враќање на општите трговски узанси укинати во 2009 година, укинување на законот за финансиска дисциплина, смалување на драконските прекрошочни санкции од кои најпогодени се малите и средните претпријатија, намалување на бројот на вработените во јавниот сектор итн. Евентуалната голема даночна реформа би можела да настапи во рок од 5-6 години од сега, затоа што фискалната политика е втор чекор на менаџирање со веќе произведена вредност, бидејќи не можеме да потрошиме нешто што немаме. Утопијата наречена даночна реформа без зголемување на продуктивноста и производството за брзо време ќе доведе до реминисенција на „груевизмот“ како олицетворение на односот кон јавните пари, а македонската економија би била сива како мозочни ќелии уништени од синтетичка дрога.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите в оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Приватизација на јавниот интерес
Да ги почитуваме различностите – пратениците нека ...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Понеделник, 25 Септември 2017
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: