Правото на здравје е универзално

Мишел Сидибе (Michel Sidibé) и Даиниус Пурас (Dainius Puras)

Sidibe PurasПремногу влади и натаму не успеваат да регулираат прашања поврзани со животната средина, им прогледуваат низ прсти на компании што профитираат од продавање нездрави и производи што создаваат зависност, а со тоа тие ги изневеруваат оние кои треба да ги заштитат и на кои треба да им служат.

На овогодинешниот Светски ден за борба против СИДА-та, 1 декември, треба да се сетиме на 35-те милиони луѓе кои се мртви поради болести поврзани со СИДА и на 76-те милиони луѓе заразени со ХИВ, сметајќи од кога почна известувањето за бројката на заболени. Треба и да го прославиме фактот што скоро 21 милион луѓе кои денес живеат со ХИВ имаат пристап до лечење со кое можат да си го спасат животот.

Исто така, не смееме да го занемариме фактот дека повеќе од 15,8 милиони луѓе уште чекаат за таквото лечење, а се проценува и дека 11 милиони луѓе не се ни свесни дека самите го имаат вирусот. За времето кое е потребно за да се прочита овој текст, уште три млади жени ќе бидат заразени со ХИВ. Овие бројки претставуваат неоправдлива неправда: милиони луѓе не можат да го остварат своето право на здравје.

Третата Цел за одржлив развој на Обединетите Нации (ЦОР3) се однесува на здравјето. Таа е насочена кон намалување на бројот на патни несреќи; справување со непреносливите болести; ставање крај на СИДА-та, туберкулозата, маларијата и запоставените тропски болести; гарантирање на универзално здравствено покритие и пристап до здравствени услуги за сексуално и репродуктивно здравје; и значително намалување на бројот на смртни случаи од загадување на животната средина – сето ова до 2030 година.

И покрај тоа што земјите од светот се обврзани за оваа цел, безброј луѓе сè уште вдишуваат опасни нивоа на токсични честички, немаат пристап до безбедна вода и немаат соодветни санитарни услови. Премногу влади и натаму не успеваат да регулираат прашања поврзани со животната средина и други регулаторни прашања, им прогледуваат низ прсти на компании што профитираат од продавање нездрави и производи што создаваат зависност, а со тоа тие ги изневеруваат оние кои треба да ги заштитат и на кои треба да им служат.

Здравјето не е подарок, ниту пак е чин на милосрдие. Тоа е основно човеково право кое опфаќа и слободи и привилегии. Секој човек може слободно да донесе одлука за своето здравје, без оглед на тоа кој е, каде живее, во што верува или како заработува за живот. Исто така, секој има право на квалитетни здравствени услуги кои може да си ги дозволи и има право на слобода од дискриминација и присилување. Уживањето на правото на здравје значи да се почитува физичкиот и менталниот интегритет на поединецот и да се има можност да се учествува и да се придонесува за својата заедница.

Денес, ги повикуваме лидерите од светот да се соочат со здравствените неправди каде и да се сретнат со нив и да преземат дејствија за да се почитува, заштити и одбрани правото на здравје за сите луѓе. Амбициозната агенда за Целите за одржлив развој за 2030 година на сите ни даде можност да формираме политики насочени кон создавање и давање моќ на „граѓанинот со глобално здравје“.

Кој е тој граѓанин? Таа е поединец која ги знае сопствените права и може да ги искаже своите грижи, да се спротивстави на неправда и да бара одговорност од оние кои ги носат одлуките. Тој е поединец кој не само што едноставно бара, туку и наложува пристап до доктори, лечење или превентивна грижа. Граѓанинот со глобално здравје е оној кој станува дел од решението.

За да им се даде моќ на граѓаните со глобално здравје, потребно е да се постигне напредок во најмалку три области на политики: популаризација на учеството, демократизација на податоците и елиминирање на дискриминацијата. Што се однесува на првото, мора да ги отвориме здравствените програми и политики за значајно ангажирање на јавноста. Во 90-тите години од дваесеттиот век, движењето за права на инвалидизирани лица ја скова фразата „Ништо за нас, без нас“. Сите граѓани со глобално здравје, особено лидерите за здравствена грижа, треба да го усвојат ова мото.

Секако, јавната и приватната корупција и натаму се значајна пречка за обезбедување на правото на здравје за сите луѓе. Во многу земји, здравствената грижа е еден од најкорумпираните сектори. За да се реши ова, граѓаните со глобално здравје треба да добијат институционална поддршка и подобри алатки за да побараат нивното право на здравје да се почитува. Тие треба да почнат да бараат повеќе мерки за обезбедување добро управување и транспарентност, подобрување на „правната“ писменост, финансирање организации за граѓанско општество и зајакнување на правните механизми со кои се обезбедува одговорност од владите.

Втората област на политики каде е потребен напредок е пристапот до податоци за секоја заедница. Во Програмата на ОН за борба против ХИВ/СИДА (UNAIDS) ја следиме поговорката „Што ќе се измери, ќе се сработи“. Анализата на податоци се покажа како една од најсилните алатки во борбата против епидемијата на ХИВ, затоа што ни овозможува да ја подигнеме свеста, да ги идентификуваме луѓето што се изоставени, да ги насочиме инвестициите и да ги координираме дејствијата.

Ние што сме во полето на глобално здравје отсекогаш сме биле добри во проценување на стапките на смртност и морбидитет. Но сега е време да се гледа пошироко од епидемиолошките факти. Гарантирање на правото на здравје од нас бара и да ги следиме последиците од дискриминација и стигматизација, како и законите и факторите од животната средина кои ги загрозуваат здравјето и добросостојбата на луѓето. Исто така, вршењето темелни проценки на ефектот врз здравјето што го имаат клучните политики и инвестиции мора да стане норма, а не исклучок. Секторот за глобално здравје треба да има многу повеќе независно застапување и одговорност, кои ОН и групите за граѓанско општество, особено, се во силна позиција да го обезбедат.

Третата област на политика – елиминирање на дискриминацијата во здравствениот сектор – мора да стане меѓународен приоритет. Главното ветување на агендата на ЦОР е дека никој нема да биде изоставен. Дискриминацијата создава де факто бариери пред универзалното здравствено покритие и не дозволува многу луѓе да пристапат до здравствени услуги од секаков вид. На пример, едно лице од осуммина кои одговарале на Индексот на ХИВ стигма одговорил/а дека не добил/а здравствена грижа поради предрасуди.

Јасно е дека за да се стави крај на СИДА-та ќе бидат потребни социјални – а не само здравствени – напредоци. Владите мора да ги удвојат нивните напори да ги заштитат поединците од дискриминација и да создадат ефективни механизми за луѓето да побараат обесштетување кога приватни или државни чинители ќе го прекршат нивното право на здравје. Ги повикуваме сите здравствени работници и институциите да дадат отпор на дискриминаторни закони, политики или практики.

Заштита на правото на здравје претставува основа која е потребна за сите да го остварат нивниот потенцијал и нивните соништа. Не смееме да се задоволиме со ништо помалку од тоа.

Мишел Сидибе е Извршен директор на Програмата на ОН за ХИВ/СИДА (UNAIDS). Даиниус Пурас е Специјален известувач на Обединетите Нации за правото на физичко и ментално здравје.

Copyright: Project Syndicate, 2017.
www.project-syndicate.org

Потреба за ефикасни јавни финансии: Осврт на нацрт...
Зошто треба да се ревидира „Скопје 2014“?
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Понеделник, 11 Декември 2017
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: