Магичната врата на Унијата

Милчо Балевски

milco balevskiОд самиот почеток на европската приказна во Македонија водиме погрешна дебата која секогаш почнувала и завршувала со прашањето - кога Македонија ќе се интегрира во Европската Унија? Напротив, сметам дека клучното прашање за нас мора да биде кога Унијата ќе ја интегрираме во Македонија.

Уште од своето осамостојување Македонија ја живее својата политичка и општествена реалност, во постојан стремеж за светла и перспективна иднина која би требало да ни припадне со наша евентуална интеграција во Европската Унија. Веќе неколку децении нашата интеграција во Унијата автоматски се поистоветува со подобар и поквалитетен живот што со право ги подгревало надежите на просечниот македонски граѓанин. Но како и секое чекање така и нашево „европско“ има одредена точка на заситување чиешто надминување секогаш го оживува заспаниот скептицизам меѓу луѓето.

Решавањето на спорот со Грција – почеток на проблемите и предизвиците

Тоа го покажува и последното истражување на „Хоризон 2020“, каде 50 проценти од испитаниците Македонци се изјасниле како евроскептици. Големите очекувања како и секогаш со себе носат уште поголеми разочарувања доколку не се реализираат. Токму тоа е и нашата најголема препрека на европскиот пат на интеграција. „Вечниот“ спор околу името со Грција секогаш бил идеална прилика особено за политичките лидери кај нас, дебатата околу перспективите на Македонија во Унијата да започнува и завршува во една точка – недоразбирањата со нашиот јужен сосед. Тие недоразбирања, меѓу другото, секогаш биле перцепирани како железен синџир кој „магичната“ врата на перспективи и подобар живот за Македонија ја држи цврсто затворена.

Нема сомнеж дека спорот со Грција веќе ги надмина сите граници на апсурдноста. Тоа несомнено им стана јасно и на европските лидери кои со досега незабележан ангажман се обидуваат заедно со македонската и грчката страна да стават крај на апсурдноста со која една европска држава на балкански начин веќе со децении формално ги кочи меѓународните перспективи на својот сосед. Не случајно велам формално, затоа што тука лежи и нашиот најголем проблем на тој европски пат со кој ден поскоро мораме да се соочиме. Со евентуалното брзо решавање на спорот околу името кое се најавува, гореспоменатиот железен синџир со кој Грција ја држеше европска врата на перспективи за Македонија затворена, ќе исчезне. Но многу набрзо ќе сфатиме дека таа „магична“ врата која би требало да не однесе до убавините и придобивките на европската интеграција всушност и не постои.

За Македонија постои само еден и единствен пат на кој ќе мораме постојано да напредуваме ако сакаме разочарувањата да ги преточиме во перспективи. Тоа е патот на суштинските промени во функционирањето на нашиот општествен систем во сите негови полиња. Тоа е патот на кој ќе мораме да се соочиме со фактот дека решавањето на спорот со Грција претставува само почетокот на соочувањето со сите наши суштински проблеми и недостатоци кои што час поскоро ќе мораме да ги санираме.

magicnata vrata na unijataИзвор: www.eu2013.lt

Европското право над домашното

Тука ќе се осврнам само на дел од правните премрежја кои не очекуваат како држава. Во подготовката за овој текст се обидов да дојдам до официјален податок за севкупната бројката на европски регулативи кои се во сила во моментов, но официјалните веб страници на релевантните европски институции не располагаат со таков податок.

Едно истражување од мај 2015-та успеало да дојде до податокот дека до тој момент во сила се преку 40.000 европски регулативи, при што исто така се усвоени и 15.000 пресуди на судот во Луксембург. Само за илустрација точната бројка на усвоени регулативи и одлуки само за јануари и февруари 2018 година изнесува 121. Овие податоци ја претставуваваат новата правна и општествена реалност за Македонија.

Еден од основните принципи на европскиот правен поредок претставува начелото на супремација односно надреденост на правото на ЕУ во однос на националното право во ситуација кога постои нивна неусогласеност. Ова начело не значи дека националното право во таков случај престанува да важи туку дека наместо националното право се употребува правото на Унијата. Ова не значи дека судот на ЕУ има ингеренција да го поништи националното право/акт кој не е во согласност со европските прописи туку дека во таков случај домашните судови и органи се обврзани да го употребуваат европскиот акт наместо националниот.

Ова начело не било запишано во основачките договори на Унијата туку е развиено од страна на судот во Луксембург преку својата пракса, поточно преку пресудата во случајот Costa v. E.N.E.L. Италија во 1964-та година со цел национализирање на производството и дистрибуцијата на електрична енергија ја формира државната компанијата E.N.E.L.. Фламинио Коста како акционер во компанијата Едисон Волта, која била непосредно засегната од национализацијата, одбива да ја плати својата сметка за електрична енергија во висина од 1.900 тогашни италијански лири, со што пред надлежниот национален суд во Италија се покренува постапка. Во постапката г-динот Коста смета дека национализацијата на енергетскиот сектор е во спротивност со тогашниот договор на Европската економска заедница, конкретно со одредбите кои се однесуваат на заштитата на конкуренцијата, државната помош, постепеното преобликување на државните пазарни монополи итн. Судот во Милано во согласност со тогашниот член 177 од Договорот на Европската економска заедница (сега член 267 од Договорот за функционирање на ЕУ), на барање на г-динот Коста ја прекинува постапката и од судот во Луксембург, меѓу другото, бара одговор на дилемата каква е правната последица во случај кога правото на земјата членка е во спротивност со правото на Унијата? Одговорот на судот на ЕУ е недвосмислен – судот ја потврдува примарноста на целокупниот правен ред на Унијата, кој во оваа пресуда го дефинира како сопствен правен ред и не како некој нов правен поредок на меѓународното право.

Тука е важно да се напомене дека начелото на супремација важи независно од тоа каде во правната хиерархија се наоѓа националниот акт. Тоа практично значи дека правото на Унијата е надредено дури и во однос на уставите на земјите членки, што е потврдено во уште една пресуда на судот на ЕУ, во случајот Internationale Handelsgesellschaft. Во овој случај се работи за спор околу одредбите на уредбата на Советот на ЕУ, на чија основа компаниите се стекнувале со дозволи за извоз на житни култури, при што биле обврзани да платат депозит. Доколку овие житни култури на база на таа дозвола подоцна не биле извезени во одреден временски период компанијата немала право на поврат на својот депозит. Компанијата Internationale Handelsgesellschaft во случајот спорела со конкретните одредби на уредбата со тврдење дека се спротивни на уставните начела на Германија (пред се`, правото на економска слобода). Оваа пресуда е од особено значење за консолидациајта и развојот на правото на Унијата бидејќи недвосмислено ја истакнува чуствителноста и сложеноста на процесот на интеграција и усогласување на националните правни редови со правниот ред на ЕУ. Имено, судот во Луксембург во пресудата истакнува дека валидноста на мерките усвоени од страна на институциите на Унијата можат да бидат ревидирани само во контекст на правото на Унијата. Важноста на мерките и последиците кои тие ги предизвикуваат за земјите членки не може да бидат засегнати од обвинувања дека се во спротивност со основните човекови права дефинирани во Уставот на одредена земја членка со оглед на фактот што целокупниот правен поредок на Унијата се темели и е обликуван на начин кој ги гарантира човековите права и слободи.

Формално-правната имплементација на гореспоменатите начела ќе започне со промената на нашиот Устав при влезот во Унијата, со која што Македонија дел од извршувањето на своите суверени права ќе ги пренесе токму на Унијата. Од сето ова може јасно и недвосмислено да се заклучи дека Македонија веќе е исправена пред сериозен предизвик на целосно формално, но и материјално, односно суштинско усогласување со цел еден систем на уредби, директиви, одлуки и стандарди чија суштинска имплементација може да ни отвори подобри перспективи. Велам суштинска, затоа што формалното печатење на национални акти со европско знаменце ни е добро позната дисциплина. Но европското знаменце нема магична моќ да је преточи хартијата во поквалитетен живот. Тоа мораме да го одработиме. Токму тоа е всушност содржината на пораката која ни се праќа кога се порачува дека нема скратен пат за интеграцијата на Македонија во ЕУ.

ЕУ во Македонија, а не Македонија во ЕУ

Со последните политички случувања во Унијата предводени од Брегзит и референдумот за независноста на Каталонија не треба да сте детален познавач на состојбите во ЕУ за да заклучите дека Европа е исправена пред нови сериозни предизвици кои негативно влијаат на перцепцијата за придобивките кои европската интеграција би требало да ги донесе. Оттука е сосема разбирлив и скептицизмот кој владее кај дел од граѓаните на Македонија. Сметам дека главната причина е фактот што од самиот почеток на таа европска приказна во Македонија водиме погрешна дебата која секогаш почнувала и завршувала со прашањето - кога Македонија ќе се интегрира во Европската Унија? Напротив, сметам дека клучното прашање за нас мора да биде кога Унијата ќе ја интегрираме во Македонија.

Кога велам Унијата мислам на темелните постулати на кои таа почива, мислам на слободата на движење на добрата, работниците, капиталот и услугите, мислам на сите оние правила и стандарди кои се основа на се` она кое што кај нас симболично се претставува како подобра иднина и поквалитетен живот. Прашањето на нашата интеграција не е и не смее да биде само политичка определба која нашиот политички врв секогаш ја рецитирал како обична флоскула. Интеграцијата на Македонија во ЕУ е прашање на цивилизациска определба. Имплементацијата на гореспоменатите стандарди и правила, заштитата на човековите права, заштитата на пазарот, на конкуренцијата, заштитата на животната средина итн. се цели кон кои мораме постојано да стремиме независно од самата ЕУ па дури и независно од нејзиното постоење.

Моменталната форма во која постои Унијата перспективно гледано може дури и да претрпи одредени промени, но квалитетот на живеење и сите оние вредности врз кои таа почива ќе останат како општествени придобивки за нејзините членки. Тоа е всушност и заедничкиот именител околу кој Македонија го наоѓа својот интерес да продолжи да оди на тој европски пат. Тука лежи и одговорот на одредени апсурдни коментари кои низ годиниве се провлекувале во нашата јавност, а кои произлегувале од одредени „визионерски“ гледишта дека ЕУ буквално ќе се распадне, така што Македонија нема причина за брзање.

Но можеме да видиме дека една од работите која што се распадна и продолжува да пропаѓа е квалитетот на воздухот и со тоа квалитетот на живот на граѓаните низ градовите во Македонија. Тоа е она што свесно или несвесно го забораваме - фактот дека стремежот за поквалитен живот и животна средина, за ефикасна администрација, здравство или образование никогаш нема да згасне без разлика на формата во која европските народи ќе се борат за тој стремеж. Во таа борба Македонија мора да се приклучи час поскоро. Таа борба можеме и мораме да ја водиме секој ден. Заради самите себе.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Корените на трибализмот во западниот свет
Моментот на вистината за универзалното образование
 

Коментари 1

Анонимен - Niki on Вторник, 27 Март 2018 15:34

Јас имам едно пологично и пократко резонирање на прашањето
Кога Македонија ќе се интегрира во Европската Унија?
Логичкиот одговор е Република Македонија никогаш нема да се интегрира во ЕУ затоа што
е поставен услов (веднаш штом) го промени името, па така
Ако не го смени името - нема да влезе во ЕУ - никогаш
Ако го промени - ќе влезе некоја држава со друго име, а не Република Македонија.

Така да јасно е Република Македонија никогаш нема да влезе во ЕУ.

Милчо Балески - поранешен градоначалник на Охрид - верувам ова е неговата реинкарнација.
Поздрав.

Јас имам едно пологично и пократко резонирање на прашањето Кога Македонија ќе се интегрира во Европската Унија? Логичкиот одговор е Република Македонија никогаш нема да се интегрира во ЕУ затоа што е поставен услов (веднаш штом) го промени името, па така Ако не го смени името - нема да влезе во ЕУ - никогаш Ако го промени - ќе влезе некоја држава со друго име, а не Република Македонија. Така да јасно е Република Македонија никогаш нема да влезе во ЕУ. Милчо Балески - поранешен градоначалник на Охрид - верувам ова е неговата реинкарнација. Поздрав.
Анонимен
Петок, 20 Април 2018
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: