Да го направиме новинарството повторно големо

Александра Борхарт (Alexandra Borchardt)

Alexandra Borchardt 200x250Во дебатата за иднината на новинарството, „лажните вести“ веќе добиваат главна улога, со приказни каде главни ликови се американскиот претседател, руски комуникациски „ботови“ и предавство и измама кои се натпреваруваат за внимание од јавноста. Но во време на намалена заработувачка и со сè помала публика, дали навистина лажните вести се најголемата закана со која се соочуваат традиционалните медиуми?

Во време кога вестите сè повеќе имаат тенденција да хипервентилираат, некогаш е тешко да се направи разлика меѓу факти од фабрикувани или намерно искривени содржини споделени преку социјални медиуми. Размножувањето на „ботовите“ – што се компјутерски програми кои автоматски шират дезинформации – уште повеќе го отежнува разликувањето помеѓу она што е вистина и она што не е. Како што се множат методите на манипулација, изгледа дека овој проблем ќе станува сè пострашен.

Сепак, фокусот на лажни вести го одзема вниманието на многумина во индустријата од посериозните предизвици со кои се соочува професионалното новинарство. Уништувањето на бизнис моделите и зголемената зависност од дигиталните дистрибутери, како што се Фејсбук и Гугл, им ги врза рацете на новинските организации и се презеде голем дел од нивниот профит. Уште полошо е тоа што публиката веќе не верува во информациите што ѝ се презентираат. Ова покажува дека проблемот е поголем од лажните вести.

Всушност, големите, традиционални медиумски организации, односно оние кои се преостанати од еден постар систем, и натаму се поважни од социјалните медиуми како извори на кои може да им се верува. Како што открива Институтот за проучување новинарство на Ројтерс во Извештајот за дигитални вести за 2017 година, 40 отсто од консументите на вести изјавиле дека етаблираните медиумски организации, на пример „Њујорк тајмс“, прават точна разлика помеѓу фактите и невистините. Што се однесува за социјалните медиуми, овој процент е само 24.

Ова исто така укажува на фактот дека 60 отсто од консументите на вести сметаат дека традиционалните медиуми се невнимателни со фактите. Само овој статистички податок треба да е доволна причина за сериозна загриженост за сите во индустријата.

Според извештајот кој анкетирал околу 70 илјади корисници на интернет во 36 држави, 29 отсто од испитаниците рекле дека сосема ги избегнуваат вестите. За многумина од нив, причината била затоа што производителите на вести повеќе ставаат фокус на негативните стории, што прави тие да бидат нерасположени, или затоа што сметаат дека известувањето оди повеќе во корист на некоја политичка опција, па оттаму и не може да им се верува на тие вести.

Без доверба нема публика, а без публика, нема бизнис. Ако резултатите од анкетата даваат реален приказ за пошироките трендови, еден од најважните столбови на демократија во светот, односно слободните и отворените медиуми, е загрозен.

Можеби ова не треба да нè чуди. Во дигиталната ера, недостигот на доверба остави белег на повеќето поголеми институции, од политички партии и големи компании до религиозни организации и универзитети. Ова можеби покажува дека граѓаните се поинформирани и покритички настроени или, а ова е поверојатно, може да биде реакција на чувството на преплавеност од избори и немоќ во еден сложен свет.

Она што се смени за новинските организации е фактот што, благодарение на социјалните медиуми, тие веќе не се единствените кои можат да бараат одговорност од моќниците или власта. Напротив, луѓето веќе почнаа нив да ги гледаат како дел од моќниците, дел од медиумската-бизнис-политичка елита која е одвоена од грижите на обичниот народ. Откако стана причина за лутина кај народот, новинарството ќе мора да направи „драстичен пресврт“ за повторно да добие кредибилитет и да ја врати довербата од публиката.

За таа цел, медиумските организации треба да преземат најмалку шест чекори.

Прво, новинските медиуми мора да си постават свои програми и цели, наместо да трошат ресурси во обид да остварат нечии туѓи. Меѓународната истрага која доведе до Панамските документи и Документите за офшор финансиската индустрија се одлични примери за новинарство кое е релевантно и интересно, што се два основни критериуми кои целото новинарство мора да ги исполнува.

Второ, репортерите имаат одговорност пред својата публика да анализираат што прават моќните актери, а не што тие кажуваат. Како што неодамна забележа медиумскиот колумнист за „Вашингтон пост“, Маргарет Саливан, известувањето за претседателот на САД, Доналд Трамп во голема мера се фокусира само на неговите зборови, по цена на неговата политика.

Трето, медиумите мора да почнат подобро да слушаат. Разликата што новинарите ја прават помеѓу „известување“ и „известување од терен“ ја нагласува реалноста, односно дека голем дел од вработените во една новинска редакција не стануваат од нивните бироа. Не мора да значи дека новинарите самите избираат да биде така. Многумина се залепени пред екраните затоа што компаниите немаат доволно средства или ги присилуваат да следат и да известуваат за објави на Твитер. На некој начин, однесувањето на новинарите е само симптом на уредничката патологија.

Четврто, новинските организации мора интерактивно да комуницираат со публиката – да разговараат со нив, а не само да им соопштуваат. Многу често, новинскиот циклус е воден од претпоставката за тоа што би им се допаднало на гледачите или читателите, наместо она што им е потребно. Разновидноста на членовите во една новинска редакција е пресудно за покривањето на настаните да биде што е можно порелевантно.

Петто, во трката да се експериментира со некои нови облици на соопштување стории, некои медиумски компании ја забораваат нивната мисија. Новинските организации не треба да започнуваат скапи и екстравагантни проекти ако тие проекти не помагаат многу за публиката подобро да ја разбере сторијата.

На крај, за да се врати довербата, потребно е да се најде нова дефиниција на самите вести. Кога публиката се чувствува преплавена од информации и сложеност, можно е реакцијата да биде целосно исклучување. Медиумите мора да им дадат причина на луѓето повторно да почнат да ги следат вестите. (Еден пример: позитивните вести добиваат драстично помалку вредност во денешната медиумска средина).

Ако традиционалните медиуми си дозволат да бидат дефинирани од дебатата за лажните вести, и тие самите ќе станат преплавени. Сè додека компаниите на социјалните медиуми се оптимизирани за приходи од реклами, нивните алгоритми ќе тежнеат кон наградување на екстремностите, а новинските организации ќе трошат вредни ресурси за да се борат против дезинформациите.

Подобар приод би бил вестите да се направат помалку досадни. Угледните медиумски компании отсекогаш барале начин да извлечат профит од фактите: да се биде прв кој ја дознава веста, ексклузивни интервјуа, истраги кои откриваат нови факти. Вистината, како и довербата, е производ со кој може да се тргува. Иднината на индустријата зависи од тоа дали ќе станеме подобри во произведување на тој производ.

Александра Бархарт е директор за стратегиски развој на Институтот за проучување новинарство на Ројтерс.

Copyright: Project Syndicate, 2018.
www.project-syndicate.org

Политичка коректност или историски факти во односо...
Дали навистина ни треба НАТО?
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 20 Април 2018
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: