Името, моралот и Шредингеровата мачка на Мицкоски

Кристијан Фидановски

Kristijan FidanovskiblogПрвата работоспособна генерација во Македонија по осамостојувањето, која во целост ја сноси вината за тридецениското одолговлекување на спорот за името, сега има историска шанса да си ја исправи грешката. Оваа генерација има морална обврска да ни пружи можност самите да си создадеме понормален свет од оној кој тие ни го оставија.

Спорот за името, пред сè и над сè, е едно катастрофално потфрлање на првата работоспособна генерација во самостојна Македонија. Оваа генерација му дозволи на спорот три децении да уништува иднини, да разделува деца од своите родители и да одвраќа внимание од проблемите на обичниот човек. Кога творецот на нашата самостојност, Киро Глигоров, ја скова несреќната фраза „времето работи за нас“ по потпишувањето на Времената спогодба во 1995, тој во никој случај не сакаше да каже дека времето само ќе го реши спорот, без ние самите да работиме за нас. Тој само сакаше да каже дека во спор во кој една етаблирана демократија држи во заложништво една петпати помала, кревка, разоружана и тазе самостојна држава поради апсурден страв од иредентизам, времето бездруго мора да работи за жртвата, наместо за иницијаторот на спорот, но ако и само ако жртвата е мудра.

Оттука, сите овие години, секој интелектуалец (македонски или странски) кој некогаш фатил пенкало за спорот за името сносеше морална одговорност да го најде најдобриот можен начин да му ја предочи на светот ваквата апсурдност на иницијаторот на спорот, со тоа апелирајќи до меѓународната заедница да застане во одбрана на жртвата. Па така, некои од нас ја илустрираа апсурдноста на грчките барања низ призмата на меѓународното право. Други, пак, мудро посочуваа низа слични примери на истоименост насекаде во светот, кои за разлика од истоименоста на нашата држава со хомонимниот грчки регион, не создаваат политички спорови. Трети ја потсетуваа меѓународната заедница дека таа всушност веќе ја имаше осознаено грчката апсурдност, пред автогол-политиките на Никола Груевски да го претворат спорот од спор помеѓу иницијатор и жртва во спор помеѓу иницијатор и контра-провокатор.

Со други зборови, пред Договорот, дури и кога како интелектуалци пишувавме дома, всушност пишувавме за да нè чујат надвор, со надеж дека меѓународната заедница ќе „пушти срце“ и ќе го изврши потребниот притисок врз Грција за да се изнајде разумно решение. Ако, пак, некои од нас го пишувале тоа што го пишувале со надеж дека неправедниот спор може да се реши на праведен начин (Република Македонија за севкупна употреба), тогаш навистина бадијала пишувале.

Колосалната отстапка на Алексис Ципрас

Во политиката, секој потег на еден лидер кој се коси со јавното мислење на оние кои го гласаат е рамен на чудо. Оттука, не постои друго објаснување освен силен меѓународен притисок зошто Алексис Ципрас би постигнал договор со Зоран Заев на неколку месеци пред претстојните грчки избори, во кои според анкетите уште од претходно влегуваше како аутсајдер.

Ципрас е свесен дека две третини од грчкиот народ се против каков било компромис кој го содржи зборот „Македонија“. Затоа, за него секако ќе беше многу пологично да прифати решение кое би било дури и поповолно за Македонија (на пример, меѓународна наместо севкупна употреба на новото име), но притоа да вметне клаузула за референдум во Грција. Во ова сценарио, Договорот бездруго ќе пропаднеше, а Ципрас ем ќе се спасеше себеси од политичка катастрофа дома, ем ќе можеше да се преправа пред светот дека направил сè што е во негова моќ за да се реши спорот.

Фактот што Ципрас сепак не се реши за еден ваков трик претставува колосална отстапка од страна на грчката влада. Сите во Македонија кои изминативе години сме пишувале за спорот со ладна глава, притоа свесни дека е невозможно нашите апели да бидат послушани во целост, имаме полно право да бидеме пресреќни. Во спор кој отсекогаш беше асиметричен во полза на Грција поради моќта на оваа држава да ги попречува нашите евроатлантски интеграции, ние успеавме да издејствуваме договор кој во клучен сегмент е асиметричен во наша полза: ние смееме да одржиме референдум, Грција не. И додека сите овие години пишувавме за да нè разбере светот, моралната одговорност на секој кој пишува за спорот за името сега се префрла кон дома: да не дозволиме грчкото вето да биде заменето со домашно преку неуспешен референдум.

На неколку месеци од референдумот, веќе е очигледно дека кампањата за поддршка на Договорот ќе ја води окрупнетото парламентарно мнозинство, веројатно во придружба и на албанските опозициски партии, додека противниците на Договорот ќе бидат предводени од еден идеолошки неконзистентен конгломерат на чело со ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Во таборот на противниците, уште пред почетокот на кампањата се забележуваат два сериозни парадокси. Овие парадокси го илустрираат слабиот квалитет на аргументите против Договорот, а во случајот на Левица истовремено за жал ја поткопуваат и смислата на постоењето на оваа партија.

imeto moralot i sredingerovata macka na mickoskiИзвор: chargrilled.co.uk

Шредингеровата мачка на Христијан Мицкоски

Постојат две сценарија во кои референдумот не би успеал. Прво, доколку не излезат на гласање барем 50 отсто од граѓаните кои имаат право на глас. Или второ, доколку повеќе од 50 отсто од оние кои ќе излезат на гласање, гласаат против Договорот. Кога се одржува референдум во некоја од развиените демократии, политичарите кои не сакаат референдумот да успее најчесто се одлучуваат за стратегија насочена кон остварување на вториот од овие два исходи, односно сценарио во кое мнозинството гласачи би гласале „против“.

Причината за ваквата стратегија лежи во фактот што во развиените демократии политичката култура на граѓаните е поголема, односно луѓето чувствуваат граѓанска должност да излезат на гласање без оглед колкаво значење му придаваат на прашањето за кое што се гласа, а дури и без оглед колку се сигурни како всушност сакаат да гласаат. На пример, излезноста на референдумот за „Брегзит“ во Велика Британија во 2016 изнесуваше 72 отсто, што е драстично повеќе од потребниот минимум за референдумот да успее. Затоа, во овој случај немаше да има никаква смисла да се повикуваат гласачите на бојкот, бидејќи беше јасно дека тие и онака ќе излезат во доволно голем број.

Во Македонија нештата стојат поинаку. Додека секако е возможно излезноста да биде доволно висока за референдумот да успее (независно од тоа дали мнозинството потоа ќе гласа „за“ или „против“), постои и сериозна опасност да не биде доволно висока. Оваа опасност не се должи само на помалата политичка свесност за важноста да се излезе на гласање, туку пред сè на огромниот број иселени лица. Во отсуство на попис, нивниот точен број останува непознат. Сепак, јасно е дека поради фактот што избирачкиот список пред парламентарните избори во 2016 се прочистуваше преку усогласување на различни постоечки верзии, а не преку теренска проверка на гласачите, овој список и натаму содржи голем број иселени лица за кои е многу помалку веројатно дека ќе гласаат на референдумот. Доколку на ова се придодаде и фамата, која веќе подолго време несовесно и (барем засега) неосновано ја создаваат некои од противниците на Договорот, дека е бесмислено да се гласа на референдумот бидејќи тој и онака ќе биде наместен, тогаш е повеќе од јасно дека шансите за недоволна излезност се сосема реални.

Оттука, единствениот логичен чекор за раководството на ВМРО-ДПМНЕ би бил да ги повика сопствените поддржувачи да го бојкотираат референдумот. Кога гласачкото тело на партијата (дури и во својот еродиран облик од минатогодишните локални избори) би било советувано да не излегува на гласање, тогаш тоа само по себе би можело да биде доволно за да не се постигне потребната излезност, имајќи ги предвид поволните стартни околности за еден ваков исход наведени погоре.

А сепак, раководството на ВМРО-ДПМНЕ се одлучи да ја игнорира оваа релативно едноставна математика и да ги советува поддржувачите да излезат на гласање, но да гласаат „против“. Во ваквото сценарио, станува речиси сосема извесно дека излезноста ќе биде доволно висока, што значи дека партијата се надева на малку веројатниот исход во кој мнозинството гласачи би гласале „против“, без оглед на фактот што окрупнетото парламентарно мнозинство, како и опозициските албански партии, ќе повикаат на гласање „за“. Ваквиот ирационален чекор упатува на заклучок дека лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, всушност го саботира таборот на противниците на Договорот, одбирајќи стратегија која всушност ќе ја овозможи успешноста на референдумот со тоа што ќе ја загарантира потребната излезност.

По сè изгледа, стратегијата на Мицкоски најмногу потсетува на концептот на „Шредингерова мачка“, кој потекнува од нему блиските природни науки. „Шредингеровата мачка“ е експеримент во физиката во кој се зема мачка и се изложува на низа неповолни услови, кои во одреден момент се очекува да резултираат со нејзина смрт. Меѓутоа, со оглед на тоа што е тешко да се утврди точниот момент во кој ќе настапи смртта, физичарите мора да претпостават дека мачката е истовремено и жива и мртва. Стратегијата на Мицкоски се состои токму од еден ваков очигледен парадокс, бидејќи подразбира употреба на одредено средство (гласање „против“) кое ќе резултира со одреден ефект (обезбедување доволна излезност), кој пак најверојатно би бил спротивен од ефектот кој Мицкоски тврди дека го посакува (неуспешен референдум).

И кога стратегијата ќе резултира со овој спротивен ефект, односно кога Шредингеровата мачка ќе умре, Мицкоски всушност ќе преживее, бидејќи ем ќе може да тврди дека направил сè што е во негова моќ спорот со името да не се реши, ем спорот конечно ќе биде решен и нема да треба тој да го решава доколку еден ден дојде на власт. Останува на гласачите да го препознаат парадоксот и да не дозволат мачката да биде истовремено и жива и мртва.

Идеолошката недоследност на Левица

Кај вториот најистурен опонент на Договорот, партијата Левица, парадоксот е поинаков, но сепак подеднакво очигледен. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, Левица ја согледува референдумската математика и ги советува своите поддржувачи да го бојкотираат гласањето, наместо да гласаат „против“. Од друга страна, во случајот на Левица се забележува една непремостлива контрадикторност помеѓу ставот на партијата за спорот со името и нејзината марксистичка идеолошка определба.

Доколку постои еден концепт кој во теоријата за класите на Карл Маркс бил барем подеднакво голем непријател колку озлогласената буржоазија, тогаш тоа е концептот „национална свест“. Маркс посветува огромен дел од своето творештво на деконструкција на овој концепт, бидејќи смета дека неговото отфрлање е всушност предуслов за народните маси да можат да ја разберат неговата класна дихотомија, а со тоа и целокупната негова теорија. Всушност, Маркс ја нарекува националната свест „лажна свест“ (false consciousness), која не само што е бесмислена, туку е и опасна бидејќи ја дефокусира работничката класа со апстрактни прашања. Притоа, „лажната свест“ ја принудува работничката класа на лојалност кон нацијата како ултимативна апстракција, односно на парадоксална лојалност кон своите експлоататори (буржоазијата), кои всушност се кријат зад превезот на нацијата.

На прв поглед, Левица се придржува до ваквиот пан-национален карактер на марксизмот преку својата соработка со левичарски движења во Грција, со кои заеднички ја осудуваат грчката влада поради наметнувањето на спорот за името, што е за почит. Но, проблематични се две работи. Прво, не е јасно зошто ваквата осуда на грчкото однесување која ја дели секој здраворазумен интелектуалец мора да резултира со противење на Договорот за името, кога веќе е одамна јасно дека Грција нема да се премисли. Второ, лошо е што партијата дозволи својот став за името да го претвори во свој основен правец на делување, со тоа директно влегувајќи во замката која Маркс целиот свој живот се борел да ја избегне. Веќе подолго време, јавните настапи на Левица ја таргетираат „лажната свест“ на обичниот човек, преокупирајќи го со национални и идентитетски апстракции и со тоа неизбежно одвраќајќи му го вниманието од неговите вистински проблеми. Не постои поголем идеолошки ерес за една левичарска партија од тоа нејзините водечки функционери, наместо со гледишта за секојдневните проблеми на граѓаните, да настапуваат со бомбастична и фаталистичка реторика. Недоследни се и сите заплеткувања во бесконечни правни лавиринти со цел наводна одбрана на јазици, имиња, унитарност и ред други апстракции кои, едноставно, не се „мачкаат на леб“. Карл Маркс веројатно се превртува во гробот.

Референдумот како поправен испит за една цела генерација

За крај, според она што може да се забележи досега, ставовите за септемврискиот референдум се силно поделени по возраст. Со оглед на доминатната застапеност на повозрасни лица на протестите против Договорот, Македонија се соочува со реална опасност да ѝ се повтори „Брегзит“ сценариото, односно повозрасните гласачи да одиграат одлучувачка улога. Ваквата улога се должи на повисоката излезност кај овие гласачи, кои на тој начин имаат моќ да ги лишат младите од европската иднина што тие толку силно ја посакуваат за себе.

Референдумот ќе им понуди неповторлива можност на поовозрасните генерации да ни дозволат самите да си создадеме понормален свет од оној кој тие ни го оставија. Тогаш, можеби и ќе им простиме.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Апел до Иванов да се откаже од неуставното џебно в...
Реинтеграција на Ромите повратници: вклучување на ...
 

Коментари 1

Анонимен - Илија Колев Радовиш on Понеделник, 02 Јули 2018 16:46

ПРЕМИЕРОТ НАШ НЕМА ПОЈМА ОД ЕКОНОМИЈА
МИСЛЕЈКИ ДЕКА ЈА РАЗБИРА ЈА ПРОДАВА МАКЕДОНИЈА

Тој, нашиот македонски премиет Зоран Заев го убедува својот народ дека со влегувањето во НАТО и ЕУ економски ке зајакнеме и ќе обезбеди живот. И јас би поверувал дека е така, ако такво нешто им се случило на нашите соседи кои се во ЕУ, како Бугарија, Грција, Романија, Хрватска и др. Лажата и покрај тоа што е лажа, пак му фаќа диќиш кај лугето, кои го посакуват влегувањето, поради тражење на работа во поразвиените држави, а не дека во Македонија ке дојде животот.
На премиерот знаењето од економијата му е на ниво на немање појма. Веќе го кажавме едниот доказ дека, соседите од влегувањето во ЕУ не добиле живот, туку маќи невидени, лутање по светот, за тие што се иселиле, а тие што останале понизок стандард. Другиот доказ е дека тие од ЕУ, командантите едно даваат десет земаат. И да се случи, да има инвестиции во поголема мера, ние од нив нема да имаме никаква корис. Тие од ЕУ, нема да дозволат профитот да остане кај нас, еден дел што ќе бидат должни да го одвојуваат за буџетот на Македонија, преку обврски за ЕУ пак ќе си го повраќат. А, тој дел што ги следува нив ке си го носат во матичната држава. На нас ќе останат само сиромашните плати. Но и тие ке бидат поткусурени, со напливот на нивните фирми, и со монополско однесување, нивните стоки и услугите ке ги истиснат нашите, после кое ке уследи зголемување на цените.
На премиерот не му е јасно дека сојузите се праваат само поради потребата од пазари, во кои сојузи сиромашните држави се на удар да ги изгубат пазарите, а не да ги добијат. Тоа е и целта на богатите, да ги стават сиромашните во сојуз да им го владеат пазарот. Со други зборови да ги молзаат како овцички.
И уште тоа, нашиот премиер нема појма од економија, кога се осудува да верува дека ЕУ е решението за подобар живот, и да бара влез во ЕУ дури и по цена на распродавање на државата. Еве во што е неговото незнаење, или неразбирање на економијата ? Реков сојузите се прават се поради потребата за пазари, тогаш ако стварно ја разбира економијата тој треба да се праша зошто ги нема пазарите ? Еве го мојот одговор, а тој во колку има контрадокази нека повели на расправа. Го нема пазарот само поради грешка во системот, во врска со присвојувањето на новата вредност. А, грешката е во тоа што трудот е оставен само со третман на стока, а има заслуга и за дел од профитот. Тој дел што не го добива, на него одговара веќе создадена понуда, таа понуда неможе да се продаде бидејки газдите не ги исплатиле тие пари на работниците. Таа понуда на стоки у услуги се трупа и е причина за појавата на кризи и потребата од пазари, и тоа на ниво на систем во сите држави, за која како решение се измислило правењето на сојузи и растварањето на војни. Тоа решение е погрешно, и го носи системот во пропаѓање.

ПРЕМИЕРОТ НАШ НЕМА ПОЈМА ОД ЕКОНОМИЈА МИСЛЕЈКИ ДЕКА ЈА РАЗБИРА ЈА ПРОДАВА МАКЕДОНИЈА Тој, нашиот македонски премиет Зоран Заев го убедува својот народ дека со влегувањето во НАТО и ЕУ економски ке зајакнеме и ќе обезбеди живот. И јас би поверувал дека е така, ако такво нешто им се случило на нашите соседи кои се во ЕУ, како Бугарија, Грција, Романија, Хрватска и др. Лажата и покрај тоа што е лажа, пак му фаќа диќиш кај лугето, кои го посакуват влегувањето, поради тражење на работа во поразвиените држави, а не дека во Македонија ке дојде животот. На премиерот знаењето од економијата му е на ниво на немање појма. Веќе го кажавме едниот доказ дека, соседите од влегувањето во ЕУ не добиле живот, туку маќи невидени, лутање по светот, за тие што се иселиле, а тие што останале понизок стандард. Другиот доказ е дека тие од ЕУ, командантите едно даваат десет земаат. И да се случи, да има инвестиции во поголема мера, ние од нив нема да имаме никаква корис. Тие од ЕУ, нема да дозволат профитот да остане кај нас, еден дел што ќе бидат должни да го одвојуваат за буџетот на Македонија, преку обврски за ЕУ пак ќе си го повраќат. А, тој дел што ги следува нив ке си го носат во матичната држава. На нас ќе останат само сиромашните плати. Но и тие ке бидат поткусурени, со напливот на нивните фирми, и со монополско однесување, нивните стоки и услугите ке ги истиснат нашите, после кое ке уследи зголемување на цените. На премиерот не му е јасно дека сојузите се праваат само поради потребата од пазари, во кои сојузи сиромашните држави се на удар да ги изгубат пазарите, а не да ги добијат. Тоа е и целта на богатите, да ги стават сиромашните во сојуз да им го владеат пазарот. Со други зборови да ги молзаат како овцички. И уште тоа, нашиот премиер нема појма од економија, кога се осудува да верува дека ЕУ е решението за подобар живот, и да бара влез во ЕУ дури и по цена на распродавање на државата. Еве во што е неговото незнаење, или неразбирање на економијата ? Реков сојузите се прават се поради потребата за пазари, тогаш ако стварно ја разбира економијата тој треба да се праша зошто ги нема пазарите ? Еве го мојот одговор, а тој во колку има контрадокази нека повели на расправа. Го нема пазарот само поради грешка во системот, во врска со присвојувањето на новата вредност. А, грешката е во тоа што трудот е оставен само со третман на стока, а има заслуга и за дел од профитот. Тој дел што не го добива, на него одговара веќе создадена понуда, таа понуда неможе да се продаде бидејки газдите не ги исплатиле тие пари на работниците. Таа понуда на стоки у услуги се трупа и е причина за појавата на кризи и потребата од пазари, и тоа на ниво на систем во сите држави, за која како решение се измислило правењето на сојузи и растварањето на војни. Тоа решение е погрешно, и го носи системот во пропаѓање.
Анонимен
Среда, 18 Јули 2018
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: