fbpx
 

Зошто западните земји мора да ги прифатат екстремистите - повратници

Бјорн Илер (Bjørn Ihler) и Фатима Заман (Fatima Zaman)

Враќањето на насилните екстремисти во западните земји не е нерешлив проблем. Но, таков проблем би настанал доколку ги занемаруваме нашите принципи.

Шамима Бегум (Shamima Begum), 19-годишна Британка, која пред четири години избегала во Сирија за да се омажи за борец на Исламската држава (ИСИС), сака да се врати дома во Обединетото Кралство со својот новороден син. Во друга ситуација, слична на оваа, Хода Мутана (Hoda Muthana), 24-годишна Американка која се придружила на ИСИС на 20 годишна возраст, побарала повторно влегување во САД со своето мало дете. Двете биле одбиени. Но, нивните случаи и понатаму поттикнуваат жестока дебата за правата на лицата кои изразиле желба да се вратат - и, пошироко, за компатибилноста меѓу Муслиманите и Западот.

Во случајот на Бегум, британската влада одлучила да го одземе нејзиното државјанство, и покрај тоа што британските закони го забрануваат тоа во ситуации кога со одземањето лицето би останало без државјанство. Министерството за внатрешни работи на Обединетото Кралство, очигледно заклучило дека бангладешкиот пасош на Бегум обезбедува доволно валиден изговор за занемарување на ова правило. Бегум наводно планира да поднесе жалба на одлуката.

Што се однесува до Мутана, САД тврдат дека таа воопшто не ни била државјанка. Да, таа е родена во Њу Џерси и добила пасош на САД пред да побегне во ИСИС. Но, Стејт департментот на САД тврди дека нејзиниот татко бил јеменски дипломат, а децата кои се родени додека нивните родители се активни дипломати во САД не добиваат право на државјанство. Меѓутоа, Мутана е родена неколку месеци откако нејзиниот татко ја напуштил својата позиција, што станало основ на тужбата поднесена од нејзиниот татко против администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Без оглед дали нам ни се допаѓа, Бегум и Мутана имаат валидни аргументи. Нивните влади не успеале да ги испочитуваат граѓанските права на фер судење - што значи, во овој случај, кривично гонење и соодветна казна според законот.

Многумина не гледаат никаков проблем во тоа: овие млади жени ги загубиле своите права кога избрале да ги напуштат своите матични земји и се приклучиле на група која ги смета овие земји за непријател. И политичките лидери, кои сакаат да освојат поени од гласачите, со задоволство го поддржуваат овој став.

Но, како што често нагласуваше покојниот Кофи Анан, поранешен генерален секретар на Обединетите нации, ваквото краткорочно, политички мотивирано размислување одразува недостаток на визија и на крајот води до неуспехот на лидерството. Долгорочните последици од напуштање на одговорноста за повратниците од екстремистички групи се сериозни.

Младите кои бегаат за да се приклучат кон екстремистички групи обично се мотивирани од чувство на длабока изолација и желба за имање цел. Со јавно и формално исклучување на таквите луѓе од нашите општества, го зајакнуваме нивното чувство на изолација и немоќ - спротивно на она што е потребно за борба против екстремизмот и намалување на заканата за нивните матични земји.

Повратниците имаат право на уредно судење. Со негирање на тоа нивно право, се кршат основните принципи на владеење на правото на кои се изградени демократиите. Тоа оди во полза на фундаменталистите и екстремистите, кои ги обвинуваат западните влади дека проповедаат човекови права и еднаквост пред законот, само кога ним им одговара. Најдобар начин да се одбранат западните вредности е истите да се почитуваат.

Покрај одговорноста што ја имаат кон своите граѓани, западните земји имаат одговорност и за остатокот од светот. Многу европски земји, како Велика Британија, Германија и Франција, се главни извозници на екстремисти на Блискиот Исток. Без оглед колку ние сакаме овие луѓе да не бидат наш проблем, треба да се има на ум дека стотици од нив веќе се вратиле, односно тие се наш проблем. Префрлање на проблемот на други земји не е решение.

Наместо да ги занемаруваме правата кога тоа ни одговара, како што прават екстремистите, Западот мора да усвои пристап базиран на вредности за справување со повратниците. Таквиот пристап би се фокусирал на создавање структури и механизми за рехабилитација и реинтегрирање на повратниците од екстремистичките групи во Сирија и на други места. Овде, земјите како Данска, Шведска и Норвешка, со своите посветени објекти за реинтеграција, силни мрежи за поддршка и ефикасна координација меѓу владините агенции, нудат важен модел.

Како и со секој нов проблем со кој се соочуваат нашите општества, проблемот со повратниците бара да ги надградиме нашите институции, па дури и да создадеме нови, за да бидеме сигурни дека сме подготвени да се справиме со соодветните предизвици. Дерадикализацијата и реинтеграцијата не се нешто што е пресложено за да го разбереме, но тие бараат силна политичка волја и соодветни ресурси.

Се разбира, најдобро сценарио е на самиот почеток да се спречи радикализација. Затоа, во 2017 година, „Екстремно заедно“ (Extremely Together), иницијатива на фондацијата Кофи Анан во која десет млади луѓе од целиот свет (вклучувајќи нè и нас) работат на борба против насилниот екстремизам, ги објави првите упатства за борба против екстремизмот во светот напишани од млади луѓе и наменети за млади луѓе.

Враќањето на насилните екстремисти во западните земји не е нерешлив проблем. Но, таков проблем би настанал доколку ги занемаруваме нашите принципи.

Бјорн Ихлер, млад лидер на Екстремно заедно во Фондацијата Кофи Анан и ко-основач на Институтот „Калифа Ихлер“, е експерт за меѓународна борба против екстремизмот, технолог и активист.

Фатима Заман, млад лидер на Екстремно заедно во Фондацијата Кофи Анан, ја предводи мобилната акција за борба против насилниот екстремизам во училиштата и универзитетите во Обединетото Кралство.

Copyright: Project Syndicate, 2019.
www.project-syndicate.org

Борба за повеќе пријатели во мултиполарниот свет
Превентивен синџир за успешно справување со депрес...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Среда, 17 Јули 2019
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не