fbpx

Почетната точка на социјалната политика треба да биде домот

Шахра Разави

Политика

13.09.19

Прегледи

Шахра Разави (Shahra Razavi)

Shahra Razavi 200x250За да се заштитат правата на жените во контекст на заеднички средства, социјални бенефиции и старателство над деца, семејните закони и социјалните политики мора да го признаат и живеењето во заедница, а не само бракот.

Политичката економија постигна значителни напредоци. Многу личности и институции кои долго време биле приклоници на неолиберализмот сè повеќе ги препознаваат неуспесите на пазарите и потврдуваат дека државите може да имаат улога во подобрувањето на социоекономските исходи. Дури и Меѓународниот монетарен фонд сега дискутира за „клучноста на макро ниво“ на социјалната заштита, потребата од прогресивно оданочување и, потенцијално, универзални трансфери.

Но, разговорот, кој се фокусира скоро исклучиво на координацијата помеѓу државата и пазарот, е премногу тесен за да се создадат делотворни решенија. За да се дојде до нив, како што покажува новиот извештај на ОН, мора да бидат вклучени и општествените фактори, особено улогата на семејствата и родовата еднаквост.

Овие два фактори се неразделно поврзани, при што родовата нееднаквост добива силна поддршка од семејната динамика, што, на пример, не е случај со расните нееднаквости. Проблемот се надополнува со фактот дека застарените претпоставки за семејствата и родовата динамика и натаму го обликуваат креирањето на социјални и економски политики.

Со ситуацијата каква што е сега, само околу една третина од сите домаќинства се придржуваат кон „идеалната“ структура на семејството (двајца родители со деца), а тоа е структурата на која претежно се засноваат политиките. Меѓу двете третини што имаат поинаква форма, голем удел имаат проширените домаќинства, кои вклучуваат, на пример, тетки, чичковци или баби и дедовци. Околу една четвртина од сите домаќинства се самохрани родители или самци.

Покрај тоа, додека бракот останува практично универзален во некои делови на светот, тој станува сè поретка појава во други, дури и долгорочните партнери честопати избираат да живеат заедно пред или наместо да стапат во брак. Во некои земји во Јужна Америка, Јужна Африка и Европа, до три четвртини од жените на возраст од 25-29 години кои се во врска, живеат заедно со своите партнери.

Сето ова има важни импликации за политиките. Со оглед на нивниот подолг животен век, жените над 60 години имаат двојно поголема веројатност од мажите од истата возрасна група да живеат сами, честопати опстојуваќи со мала пензија и/или мала заштеда, доколку воопшто имаат заштеда.

Покрај тоа, домаќинствата со самохрани родители, а од нив кај повеќе од три четвртини на чело стојат самохрани мајки, во просек имаат двојно поголема веројатност од домаќинствата со двајца родители да живеат во сиромаштија. Самохраните родители често се борат да најдат рамнотежа помеѓу нивната платена работа и нивните одговорности за грижа.

Но дури и кај домаќинства со двајца родители и со повисоки приходи, жените се соочуваат со значителни предизвици во извршување на сите обврски од платената работа и од неплатената грижа. На глобално ниво, жените во просек извршуваат над 76% од неплатените обврски за грижа, што е над три пати повеќе од мажите.

Ова значително го намалува пристапот на жените до независни приходи. Само околу половина од жените во брак или жените во животна заедница на возраст од 25-54 години се присутни на пазарот на трудот, споредено со скоро сите мажи во брак или мажи во животна заедница. А, пак, присуството на малите деца во домаќинството ги намалува стапките на вработеност кај жените, а ги зголемува кај мажите.

Независниот приход ја зајакнува моќта на жените за преговарање и трговска размена, им овозможува да излезат од насилни врски и обезбедува сигурност во староста. Покрај тоа, уделот на жени кои остваруваат независен приход е обратно пропорционален на уделот на домаќинства кои живеат во сиромаштија. Како што кажа данскиот социолог Геста Еспинг-Андерсен, „Единствениот најефикасен лек против сиромаштијата е вработувањето на мајките“.

За подобрување на економската автономност на жените, првиот приоритет мора да биде да се инвестира во системите за грижа, вклучително и оние за рано детско образование и нега (РДОН). Ова е особено итно во земјите во развој, каде што јазот помеѓу понудата на услуги за грижа за деца и побарувачката за вакви услуги е најголем, заради релативно малата работна сила во областа на детска грижа.

Покрај обезбедувањето простор за жените да бараат економски можности, квалитетното и достапно згрижување на децата помага да се поттикне создавање работни места (во секторот за грижа) и да се изгради човечки капитал (особено кај децата кои имаат корист од тоа). Со оглед на ова, како и временската обврска што платената работа ја претставува за сите родови, таквата инвестиција е потребна дури и ако неплатената работа е подеднакво распределена кај домаќинствата.

Втор клучен приоритет мора да биде обезбедување сеопфатна социјална заштита, вклучувајќи платено отсуство, што им овозможува на родителите да се грижат за децата без да бидат исклучени од пазарот на трудот и да добиваат поддршка од приходот. Семејните бенефиции, како што се додатоците за детска грижа, го ублажуваат зголемениот ризик од сиромаштија што оди рака под рака со растењето деца. Самохраните родители треба да добијат дополнителна поддршка.

Во меѓувреме, универзалните пензии можат да ги поддржат жените во староста, бидејќи тие веројатно имаат помалку заштеди и средства од мажите, но живеат подолго. Обезбедувањето пристапни услуги за долготрајна нега и реформа на режимите за брачен имот исто така би помогнале. Како последно, за да се заштитат правата на жените во контекст на заеднички средства, социјални бенефиции и старателство над деца, семејните закони и социјалните политики мора да го признаат и живеењето во заедница, а не само бракот.

Со дизајнирање на пакет-политики кои се засноваат на потребите на современите семејства, политичките лидери можат да ги унапредат правата на жените, развојот на децата и вработеноста. Со тоа, истите политики би претставувале и придобивка за економска динамика и намалување на сиромаштијата.

Шахра Разави е шеф на Секторот за истражување и податоци и Директор за истражување на напредокот на жените во светот, во ООН - жени.

Copyright: Project Syndicate, 2019.
www.project-syndicate.org

Шахра Разави

Шахра Разави е шеф на Секторот за истражување и податоци и Директор за истражување на напредокот на жените во светот, во ООН - жени.