Професионализмот и натаму e „мисловна именка“ за македонското новинарство

вон. проф. д-р Дејан Донев

dejan donev200x250Уште пред етиката да стане нераздвоен дел од новинарската професија, историски анализирано, главната теза за неморалните практики беше дека новинарството не е професија. Денес, истата теза и дилеми се повторно на маса: дали новинарството, без професионализам, може да биде професија?

Ова особено ако се знае дека во изминатиот период новинарството, бидејќи не забележа поголем праг на морална сензитивност во извршувањето на професијата, повисок степен на професионализација, се сведе само на чисто пренесување на информации. Со други зборови, на облик на пренесување на реалноста онаква каква што сакаат да ја проектираат владеачките гарнитури за нивни потреби, па се до навреди кон сопствениот сосед, колега, пријател, другар...., како масовен „национален спорт“!

Професионалните начела во новинарството

Имено, досегашните напори беа новинарската професија, како јавна дејност, својот достигнат степен на професионализам да го изразува преку одговорно почитување на занаетските правила. Во истите подетално се содржани и јасно дефинирани останатите принципи на етично работење во професијата. Се работи за основните четири начела на професионално работење кои се нејзини алфа и омега, начела кои ја гарантираат светоста на оваа професија, изразени во Меѓународниот етички кодекс на новинари (Минхенска декларација):

  • правото на јавноста на информирање и одговорност на новинарот;
  • слободата како услов за информирање;
  • вистината како централна вредност во информирањето;
  • почитувањето на човековата личност.

Иако светот денес, се уште дебатира за нивото на целосно почитување и применување на овие етички начела во работењето, тие не можат да бидат потценети, а најмалку отфрлени затоа што го фундираат и оправдуваат новинарството како професија. Во спротивно, преку „убивањето на новинарот како морален субјект“ имаме непрепознатливост на новинарскиот дискурс во известувањето, а медиумите секогаш одново и одново ќе доаѓаат во служба на различни интереси и ќе бидат собиралиште на ниски страсти!

Македонскиот дебакл на професионално новинарство

Ова е особено важно во една демократија, особено во земји, како што е Република Македонија, кои поминуваат „транзиција“ кон подобар облик на општествено уредување. Оттука, каков е степенот на професионализација на македонското новинарство денес?

Имено, за периодов кој измина и нема поголеми отстапки и во наши, македонски рамки: депласиран е веќе начинот на кој оваа фела се депрофесионализира преку укинување на новинарската автономија, подредувајќи ја професијата на притисокот на (политичкиот) пазар, правејќи од неа герила (маркетинг) простор, полигон за пласирање на (не)вистини и (квази)факти согласно мотивите на оној кој ги пишува, но и оној кој стои зад него, а не јавниот интерес.

Доволен доказ се и посочувањата на Европската Унија, ОБСЕ.. Во нив се вели дека во последниот период Македонија бележи константен пад на слободата на изразување и независноста на медиумите. На оваа линија се и реномираните и релевантни меѓународни организации: Фридом Хаус (Freedom House) која не оценува, исто како и Репортери без граници (Reporters without borders) – неслободна земји во која рангирањето на слободата е со опаѓачки/влошувачки резултат во последните години. Во извештаите, пак, на Европската комисија и натаму константно се наведува сериозната загриженост на Комисијата: да се намали мешањето на Владата во слободата на медиумите!

shutit

Извор: en.inbox7.mk

Празни обиди за професионализација на дејноста

На „домашен терен“ се потфрли и со новиот Закон за медиуми и аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој покажа многу повеќе проблеми отколку решенија, но и со проектот „медиумска писменост“ кој се одвива пребавно и не многу транспарентно и покрај пионерските истражувачки напори. Истото се случува и со наставните курикулуми во високото образование, особено на државните високообразовни институции, кои наместо да бидат подобри и поатрактивни, во согласност со тоа што го бара пазарот, стануваат „експозитурни решенија“ на институциите каде на новинарството се гледа како на дополнителен едукативен процес за пополнување часови на домицилните професори од институциите каде истите припаѓаат. Сепак, посебна е приказната според кои курикулуми и какви луѓе ја извршуваат едукацијата на идните новинари, со каков капацитет располагаат тие „куќи на знаењето“ и можеби не последно, но многу важна е и тековната образовна политика во делот на истражувачкото и аналитичкото новинарство.

За враќање на суштината на новинарството!

И сега, за која и за каква професионалност да зборуваме иако знаеме дека ни е потребна повеќе од кога и да е, за оваа, една од најистакнатите професии на денешницата, тешка и особено одговорна дејност – новинарството. А можна е!

Но само преку почитување и доследна примена на професионалната етика (деонтологија) која се однесува на моралните проблеми во извршувањето на професијата и за специфичните обврски во неа. Уште повеќе, се работи за јавна дејност, во која најмногу доаѓа до израз јавната одговорност.

Овде би потсетил повторно на зборовите на Макс Вебер, дека новинарството е (треба да биде) високо одговорна професија, речиси еднакво одговорна како и професијата на научниците: „Ретко кој е свесен дека навистина добрата новинарска работа бара барем исто толку „дух“ како и некоја научна дејност – пред се поради нужноста информацијата веднаш да биде објавена и веднаш да се дејствува, во секако поразлични услови на создавање. Речиси и никој да не споменува дека одговорноста е далеку поголема и дека кај секој чесен новинар чувството на одговорност во просек е изразено онолку колку и кај научникот, затоа што по природа на нештата токму неодговорното новинарско дејствување, останува во сеќавањето поради својот лош учинок“.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Легитимност на насилието во политиката
И по изборите СПУКМ има нелегитимен претседател!
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Понеделник, 25 Јуни 2018
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: