fbpx

Претседателските избори огледало на колективната (не)моќ

Соња Крамарска

Политика

30.04.24

Прегледи

Со ставањето на потписот на измените на КЗ, актуелниот претседател Пендаровски влезе во трката за втор мандат разоружен, без аргументи или било каков друг изборен арсенал да се брани од критиките на својата противкандидатка.

Малкумина од досегашните претседателски кандидати учествувале дури три пати во трката за највисоката функција во државата. Тоа му се случи на сѐ уште актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски кој се бореше за претседателската функција во 2014, 2019 и 2024. И да ја допрецизираме првата реченица – Пендаровски е единствен кој досега три пати го трчал изборниот маратон. Во првиот беше поразен, на вториот однесе победа а на третиот доживеа вистинска катастрофа во првиот круг. Првпат во историјата на претседателските избори еден кандидат води со двојно повеќе гласови од својот конкурент. Ова е првпат и кандидат на владејачка партија да заостанува со толкава голема разлика, затоа што барем досега во Македонија претседателските избори ги добиваа кандидатите на владата односно на најголемата владејачка партија.

Анализите за таквиот пораз главно го посочуваат СДСМ како виновник за слабиот резултат. Притоа како најважни причини се наведуваат корупцијата, измените на Кривичниот законик, изневерените надежи на Шарената револуција, зголемувањето на функционерските плати и преголемата попустливост кон ДУИ.

Сепак тоа беа претседателски избори и граѓаните добро знаеја дека избираат претседател а не власт односно влада, и затоа анализата на поразот е нецелосна ако не се опсервира и кандидатот за претседател Стево Пендаровски, неговите настапи, неговата кампања, изборниот слоган а најмногу минатиот труд што го остварил како претседател во петгодишниот мандат. Пендаровски стана претседател во втор обид, што значи дека имал пет години да се подготви за највисоката функција и најважната работа во неговата лична кариера.

Дали Пендаровски беше успешен претседател? Судејќи според освоените 161.393 гласови наспроти 324.177 гласови на противкандидатката Гордана Силјановска Давкова, тој не ја извршувал функцијата според очекувањата на граѓаните. Ако на тој податок се додаде и фактот дека на претседателските избори 2019 победникот Пендаровски во првиот круг освои 322.581 а во вториот круг 435.656 гласови се наметнува заклучокот дека пред граѓаните да го запознаат како претседател за него се определиле над 322 илјади граѓани а откако пет години ја вршеше функцијата неговото име го заокружија само 161 илјада граѓани. Противкандидатката Силјановска Давкова, пак, и во 2019 и сега во 2024 освои речиси ист број гласови односно 318.341 гласови во првиот круг во 2019 а 324.177 гласови во првиот круг во 2024.

Што му пресуди на Пендаровски

Колку и да се прават длабински анализи за еден таков пораз со акцент на партијата која го кандидираше Пендаровски, сепак бројките се неумоливи. Секако дека и СДСМ има свој удел во слабиот резултат, но да не заборавиме дека се гласаше за личност а не за партија. Гласањето за личност секогаш е полесно затоа што ефектите од функцијата што ја извршувал полесно се мерливи, одлуките што се носат имаат потпис само на еден човек, политиката при вршењето на функцијата потекнува само од еден човек и одговорноста за добрата или лошата политика ја сноси само личноста што ја извршувала функцијата. Така е барем претпоставено во уставната позиција што ја има шефот на државата и која му дава целосна автономност во политиките кои произлегуваат од неговите надлежности.

Анализата на резултатот наведува да се прашаме што е тоа што на избирачите повеќе им се допаднало кај Силјановска Давкова отколку кај Пендаровски? За одговор на тоа прашање можеби треба да тргнеме од анкетите за бугарското прашање во Македонија и ултиматумот да се внесат Бугарите во Уставот за да продолжат евроинтеграциските процеси.

Истражување во минатата година покажа дека две третини од испитаниците во анкетата на Институтот за демократија и Конрад Аденауер се против уставните измени. Притоа се покажа и дека дури 80 проценти од етничките Македонци се противат на уставните измени.

Пендаровски беше „за“ уставни измени, Силјановска Давкова беше „против“. Темата со уставните измени беше една од најексплоатираните во кампањата пред првиот круг на претседателските избори, при што и двата кандидата останаа на своите познати позиции кои на крајот на Пендаровски му донесоа пораз а на Силјановска Давкова триумф. „Топ темата“ која ја окупираше македонската политика во изминатите две години несомнено беше пресудна за изборниот резултат во првиот круг од изборите.

Извор: sdk.mk

Силјановска со тешка муниција

Понатаму, потписот што Пендаровски го стави на измените на Кривичниот законик, беше дополнителен камен кој го повлече кон дното на денот на гласањето. Една од темите со кои Силјановска Давкова секојдневно ги мобилизираше избирачите беа токму овие измени кои испалија торпедо врз воспеваната Шарена револуција – локомотивата на која се закачи СДСМ-овскиот воз и се дотркала до власта.

Со ставањето на потписот на проблематичнот закон, актуелниот претседател влезе во трката за втор мандат разоружен, без аргументи или било каков друг изборен арсенал да се брани од критиките на својата противкандидатка. Измените на КЗ ја разнишаа од темел правната држава и ги избезумија ЕУ и САД кои ги нотираа во европскиот извештај како и во извештајот на Фридом хаус. Со таков фаул, на Пендаровски му беше тешко да изгради наратив пред избирачите против корупцијата која станува проблем број еден во државата, а на Силјановска Давкова и даде тешка муниција да го портретира својот противник како владин соучесник во експанзијата на корупција.

Пендаровски не можеше да поентира ниту со осуда на продлабочувањето на социјалниот јаз меѓу граѓаните, бидејќи не беше гласен во критиките за зголемувањето на функционерските плати. Тој на почетокот го изрази своето несогласување нудејќи го зголемувањето на неговата плата за донации, но потоа веќе не брануваше оставајќи го гневот на јавноста да лебди и да ја труе политичката атмосфера како околу Владата така и околу него како кандидат на владејачката партија.

Пласираните вести дека донирал значителна сума, пред изборите, очигледно не ја сменија перцепцијата на јавноста дека претседателот со зголемената плата се придружил на клубот на богатите луѓе оставајќи го својот народ на работ на сиромаштија. Така и неговите пораки дека му се важни сите граѓани без оглед на национална, верска, социјална и политичка припадност, звучеа повеќе како изборни флоскули а не искрена грижа за своите сограѓани.

Ова се неколку од објективните причини за поразот, а секако има и субјективни, кои во оваа прилика нема да ги анализираме затоа што претстои втор круг од изборите што е претпоставена шанса да се коригираат некои од личните слабости и недостатоци.

Што е различно од 1999?

Меѓутоа со оглед дека политичката јавност ја интересира дали разликата во гласовите може да се стопи во вториот круг и дали цензусот може да ги доведе во опасност изборите, важно е да се навратиме на преседанот од изборите во 1999 година. Тогаш Тито Петковски водеше со 343.606 гласови во првиот круг пред Борис Трајковски кој доби 219.098, а потоа во вториот круг се случи пресврт и на врвот на „табелата“ се најде губитникот од првиот круг Трајковски кој успеа да ја надомести разликата и да го победи Петковски со 582.808 гласови.

Тоа дуплирање на број на гласови меѓу првиот и вториот круг беше шок за тогашниот кандидат Тито Петковски и за социјалдемократите. Но во такво сценарио сега тешко може да се верува, бидејќи разликата според тогашните анализи дојде од гласови од етничките Албанци при што СДСМ пријави и голем број на нерегуларности и изборна измама преку наводно полнење на гласачки кутии со гласачки ливчиња во корист на Трајковски.

Денес, сепак, тешко може да се замисли дека може да пројде таква нерегуларност и да добие верификација од највисокиот изборен орган и од меѓународната заедница која оттогаш наваму будно ги следи изборните процеси во Македонија. Освен тоа, денес има и поголема и поостра фрагментација во албанскиот политички блок, така што е невозможно да се замисли и изведе таква сложена операција за превртување на изборниот резултат. На тоа не помислуваат ниту кандидатот Пендаровски ниту партијата која стои зад него СДСМ.

И покрај сите критики може да се констатира и дека политичката култура е на малку повисоко ниво, а и на ДУИ која контролира поголем дел од гласачкото тело кај етничките Албанци, не ѝ оди во прилог да зазема страна и да се впушта во таква авантура, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е на чекор до власта и веќе утре може да одлучува дали да ја остави ДУИ во опозиција или да ја прибере во владата.

Но цензусот е легитимно прашање кое води до оправдани стравувања и прогнози за тоа дали постои опасност тој да не биде исполнет и изборите да бидат неважечки.

Иако тоа прашање на сите досегашни претседателски избори ги оставаше без сон партиските стратези, црните прогнози никогаш не се остварија. Но, од друга страна веќе не може да се пренебрегне намалениот интерес за гласање. Цензусот е фактор што мора да се калкулира во секоја анализа затоа што е релативно висок и со сигурност ако не на сегашните на некои наредни избори може да биде недостижен.

Ако треба да дадеме дефиниција на самото гласање во првиот круг, тогаш таа е најблиску до констатацијата дека овие претседателските избори беа или ќе бидат огледало на колективната (не)моќ. Моќта лежи во гласачите, а немоќта беше кај Пендаровски и кај СДСМ да ги спроведат политиките на кои се обврзаа пред пет, односно пред седум години.

 
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Соња Крамарска

Соња Крамарска, е новинар, автор на повеќе фељтони и други публикации, поранешен главен уредник на „Утрински весник“ и на порталот НоваТВ. Во својата кариера е наградувана со награди новинар на годината и со највисоката награда „Мито Хаџивасилев Јасмин“. Има поминато една академска година на универзитетот Оклахома во САД во рамки на програмата за професионален развој. Работела и како советник за политички прашања и комуникации на министерката за одбрана Радмила Шекеринска.