Како да препознаеш координирани наративи на социјалните мрежи

Се најавуваш на Фејсбук и гледаш дека сите одеднаш зборуваат за ист настан, со речиси исто мислење. Една иста реченица се повторува под секој политички текст.

Се појавуваат нови профили кои зборуваат како да знаат сè. Хаштази што вчера никој не ги користел, денес се појавуваат на „секое ќоше.“ И буквално за неколку часа, целата мрежа изгледа како да „врие“ од исти ставови.

На прв поглед тоа може да изгледа како вистинско незадоволство или вистинска загриженост. Но, понекогаш она што го гледаме не е природно.

Многу често се работи за координиран наратив, создаден од групи, мрежи или странски актери кои сакаат да го насочат јавното мислење во одредена насока.

За да разбереме како функционира ова, мора да ја разбереме основната идеја: координираниот наратив е приказна што се шири намерно, со план, со организација и со цел. Не е спонтан. Не е автентичен. Не е искрен. Има цел да те убеди во нешто, не затоа што е вистина, туку затоа што некој ќе има корист ако ти поверуваш.

Што е „наратив“ кога зборуваме за информациска манипулација?

Наратив е централната приказна што ја турка кампањата. Тоа е „главната мисла“ која се повторува одново и одново, со различни зборови, но со исто значење. На пример:

„Сите политичари се исти.“
„Системот е корумпиран, ни нема спас.“
„Европската Унија не ни сака добро.“
„Мигрантите се закана за државата.“
„Оваа етничка група ја уништува земјата.“
„Ние сме херои, тие се предавници.“

Овие наративи се избираат многу внимателно. Тие мора да бидат едноставни, за да можат да се разберат лесно. Мора да бидат емоционални, за да ти го привлечат вниманието и да те натераат да реагираш. И мора да бидат повторливи, за да се „залепат“ во умот на што е можно повеќе луѓе.

Што е „координација“ во овој контекст?

Координацијата значи дека повеќе профили, страници, групи, портали, па дури и инфлуенсери, добиваат ист материјал или исто врамување за истата приказна и го објавуваат во ист или сличен временски период.

Замисли дека е најавен протест. Пред протестот, наеднаш десетици профили почнуваат да тврдат дека собирот ќе биде насилен, иако нема никаква официјална информација или докази за такво нешто.

Потоа, десетици профили велат дека полицијата „планира нешто“, а одредени портали почнуваат да објавуваат „ексклузивни“ информации за протестот. Со ваквите пораки се создава страв уште пред протестот да започне.

Фази на координација на овие наративи

Секој координиран наратив има три главни фази: лепење, ширење и ескалација.

Фаза1

„Лепење“

Ова е најважната фаза. Тука наративот мора да фати корен. За да успее, тој се врзува за нешто реално. На пример:

– вистински криминален настан
– реална економска криза
– постоечка етничка напнатост
– трагедија во општеството.

Актерите што ги „туркаат“ овие операции се свесни дека луѓето најмногу реагираат на емоции: страв, гнев, неправда, лојалност, грижа за семејството. Затоа, најуспешните наративи се врзуваат токму за тие теми.

Еден пример што често се користи во регионот: одредени актери земаат некоја вистинска економска тешкотија и почнуваат да ја опишуваат како „доказ“ дека државата пропаѓа. Иако ситуацијата е тешка, тие ја претвораат во катастрофа. А кога јавноста веќе е исплашена или уморна од проблемите, таквите приказни лесно се лепат.

Фаза2

„Ширење“

Кога приказната ќе се залепи за емоциите на јавноста, следниот чекор е да се прошири.

Ова, меѓу другото, се прави со:

– новонастанати профили на социјални мрежи
– профили што „се будат“ по години неактивност
– портали што наеднаш никнуваат
– фејсбук-групи со илјадници членови, но без администратори.

Целта е наративот да го гледаш на повеќе места истовремено, со што твојот мозок добива чувство дека тоа е „голема тема“. Ова е научно познато: кога нешто го гледаме повеќепати, мозокот тоа го смета за вистина.

Фаза3

„Ескалација“

Кога наративот е веќе широко присутен, се активираат „дополнителни слоеви“. На пример:

– нови видеа што „го докажуваат“ тврдењето
– изјави од лажни експерти
– наводни документи што исто така се дел од операцијата
– интервјуа со сомнителни или непознати лица
– традиционални медиуми што несвесно го пренесуваат.

На пример, кога има инцидент во соседна држава, често се објавуваат видеа од пред неколку години како да се случиле вчера. Или се користат фотографии од други земји. Потоа доаѓа „варијантата“ на истата приказна: „Ова само го потврдува она што го зборуваме со години.“ И така наративот добива на легитимитет, дури и ако е целосно лажен.

Како да го препознаеме ова во пракса?

Да си замислиме дека некоја партија предлага нов закон за минимална плата. Еден ден подоцна, на Твитер/X одеднаш никнуваат 50 нови профили кои тврдат дека тоа ќе ја уништи економијата. Сите овие профили користат сличен речник. Некои профили имаат слика од славни личности, а речиси ниту еден нема лични фотографии.

Потоа на Фејсбук се појавуваат групи со имиња кои на површина звучат како граѓански иницијативи, но нивните администратори или членови се непознати и не можат да се идентификуваат. Таму се споделуваат драматични видеа што тврдат дека земјата ќе пропадне.

Неколку часа подоцна, неколку портали објавуваат сличен текст „ексклузивно“, тврдејќи дека економисти предупредуваат на катастрофа. Но ако го отвориме текстот, гледаме дека не наведуваат ниту едно име. Само пишува „експерти тврдат“.

Следниот ден, Тикток е преплавен со видеа од корисници кои повторуваат исти реченици со ист тон.

Третиот ден, под секоја објава на медиумите, има по стотина коментари што тврдат дека „сите знаат што се случува“. Исто сценарио, иста структура.

Ова е координиран наратив.

Како да знаеш дека профилот е дел од координација?

Ако профилот:

– се појавил пред 3 дена
– нема фотографии со луѓе
– нема ништо лично
– коментира само политика
– објавува ноќе или објавува премногу често
– користи идентични фрази како повеќе други профили

… веројатно не е вистински профил.

pile 3d popular social media logos

Како изгледаат платформите кога има координација?

На Твитер/X координацијата најчесто изгледа како хаштази што одеднаш стануваат популарни и одеднаш имаат илјадници користења. Или коментари со реченици што звучат идентично.

На Фејсбук тоа се гледа во коментарите под медиумите, каде 20 профили со речиси ист стил на пишување ја туркаат истата порака.

На Тикток тоа се драматични видеа кои користат исти клипови, ист текст и ист звук, често пуштени во голем број псевдоинфлуенсери.

На Инстаграм тоа се страници што се претставуваат како патриотски, но објавуваат само политички содржини.

Целта е да се создаде вештачка перцепција дека нешто е масовно. Иако не е.

Најважната лекција

Координираните наративи не функционираат затоа што се паметни. Функционираат затоа што се брзи, емоционални и гласни. И се потпираат на тоа дека луѓето ретко проверуваат дали нешто е точно.

Кога ќе научиме да го препознаваме ова, стануваме отпорни. Нема манипулација што лесно може да нѐ залаже.

Поврзани ресурси

[видео] Зошто ми излегуваат видеа со лажни доктори на социјалните мрежи?

[видео] Која е позадината на ТикТок предизвиците?

OSINT алатки за истражувачко новинарство

[видео] Како да ги откриеме новите видови дезинформации?

[видео] Како да провериме дали едно видео или фотографија се автентични?

[видео] Како да архивирате онлајн-содржини кои можат да исчезнат?