[видео] Како да архивирате онлајн-содржини кои можат да исчезнат?
Замислете го ова: истражувате одредена објава на социјалните мрежи, а авторот одеднаш ја брише, пред да успеете да зачувате нешто!
Во дигиталниот свет, содржините може да исчезнат за само неколку секунди – особено кога станува збор за објави што шират дезинформации. Токму затоа, архивирањето на онлајн содржините е клучна алатка за секој што сака да истражува, да проверува факти или да зачува доказ пред да биде избришан. Во ова видео ќе научите како едноставно и ефикасно да архивирате објави и веб-страници, и зошто оваа техника е важна во борбата против манипулации и лажни информации.
Чекор 1: Копирајте ја адресата на веб-страницата од објавата што ја истражувате.
Многу е важно да ја изберете адресата на конкретната објава. На платформи како Фејсбук, тоа се прави со кликнување на датумот или времето на објавување.
Чекор 2: Вметнете го текстот на адресата во специјализирана веб-страница за архивирање, како archive.today.
Оваа веб страница креира трајна адреса која ќе остане достапна, дури и кога оригиналниот автор ќе ја избрише пораката или страницата.
Чекор 3: Користете додатоци за прелистувач.
Ако процесот ви одзема премногу време, можете да инсталирате и додатоци на вашиот прелистувач, како оној што го нуди Wayback Machine.
Со помош на додатокот, страницата можете веднаш да ја архивирате, без да одите на посебна веб-страница.
Истите овие алатки може да ги користите и за пребарување веќе избришани страници, под услов страницата барем еднаш претходно да била архивирана.
Оваа техника е исклучително важна. Профилите што шират лажни информации најчесто не објавуваат исправка, туку едноставно ја бришат содржината. Со овие алатки можеме да докажеме дека дезинформацијата била објавена.
