fbpx

Етиката на приоритизирање за вакцинација против КОВИД-19

Петер Сингер

Здравство

КОВИД-19

26.02.21

Прегледи

Петер Сингер (Peter Singer)

Peter Singer 400x500Во Соединетите Американски Држави и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од КОВИД-19. Како креаторите на политики да ги проценат ваквите и други фактори специфични за подгрупите на население?

Сега кога вакцините за КОВИД-19 се пуштени во употреба, креаторите на политики водат битка со прашањето како да ги дистрибуираат истите на брз и правичен начин. Постои согласност од страна на поголемиот број држави, дека први кои ќе ја примат вакцината ќе бидат здравствените работници, бидејќи тие се потребни да ги спасуваат животите на оние кои се веќе заболени од вирусот. Меѓутоа, одлучувањето за тоа кој дел од населението следен треба да ја прими вакцината, покрена значајна дебата. Она што е релевантно е дека, населението со возраст над 65 години имаат поголем ризик од смрт од КОВИД-19, отколку помладиот дел од населението, а оние со возрасна граница над 75 години се изложени на уште поголем ризик.

Значаен факт е дека, во САД и некои други држави, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа се помалку застапени меѓу оној дел од населението со возраст над 65 години. Доколку им се даде предност на постарите луѓе, процентот на припадниците на тие малцинства ќе биде помал отколку процентот на постарото население земено во целост. Во светло на многуте непријатности кои припадниците на малцинствата веќе ги искусија, сето ова се чини неправично.

Овој начин на неправичност се чини ја мотивираше Кетлин Дуулинг, здравствен работник во Центарот за контрола и превенција на болести (ЦКПБ) во САД, да предложи да се преземе различен пристап. Во презентација пред Советодавниот одбор за имунизација на ЦКПБ, Дуулинг тврдеше дека „есенцијалните работници“ – група која се состои од околу 87 милиони население – треба да се вакцинира пред оние 53 милиони Американци кои се на возраст од 65 години и повеќе, и покрај фактот што ова би водело до бројка помеѓу 0,5% и 6,5% повеќе смртни случаи. (Широкиот обем значи дека сѐ уште не се знае точно дали вакцините само го превенираат вирусот или исто така спречуваат луѓето да се инфицираат и да го пренесат САРС-КОВ-2 вирусот.)

Правилата за постарите Американци да чекаат подолго за да бидат вакцинирани само поради тоа што тие се несразмерно бели, ќе значи жртвување животи со цел да се избегне очигледната нееднаквост во давање предност на група во која припадниците на загрозените расни и етнички малцинства се помалку застапени. Но тоа не е се. Недоволната застапеност на овие малцинства меѓу луѓето над 65 годишна возраст е мала во споредба со огромната застапеност на луѓето над 65 годишна возраст кои умираат од КОВИД-19. Како што неколку коментатори, меѓу кои Метју Иглезиас и Јашча Моунк, потенцираа дека, давањето предност на есенцијалните работници исто така ќе предизвика повеќе смртност во малцинските заедништва кои што би требало да бидат поправично третирани.

Советодавниот одбор на ЦКПБ во САД го отфрли предлогот да им се даде предност на сите „есенцијални рабтници“, и наместо тоа, ја стесни групата на околу 30 милиони „есенцијални работници кои се во првите борбени редови“, како што се здравствените работници за брза помош, наставниците и вработените во продавниците. Понатаму, тие препорачаа да се даде приоритет и на населението старо над 75 години и повеќе.

Овие препораки се договор помеѓу давањето предност на оние кои се под највисок ризик и давање предност на есенцијалните работници, без разлика дали се меѓу првите борбени редови или не. Јасно е дека е значајно есенцијалните работници кои се меѓу првите борбени редови да се сочуваат на безбедно и да се задржат на работа. Давајќи слично ниво на приоритет и на оние со 75 годишна возраст и постари, ќе значи дека генерално помалку луѓе и помалку припадници на загрозените малцинства ќе починат од вирусот.

Препораките на ЦКПБ не се обврзувачки, и државите можат и треба да ги усогласат, со цел истовремено да ги третираат загрозените малцинства еднакво, како и да спасат што е можно повеќе животи. Нгози Езике, директорка на Одделот за јавно здравје во Илиноис, во неодамнешното интервју за дистрибуција на вакцините, на одржаната тркалезна маса во Њу Јорк Тајмс, даде предлог како ова може да се направи. Таа заклучи дека постојат медицински состојби според кои правилата за третман на расните и етнички малцинства се разликуваат од оние кои се применуваат за белото население.

Примерот кој таа го даде беше лекарски преглед на рак на простата. Поради тоа што болеста е почеста кај Африканско-американското машко население отколку кај белите мажи, се препорачува прегледот на африканско-американските мажи да биде направен во порана фаза отколку кај белите мажи. Целта е да се прегледуваат сите на нивото на ризик за кое прегледот ќе се смета дека е направен навреме.

Ако САД ги задржи сегашните приоритети за вакцинација, но го додаде принципот на еднаков третман на еднакво ниво на ризик, креаторите на политики ќе треба да проценат на која возраст членовите на Африканско-американското, Латинското и домородното американско население го имаат истиот ризик како 75 годишните бели или азиски Американци, и потоа да ги земат предвид расата и етничкото потекло, во одлучувањето кој на која возраст ги исполнува условите. Не постои податок кој би покажал колку разлика ова би направило, но може да значи дека, 72 годишен африкански Американец ги исполнува условите за да добие предност за вакцинација, додека 74 годишен белец не ги исполнува.

Некој можеби ќе го смета ова како некој вид на обратен расизам. Меѓутоа, не е. Во отсуство на поголем број на индивидуални докази, расата се користи како индикатор за ризик од вирус. Главниот принцип не е дека членовите од различна раса и етничко потекло треба да бидат вакцинирани во бројка сразмерна на нивниот удел во заедницата како целина. Тоа не е етички важно. Целта е да се спасат што повеќе животи, што треба да биде нашата основна грижа.

 

Питер Сингер е професор по биоетика на универзитетот Принстон и основач на непрофитната организација The Life You Can Save. Тој е автор на повеќе книги меѓу кои Animal LiberationPractical EthicsThe Ethics of What We Eat (со Џим Мејсон), Rethinking Life and DeathThe Point of View of the Universe, ко-автор со Катаржина де Лазари-Радек, The Most Good You Can DoFamine, Affluence, and MoralityOne World NowEthics in the Real WorldWhy Vegan?, и Utilitarianism: A Very Short Introduction. Во 2013 година, тој беше прогласен за трет „највлијателен современ мислител“ во светот од страна на институтот Готлиб Датвајлер (Gottlieb Duttweiler).

Авторски права: Project Syndicate, 2020.
www.project-syndicate.org

Петер Сингер

Питер Сингер е професор по биоетика на универзитетот Принстон и основач на непрофитната организација The Life You Can Save. Тој е автор на повеќе книги меѓу кои Animal LiberationPractical EthicsThe Ethics of What We Eat (со Џим Мејсон), Rethinking Life and DeathThe Point of View of the Universe, ко-автор со Катаржина де Лазари-Радек, The Most Good You Can DoFamine, Affluence, and MoralityOne World NowEthics in the Real WorldWhy Vegan?, и Utilitarianism: A Very Short Introduction. Во 2013 година, тој беше прогласен за трет „највлијателен современ мислител“ во светот од страна на институтот Готлиб Датвајлер (Gottlieb Duttweiler).