fbpx
 

Дали метеоролозите треба да одговараат за погрешна временска прогноза?

д-р Ненад Живановски

nenad ziavainovskiНастаните од 6 август, како ретко кога пред тоа, го фокусираа интересот на пошироката јавност кон Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), барајќи, евентуална, нејзина одговорност за трагичните последици од невремето во кое животите ги загубија 23 лица. Сепак, и во вториот месец по невремето, сѐ уште нема иницијатива за истрага која би утврдила дали во критичните часови УХМР постапила соодветно и согласно своите законски обврски за предупредување и најава на временски непогоди.

Пред многу години, во тогаш популарното списание „Политикин забавник“, беше објавена занимлива вест дека метеоролозите од британското Кралско метеоролошко друштво, во деновите за кои прогнозирале дека ќе биде суво, не смееле на работа да доаѓаат со чадори како би ги споделиле последиците од нивната, евентуална, погрешна прогноза со останатите граѓани. Со ваквата постапка, тие признавале на симболичен начин дека се свесни за непријатностите кои можат да им ги созададат на луѓето од сопствените „грешки“.

Треба ли метеоролозите да бидат санкционирани бидејќи не ја погодиле прогнозата на времето? Ова прашање станува особено актуелно кај нас, по последните катастрофални врнежи, кои однесоа 23 жртви. За да би се дал одговор, прашањето треба да се разгледа најпрвин од неговиот лингвистички аспект, односно што, според својата семантика, претставува терминот прогноза, со или без атрибутот временска. Во референтниот речник на Marriam-Webster, прогнозата е објаснета како „да се каже дека нешто ќе се случи во иднина, да се предвиди нешто (на пример, времето), после разгледување на расположливите информации“.

Семантички опозит на прогнозата е тврдењето кое се дефинра како изјава која е верификувана, односно постојат докази кои можат да го поткрепат тврдењето. Оттука, кога станува збор за временската прогноза, без разлика колку метеоролозите се убедени во точноста на својата прогноза дека времето ќе биде сончево или врнежливо, таа секогаш ќе биде само предвидување, но не и тврдење. И покрај тоа што најсовремените технички уреди, со постојана анализа на достапните параметри, овозможуваат висока прецизност и сигурност во прогнозирањето на временските (не)прилики, сепак прогнозата никогаш нема да може да биде стопостотно точна. Со други зборови, иако метеорологијата во својата работа најмногу се темели на егзактните науки (математика, физика, хемија), нејзиниот краен резултат воопшто не е егзактен. Затоа и дефиницијата на временската прогноза е „примена на наука и технологија за да се предвиди(!) атмосферската состојба во идно време за дадена локација“.

Најдобрата метеоролошка служба во светот, британската Met Office, тврди дека во својата 24-часовна прогноза постигнувала точност од 86 посто. Петодневните проценки на Европскиот центар за среднорочна временска прогноза постигнувале точност од 80 посто, што е, исто така, импресивно, но далеку од совршено. Независно од големиот напредок во прогнозирањето на времето, научниците признаваат дека сѐ уште не ги разбираат сите природни сили кои ги обликуваат временските услови, поради што и не постои правен основ за санкција на метеоролозите ако погрешат со временската прогноза.

vreme

Раното предупредување како основа за превентива во ЕУ

Воден од интересот како би постапиле соодветни институции за метеорологија во некои држави од Европската Унија во ситуација каква што беше во Скопје на 6. август, се обратив со писмо до метео-службите на Британија, Германија и Австрија. Од британската Мет-служба (Met Office) одговорија дека немале компаративна ситуација со нашата за да би можеле да коментираат, меѓутоа, после секоја поголема временска непогода, тие одржуваат критички состаноци на кои се анализира улогата на секој член на тимот, се оценува менаџирањето на инцидентот и кои лекции можат да се научат за во иднина, а процедурата да се унапреди. Тие се надлежни и за предупредување на јавноста за временски неприлики, чија цел е да се даде рано предупредувања за екстремни временски неприлики кои имаат потенцијал да предизвикаат штети, разурнувања и жртви.

И од Германската метеоролошка служба (Der Deutsche Wetterdienst) дадоа објаснување како тие работат во слични ситуации на нашата: во пократки временски периоди (неколку часови пред невремето) сателитските снимки, радарите и системот за детекција на молњи, користени во комбинација со систем за автоматска интерпретација, можат навремено да детектираат и предвидат претстојна олуја со грмотевици и нивниот интензитет. Од менаџерска перспектива, тоа овозможува процедурата за подготовка на прогнозата, доколку е неопходно, во секој момент да може да биде проверена и прилагодена. Ако метеоролозите ги следат овие операционализирани процедури, не би смеело да има правни консеквенци бидејќи во Германија тие се јавни службеници и имаат заштита. Меѓутоа, ако постои сомнеж за негрижа или професионална грешка, може да се поведе истрага.

Од австрискиот Централен институт за метеорологија и геодинамика (Zentralanstalt für Meteorologie und Geodynamik) изјавија дека биле шокирани кога прочитале во весниците за големиот број загинати од невремето во Македонија. Нивната реакција во ваква непогода би била разгледување на различни модели, кои несекогаш покажуваат идентични резултати, и нивна споредба со опсерваторски, радарски и сателитски снимки. Оваа постапка, во комбинација со искуството на прогнозерот, води до заклучок врз кој се изготвува прогнозата. Во дискусијата за прогнозата се вклучени сите метеоролози кои се на должност во моментот и таа секогаш е резултат на тимот, а не на една личност. Благодарејќи на таквата процедура, никогаш не се случило австриските прогнозери да бидат уплашени од можни консеквенци поради погрешна временска прогноза. Што се однесува до предупредувањето, постојат две процедури: првата е автоматско компјутерско предупредување за секоја грмотевица, и втората процедура е кога метеорологот влијае врз системот и го одредува нивото на предупредување (зелено-жолто-портокалово-црвено рангирање на силината на грмотевицата).

Заедничко за метео-службите во ЕУ е важноста која му ја посветуваат на раното предупредување на населението и институциите за невремето.

Истрага за евентуален пропуст во предупредувањето

Од она што е досега познатото на јавноста како постапила УХМР на 6 август е следново: единствената временска прогноза која била емитувана преку медиумите пред критичниот настан, била со најава дека „попладне и во текот на ноќта во западните делови ќе има локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер.“. Следната временска прогноза, најавена како вонредна, од медумите била емитувана истиот ден, во 21.50 часот и во неа можат да се прочитаат само констатации и потврда за невремето кое населението веќе го доживеало или во тие моменти го преживувало: „Во невремето што зафати делови од државата до 20 часот најмногу дожд наврна во Скопската котлина 33 л/м2... Вториот бран на нестабилност во форма на долготрајно невреме ја зафати Скопската котлина. Невремето беше проследено со силен пороен дожд, силни електрични празнења како и засилен на моменти и силен ветер кој достигнуваше брзина од 72 до 80 км/час.“.

Јасно е дека вака напишаната вонредна временска прогноза не може да се третира за предупредување и клучното прашање кое треба да се истражи е со какви податоци располагале во УХМР на еден до три часа пред да започне невремето и доколку располагале со податоци кои најавувале временска непогода зошто не постапиле согласно прописите за предупредување и најава на временски непогоди!?

Нема сомнеж дека УХМР имала податоци за претстојното невреме, добиени од сателитските снимања, бидејќи некаде по 17 часот, секој граѓанин кој имал инсталирано некоја глобална временска апликација (Forecastfox, AccuWeather, WeatherBug или Weather Channel) на екранот почнал да добива предупредување во вид на трепкање на извичник (обоен соодветно на временската опасност) дека во Скопје се очекува големо невреме. Алертот се изгубил од екранот дури околу полноќ. Оттука, во УХМР само да следеле на Интернет некоја глобална временска апликација би знаеле дека на Скопската котлина ѝ претстои невреме и би можеле некаде до 17.30 да испратат до медиумите соопштение со предупредување. Спомнатата вонредна временска прогноза, објавена во 21.50, е практично безкорисна за превентивни дејствувања на институциите и населението, бидејќи тоа е период кога веќе се случуваат човечките драми, гинења и штети и истата претставува само пост-фестум реакција.

izvicnik

Некомпетентност и волунтаризам кога се животи во прашање

Доколку во идната истрага се докаже дека се располагало со информација за непогодата барем еден час пред таа да се случи, а не се споделила со јавноста, според хиерархиската поставеност, прв кој би требал да понесе одговорност е директорот на УХМР Оливер Ромевски, бидејќи тој раководи со институцијата и го менаџира тимот за успешно да работи. Меѓутоа, тука се отвара друго прашање: како да се бара професионална одговорност за метеорологија од некој кој, како политиколог, е објективно и фактички некомпетентен за работната позиција на која е поставен? Следниот, кон кого би требал да се впери прстот поради некомпетентноста на директорот, е оној кој го поставил на тоа место, а тоа е Владата. Консеквентно на тоа, се поставува прашањето кој ѝ овозможил на Владата легалитет да може да поставува вакво некомпететно лице да управува со важната институција? Тоа е Собранието, кое со изгласување на Законот за хидрометеоролошка дејност формално дозволило „за директор да може да биде именувано лице кое е истакнат, научен и стручен работник од областа на хидрометеорологијата, природните, техничките, општествените и политички науки.“. Поеднставено кажано, било кој или секој кој има завршено било каков факултет може да биде директор на УХМР (членот како да бил пишуван токму за Оливер Ромевски).

Меѓутоа, волунтаризмот на законодавецот се гледа во контрадикторноста помеѓу воспоставениот широк критериум за потребно образование на раководното лице и предвидените тесно-стручни обврски кои тоа треба да ги исполнува. Во Законот се наведува дека директорот на УХМР во својство на постојан претставник, ја претставува РМ во Светската метеоролошка организација и донесува Програма за меѓународна соработка во областа на хидрометеоролошката дејност. Сѐ се ова тесно-стручни и експертски ангажмани, со кои не може да се бави лице со завршени студии по политикологија, туку само дипломирани (гео)физичари-метеоролози. Да не е така, зошто раководителите на контактираната британска, германска и австриска метеоролошка служба, како и директорите на регионалните метеоролошки служби на Србија, Хрватска, Бугарија и други би биле, не само дипломирани метеоролози, туку и угледни професори доктори по метеорологија!? Веројатно целиот свет е во заблуда, а само македонската Влада е во право кога проценила дека од скромен политиколог може да испадне успешен метеоролог. Барем за директор да го поставија контроверзниот географ, сигурно би имал поголема стручност.

Но, ова не е единствениот пример кога Владата избрала некомпетентни лица да раководат со институции кои се од посебен јавен интерес бидејќи се одговорни за сигурноста и безбедноста на населението и имотот. Актуелен директор на Дирекцијата за радијациона сигурност е психијатар, а претходниот бил ветеринар, кои, исто така, за високи дневници, патуваат ширум светот и учествуваат на стручни симпозиуми од областа на нуклеарна физика и радиологија. Редењето на примери за неодговорност на раководителите на јавните установи би можело да продолжи и со примерот на Јавниот радиодифузен сервис, кој за поплавите во Стајковци и Синѓелиќ објави вест на својот сајт во неделата во 17.05, два часа подоцна од Би би си.

Синекурата и привилегиите кои ги носат буџетарските вработувања се атрактивни сѐ додека на тест не дојде стручноста и одговорноста на избраните. Тогаш, за жал, последицата од нечија залутаност на одговорна позиција ја трпат граѓаните, независно од нивната партиска профилираност. Затоа би било добро и кога иницијативата за истрага во УХМР би дошла од владеачката партија, со што би се покажало дека сигурноста на граѓаните е поважна од меѓупартиските кадровски политики. Дотолку повеќе, што во меѓувреме поминаа и 40-те дена, кои ги побара од собраниската говорница демохристијанинот Илија Димовски, после кои вети дека ќе се отвори расправа за одговорност на институциите за последиците од невремето.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Демократијата не е спортски натпревар за навивање
Помеѓу политичката одговорност и партиската дисцип...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Четврток, 27 Февруари 2020
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не