fbpx
 

Зошто Уставниот суд ќе мора да го поништи т.н. „закон за јазици“

доц. д-р Димитар Апасиев

dimitar apasiev200x250Останува да видиме дали овој состав на Судот, кој дефинитивно е кадровски и професионално најслаб во досегашната наша државно-правна историја по осамостојувањето, ќе смогне сили за конечно да го пресече Гордиевиот јазол околу вака шверцуваната двојазичност.

Таканаречениот Указ за прогласување на Законот за употреба на јазиците бр. 08–263/1 од 14 март 2018 (Сл. весник на РМ – 7/19), во комплет сосе целиот нормативен текст на „законот“, е објавен во Службен весник на РМ бр. 7/2019. За прв пат во нашата државно-правна историја, на местото на претседателскиот потпис стои фуснота!? Во продолжение следува стручна експликација на формално-правните причини и уставнитe прекршувања поради кои Уставниот суд на РМ треба целосно да го поништи, со ретроактивно дејство (ex tunc), овој т.н. Закон.

„Законот“ го нема потребното квалификувано мнозинство

Според чл. 95 и 98 од Уставот на РМ [Амандман XXV/2005], со императивна норма е предвиден строг правен режим за легислативно уредување на судските и управните постапки исклучиво со т.н. органски закони (ius cogens). Овие закони, токму поради својата важност за правниот систем, се носат со 2/3 мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Недозволиво и правно невозможно е со т.н. обичен закон – кој de iure и de facto може да се донесе со релативно или апсолутно мнозинство гласови, односно со најмалку 41 или 61 пратеник – да се уредува правна материја за чие регулирање e потребно минимум квалификувано мнозинство, односно најмалку 80 пратеници по сила на устав (ex constitutionis). Со други зборови, во јавното право ниту се видело, ниту се чуло со обичен закон да менувате системски закони! Затоа, членовите од ЗУЈ кои се однесуваат на процесното и управното право се противуставни par excellence – оти ЗУЈ, по суспензивното вето на Претседателот на Републиката, се изгласа со апсолутно мнозинство, поточно со 64 гласа ЗА – што значи недостасуваат 16 гласови до потребните 80.

Пробиени се максималните рокови за објава на „Законот“

Нашиот Устав содржи когенсна норма која вели дека „законите се објавуваат во Службен весник на РМ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување“ [чл. 52, ст.2]. Законот за објавување на законите и другите прописи во Службен весник на РМ (1999) прецизира дека: „Законите и другите прописи и акти се објавуваат по правило во првиот нареден број на Службен весник на РМ“ [чл. 6]! Ветираниот ЗУЈ, по втор пат е усвоен на 32 седница на Собранието на РМ, одржана на 14 март 2018. Оттука, максималниот уставно дозволен преклузивен рок за објава на донесениот закон истекол на 21 март 2018 – по што, ЗУЈ не може да се објави и да влезе во задолжителна правна сила, односно не може да произведе никакво обврзувачко дејство во нашиот правен поредок. Спорниот ЗУЈ недозволиво е објавен на 14 јануари 2019 година, односно после десет месеци од денот на неговото прегласување, што само по себе е правен нон-сенс и опасен преседан кој го урива начелото на правна сигурност на граѓаните.

Собранието на РМ, затоа што спикерот благовремено не закажа пленарна седница за повторна дискусија и гласање на вратениот закон, падна во задоцнување бидејќи го проби максималниот триесетдневен рок во кој владејачкото мнозинство на СДСМ и ДУИ имаше деловничко и процедурално право да го преразгледа ветираниот закон од шефот на државата [чл. 173, ст.2 од Деловникот и чл. 38, ст.3 од Законот за Собрание на РМ]. Бидејќи законот првично е донесен на 11 јануари 2018, триесетдневниот рок истече на 11 февруари 2018, до кога законот мораше повторно да се усвои, но тоа не беше сторено.

Указот за прогласување на „законот“ го нема потребниот врзан потпис

Указот со кој е прогласен овој контроверзен и силеџиски донесен „закон“ за прв пат во нашата уставно-правна историја го има само потписот од собранискиот спикер – м-р Талат Џафери, а не и потписот од Претседателот на Републиката, туку на негово место има ставено фуснота!? Вториот потпис е на извесен г. Неџбедин Ибраими – Заменик на Генералниот секретар на Собранието на РМ кој, неповикан од никого, тврди дека „преписот е верен на оригиналот“ [!?], со што in flagrante се руши начелото на тријалистичка поделба на власта и конститутивниот принцип на кочници и рамнотежа (check and balance) помеѓу трите власти.

Инаку, указот се испраќа до ЈП Службен весник од Кабинетот на Претседателот на Републиката – како адресант – а не од кабинетот на претседателот на Собранието на РМ: „За објавување на прописите и другите акти на претседателот на Републиката се грижи службата на претседателот на РМ“ [чл. 5, ст.2]. Оттука, ако нема потпишан претседателски указ, кој е conditio sine qua non во случајов – нема ни закон! Оти законот се смета за дефинитивно донесен единствено кога Претседателот на Републиката, своерачно, ќе го потпише указот за негово прогласување (promulgatio). Тогаш и само тогаш конкретниот закон, кој претходно бил изгласан, може да биде објавен, а подоцна и да влезе во сила. Овој ноторен факт Уставниот суд на РМ, како институционален чувар на уставноста и законитоста, мора да смогне сили мериторно да го потврди, со своја конечна одлука.

Уставниот суд веќе има преседан на укинување на указ без потпис од Претседателот

Нашата уставно-судска пракса веќе има санкционирано еден ваков скандалозен случај во 1998 година, кога тогашниот претседател на Собранието на РМ Тито Петковски се обиде да го објави Законот за употреба на знамињата преку кои припадниците на националностите во Република Македонија го изразуваат својот идентитет и националните особености (Сл. весник на РМ – 32/97), без нужниот потпис на указот на тогашниот Претседател на Републиката – Киро Глигоров. Во овој случај, којшто веќе се изучува во учебниците по уставно право на нашите правни факултети, Уставниот суд на РМ – како нецелосен акт којшто го нема потребниот претседателски потпис – истовремено се впушти во оценување и го укина и Указот за прогласување на законот бр. 08-2308/1 (8 јули 1997), третирајќи го како подзаконски правен акт. Во образложението на оваа важна Одлука У.бр. 141/1997 и У бр. 146/1997 (18.XI.1998) на тогашниот персонален состав на судот, каде што членуваа еминентни професори по право од типот на сега покојните проф. д-р Тодор Џунов и проф. д-р Милан Недков – се вели дека уставотворецот предвидел само четири таксативно наведени ситуации по принцип на затворена листа (numerus clausus) – кога собранискиот спикер може, исклучително и привремено, да го заменува Претседателот на Републиката: (1) при смрт; (2) оставка; (3) трајна спреченост да ја врши функцијата; или (4) престанок на мандатот по сила на Уставот [чл. 82, ст.1 од УРМ]! Очигледно е дека, во случајов со ЗУЈ, не е исполнет ниту еден уставен основ кога функцијата Претседател на Републиката, алтернативно, би можел да ја врши претседателот на Собранието.

Извор: akademik.mk

Парламентот нема иницирано постапка за „импичмент“

Поради уставната празнина која постои кај нас, при вакво одбивање на ставање потпис на Претседателот на Републиката и по втор пат, единствено правно средство што му стои на располагање на парламентот е да иницира т.н. постапка за импичмент на Претседателот! Тука, всушност, Претседателот ризикува да биде повикан на одговорност за кршење на уставот и законите [по чл. 87 од УРМ], но истовремено – дури и по цена да ја изгуби функцијата – етички доследно сака да ја алармира јавноста за непропорционалноста и штетноста од донесувањето на конкретниот закон.

Собранискиот спикер ги пречекорил своите овластувања и сторил продолжено кривично дело

Талат Џафери, покрај тоа што дрско ги фрли в ѓубре илјадниците опозициски амандмани кои мораше да бидат разгледувани, стори и цела низа други деловнички прекршувања, со цел носење на законот по скратена постапка. ЗУЈ наместо да биде разгледуван во матичните работни тела – Комисијата за политички систем, Комисијата за финансирање и буџет и Комитетот за односи меѓу заедниците – тој, без никаков основ, е разгледуван само од Комисијата за европски прашања!? Предлог-законот ниту содржи одредби со кои се врши усогласување со правото на Европската унија, ниту пак се наведени податоци за изворниот акт на ЕУ – со полн назив, број и датум, онака како што изрично бара Деловникот. Во Предлогот нема поднесено ниту изјава за усогласеност, ниту потпис на министерот и воопшто не е наведен никаков акт со кој се врши хармонизација на нашата легислатива [спротивно на чл. 135, ст. 4–5 од Деловникот на Собранието].

При ваква фактичка положба, Џафери ја занемарил својата службена должност и не му го вратил Предлог-законот на подносителот на дополнување, со што по трет пат флагрантно го прекршил собранискиот Деловник. А во ваква ситуација настапува несоборливата правна претпоставка дека законскиот предлог како воопшто и да не е поднесен (praesumptio iuris), оти тој никогаш не е соодветно коригиран: „Ако предлагачот не го дополни предлогот на законот во рок од 15 дена од барањето на претседателот на Собранието се смета дека предлогот на законот не е ни поднесен“ [чл. 136].

Следно што сторил г. Џафери спротивно на Уставот, е тоа што тој – доколку самовласно смета дека имал право да го замени Претседателот на Републиката при потпишување на указот и негово праќање на објава во Сл. весник – требало претходно задолжително да се изземе од гласањето по законот, но тоа не го сторил, туку гласал ЗА – видно од службениот Листинг за гласање! Со ова, тој го игнорирал и грубо го прекршил Уставот кој експлицитно предвидува дека: „Кога претседателот на Собранието ја врши функцијата претседател на Републиката, тој учествува во работата на Собранието без право на одлучување“ [чл. 82, ст.4 од УРМ].

Конечно, собранискиот спикер го прекрши и чл. 67, ст. 3 од Уставот кој ја регулира инкомпатибилноста на овој јавен функционер: „Функцијата претседател на Собранието е неспојлива со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија“! Во контроверзната фуснота во која се даваат причините зошто Указот го нема неопходниот претседателски потпис, претседателот на Собранието самоволно се ставил себеси во улога на судија на Уставниот суд на РМ и, арбитрарно и сосем паушално, самиот тој – без никаква претходно водена правна постапка – констатирал прекршување на Уставот од страна на Претседателот проф. д-р Ѓорѓе Иванов, како инокосен државен орган. Тој ова го направил со предумисла, иако знаел дека Собранието не иницирало импичмент, и иако за тоа се нема произнесено Уставниот суд на РМ – како врховна и исклучиво надлежна инстанца за пресудување на ваквите квази-судски спорови. Оти, само Уставниот суд, а не претседателот на Собранието, е тој што има ексклузивна надлежност, по службена должност (ex officio), да ги толкува и утврдува условите за престанок на функцијата и за правната одговорност на Претседателот на Републиката при евентуалното кршење на Уставот [чл. 87, ст.2 од УРМ].

Останува да видиме дали овој персонален состав на Судот, кој дефинитивно е кадровски и професионално најслаб во досегашната наша државно-правна историја по осамостојувањето, ќе смогне сили за конечно да го пресече Гордиевиот јазол околу вака шверцуваната двојазичност која, во блиска иднина, се заканува да го зголеми етно-национализмот, да внесе меѓуетничка омраза и нетрпеливост и сериозно да го загрози унитарниот карактер, па дури и самото опстојување на Републиката.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Përse Gjykata kushtetuse do të jetë e detyruar ti ...
Legalizimi i korrupsionit në sektorin publik të Ma...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Сабота, 07 Декември 2019
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не