fbpx

Трамп е сега единствената надеж за Путин

Карл Билт (Carl Bildt)

Политика

07.05.24

Прегледи

По усвојувањето на долгоочекуваниот пакет за воена помош од страна на САД кој се состои од повеќе милијарди долари наменети за Украина, воените напори на Владимир Путин ќе почнат со надолна траекторија. Со оглед на тоа дека времето повеќе нема да му биде сојузник, Кремљ очајнички ќе го чека својот спасител: месијата од Мар-а-Лаго.

Оваа вест несомнено беше дочекана со олеснување во Киев и со жалење во Кремљ. Американскиот Конгрес конечно го надмина шестмесечниот застој и одобри нов пакет воена помош за Украина (како и за Израел и Тајван). Овој пробив се случи само неколку дена откако лидерите на ЕУ исто така се обврзаа да обезбедат уште поголема поддршка, како дополнување на големите пакети помош што неодамна ги одобрија. Како сето ова ќе изгледа е нешто што дополнително ќе се утврди, но Германија веќе вети уште еден систем за противвоздушна одбрана, Патриот (една од клучните технологии што ѝ оневозможи на Русија да се стекне со одлучувачка предност) а исто така ги притисна и другите земји-членки на ЕУ да помогнат во зајакнувањето на украинската противвоздушна одбрана.

Поддршката е потребна повеќе од било кога. Украина издржа тешки неколку месеци. Откако нејзината воена контраофанзива од минатата година која беше значително очекувана не даде речиси никакви резултати, неуспехот на Америка да постигне договор за уште еден пакет помош нанесе голем удар врз моралот. Украинската муниција се намали истовремено со засилувањето на ракетните напади од страна на Кремљ кои беа насочени против индустриската и енергетската инфраструктура на Украина.

Како што ситуацијата за Украина стануваше сè понеизгледна, Кремљ можеше да прогласи пропагандна победа. Иако голем број на Руси сакаат да се стави крај на војната, претседателот Владимир Путин можеше да ги увери дека волјата на Западот почна да исчезнува. Не само што руските фабрики за муниција се активни туку и Доналд Трамп има добри шанси да победи на претседателските избори во САД и да се врати во Белата куќа на почетокот на следната година, така што Руската победа, на некој начин, изгледаше дека е на дофат.

Но, да не заборавиме дека Путин мораше значително да ги промени своите цели во споредба со почетокот на агресијата во февруари 2022 година. Негова првична намера беше владата на украинскиот претседател Володимир Зеленски да биде отстранета за неколку дена и дека целата територија позната како Украина ќе биде под Русија. Руските војски требаше да маршираат во Киев, каде што ќе бидат пречекани како ослободители.

Тоа беше стратешка грешка со неколку историски преседани. Руската офанзива набрзо сопре а руските сили мораа веднаш да се повлечат од клучните области, како што се оние околу Киев. Во следните месеци тие исто така беа протерани од Херсон и од регионот Харков.

Непопустливата решителност на Украина не беше единственото нешто што беше потценето од Кремљ – тој, очигледно, не можеше да предвиди дека широката коалиција на западните земји ќе одговори со сеопфатна финансиска и воена помош. До 2023 година, руските сили зазедоа одбранбена положба и сè поголеми беа очекувањата дека Украинците, кои сега се вооружени со опрема од западните земји, ќе ги одбијат напаѓачите.

Кога тоа не се случи, конфликтот стана војна на меѓусебно истрошување. Како што изгледаше дека одлучноста на Западот се намалува, Путин, откако дојде до заклучок дека времето е на негова страна, стануваше сè посамоуверен. Иако тој несомнено ќе се подготвеше за нови офанзивни операции, се сомневам дека тој сега, наместо да се потпира на сопствените сили, сè повеќе игра на картата на тоа дека Трамп ќе „долета“ да го спаси.

Но, сега „есапот“ уште еднаш се промени. Пркосејќи им на изолационистите на Трамп и на оние кои го прифаќаат Путин, републиканците во Конгресот, заедно со демократите, ја одобрија поддршката што Украинците очајно ја чекаа. И покрај тоа што ќе биде потребно извесно време за тоа новите пратки со муниција и опрема да стигнат до линиите на фронтот (каде што руските сили бележат мал, но минорен, напредок) она што е значајно е непосредниот политички и психолошки ефект. Шансите Украина да ја одржи линијата и да го преживее секој нов руски напад оваа година драстично се подобрија.

Одеднаш веќе не е толку извесно дека времето работи за Путин. Ако досега научивме нешто од оваа војна, тоа е дека одбраната е полесна од нападот. На среден и подолг рок, производството на артилериски гранати во Европа и САД најверојатно ќе се изедначи со она на Русија, а можеби и ќе ја надмине, која притоа морала да се потпира на муниција добиена од Северна Кореја. Понатаму, континуираниот развој на технологиите за војување со долг дострел на Украина ќе почне да дава значителни резултати; притоа и најновата мобилизација во Украина ќе надополни некои од борбените сили и резерви на првата линија на фронтот. Накратко кажано, ќе исчезне надежта на Путин дека оваа година ќе извојува победа. Неговите воени активности ќе продолжат да се движат по надолна траекторија.

Но, постои уште една надеж – Кремљ очајно ќе го чека својот спасител од Мар-а-Лаго, кој од еден републиканец наводно е наречен „Портокаловиот Исус“. Дали враќањето на Трамп во Белата куќа навистина ќе стави крај на голготата што Путин си ја создаде е сосема друго прашање. Засега Русија повторно се движи кон тоа да доживее неуспех во Украина.

 
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Карл Билт (Carl Bildt)

Карл Билт е поранешен министер за надворешни работи на Шведска од 2006 до 2014 година и премиер од 1991 до 1994 година, за време на кој мандат преговараше за пристапувањето на Шведска во ЕУ. Како угледен меѓународен дипломат, тој беше специјален пратеник на ЕУ во поранешна Југославија, висок претставник за Босна и Херцеговина, специјален пратеник на ОН на Балканот и копретседавач на Дејтонската мировна конференција. Тој е копретседавач на Европскиот совет за надворешни односи.