Дали цензусот за претседател се постигна со гласовите на Албанците? Кои беа реализираните сценарија на албанските политички партии и коалиции околу изборот на претседател? Како новиот шеф на државата, Силјановска Давкова доби легитимитет и од Албанците?
Во вториот круг на претседателските избори, освен за изборот на новиот шеф/ица на државата, битката беше и за цензусот, односно за 40% одзив или 726 илјади гласови.
Споредбено со резултатите од првиот круг, одзивот многу тешко ќе се постигнеше без да гласаат и дел од Албанците. Бидејќи гласачкото тело во албанскиот кампус е клиентелистички настроено, ориентирањето на гласачите зависеше од двете коалиции: Европскиот фронт на ДУИ и опозициската коалиција ВРЕДИ.
Сценариото на коалицијата ВРЕДИ обезбеди цензус за Силјановска
Едно од сценаријата кое се оствари беше обезбедувањето на цензусот, што значеше поддршка на опозициската коалиција ВРЕДИ за претседателскиот кандидат, Гордана Силјановска Давкова.
Инструкцијата на оваа коалиција за активистите беше да не се бојкотираат претседателските избори. Тивката поддршка за Силјановска беше остварена преку повикот од коалицијата ВРЕДИ за партиските структури - на денот на изборите да се земе и избирачкото ливче за претседателските избори. Така и се случи! Во општините во кои што живеат Албанците, според податоците на ДИК одзивот беше над 20 %, што е доказ дека овие избори не беа тотално бојкотирани.
На ваквата индиректна поддршка претходеше договор за составување на новата влада помеѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и еден од лидерите на ВРЕДИ, Арбен Таравари во седиштето на албанската опозиција. На средбата Мицкоски и Таравари разговарале за принципите за можно идно коалицирање и заедничка соработка, главно насочени кон борба против криминалот и корупцијата.
Но еден став на Силјановска речиси ја оневозможи поддршката на коалицијата ВРЕДИ. На еден митинг во Куманово, Гордана Силјановска Давковка наведе дека некои злосторства против човештвото никогаш не застаруваат. Помеѓу редови, Силјановска инсинуираше дека постои можност за решавање на делата од војната во 2001 година пред меѓународен трибунал.
На ова остро реагираше еден од лидерите на коалицијата ВРЕДИ. Изет Меџити истакна дека „Жал ни е што со приближувањето на изборите, ВМРО-ДПМНЕ се враќа на старите практики, кои мислевме дека ги заборавиле. ВМРО-ДПМНЕ продолжува со поларизацијата со ДУИ и ова а банална, стара игра. Албанците се заедно кога се работи за националното прашање. ОНА (УЧК) е СВЕТО за сите нас и никој не смее да чепка таму“.
Двојните стандарди на Ахмети
Кандидатот на ДУИ, Бујар Османи во првиот круг освои 120 илјади гласови и познато е дека низ годините оваа партија има релативно стабилно гласачко тело. На минатите претседателски избори, претседателот Пендаровски беше консензуален кандидат, а на годинешните избори не беше поддржан.
За да не ја затвори вратата на ВМРО-ДПМНЕ за составување на владата, ДУИ „ретерираше“ од концептот консензуален претседател и не го поддржа претседателскиот кандидат Пендаровски, што се должи и на одбивањето на СДСМ на понудата на ДУИ за заедничка предизборна коалиција за парламентарните избори.
Имаше повик за тивок бојкот, што беше реализиран преку агитирање до т.н. партиски „милитанти“ или активисти.
Челниците на Европскиот фронт беа разединети околу политичкото однесување во вториот круг на изборите.
Извор: sdk.mk
Првиот вицепремиер и функционер на ДУИ, Артан Груби, не гласаше за претседател на државата. „Не гласав за претседателските бидејќи не сакам да легитимирам претседател или претседателка која е против УЧК, против Охридскиот договор, против добрососедството со Косово, со Бугарија, со Грција, против интеграција во ЕУ и уставните измени, против пријателството со САД. Не сакам идниот претседател или претседателка да го има и легитимитетот на гласовите на демократскиот свет тука во Северна Македонија, овозможувајќи избор на еден таков претседател. Затоа го искористив моето демократско право да гласам за парламентарните, но не и за претседателските избори“ рече Груби.
И актуелниот лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села гласаше само на парламентарните избори. Ваквите ставови ги мотивираа и дел од неопределените гласачи во македонскиот етнички блок да излезат на гласање и да обезбедат цензус.
Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кој е во коалиција со ДУИ во Европскиот фронт, потврди дека гласал и за претседателските избори. Тачи рече „Стојам зад одлуката на Европскиот фронт донесена на 2 мај во Струга, кога граѓаните беа повикани од нас самите да одлучат како ќе постапат во однос на претседателските избори“.
Шефот на изборниот штаб на Европскиот фронт, Арбер Адеми, прашан дали тоа што ДУИ отворено не ги повикала своите поддржувачи да гласаат на вториот круг од претседателските избори може да се протолкува како тивок бојкот, изјави дека ги оставиле поддржувачите самостојно и по сопствено убедување да одлучат како ќе се однесуваат на претседателските избори. Адеми додаде дека претседателот на ДУИ, Али Ахмети, техничкиот премиер Талат Џафери, како и министерот за надворешни работи Бујар Османи гласале во вториот круг.
Пристапот на ДУИ на претседателските избори низ истoријата
На претходните претседателски избори во 2019 година, ДУИ за првпат во историјата ја поддржа идејата за консензуален претседател, а олицетворение на таков шеф на државата беше Пендаровски. Тој беше поддржан од сите владини партии, односно освен ДУИ го поддржа и партијата Алтернатива. Со 435 илјади гласови, меѓу кои неколку илјади од Албанците, стана претседател наспроти кандидатката на опозицијата, Гордана Силјановска Давкова, која освои 377 илјади гласови.
Во 2014 година, ДУИ не истакна свој кандидат, на сметка на нејзиниот партнер ВМРО-ДПМНЕ, а во одредени населени места, имаше „дозирани“ гласови за Ѓорѓе Иванов, за да се обезбеди цензусот. Иванов стана претседател со 534 илјади гласови, наспроти Пендаровски, кој доби 398 илјади. На овие избори учествуваше и Илјаз Халими од ДПА, кој освои 38 илјади гласови.
На претседателските избори во 2009 година, ДУИ учествуваше со својот кандидат, Агрон Буџаку, кој освои 73 илјади гласови, а во вториот круг, исто како и во 2014 година, гласачката машинерија обезбеди цензус за претседателот Иванов, кој освои 453 илјади гласови, наспроти 264 илјади на кандидатот на СДСМ, Љубомир Данаилов Фрчковски. Гласовите на ДУИ беа повеќе за постигнување цензус отколку симбол на поддршката за Иванов.
Во 2004 година, ДУИ настапи со еден од најсилните адути, шефот на Генералштабот на поранешната ОНА, Гезим Острени, кој во првиот круг освои 134 илјади гласови. Во вториот круг, кандидатот на СДСМ, Бранко Црвенковски освои 550 илјади гласови, иако во првиот круг имаше 385 илјади гласови, што значи дека илјадници гласови на Албанците беа прелеани кај Црвенковски, коалициски партнер на ДУИ, бидејќи разликата во вториот круг беше 165 илјади гласови. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сашко Кедев освои 329 илјади гласови, а одлуката на партијата на Никола Груевски да не бојкотира, обезбеди цензус за избор на претседател.
20 години потоа, тешко беше за верување дека едно од можните сценарија е бојкотот на СДСМ и непостигнување на цензусот, бидејќи тоа ќе значеше уште едно фијаско за „државнотворната партија“, освен преслабиот резултат на парламентарните избори.
Eпилог
Според резултатите, поддршката од коалицијата ВРЕДИ за Силјановска беше во насока на обезбедување на квантум на гласови за цензусот, а со тоа и почитување на волјата на народот, која уште во првиот круг беше јасна, недвосмислена и очигледна.
Од друга страна, иако Европскиот фронт имаше повик особено до структурите на ДУИ за тивок бојкот на претседателските избори, за да не остави негативен впечаток кај меѓународната заедница дека е партија или коалиција која бојкотира, се обиде да создаде перцепција дека нејзиниот пристап „личи на бојкот, ама не е бојкот“.