fbpx
 

Моќта  на вештачката интелигенција на пазарите во развој

Франк-Јирген Рихтер (Frank-Jürgen Richter)

Frank Jurgen Richter 200x250Вештачката интелигенција се очекува да ѝ донесе на глобалната економија $15,7 трилиони до 2030 година, носејќи социоекономски придобивки во сите области во општеството во претстојните години. А значителен дел од овој вкупен износ, ќе одат во економиите во развој.

Во напредните економии, вештачката интелигенција е распространета во секој аспект од животот. Од влади, до компании, до индивидуи, опсегот на вештачката интелигенција е огромен, а нејзиното користење се покажа трансформативно.

Меѓутоа, придобивките од истата не се чувствуваат само во развиениот свет. Вештачката интелигенција се очекува да ѝ донесе на глобалната економија $15,7 трилиони до 2030 година, носејќи социоекономски придобивки во сите области во општеството во претстојните години. А значителен дел од овој вкупен износ, ќе оди во економиите во развој, чии длабоко вкоренети проблеми вештачката интелигенција веќе помага да се решат.

Огромните износи што се вложуваат во вештачката интелигенција се доказ за потенцијалот кој многумина го гледаат во оваа нова технологија. Според пресметките на Меѓународната компанија за податоци, глобалната потрошувачка за вештачка интелигенција ќе достигне околу $36 милијарди во 2019, што е за 44% повеќе од 2018. Овој износ се очекува да надмине $79 милијарди во 2022.

Причината за инвестирање на толку многу пари во вештачка интелигенција е очигледна: економската вредност што може да се добие од вештачката интелигенција се очекува да достигне $3,9 трилиони до 2022, што е трипати повеќе од 2018. Меѓутоа, бизнис секторот не е единствени кој има ќар од користењето на вештачка интелигенција. Тој е главен двигател на промените кој им овозможува на милиони во развиениот свет да ги искористат подобрувањата, растечки и далекусежни.

Поради софистицираноста на вештачката интелигенција, многумина сметаат дека истата има поголема примена во развиените економии. А вештачката интелигенција може и да има поголема примена на пазари во развој, кои ги искористуваат можностите што таа ги создава за стекнување на значителни социјални и економски придобивки. Вештачката интелигенција овозможува нови производи и модели за економска мобилност на најсиромашните преку решенија што ги прескокнуваат постојните технологии.

На пример, недостатокот на пристап до средства е голема пречка за социоекономскиот развој, но сега вештачката интелигенција овозможува да се исчисти патот до најоддалечените и најсиромашните делови од светот. Од села во Индонезија до земјоделско земјиште во Кенија и Мадагаскар, системите со вештачка интелигенција помагаат да им се обезбеди пристап до средства на малите претприемачи и фармери, не само со услужување на неуслужените, туку со зголемување на растот и продуктивноста. Во отсуство на традиционална финансиска историја, алтернативни даватели на капитал користат апликации со вештачка интелигенција за да оценат потенцијални позајмувачи и да предвидат неисполнувања на обврските. Најголеми примери тука се M-Shwari во Кенија и Ant Financial во Источна Азија.

Во економиите во развој, земјоделците можат да ги користат мобилите уреди што се користат на големо за пристап до услуги што ги обезбедува вештачка интелигенција за добивање на информации за временските услови, употреба на вода и условите, состојбата на почвата, и со тоа да носат информирани работни одлуки. Ова е само еден пример за тоа како економични решенија со вештачка интелигенција им го менуваат животот на земјоделците во целиот свет. Кога станува збор за индустриското производство, зголемената автоматизација ја зголемува ефикасноста и ги намалува трошоците, поттикнувајќи ја потрошувачката во овој процес.

Апликациите со вештачка интелигенција исто така се користат за изнаоѓање на инфраструктурни решенија. Ова е особено важно за пазарите во развој во кои силниот економски раст и брзата урбанизација се преголем товар за постојните ресурси. Паметни градови, паметни мрежи, системи за сообраќај со интегриран Интернет, самоуправувачки возила и технологии со сензори се само дел од палетата производи со вештачка интелигенција. Брзата урбанизација во Азија и Африка ќе изискува примена на решенија со вештачка интелигенција во обезбедувањето на инфраструктурата за непречено функционирање на градовите.

Сепак, предизвиците остануваат. Еден од поважните предизвици е високата цена за примена на вештачка интелигенција во секојдневниот живот. Технологијата може да понуди огромен потенцијал, но исто така мора да биде и трговски одржлива. Друг предизвик е безбедноста на податоците. Прашањата поврзани со приватноста и зачувувањето на податоците нема да стивнат во скоро време и мора да бидат одговорени.

Всушност, и двата проблеми мора да бидат целосно решени, бидејќи често од тоа зависи примената на вештачка интелигенција. А зголемувањето и балансирањето на примената на технологија со вештачка интелигенција е клучна за долгорочниот економски раст и развој на новите пазари. И како што технологијата ќе созрева, така истата ќе станува попристапна и поразбирлива.

Она што исто така економиите во развој треба да го земат предвид е променливата природа на работата, како резултат на зголемената примена на вештачка интелигенција во процесите на производство. Иновациите со вештачка интелигенција можат да ја намалат побарувачката за работна сила, што претставува голем проблем за земјите со големо работоспособно население, како Индија, Индонезија и Бангладеш. Но, вештачката интелигенција исто така му остава можност на светот во развој да ја пренасочи својата работна сила кон подобри, помалку трудоинтензивни дејности и со тоа да ја подобри својата економија.

Земајќи ги предвид придобивките што вештачката интелигенција им ги носи на економиите во развој, вештачката интелигенција мора пошироко да се прифати. Да, владите ќе треба да донесат одлуки за деликатни прашања, со оглед на предизвиците што доаѓаат со воведувањето и успешното користење на вештачка интелигенција. Меѓутоа, единствениот начин да се надминат овие предизвици е преку директно соочување со истите.

Франк-Јирген Рихтер е основач и претседател на Horasis: The Global Visions Community.

Copyright: Project Syndicate, 2020.
www.project-syndicate.org

Британското напуштање на ЕУ може да ја подели Евро...
Rrethrrotullimet janë zgjidhja për bllokimet e tra...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Недела, 05 Април 2020
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не