Дезинформациите за руската воена инвазија на Украина доведоа до такви поделби на населението во Македонија, особено на оние што се информираат главно од социјалните мрежи, што сега се води онлајн дебата околу тоа дали навистина таму има војна и страдаат цивили или станува збор за холивудска продукција со цел да се уништи Русија.
Во време кога во Украина беснее најголемиот воен конфликт во Европа по Втората светска војна на македонскиот онлајн простор на социјалните мрежи се шири руската пропаганда дека сето тоа е само еден лош филм.
Според податоците на Високиот комесаријат на ОН за човекови права, 1.793 цивили до сега го загубиле животот во оваа безумна војна. Во оваа бројка не се вклучени податоците за цивилни жртви во Мариупол, Изиум, Попсана и Бородјанка. Според канцеларијата на јавниот обвинител на Украина, до 10 април се убиени 176 деца и уште 336 се повредени.
Ова не е обична статистика. Станува збор за реални луѓе, мажи, жени и деца чии животи се изгубени.
И покрај тоа, едни од највиралните објави на социјалните мрежи во последните 10-ина дена, не само во Македонија туку се чини и во целиот регион, се оние во кои се тврди дека мртвите во Буча „стануваат“. Наводно, станува збор за лошо изрежиран воен филм, во кој се најмени актери да глумат мртви на улиците во предградието на Кијив, а глумата е толку лоша што не можат ниту да дочекаат да помине камерата па стануваат пред време.
Видеото на кое наводно се гледа како „мртвите стануваат“ најпрво беше објавено на социјалните мрежи уште на трети април, а потоа беше ијладници пати споделено, коментирано и преземено од неколку домашни медиуми. Ваквото тврдење беше објавено и во некои српски медиуми, вклучувајќи го и про-владиниот информер.рс, а секако беше споделено и од страна на руската државна пропагандна машинерија. Кај нас видеото го објавија неколку медиуми, но и повеќемина т.н. „инфлуенсери“ на социјалните мрежи каде доби голема видливост.
Сервисите за проверка на факти, вклучувајќи го и единствениот потписник на Кодексот на принципи на Меѓународната мрежа за проверка на факти во Македонија, Вистиномер, го дебанкираа ова тврдење, слично како што тоа го направи и Дојче веле и повеќе други меѓународни медиумски организации. Но, големата лага веќе беше широко распространета и многумина поверуваа. И сè уште веруваат.
Геноцид во Украина
Официјална Москва, како многу пати претходно, обвинувањата за воени злосторства ги отфрли како исценирани и ги нарече хистерија на Западот. Но, вакви обвинувања за хистерија на Западот имаше и претходно. Секако тие се покажаа комплетно неосновани. Така, долго пред да се случи инвазијата, предупредувањата дека Русија ќе ја нападне Украина рускиот државен врв исто така ги нарекуваше хистерија на Западот. Се покажа дека биле точни.
Всушност, речиси по правило, вистината е токму спротивна на она што го тврди официјална Москва.
Така, пред почетокот на инвазијата, Москва, вклучувајќи го и претседателот на Руската Федерација Владимир Путин, тврдеше дека во регионот на Донбас се случува геноцид над руското население. Овој наводен геноцид беше еден од главните поводи за нападот на Украина. Иако е неспорно дека во војната за Донбас има жртви од двете страни, и од украинската и од руската па дури и индиции за воени злосторства, докази за геноцид не беа објавени.
Со откривањето на масакрот во Буча се покажа дека е сепак можно да се одвива геноцид во Украина, но врз Украинците.
Што значи тоа геноцид? Станува збор за најтешката форма на злосторство против човештвото. Се дефинира како масовно истребување на одредена група луѓе - на пример, убиството на шест милиони Евреи во Холокаустот од Втората светска војна.
Конвенцијата на ОН за геноцид го дефинира како „намерно уништување, целосно или делумно, на одредена национална, етничка, расна или религиозна група“:
- Убивање на членовите на групата;
- Предизвикување сериозни телесни или ментални повреди на членовите на групата;
- Намерно поткопување на условите за живот на групата, со цел да се доведе до нејзино целосно или делумно физичко уништување;
- Воведување мерки со цел спречување на раѓања во рамките на групата;
- Насилно префрлање на децата од групата во друга група.
Што треба да прави Русија со Украина?
Иако не постои консензус дека Русија врши геноцид врз Украинците, постојат силни индиции за такво нешто. Професорот по меѓународни односи на Џонс Хопкинс Универзитетот, Јуџин Финкел за Би-би-си вели дека постојат докази дека во Буча и во други места во Украина, убиени се луѓе само затоа што биле Украинци.
Извор: depositphotos.com
„Тоа не е само убивање на луѓе, тоа е целење кон група со одреден национален идентитет“, вели тој.
За Финкел, она што ја потврдува геноцидната намера е реториката која се шири од Москва. Тој посочува на написот со наслов: „Што треба Русија да прави со Украина“ објавен неодамна од страна на државната руска новинска агенција РИА Новости.
Во написот се тврди дека е невозможно Украина да опстане како национална држава, па дури и нејзиното име не може да се задржи. Украинската националистичка елита „треба да биде ликвидирана, нејзината ре-едукација е невозможна“, пишува авторот на текстот Тимофеј Сергејцев.
Неговата теорија се базира на дезинформацискиот наратив (исто така нашироко побиен) дека Украина е нацистичка држава и најголем дел од населението се виновни за тоа бидејќи се „пасивни нацисти“, односно соучесници. По победата на Русија, овие луѓе требало да се ре-едуцираат и тоа „неизбежно би значело де-Украинизација“.
„За мене, промената на тонот на Русија, во последните недели, особено меѓу елитите, беше пресвртната точка што ја нарекуваме праг на намера, не само да се уништи државата... туку да се уништи идентитетот“, вели професорот Финкел во изјава за Би-би-си
„Целта на војната е де-Украинизација ... тие не се фокусираат на државата, тие се фокусираат на Украинците“, додава тој.
Немоќни медиуми – моќни дезинформации
Повеќе од една недела по масакрот во Буча, светските медиумски куќи сè уште објавуваат сведоштва на преживеаните за неверојатната свирепост со која биле убивани жителите на градот.
Бидејќи со почетокот на војната Русија воведе строга цензура и ги принуди сите независни медиуми да престанат со објавување на информации, јасно е дека ваквите детали не можат да се сретнат во руските медиуми. Но, загрижува фактот што и голем дел од медиумите во Македонија избегнуваат да пишуваат за тоа.
Дотолку повеќе што теоријата за лошиот холивудски филм, или, пак, безумните обвинувања дека Украинците самите ги убиле жителите на преградието на Кијив, добија на гласност во некои домашни редакции. Сериозни медиуми, па и реномирани новинари со долгогодишно искуство алудираа на вистинитоста на овој дезинформациски наратив.
Ваквите дезинформации и спинови испливуваат на површина од морето на илјадници вести кои се објавуваат на дневна основа. Во контрадикторноста на споделената поплава од вести за обичниот читател е тешко да ја разликува вистината од лагата. На крајот, се доведуваме во ситуација кога пулбиката едноставно никому не му верува.
На медиумскиот „пазар“ во Македонија, повеќе стотици мали редакции со по неколку новинари се обидуваат да преживеат борејќи се за што повеќе кликови и бар мало делче од ситниот колач наречен реклами во медиумите. Голем дел од уредниците би објавиле било што што ќе им донесе некој клик повеќе во текот на денот. Други, пак, медиумски куќи отворено ја молат владата за директна парична помош. Ваквата состојба им е многу добро позната на центрите на моќ од каде се шират дезинформациските наративи и редовно ја злоупотребуваат.
Така, изворите на дезинформациите најчесто истите ги пласираат преку социјалните мрежи и преку некредибилни медиуми или онлајн портали. Неретко ваквите дезинформации на прв поглед изгледаат сосема реално и се готов материјал кој може да го преземат некои од т.н. „мејнстрим“ медиуми бидејќи очигледно привлекуваат големо внимание на социјалните мрежи. Дел од уредниците одбираат воопшто да не ги проверат информациите туку едноставно на брзина да го преземат текстот. Всушност, она што се нарекува проверка на факти треба да биде секојдневна работа на новинарите и уредниците пред да објават нешто. Трката со времето и битката за кликови во никој случај не треба да биде приоритет.
Секако дека проверката на факти е еден од најзначајните елементи во битката против дезинформациите, но не е единствениот. Покрај едукацијата и работата на зголемување на нивото на медиумска писменост, сите професионални медиуми и медиумски организации треба активно да се вклучат во оваа битка. Само на тој начин можеме да го минимизираме влијанието на овие застрашувачки наративи и безумни конструкции.
Уште повеќе поради фактот што во Македонија е нелегално да се минимизираат, оправдуваат и промовираат воени злосторства и геноцид. Воедно, самиот факт што со резолуција на Обединетите нации е осудена руската агресија дава дополнителна основа за правни постапки на различни нивоа па и поведување истраги. За ова веќе имаше и најава од обвинителството.
Членот 407а од КЗ кој се однесува на одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човешчноста или воени злосторства, предвидува казна од една до пет години затвор за сторителите.
„Ако негирањето, минимизирањето, одобрувањето или оправдувањето е сторено со намера за поттикнување омраза, дискриминација или насилство против некое лице или група на лица поради нивната национална, етничка или расна припадност или верска определба, сторителот ќе се казни со казна од најмалку четири години затвор“, се вели понатаму во овој член од Кривичниоот законик.
Колку и да звучи лошо, за жртвите на масакрот во Буча и нивните семејства сигурно ќе беше големо олеснување ако сето ова навистина беше само холивудска продукција по која ќе можеа да заминат заедно дома. Но, за жал, реалноста е сосема поинаква.
Текстот е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Хрватска (Lupiga), Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Exit News), и Црна Гора (PCNEN).
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.