Блокирањето на веб-страници во Словачка кои шират дезинформации од страна на Националната агенција за безбедност е чекор без преседан кој беше преземен против проруските веб-страници кои шират дезинформации, заговори, пропаганда и токсични наративи. За жал, ваквите активности беа исто така критикувани и дека наводно ја сузбиваат слободата на говорот.
ЕУ реагираше на руската агресија против Украина со воведување санкции за руските државни телевизиски канали РТ и за емитувањето на Спутник на територијата на целата Унија. Се тврди дека овие субјект ширеле манипулативна содржина, лажни информации и проруска пропаганда. Слично на тоа, Република Словачка е запознаена и за постоење на домашни субјекти кои ги шират овие наративи кон словачката и чешката јавност.
Националната агенција за безбедност (НСА) доби привремена надлежност да може да блокира веб-страници кои споделуваат штетни содржини во однос на руската агресија во Украина. Ова беше воведено како дел од пакетот мерки поврзани со ситуацијата во Украина. Мерката за блокирање на домените на овие веб-страници дојде по направената измена на Законот за сајбер безбедност која ѝ овозможи на Националната агенција за безбедност да одлучува за тоа кои штетни содржини или активности во онлајн просторот ќе ги блокира.
Агенцијата може да одлучи по сопствена иницијатива или врз основа на барање од друг субјект на кој тоа му е дозволено (полицијата или Словачката информативна служба).
Блокирани четири извори на штетни информации
Одлуката за блокирање на една интернет страница мора да вклучува: 1. идентификација на лицето кое управува со инфраструктурата која треба да биде блокирана, 2. идентификација на штетната содржина или активност, 3. причината и начинот на блокирање. Злонамерна содржина се дефинира како софтвер или податок што предизвикува, или има потенцијал да предизвика, инцидент во однос на сајбер безбедност; дефиницијата за штетна активност се однесува на измама, кражба на лични податоци или чувствителни податоци, сериозни дезинформации и други форми на хибридни закани.
Авторите на законските измени предлог го потенцираа фактот дека во последно време во Словачка постои пролиферација на дезинформации и на лажни статуси. Целта беше да се влијае на јавното мислење и да се биде дел од руската пропаганда при известувањето за војната во Украина.
Агенцијата ја употреби мерката за блокирање на вкупно четири медиуми кои ширеа дезинформации - Armádny magazin, Hlavné správy, Hlavný denník и InfoVojna. Институцијата вели дека дека нивните „штетни активности директно се поврзуваат со извори кои се платени од руски субјекти а се насочени кон манипулирање со јавното мислење“. Всушност, сите споменати веб-страници се на лош глас за ширење проблематична проруска содржина. Три од нив беа вклучени на листата на врвни проруски извори во Словачка која беше креирана неодамна од страна на технолошката компанија Герулата технологии.
Веб-страницата InfoVojna не се споменува тука, но на оваа листа се најдоа нејзината Фејсбук страница и профилот на YouTube.
Содржината на InfoVojna беше исто така предмет на проценка од страна на тимот кој работи во рамките на независниот портал за проверка на факти Konspiratori.sk, кој ја класифицираше со оценка 8,8 од 10 (10 е најлош квалитет на информации). Armádny магазинот има оценка 7,2. Оваа иницијатива ги оценува веб-страниците според неколку критериуми, како што се објавување псевдонаучна содржина, дезинформациски наративи или екстремистичка содржина.
Според главниот уредник на Infosecurity.sk, Матеј Спишак, главниот проблем со Hlavný deník беше дека медиумите споделуваат проруски содржини кои се објавени од Фондацијата за стратешка култура, која е пријавена од американскиот Стејт Департмент како субјект раководен од руската надворешна разузнавачка служба СВР (Надворешно разузнавачка служба на Руската Федерација).
Веб-страниците Hlavné správy и Armádny magazin неодамна беа инволвирани во шпионирање во корист на Русија, користејќи еден од нејзините автори, Бохуш Гарбар.
Колаж од фотографии од луѓе кои редовно се цитирани од Hlavný denník. Црвените букви на дното на сликата тврдат дека медиумите „секогаш стојат на страната на вистината“, и покрај тоа што цитираат проруски субјекти, пропагандисти и дезинформатори како што се опозициските политичари Лубош Блаха од СМЕР - Социјалдемократија или Едуард Хмелар од политичкото движење Socialists.sk (на сликата). Повеќето од прикажаните лица се цитирани и од други медиуми кои беа блокирани.
Врз основа на редовниот мониторинг на медиуми кој го прават од аналитичарите на Infosecurity.sk, овие четири веб-страници веќе подолго време шират еден обемен спектар на дезинформации и наративи на заговор (и тоа повторно го прават по укинувањето на блокадата). Ова стана особено проблематично за време на пандемијата со Ковид-19 т.е. при што субјектите кои ширеа дезинформации опфаќаа теми како што се тестирање на национално ниво, кампањата за вакцинација и други мерки кои се преземени од државата.
Ширејќи лажни информации и проруска пропаганда, овие медиуми беа делумно одговорни и за протестно движење против вакцинацијата во Словачка во текот на летото 2021 година.
Оправдување на руската агресија
Со постоењето на значителна публика создадена во Словачка, овие четири веб-страници беа силни креатори на мислење пред и по почетокот на руската агресија врз Украина. Тие постојано ширеле штетни наративи и пропаганда насочени кон дискредитација на Украина, ЕУ и САД, поткопувајќи ги нивните активности и солидарноста со Украина, и ја поддржуваат официјалната руска реторика од оваа друга страна.
Ова подразбираше ширење на разни штетни наративи создадени врз заблуди кои се однесуваат на Украина а кои служат за дискредитација на државноста на Украина и за легитимирање на руската агресија. Станува збор за изјави дека Украина е вештачка држава, дека е корумпирана, дека нема историја и дека ја водат фашисти („укрофашисти“).
Овие, и голем број на други дезинформации, се обидуваат да создадат впечаток за тоа дека постои држава која треба со „денацизира“, „демилитаризира“ и да се стави под руска власт.
Извор: freepik.com
Згора на тоа, овие медиуми шират наратив за тоа дека НАТО и Западот се агресивни и дека наводно претставуваат закана за Русија, користејќи ја притоа Украина за нивни империјални потреби. Тука се и наративите за тоа дека Украина создава биолошко оружје или дека постои угнетување на руското малцинство во регионите Донбас и Луганск.
InfoVojna се обиде да ја избегне одлуката на Агенцијата така што ја премести веб-страницата на Белизе, со користење на домејнот.bz. Меѓутоа, Националната агенција може да блокира и страници што не се наоѓаат на словачки домен. Фејсбук страниците на овие четири веб-страници исто така беа затворени, а исто така беше блокирана и страницата на пратеникот Лубош Блаха, кој се смета за „најтоксичниот словачки пратеник“.
Мета (Фејсбук) го презеде овој чекор со цел да спречи ширење на штетни содржини на своите платформи, бидејќи Блаха постојано ги крши правилата на оваа социјална мрежа. Мета изјави дека"оваа страница е отстранета поради постојано прекршување на нашите правила во врска со говор на омраза, малтретирање и вознемирување, поттикнување насилство и дезинформации и повредување на луѓето". Објавите на Блаха кои ширеа силни проруски наративи беа објавени и на четирите споменати веб-страници.
Примери за текстови објавени на Hlavný denník, Hlavné správy и InfoVojna кои промовираат идеи на гореспоменатите проруски субјекти. Двата текста најгоре на сликата го цитираат Лубош Блаха.
Како реакција на тоа што беа блокирани, овие веб-страници изнајдоа нови канали како што се страници на Фејсбук (Hlavný denník сега има нова страница која се вика „Denník” која сè уште е во функција) или има сметки на Telegram (Hlavné správy, Hlavný denník, InfoVojna), со што продолжуваат да шират дезинформации и завери. Ваквата ситуација, исто така, ги повика и другите проблематични медиуми да отворат дискусија за „слободата на говорот“. Неколку веб-локации се обидуваа да создадат впечаток дека постои неправда, користејќи за таа цел термини како што се блокирање на „незгодни веб-страници“, „таканаречените штетни веб-страници“ или ставање на зборот „штетен“ во наводници.
Блокираната веб-страница InfoVojna ја нарекува активноста на Агенцијата „цензура на патриотски веб-страници“ а Hlavné správy зборува за „потиснување на слободата на говорот, цензура и знаци на фашизам“.
Веб-страницата napalete.sk го цитира Тибор Ростас во однос на оваа тема, инаку главен уредник на еден друг проблематичен медиум Zem & Vek. Ростас, кој беше осуден за расна клевета во минатото, тврди дека блокирањето од страна на Агенцијата претставува аналогија на неслободата и цензурата во времето на социјализмот, особено во најтемните 1950-ти години и периодот на нормализација. „Оневозможување на критичките медиуми да објавуваат информации е единствениот начин за оние кои се на власт денес да се справат со фактите. Со својот ментален склоп тие не можат да се справат со демократска дебата, па посегнуваат по ограничувања. Тие не сфаќаат дека вистината секогаш ќе најде начин да излезе на површина“, кажа Ростас.
Контроверзни законски измени
На 3 март словачкото адвокатско друштво „Виа Јурис“ излезе со аргумент дека измената на Законот за сајбер безбедност е многу важна, но дека има неколку недостатоци, како што се нејасните правила и процеси врз основа на кои се одлучува за блокирање на веб-страници, како и тоа дека не се дефинирани клучните поими.
Терминот „дезинформација“, на пример, сè уште не е кодифициран во Словачка. Агенцијата за национална безбедност го користи истиот поимник на клучни термини кои се поврзани со хибридни закани, вклучително и дезинформации, но тие не се специфицирани со закон.
Постојат и други проблематични области во однос на законските измени. На пример, во него се вели дека веб-локациите треба да бидат затворени од страна на операторите на инфраструктурата (хостинг провајдерите, интернет провајдерите или од администратор на националниот домен SK-NIC), а врз основа на одлука на Агенцијата. Притоа, Законот за сајбер безбедност не обезбедува никакви санкции за операторите на инфраструктурата кои нема да ја спроведуваат одлуката на Агенцијата.
Исто така, по блокирањето на првата веб-страница, на постапката ѝ понатаму и недостига објаснување за причините и правилата на таквото блокирање. „Виа Јурис“ имплицира дека на целиот процес му недостасувалo транспарентност, а без јасни и транспарентни правила интервенцијата на државата може повеќе да им помогне отколку да им наштети на дезинформаторите кои тврдат дека се цензурирани и замолчувани.
Како уште една слаба точка може да се смета и привременото времетраење на надлежноста на Агенцијата. Од формулацијата „во сила до...“ може да се заклучи дека по конкретниот датум блокираната штетна содржина повторно ќе биде деблокирана и, доколку не се усвои ново законодавство, нема да може да се донесе нова одлука за блокирање од страна на Агенцијата.
Во таа смисла, одлуките за четирите блокирани веб-страници беа важечки до 30 јуни. Словачките пратеници ја продолжија можноста за блокирање штетни содржини до 30 септември, но тие не ги зеле предвид преодните одредби. Портпаролот на Агенцијата објасни дека „законската измена го продолжи овластувањето на органот да одлучува за блокирање на штетна содржина или штетна активност до 30 септември 2022 година. Измената ја нема земено предвид преодната одредба, односно не ја продолжила важноста на сегашните одлуки, и затоа неопходна е нова постапка во однос на конкретните засегнати субјекти“.
Во моментов, Агенцијата не блокира ниту една веб-страница.
Агенцијата можеби нема да остане без својата надлежност да блокира штетни содржини. Во месец мај, беше донесен амандман со кој на Агенцијата ѝ се овозможува да ги задржи своите овластувања во иднина, но сега на безбедносниот орган ќе му треба судско одобрение за да може да го направи тоа.
Блокирањето на веб-страниците наиде на одобрување, особено кај словачката безбедносна заедница и државните власти. Од друга страна, многумина се свесни дека овој потег предизвика и незадоволство и обвинувања за цензура на алтернативните медиуми.
Во иднина можеме да очекуваме Агенцијата да преземе и натамошни чекори, но тие веројатно ќе бараат подетални и прецизни образложенија, бидејќи ќе бидат под лупа не само од медиумите, туку и невладиниот сектор и другите институции. И покрај фактот дека борбата против дезинформациите во Словачка е многу важна, државата чекори по тенок мраз, најмногу затоа што нејзината реакција дојде навистина доцна а во меѓувреме дезинформациското опкружување успеа да се развие во големи размери. Покрај блокирањето, таа ќе мора да посегне и по други решенија, како што се нови пристапи во образованието.
Во спротивно, оние кои вршат дезинформирање е можно да се стекнат со уште поголем број на поддржувачи, при што постојано ќе тврдат дека се опресирани и замолчувани затоа што ја кажуваат вистината.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.