fbpx

Вештачка интелигенција: Помеѓу информациите и дезинформациите

Фестим Ризанај

Кампањите за дезинформации, овозможени од вештачката интелигенција можат да манипулираат со јавното мислење и да ја поткопаат довербата во веродостојните извори на информации.

Во последниве години, ширењето на технологијата на вештачка интелигенција (ВИ) револуционизираше различни индустрии, вклучувајќи ги и медиумите.

Иако вештачката интелигенција нуди бројни придобивки во подобрувањето на ефикасноста и автоматизацијата, таа претставува предизвик кога станува збор за ширење на злонамерните информации и дезинформации. Разбирањето на односот помеѓу ВИ и дезинформациите е од суштинско значење во решавањето на развојот на структурата и димензиите на дигиталните дезинформации. Со понудените можности, вештачката интелигенција може да помогне и во работата на фер и точни информации, со што се намалува времето и другите новинарски предизвици при креирање и пласирање на информации.

Употребата на вештачка интелигенција при информирање

ТВ Дукаѓини е првата телевизија во Косово која почна да применува вештачка интелигенција во емисијата Дебат плус. Со интеграцијата на платформата Shqip.ai, дебатната емисија се транскрибира во реално време, со што се овозможува оваа емисија да ја следат граѓаните за да се информираат за случувањата во земјата и да ги следат дискусиите и мислењата за тие случувања.

Функциите на оваа платформа вклучуваат неколку категории на употреба на албанскиот јазик, кои се поставени или „учени“ на оваа платформа. Но, за време на транскрипцијата на дебатите, овој јазичен модел (LLM) успеа да научи и други употреби на јазикот, надвор од поставените категории, што ги користат гостите во емисијата, за да овозможи попрецизна транскрипција.

Ваквата употреба на вештачка интелигенција во медиумите може да го отвори патот за корисно користење на ВИ во медиумите. Затоа, медиумите треба да развијат соработка со експерти за вештачка интелигенција и да се подготват за нејзино интегрирање во новинарската практика. Ова ќе ја олесни нивната работата и ќе им заштеди време.

ВИ може да се примени при транскрипција на интервјуа, пишување вести поврзани со интервјуата, составување на различни извештаи за кои е потребно време да се прочитаат и генерирање на илустративни фотографии. Покрај тоа, во соработка со познавачите на оваа област, може да се создадат чет-ботови кои би им помогнале на новинарите во изнаоѓање теми, составување прашања за интервјуата, како и пишување статии.

Конечно, Советот на печатени медиуми на Косово (СПМК) го изработи и Етичкиот кодекс според кој медиумите треба да известуваат кога користат вештачка интелигенција. Согласно правилата изготвени од СПМК, во процесот на креирање на медиумските содржини мора да се почитуваат начелата на заштита на личните податоци, безбедноста на информациите и недискриминацијата. Оваа содржина создадена со ВИ е под уредничка одговорност на новинарите и уредниците кои треба да го почитуваат етичкиот кодекс. Воедно, читателот треба да биде свесен во кој сегмент и каков тип на вештачка интелигенција се користи во содржината креирана со ВИ и како таа функционира.

Покрај тоа, мора да се почитуваат авторските права и другите права на интелектуална сопственост. За време на интеракцијата на читателот со вештачката интелигенција, треба однапред да биде информиран дека овие интеракции не се одвиваат со луѓе и доколку оваа интеракција им пречи, треба да им се обезбеди комуникација со физичко лице.

Улогата на ВИ во дезинформациите

Вештачката интелигенција игра двојна улога во однос на дезинформациите. Од една страна, алатките и алгоритмите со вештачка интелигенција се клучни во откривањето и борбата против дезинформациите преку означување сомнителни содржини, нивно анализирање и идентификување лажни содржини (лажни вести).

Извор: cpomagazine.com

Употребата на овие алатки им помогна на проверувачите на факти (fact-checker) во нивната работа на идентификување и борба против лажните содржини. Алгоритмите за вештачка интелигенција можат да помогнат во филтрирање на веродостојни извори за истражување и собирање информации, да се споредуваат информациите помеѓу изворите и да се идентификуваат модели кои укажуваат на тоа дека содржината е потенцијално погрешна или лажна.

Од друга страна, вештачката интелигенција може да се користи за создавање софистицирани кампањи за дезинформирање. Содржините создадени од вештачката интелигенција, вклучувајќи ги фалсификатите (deepfake) и манипулираните слики, можат да ја доведат публиката во заблуда преку презентирање на лажни информации на убедлив начин. Брзиот напредок на технологијата за вештачка интелигенција, го прави сè поголем предизвикот да се прави разлика помеѓу оригинална и измислена содржина, замаглувајќи ги границите помеѓу реалноста и фикцијата.

Фотографиите на Папата во бела јакна, оние на апсењето на Доналд Трамп, беа првите случаи што го навестуваа феноменот на генерирање слики со вештачка интелигенција.

При fact-checking во рамките на hibrid.info наидовме на десетици содржини кои се генерирани со вештачка интелигенција објавени од профили и страници на албански јазик на социјалните мрежи, а кои се користени за прикажување одредена ситуација. Сепак, овие слики имаа голема интерактивност на социјалните медиуми поради убедливоста и емоцијата што ги пренесуваат.

Вештачката интелигенција отвори нови димензии во создавањето на лажни аудио и видео материјали. Deepfakes, како синтетички медиум, е една од техниките што се користат, преку која може да се заменат лицата, гласовите и изразите на луѓето во одредено видео, така што тие изгледаат како да зборуваат или прават нешто што никогаш не го направиле. Оваа технологија истовремено овозможува генерирање на нови аудио и видео записи кои изгледаат и звучат автентично.

На социјалните медиуми се објавени некои deepfake содржини, како што е случајот со видеото на премиерот на Косово, Албин Курти кој зборува на арапски, или видеото со клонираниот глас на Лиридона Мурсели со емотивен текст, или Елон Маск кој зборува на албански, сите објавени на социјалните медиуми, поточно на ТикТок. Сепак, може да кажеме дека овие содржини имаат влијание врз јавното мислење поради интерактивноста што ја генерираат.

Од друга страна, 2024 година се смета како годината на избори во целиот свет, бидејќи најмалку 64 земји (плус Европската Унија) ќе го поминат изборниот процес, поради што, постои загриженост за употребата на вештачката интелигенција во поткопување на интегритетот на информациите и изборите.

Според дискусиите и јавното мислење, се чини дека и Косово ќе биде вклучено во изборниот процес оваа година, а постои загриженост за создавање и пласирање на deepfake видеа, клонирање на гласови на политичари и други форми на манипулација на социјалните медиуми (страници и групи). Затоа, од една страна, новинарите и медиумските работници треба да бидат подготвени во препознавањето и идентификувањето на овие форми на манипулација, од друга страна, корисниците (публиката) на социјалните медиуми треба да бидат запознаени со карактеристиките на овие содржини за да не станат нивен плен.

Ширењето на дезинформациите генерирани од вештачката интелигенција претставува значаен предизвик за општеството. Кампањите за дезинформации, овозможени од вештачката интелигенција можат да манипулираат со јавното мислење и да ја поткопаат довербата во веродостојните извори на информации. Виралната природа на социјалните медиуми го зголемува досегот на погрешни содржини, што го отежнува спречувањето на ширењето на лажни наративи.

Недостатокот на транспарентност во содржините создадени од вештачката интелигенција претставува закана за интегритетот на медиумите и информациите, нагласувајќи ја итната потреба за регулатива и заштитни мерки против дигиталните дезинформации.

 

Текстот е објавен како дел од иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Exit News), и Црна Гора (PCNEN), во рамки на проектот „Користи факти“ кој се реализира од ИКС, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.

Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Фестим Ризанај

Фестим Ризанај е истражувач и проверувач на факти на платформата за проверка на факти, hibrid.info, како и надворешен асистент на Катедрата за новинарство на Универзитетот во Приштина. Докторирал на Универзитетот Анадолу во Турција, во областа на новинарството. Тој има објавено книга на турски јазик за стратешките наративи на меѓународните радиодифузери во Западен Балкан во контекст на јавната дипломатија.