м-р Свето Тоевски
Со Преспанскиот договор се цели да се раскине природната поврзаност на македонските дијалекти и поддијалекти во Егејска Македонија со македонската јазична матица, се дроби живиот организам на македонскиот јазик и токму затоа овој денешен добрососедски договор на извесен начин претставува своевиден „јазичен Букурешки договор“.
Преспанскиот договор, ако и конечно стапи во сила, може да предизвика тешки и трајни последици со своите членови 1, 3 и 7 врз македонскиот јазик, македонското културно наследство и македонскиот етнички идентитет. Аргументацијата за овие констатации се базира врз голем број научни монографии и теренски студии од областа на дијалектологијата, социолингвистиката и другите поддисциплини на лингвистиката, особено од областа на македонистиката.
Преспанскиот договор поставува остра граница меѓу македонскиот јазик што се говори во Македонија и во Грција
Денешниот стандарден, книжевен македонски јазик е кодифициран врз основа на своите западни, централни дијалекти, но опфаќајќи елементи практично од сите свои околу 27 народни говори – дијалекти. Поправо, македонскиот јазик се сите тие дијалекти – народни говори, што се зборуваат не само во денешна Република Македонија, туку и во Пиринска Македонија – во составот на Бугарија, во Егејска Македонија – во составот на Грција, како и во приграничните појаси на Албанија, Србија и Косово. Во врска со македонскиот јазик во членот 1 точка 3 под (в) на Преспанскиот договор се наведува: „Официјалниот јазик на Втората страна ќе биде ‘македонски јазик’, како што е признаено на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 г. и како што е опишано во член 7, став 3 и став 4 од оваа спогодба.“ Во членот 7 се истакнува: „Точка 3. Во однос на Втората страна, овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7 став 2. Точка 4. Втората страна изјавува дека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата на јужнословенски јазици. Двете Страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна.“
Ова најдиректно значи дека Преспанскиот договор ја распарчува дијалектната целина на македонскиот јазик и оти од неговиот дијалектен систем отцепува цела една подгрупа наречена „јужни говори“ – едно од вкупно четирите дијалектни групи, односно наречја во составот на македонската дијалектна целина. Јужните говори, сочинети од поголем број дијалекти и поддијалекти, се зборуваат од македонското домородно население токму во „северниот регион на Првата страна“, односно во Егејска Македонија, во северниот дел на Грција. Во третиот том (стр. 4) од монументално научно дело „Дијалектите на македонскиот јазик“ на бездруго водечкиот македонски дијалектолог академик Божидар Видоевски, се истакнува: „Преспанските говори, меѓу кои и долнопреспанскиот, се дел од западномакедонското наречје, што ги опфаќа: горнополошкиот, дебарскиот, струшкиот, охридскиот, дримколско-голобрдскиот, вевчанско-радошкиот, малореканскиот (галички) и реканскиот (жировнички) говор. Југоисточното наречје, покрај штипско-струмичките, тиквешко-мариовските и малешевско-пиринските говори, ги опфаќа и јужните говори, кои се сочинети од: солунско-воденските (долновардарски), серско-лагадинските говори, костурскиот и нестрамско-костенарискиот говор“.
(преземено од студијата на Виктор Фридман „Macedonian“,SEELRC 2001, стр.77)
Македонска реч може да се чуе се до линијата Грамос – Бер – Солун
Говорејќи за дијалектната диференцијација на македонскиот јазик, дијалектологот Марјан Марковиќ во својата студија „Дијалектологија на македонскиот јазик 1“ (стр.9-10) посочува каде се наоѓаат границите и линиите на распространување на македонскиот јазик и неговите дијалекти поодделно во грчкиот дел, во рамки на својот природен лингвистички (не државен) простор, кадешто живее македонското население: „Македонскиот јазик го зафаќа централниот дел на Балканскиот Полуостров. ... Од јужниот дел на Охридското Езеро јазичната граница свртува на југоисток и преку планината Галичица се спушта на југозападниот дел на Преспанското Езеро, од каде што продолжува на југ и преку планината Мокра избива на Грамос, југозападно од Костур. ... На југ македонскиот јазик граничи со грчкиот јазик на целиот простор од планината Грамос па до реката Места во Тракија. Јазичната граница навлегува значително подлабоко од денешната државна граница меѓу Македонија и Грција. Македонска реч може да се чуе се до линијата Грамос – Бер – Солун. Од Солун таа продолжува на исток, па преку областа Богданско, каде што се наоѓаат селата Суха и Високо добро познати во словенската лингвистика според својот архаичен дијалект, излегува на реката Места, нешто малку североисточно од градот Драма. ... Според пописните документи од 1951 година, на територијата на Грција живееле околу 250 илјади Словени, односно Македонци.“
Овие и други факти на македонската дијалектологија се запишани и во многу светски енциклопедии и студии. Така, во „Концизната енциклопедија на јазиците во светот“ во одредницата за македонскиот јазик, прикажан како засебен индоевропски јазик со развиена морфологија, граматика и лексика, покрај другото, стои (стр. 664) и следново: „Македонските дијалекти се поделени во два главни снопа на изоглоси (линии на лингвистичката карта што поврзуваат места со исти јазични особини), почнувајќи од северозапад до југоисток вдолж реката Вардар, скршнувајќи југозападно од вкрстувањето на Вардар и реката Црна и продолжувајќи долу од Црна и во Грција југоисточно од Флорина (Лерин на македонски), потоа разгранувајќи се на север од Касторија (Костур на македонски), така што преостанатите македонски села во Грција и Албанија формираат преодна зона.“
„Македонските студии“ на Облак – трајно сведоштво за исчезнатите македонски говори во околината на Солун
Словенечкиот и австриски лингвист, славист и македонист Ватрослав Облак (Vatroslav Oblak) уште во 1891 година престојувал во Солун и во неговата околина во текот на три ипол месеци вршел теренски истражувања на македонскиот јазик и неговите долновардарски говори, употребувани од Македонците што живееле тогаш во околината на Солун. Облак ги посетил македонските села Суха, Грдабор, Вардаровци, Бугариево и Ново Село и разговарал непосредно со Македонците од овие села, забележувајќи ги карактеристиките на нивниот дијалект. По заминувањето од Македонија овој јазичар го напишал своето значајно дело „Македонски студии“ („Macedonishe studien“), во кое, покрај другото, во врска со говорот на селото Суха (стр.25) ќе забележи: „Дијалeктот на Суха и припаѓа на југоисточната група на македонски дијалекти, во која изговорот на старото – к е независен од карактерот на следниот слог и акцент.“
Американскиот лингвист и славист Пол М. Фостер јуниор (Paul M. Foster, Jr.), анализирајќи ги „Македонските студии“ на Облак во својот труд „Оставнината на ‘Македонските студии’ на Ватрослав Облак за македонските студии“ („The legacy of Vatroslav Oblak's ’Macedonische studien’ in Macedonian studies“ од 1995 година истакнува (стр.113-114): „Ќе се потрудам да покажам дека студијата на Облак ја задржува својата вредност како изворно и важно дијалектолошко истражување и оти тоа има и своја историска функција, бидејќи опишува неколку македонски дијалекти во последните години од нивното исчезнување во нивните 1500 години откако постојат. ... Од далечната Виена Облак испланира напорно патување со намера да ја посети цела Македонија: од Дебар на северозапад до Битола и Костур на запад, преку Струмица и Дојран, источно до Серес, Драма, Неврокоп, па дури и планината Света Гора (денес Атос).“
Поради важноста која сметаме дека ја има овој труд на Фостер заради согледувањето на контекстот, во кој треба научно да се анализираат можните последици од евентуалната примена на Преспанскиот договор, наведуваме уште неколку констатации на овој американски славист (стр.119-122): „…масовната имиграција на грчки доселеници од Мала Азија, грчката Граѓанска војна, како и грчката политика кон македонското словенско малцинство во голема мера повлијаеа врз демографскиот состав на северна Грција и врз статусот на македонските дијалекти. Некои дијалекти кои постоеја во тој регион во времето на Облак веќе од одамна исчезнаа. Богданската група на дијалекти (од селата Сухо, Висока, Зарово и Негован) се најдоа под огромен, страотен притисок. ... Селото Зарово беше запалено од грчката армија во Втората светска војна, а славјанското население избега во Пиринска Македонија. Денес тоа село е населба наречена Никополис и е населена од грчки имигранти. ... Малецки ги посети Суха и Висока во 1933 година и според него тогаш голем број од населението не се идентификувале себеси како Бугари и не го знаеле грчкиот јазик. ... Ситуацијата и денес останува во голема мера иста во тој регион, и по повеќе од еден век од работата на Облак таму, освен тоа што сега извршителите на опструкциите и блокадите не се повеќе Турците, туку грчката влада, која решително и постојано го негира постоењето на македонското малцинство во Егејска Македонија.“
Преспанскиот договор ја раскинува поврзаноста на егејските македонски дијалекти од македонската јазична матица
Со Преспанскиот договор се цели да се раскине природната поврзаност на македонските дијалекти и поддијалекти во Егејска Македонија со македонската јазична матица, се дроби живиот организам на македонскиот јазик и токму затоа овој денешен добрососедски договор на извесен начин претставува и своевиден „јазичен Букурешки договор“: со Букурешкиот договор од 1913 година се распарчи целовитоста на дотогаш единствената и компактна етнојазична територија на македонскиот народ, а сега со Преспанскиот договор се распарчува и дијалектната целина на македонскиот јазик.
Грција има свои настојувања кон македонскиот народ, македонскиот јазик и идентитет, кои траат подолго од еден век. Во врска со тие настојувања основоположникот на модерниот македонизам Крсте Петков Мисирков во својата статија „Самоопределение на Македонците“, објавена во гласилото „Мир“ број 7427 на 25.3.1925 година, ќе укаже: „Македонија денеска е распокината, Грците успеаја да ѝ ги земат најдобрите делови, да го испадат оттаму македонското население и да го заменат со азијатски дошлаци... ... Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од се’ друго на светов. ... Со Грците ние ќе се бориме, зашто се единствените наши вековни историски непријатели. Целата наша македонска национална историја е полна со борби против Грците. ... ... само Грците ни го убиваа националниот дух и не’ денационализираа. Тие и денеска не’ гонат од родните пепелишта и следствено не’ потсетуваат за нашиот стар историски долг да ги изгониме неканетите гости од нашите предедовски земји.“
Мисирков е роден токму во местото Постол, денес преименувано како Пела во Егејска Македонија, и тој поради тоа, согласно со Преспанскиот договор, не би можел повеќе да биде дел на автентичната македонска научна и јазична мисла, туку со своето дело би требало да стане составен дел на „античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна“. Но, под голем знак прашалник би се нашла дилемата како воопшто од грчка страна би се третирала оваа статија на Мисирков, неговите „За македонцките работи“ и воопшто сето негово дело, ако дојде до целосна примена на Преспанскиот договор.
„Виножито“: Зошто Македонците во Грција не можат да го учат својот мајчин македонски јазик?
Важен дел од оваа анализа се и ставовите на политичката партија „Виножито“ на Македонците во Грција, која во своето соопштение од 21.август 2018 година насловено „Преспа 2018. Фестивал на лицемерието“, остро реагираше поради односот на грчката држава кон „македонскиот политички бегалец Мито Алексовски – Клуфсов, роден во селото Шештево (Сидирохори) во Костур, починат скоро во Полска, кој имаше до последен момент надеж дека грчката држава ќе му дозволи да се врати во местото каде што е роден и од каде што тој и илјадници други Македонци ги напуштиле своите домови и села на крајот на Граѓанската војна, мислејќи оти тоа ќе биде привремено“. „Виножито“ во ова свое соопштение, меѓу другото вели: „Но, како и илјадници други, Алексовски остана разочаран, бидејќи грчката држава му ја затвори бесрамно и нечовечки вратата. ...Зошто македонските бегалци денес по 70 години не можат да ги побараат своите имоти во Грција? Зошто Македонците останаа во состојба да не можат да го учат својот мајчин македонски јазик?“
Единствено ако Преспанскиот договор биде заменет со нов добрососедски договор меѓу Македонија и Грција, кој ќе ја почитува политичката, лингвистичката и културната реалност на двата народа, грчкиот и македонскиот, со нивно заемно признавање и почитување, дури тогаш ќе може да се очекува дека ќе бидат отстранети можните големи последици врз дијалектната целина на македонскиот јазик, со чие разбивање на два или неколку дела би можело да се доведе во прашање и самото елементарно постоење на македонскиот јазик. Оти, ниеден јазик не може да опстане без хармонично коегзистирање на сите компоненти во својот дијалектен систем врз кои тој почива, ако вештачки се раздвојат егејските македонски говори од македонската јазична матица и од другите нејзини дијалектни групи.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите в оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.