Тимурленк Чековиќ
Со правилен методски пристап, дигитализацијата може да придонесе за јакнење и зголемување на безбедноста на нашата држава преку соработка на институциите на локално и на меѓунардно ниво, како и нивен подобар развој.
Владата ги задолжи органите на државната управа активно да учествуваат во дигитализацијата на системот за управување со кризи, и целосно да го имплементираат и интегрираат НИКС (Next Generation Incident Command System - Следна генерација на систем за управување со инциденти) во институциите на системот. Рокот на спроведување е до 01.12.2020 година. Се поставува прашањето дали институциите на системот се подготвени за имплементација и ажурирање на современ дигитализиран систем. Иако се работи за стандардизиран НАТО проект, малкумина се запознаени што претставува тоа за нивните институции. И, конечно дали институциите вклучени во интегрираниот систем на управување, со примена на овој систем нудат безбедност и поголема заштита од природни непогоди и други несреќи.
Следна генерација на систем за управување со инциденти
Стандардите во еден систем се дефинирани преку процес на споделување на знаење и градење консензус помеѓу меѓународните партнерски институции со државните органи, и академските институции кои работат на техничка поддршка и дигитализација. Поради тоа, неопходно е да напоменеме дека дигитализацијата е скап процес, а инвестирањето во него е исплатливо на подолг рок. Врз база на задолженијата на Владата, во септември 2019 година во просториите на касарната „Јане Сандански“ во Штип се реализираше вежбата „Национален Одговор 2019“ во која земаа учество повеќе институции, меѓу кои Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за внатрешни работи, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за одбрана, Центарот за Управување со кризи, Црвен Крст, ЕВН и локалната самоуправа со одреден број општини.
Симулацијата беше големо излевање на браната Калиманци, реката Брегалница и на нејзините притоки поради поројните дождови, кои предизвикаа поплавување на поширокиот штипски регион. Вежбата беше насочена кон спасување и укажување прва помош на повредените, конкретна заштита на реките со вреќи и други бедеми, евакуирање на загрозените семејства, испумпување на водата од поплавените објекти долж реката и враќање во функција на инфраструктурата. На вежбата се употреби и новиот систем НИКС каде што се проверуваше неговата интероперабилност и истиот се покажа успешен. Основната цел на ваков вид вежби е ефикасно и ефективно спроведување на мерките за заштита и спасување при справување со поплави, со взаемна координација на надлежните институции во системот за заштита и спасување, преку користење на апликацијата НИКС.
НИКС апликацијата претставува дигитализација на Системот за управување со кризи и овозможува командување со ангажираните ресурси (единици, тимови и материјално-технички средства) во рамките на секоја институција од Системот за управување со кризи, меѓуресорска координација, соработка и комуникација помеѓу институциите ангажирани на справување со инцидентите, кризите и кризните состојби, и размена на податоци и информации (текст, слика и видео содржина) во реално време. Во овој Систем, според Законот за управување со кризи, можат да бидат дел сите органи на државната власт (Собрание, Влада, претседател), вооружените сили, локалната власт и градовите, јавните претпријатија и служби, како и граѓани, здруженија, невладини и хуманитарни организации. Тој е веб-базирана командна и контролна платформа за инциденти што ја олеснува соработката меѓу институциите и надлежните служби.
Дури е можна и размената на информации преку мобилни уреди во области на загрозени, наизменични или ограничени комуникации, што ќе придонесе за заштеда на животи, намалување на загуба на имот и ресурси и заштита на животната средина. Поддржано од Програмата СПС (Science for Peace and Security), системот, откако ќе се воспостави, ќе ја зголеми свеста за ситуацијата во реално време и ќе помогне да се најде координиран, соодветен одговор на итни случаи.
Извор: brookings.edu
Се поставува прашањето, дали ние сме подготвени ефективно да ги спроведеме и да ги имплементираме зададените цели, и успешно да менаџираме со податоците во реално време и во институциите на системот. Тоа што е поразително сознание е дека не сите институции се подготвени. Имено, Министерството за информатичко општество и администрација се обидува веќе неколку години да воспостави дигитализација во различни институции, но евидентно е од Извештајот од Државниот завод за ревизија дека развојот на дигитализацијата во различни институции не е соодветен и дека софтверската подршка е недоволна или податоците се собираат рачно. Постои, на пример, платформа за интероперабилност, со која институциите електронски можат да разменуваат податоци и документи меѓу себе. На неа се приклучени 32 институции, а ја користат само 15. Причината поради која настанале овие проблеми е што голем број институции за кои биле наменети софтверите немале човечки кадар или техничка опрема за да ги користат софтверите, или пак, едноставно не внесувале податоци во нив. Во наредниот период би било потребно поголемо внимание да се обрне и кон оние институции кои имаат недостиг од стручен кадар да се пополни и да се изврши соодветна обука на кадри.
Соработка на меѓународен план
Една од погодностите на дигитализацијата е што ќе можеме да се има интероперабилност, не само на локално, туку и на меѓународно ниво.
Дирекцијата за наука и технологија на Соединетите Американски Држави (САД) уште во 2016 година за првпат го претстави НИКС системот за команди со инциденти од следната генерација како алатка за споделување информации која ќе биде достапна ширум светот. По успешната имплементација, НИКС профункционира како отворен извор за широка пристапност, достапен за која било заинтересирана страна. Евроатлантски координативен центар за реакции при елементарни непогоди (EADRCC) е дел од НАТО и овој центар има за цел да ја зајакне соработката со земјите партнери во областите на размена на информации, обука, истражување и вежби, како и координација. Своите први чекори овој Центар ги имаше за време на бегалската криза во Косово, за потоа да координира помош и во поплавените земји, вклучувајќи ги Албанија, Босна и Херцеговина, Чешка, Унгарија, Романија и Украина. Во нашата држава НАТО помогна за време на поплавите во август 2016 година ангажирајќи воен хеликоптер од Бугарија и други инженериски единици. Тој Центар помогна и во многу други европски држави. Република Северна Македонија сѐ уште нема ефективни механизми за координација со овој Центар.
Со цел уште подобро функционирање и размена на податоци во НАТО, во Брисел е формиран Ситуациски центар под називот СИТЦЕН. Тој прима, разменува и шири информации од сите можни достапни внатрешни и надворешни извори. СИТЦЕН делува како фокусна точка за прашањата на геопросторна поддршка на високи носители на одлуки, работни групи и вежби.
За да се овозможи подобра комуникација со овие центри на меѓународно ниво потребно е да се користи интегрирана хардверска, софтверска база на податоци за собирање, управување, анализирање и прикажување на сите форми на географски референтни информации. Преку овие центри би можело да се согледаат и проблеми кои се од еколошката, епидемиолошката, научната и од едукативната сфера. Добиените податоци може да се користат за одредени стручни анализи и симулации, по можност софтверска анализа, врз основа на дигитални мапи и апликаци. НИКС системот ќе помогне во координирање на одговор на инциденти - природни или вештачки - во нашата земја. Исто така, ќе се подобри интероперабилноста помеѓу тимовите за одговор при итни случаи во регионот и пошироко.
Дигитализација како алатка за исполнување на НАТО стандарди
НАТО во медиумите често е претставен како воена организација на сметка на бенефитите од неговото цивилно дејствување. Управувањето со кризи е една од основните безбедносни задачи на НАТО за заштита на цивилното население и добра. Тоа вклучува невоени мерки за решавање на целиот спектар на кризи како што е наведено во Стратешкиот концепт за 2010 година. Тоа е една од силните страни на НАТО базирано на искуства, тестирани постапки за управување со кризи и интегрирана командна структура. Поради тоа, битно е да напоменеме дека процесот на влегување во НАТО структурите вклучува и интегрирање и надградување на постоечките системи за кризен менаџмент во еден заеднички систем за координација.
Со зајакнување на заедничките стандарди и процедури за опрема, обука и логистика на здружени и комбинирани доктрини и вежби, кога тоа е соодветно, се воспоставува и информационата инфраструктура и логистичката соработка. Дигитализацијата е сериозен процес во кој мора да се вложат максимални напори заради изградбата на современ, ажурен, ефикасен и интегриран систем што ќе ги применува сите најнови технолошки достигнувања. Со правилен методски пристап, дигитализацијата може да придонесе за јакнење и зголемување на безбедноста на нашата држава преку соработка на институциите на локално и на меѓунардно ниво, како и нивен подобар развој.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.