fbpx

2024: година на екстремната десница?

Светлана Јовановска

Политика

31.01.24

Прегледи

Според експертите, денес крајната десница станува неопходна во креирањето на владите. Овие партии нема повеќе да можат да бидат игнорирани.

Се сеќавате ли на 1999 година, кога тогашниот шеф на белгиската дипломатија Луј Мишел, рече дека повеќе нема да оди на скијање во Австрија? Причина - во оваа земја победи екстремната десница предводена од Јорг Хајдер, каризматичниот лидер на ФПО партијата.

Во 2000 година, Хајдер имаше доволно гласови за да стане премиер на Австрија, но по острите реакции на ЕУ со закани за санкции, тој не стана прв човек во владата. На изборите во 2017 година, ФПО повторно се врати на политичката сцена со над 40 отсто освоени гласови. Без нив не можеше да се направи влада и демохристијанинот Себастијан Курц ги зеде во власта.

Во ЕУ овој пат никој не се возбуди. За ЕУ, владата на Курц беше проевропска, а Жан-Клод Јункер, тогашниот претседател на Европската комисија (ЕК) изјави дека Австрија ќе биде оценувана според делата.

Црната карта на Европа

Шест години подоцна, на политичката карта на ЕУ црните нијанси почнаа на доминираат. Подемот на крајната десница е очигледен во Франција, Белгија, Холандија, Австрија, Шведска, Финска, Данска а во Италија ја водат државата.

Во Италија пред една и пол година на власт дојде Џорџа Мелони со нејзината партија Браќата на Италија. Во текот на изборната кампања, ЕУ до Мелони испраќаше закани и најави за санкции.

Но, само по една година, од „популист“ и „постфашист“, Мелони стана нормален партнер. Таа тврди дека ја свртела страницата на фашистичкото наследство, но историскиот ревизионизам е присутен. На почетокот на јануари во Рим стотици луѓе го користеа фашистичкиот поздрав и покрај забранетета фашистичката симболика. Мелони не ја осуди групата.  Врховниот суд на Италија на 19 јануари 2024 година одлучи дека „изведувањето на фашистички поздрав не е кривично дело во Италија“.

Острите изборни изјави на Мелони против ЛГБТ заедницата, миграцијата, абортусот и бирократите во Брисел засега како да се ставени во фиока. Заборавени? Или чекаат подобри времиња во кои истомислениците на Мелони ќе завладеат во најголемите ЕУ земји? Анкетите најавуваат дека тоа може да се случи оваа година по ЕУ изборите во јуни.

Во Франција партијата на Марин Ле Пен, претседавана од младиот претседател Џордан Бардела, е втората политичка сила во земјата. Шансите на Ле Пен да седне во Елизејската палата константно растат. Една анкета од декември 2023 година отрива дека 45 отсто Французи сметаат дека Ле Пен и партијата не се закана за демократијата.

Анкетите во Белгија најавуваат широка победа на екстремно десниот Вламс Беланг. Во Германија екстремистите од Алтернатива за Германија се втората политичка сила според анкетите. Во Холандија во ноември на изборите победи екстремистот Герт Вилдерс. Неговите ставови се едни од најекстремните во ЕУ. Вилдер би сакал Холандија да ја напушти ЕУ. 

Под влијание на ултра десниот партнер, финската влада води антимигрантска политика и покрај тоа што економските истражувања тврдат дека Финска мора да го триплира приемот на мигранти. Во Шведска екстремистите не се во владата но нивното влијание е неспорно.

Европа ги напушта своите фундаментални вредности

Всушност, екстремно десните партии во ЕУ повеќе немаат проблем во спроведување на нивните популистички и расистички политики. Нивниот речник е влезен во дискурсот на демохристијаните, но и либералите.

Некои аналитичари се убедени дека традиционалните демократски партии треба да ги преземаат екстремно десните ставови за да ги придобијат гласачите. Но, Бланка Гарсез од Центарот за меѓународни односи во Барселона смета дека се случува токму обратното:

„Кога овие партии усвојуваат екстремно десничарски постулати, тие автоматски им даваат легитимитет во изборните процеси. Одговорот треба да се состои пред сé од предлози за алтернативни политики кои нудат  кредибилна иднина“.

Главен виновник за подемот на крајната десница, според неа, се сукцесивните кризи и политиката на штедење.

„Рецесијата предизвикана од политиката на штедење ја зголеми недовербата кон традиционалните политички сили и ја зголеми поддршката кон екстремно десничарските партии. Ни треба држава која ќе ја продолжи својата редистрибутивна функција и ќе гарантира социјална правда и еднаков пристап до заедничките добра“.

Белгискиот аналитичар Давид Ван Рејбрук има сличен став. Свртувањето кон „крајно десно“ во Европа започнува уште во 80-те години, вели тој во дебата на белгиската национална ТВ.

[caption id="attachment_20267" align="aligncenter" width="1200"]2024: година на екстремната десница. Фотографија на која се гледаат кренати раце на луѓе кои учествуваат во протест. Извор: freepik.com[/caption]

„По Втората светска војна настапи демократски капитализам. Но на капитализмот моравме да му дадеме демократска рамнотежа како синдикати и социјална димензија“. И додава дека оваа рамнотежа помеѓу работникот и неговиот работодавач, претрпела силни промени во последните децении. Денес работникот е исплашен дека ќе остане без работа. На сцена, вели тој, дојдоа неолиберализмот, глобализацијата, роботизацијата… За граѓанинот овие поими се апстрактни и оттука тој се врти против странецот, мигрантот кого може да го види и да го обвини за сите фрустрации во општеството.

Стравот е исто така голем непријател на демократијата а Европа стравува од нова миграциска криза и стравот од екстремната десница се користи за да се оправдаат многу политички одговори. Стравот никогаш не е добар советник и затоа Европа се соочува со ризик да ги напушти своите најфундаментални вредности, што претставува уште една победа за крајната десница„, вели Гарсез.

Токму тоа се случи во Франција деновиве. Либералната партија на Емануел Макрон усвои контроверзен закон за имиграција, без консензус со другите политички сили во Парламентот. Или, како што би рекол нашиот ВМРО-ДПМНЕ, на „шверцерски начин“. Владата го помина законот со употреба на членот 49-3 од Уставот кој му овозможува на премиерот да донесе закон без гласање во Асамблејата. По усвојувањето на законот, партијата на Ле Пен прогласи идеолошка победа над власта.

Мигрантите како закана за европскиот начин на живот

Екстремната десница сака да ја заштити и одбрани демократијата, помеѓу другото, од исламот и имиграцијата кои, според нив, се закана за европскиот идентитет. Тој тренд се зајакна особено по бранот бегалци од Сирија во 2015 година.

Шведска, под притисок на крајната десница, сака да воведе нови услови кои ќе овозможат протерување на баратели на азил и имигранти поради зависност од дрога, здружување со криминални групи или изјави кои ги загрозуваат шведските вредности и шведскиот начин на живеење.

Во својата докторска теза посветена на подемот на овие партии,  белгискиот професор на Универзитетот во Лиеж, Франсоа Дабрас, бележи дека за австрискиот лидер на ФПО Херберт Кикл, „мигрантите се неуки и криминалци“ и ако тие „не се интегрирани на пазарот на трудот, тоа е поради нивниот низок степен на образование“.

Сличен е вокабуларот на Ле Пен и нејзините сопартијци, пишува Дебрас.

„Во говорите на оваа партија, францускиот идентитет прави разлика помеѓу народот и елитите но и од група на поединци туѓи за француската нација. Во говорите на партијата, не забележуваме директна спротивност меѓу поимот „демократија“ и прашањето на миграцијата, но можеме да забележиме важна разлика меѓу Французите и мигрантите и меѓу француските традиции и мултикултурализмот“.

Нова нормалност

Идеите на крајната десница денес повеќе не се табу и се споделени и од традиционалните партии.

Во својата докторска теза Дебрас пишува дека во 90-те екстремно десните партии почнале кампања за нормализација. Нивните говори повеќе не споменуваат „раса“, туку култура или религија.

„Еволуцијата на реториката на екстремно десните партии кон одбрана на културните разлики не значи дека расизмот исчезнал туку дека денес се изразува преку друг вокабулар. Преку речник што не е законски санкциониран и кој зборува за правото на различност, слободата и секуларизмот“.

Тој вели дека денес можат да се слушнат зборови како „децивилизација“ или „подивување“, термини на екстремната десница кои влегуваат во јавниот говор. Во речиси сите ЕУ земји без табу се зборува за изградба на ѕидови на границите или затворени центри за мигрантите. Нешта што пред само 20 години беа непоимливи. Денес се дел од новата нормалност.

Во јавниот и политичкиот дискурс во Европа доминира негирањето или минимизирањето на расизмот. Но, Агенцијата за фундаментални права на ЕУ (FRA) од 2019 година, „Да се ​​биде црнец во ЕУ“, доаѓа до заклучок дека „расизмот во Европа е присутен на сите нивоа на општеството, до тој степен што речиси секој трет испитаник во истражувањето изјавил дека бил жртва на расистичко вознемирување во последните пет години, додека 25% рекле дека се чувствуваат дискриминирани при барањето работа“.

Новата екстремно десна нормалност на Европа

Најновиот извештај на НВО Европскиот совет на меѓународни односи (ЕСМО) дава јасни проекции за резултатите на европските избори на пролет. Двете главни политички групи во Европскиот парламент (ЕП), ЕПП (демохристијани) и С&Д (социјалисти), ќе загубат места, како и на последните два изборни процеси.

Лоши се прогнозите и за либералите и за Зелените. Двете победнички групи се крајната десница - групата Конзервативци и реформисти (ЕЦР) и Идентитет и демократија (ИД).

Според експертите, денес крајната десница станува неопходна во креирањето на владите. Овие партии нема повеќе да можат да бидат игнорирани. А најслабата точка на притисоците на екстремната десница се токму демохристијаните кои шуруваат со екстремните идеи пред се во однос на миграцијата и климатските промени.

Според авторите на извештајот, следното мнозинство во ЕП ќе биде климатски скептично. А „за прашања како што се животната средина и имиграцијата, демохристијаните ќе бидат во дослух со екстремната десница. Најдесното крило на ЕПП ќе бара сојузници меѓу ИД или ЕЦР“, вели Хикс.

Накусо, европската радикална десница би можела да стане главна политичка сила со 183 пратеници. За ЕСМО, 2024 година ќе биде година на екстремната десница.

Светлана Јовановска

Светлана Јовановска е новинар а беше долгогодишна дописничка од Брисел за „Дневник“ (1999-2011), „Дојче Веле“ (1994-2002), „Гласот на Америка“ (2002-2007) и за веб порталот „Нова ТВ“ (2013-2019). Јовановска беше и портпарол на Мисијата на Северна Македонија при ЕУ во Брисел (2019- 2022). Новинарската кариера ја започнува во „Нова Македонија“ во 1984 година во Скопје, сé до 1999 година кога кариерата ја продолжува во „Дневник“, првиот независен весник во Македонија. Таа е автор на анализи за повеќе организации како Институтот Отворено општество Македонија, Институтот за известување за војна и мир (Institute for War and Peace reporting) и порталот WAZ/EU Observer за односите на ЕУ и Западниот Балкан. Јовановска е добитник на Специјалната награда на Делегацијата на Европската комисија за известување од европските институции од Брисел.