fbpx

Епидемијата на корупција во Македонија

Мурат Алиу

Политика

17.01.24

Прегледи

Со нашите балкански интриги, манипулации и бизарности, не можеме да ги измамиме земјите од Европската Унија. Тие се свесни за се што правиме во Македонија и се додека не ги имплементираме реформите и не се бориме против криминалот и корупцијата, за нас - ЕУ ќе остане само сон.

Во литературата има многу дефиниции на корупцијата. Така, според Светска банка, корупцијата се дефинира како злоупотреба на јавната власт за приватни интереси. Затоа, во потесна смисла на зборот, под поимот корупција се подразбира кога јавен (државен) функционер бара или прима поткуп за лична корист.

Од друга страна, во поширока смисла, корупцијата се дефинира како злоупотреба на јавните ресурси за лични, групни или партиски интереси. Сепак, поимот корупција по форма, суштина и вклученост не е универзален. Затоа што многу се разликува од земја до земја, од култура до култура, па дури и од еден до друг регион на земјата.

Причините за ширењето и присуството на корупција можат да бидат различни. Три од главните причини за појавата на феноменот на корупција се поврзани со немањето долга државна традиција: кревките и неконсолидирани институции, сиромаштијата и ниското ниво на општествена свест.

Според студијата објавена од Меѓународниот монетарен фонд, корупцијата е почеста во економиите во транзиција и во земјите во развој. Во нив распространетоста на корупцијата не е затоа што луѓето се различни, туку затоа што се создадени услови за корупција. Како и во многу други земји, желбата да се заработат пари е силна и во овие земји.

Фрагилната правна инфраструктура и пред се, недостатокот на ресурси, стимулираат незаконски постапувања, односно, коруптивни дејствија во државните институции. Луѓето генерално страдаат од недостиг на пари. Следствено, одговорноста, без разлика дали станува збор за криминална или политичка, е помала во овие земји. Политичките и граѓанските слободи често се ограничуваат.

Од друга страна, корупцијата е и културна појава. Во општествата каде што недостига граѓанска свест, односно, свесност за демократијата, за владеењето на правото и каде што квалитетот на образованието е низок, феноменот на корупција е многу присутен.

Затоа, би било донекаде неправедно да се обвинат само државните институции, бидејќи дури и самите граѓани се склони да бидат инволвирани во коруптивни дела за одредени цели, главно за лична корист. Накратко, корупцијата, меѓу другото, е и културен феномен.

Состојбата со нивото на корупција во Македонија во последните години, особено годината што ја оставаме зад нас, е навистина алармантна и крајно загрижувачка. Всушност, корупцијата е феноменот што ја придружува нашата земја од почетокот на независноста до денес. Згора на тоа, корупцијата била и е главниот проблем што го попречува градењето на правна држава и градењето на европско општество.

Тоа е, така да се каже, рак кој метастазирал низ телото, чие закрепнување е крајно тешко, можеби дури и невозможно.

Корупцијата го вклучи алармот кај меѓународните фактори

Актуелната состојба во Република Северна Македонија во последните години, особено во текот на 2023 година, беше проследена со скандали од висока корупција и скандали на владини претставници кои беа вмешани во разни коруптивни афери. Впрочем, суштинскиот проблем лежи во несанкционирањето и немањето кривична и политичка одговорност за сите што го прекршиле законот, што е секојдневна појава.

Високото ниво на корупција и вмешаноста во повеќето случаи на владини функционери во коруптивни афери, исто така, ги загрижи и вознемири нашите меѓународни сојузници. Така, како никогаш досега, претставниците на земјите од ЕУ и САД јавно го осудуваат феноменот на корупција, кој се проширил во речиси секој агол на општеството.

Така, во октомври, амбасадорот на Холандија во Република Северна Македонија, Дирк Јан Коп ја праша Владата, “Каде отидоа парите на нашите даночни обврзници?”, алудирајќи на злоупотреба на средствата на ЕУ од државните институции, поточно од челниците на овие институции.

За амбасадорот Јан Коп, високиот степен на корупција и корумпираните политичари се главните виновници за застојот во спроведувањето на реформите во земјата и, следствено, и за застојот во процесот на пристапување на Македонија во ЕУ.

Како надополнување, амбасадорот Коп, како никој досега, многу кратко и јасно го покажа нашиот антиевропски менталитет, кога рече дека злоупотребата на фондовите на ЕУ дава јасна порака дека „сакате пари од ЕУ - но не и нејзините вредности“.

Од друга страна, амбасадорот ни пренесе дека ние, со нашите балкански интриги, манипулации и бизарности, не можеме да ги измамиме земјите од Европската Унија, дека тие се свесни за се што правиме овде и дека се додека не ги имплементираме реформите и не се бориме против криминалот и корупцијата, за нас - ЕУ ќе остане само сон.

Ова е можеби најдиректната изјава дадена од странски дипломат во  Македонија, барем во последните години. Овие зборови на Јан Коп говорат за сериозноста на состојбите во државата и истовремено, за длабоката загриженост на меѓународниот фактор за нивото на корупција и за неодговорноста на владините функционери.

Нема напредок во зајакнувањето на независноста на судството

За вистината за високото ниво на корупција, за вклученоста на политиката во коруптивни активности и за индиферентноста на државните институции, особено на судскиот систем, кон борбата против корупцијата, говори и Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија за 2023 година.

За речиси сите области во Извештајот, резултатите беа многу лоши, но ние ќе се фокусираме само на областа што е директно поврзана со борбата против корупцијата и криминалот, а тоа има врска со владеењето на правото и фундаменталните права.

Во оваа точка, во извештајот на Европската комисија категорично се наведува дека Република Северна Македонија не постигнала никаков напредок. За да биде појасно, во делот на работењето на судскиот систем, во извештајот се наведува дека „не е постигнат напредок во зајакнувањето на независноста на судството и подобрување на правната рамка за заштита на фундаменталните права“.

Извор: pixabay.com

Истото е кажано и во поглавјето, кое се однесува на борбата против корупцијата. Според извештајот, и во оваа област „не е постигнат напредок. Корупцијата останува широко распространета во многу области и е загрижувачка. Одложувањата и презакажувањата на судењата за предмети на корупција на високо ниво се зголемија, што резултираше со застарување на некои случаи“.

Во овој поглед, главната забелешка на ЕК е поврзана со измените во Кривичниот законик, со кои јасно се ублажија казните за злоупотреба на службената должност на државните функционери.

Познавачите и експертите беа едногласни дека ова е најнегативниот извештај што Македонија некогаш го добила од ЕУ. Според експертот од Институтот за европска политика, Малинка Ристевска Јорданова, „ова е несомнено еден од најкритичните извештаи што ги добила нашата земја откако Европската комисија го оценува нејзиниот напредок во реформите поврзани со ЕУ“.

Оценките за клучните области и поглавја се особено лоши. Самиот извештај ја изразува сериозната загриженост на Европската Унија и мора итно да се вклучи алармот. Оваа загриженост особено важи во однос на надворешните влијанија врз Судскиот совет и судството и  на измените во Кривичниот законик со кои застарија голем број предмети на Специјалното јавно обвинителство.

Според најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, извештајот на ЕК за 2023 година е најнегативен досега, не бележи никаков напредок на ниту едно поле и со него, на Владата и се дава оценка - 1. Со речиси идентичен став излегоа и албанските опозициски партии кои го оценија како „најлошиот извештај што некогаш го добила Северна Македонија“.

Црната листа“ на САД

Високото ниво на корупција во земјата, освен директните коментари од ЕУ, стана една од главните теми и на американскиот Стејт департмент. Амбасадорот на САД во земјава и други американски претставници, во некои случаи, со „недипломатски“ јазик и експлицитно се осврнаа на феноменот на корупција.

Впрочем, кога Ангела Агелер беше назначена за амбасадор на САД во Македонија, таа изјави дека нејзин приоритет и на американската држава за време на нејзиниот мандат ќе биде борбата против корупцијата. И не требаше многу време за американскиот Стејт департмент да ги прогласи за „персона нон грата“ актуелниот градоначалник на општина Струга, Рамиз Мерко, а нешто подоцна и поранешниот вицепремиер во првата влада на Зоран Заев, Кочо Анѓушев.

Образложението на Стејт департментот на САД беше дека и двајцата (како и некои членови на нивните семејства) биле вмешани во коруптивни афери, злоупотреба на службената должност за приватни и деловни интереси и мешање во судскиот систем во форма на притисок врз судиите, со цел попречување на истрагите за нивните незаконски активности.

И најдиректната и најобјективната изјава во врска со корупцијата што владее во земјата, е од американската амбасадорка, Ангела Агелер, која минатиот месец изјави дека „во последните 10 години има значително зголемување на корупцијата во земјата, повторувајќи го заклучокот дека во Македонија има епидемија на корупција во секој сектор и во секоја организација”. Описот на Агелер на ситуацијата во Македонија како „епидемија на корупција“, сам по себе говори за сериозноста на ситуацијата.

Дали можеме да се бориме против корупцијата?

За волја на вистината, не дека недостигаа известувања, истражувања, осудувања за феноменот на корупција што го уништува нашето општество уште од 90-тите години на минатиот век. Во реалноста, огромната корупција која ги карактеризира овие 30-тина години од нашата независност не е непозната за општеството.

Клучното прашање што мора да се постави е: зошто и по 30 години не успеваме да изградиме стабилни институции кои ќе можат да се борат против овој рак кој ја парализираше целата држава и општество?

Познавачите и експертите често зборуваат за несоодветна правна инфраструктура, за погрешни државни политики итн. Тоа е веројатно точно, секогаш кога има простор за интервенции во правната рамка и за подобрување на стратегиите и политиките за борба против корупцијата.

Но, вистината е сосема поинаква. Македонија, всушност, има солидна правна инфраструктура за борба против корупцијата и криминалот. Значи, не е дека нема знаење и правна рамка - она што недостасува е политичка волја.

Згора на тоа, проблемот лежи во светогледите на политичкиот естаблишмент, односно, како ние ја конципираме политиката, државата и општеството. Да заклучиме, главниот проблем лежи во тоа како ја концептуализираме демократијата, владеењето на правото, правото, слободата, еднаквоста, меритократијата итн. И во овој аспект, земајќи го предвид нашето однесување во последните 30 години, се чини јасно дека во нашиот концепт за општество - корупцијата не претставува проблем и е во целосна хармонија со горенаведените поими.

Од тука произлегува дека феноменот на корупција во сите негови облици е проблем кој потекнува од нашата балканска свест и култура. Ако главниот извор на ширење на корупцијата е ниската граѓанска свест и нашата балканска култура, тогаш борбата против оваа појава е нужно поврзана со менување на оваа свест и култура.

Гледано од социолошки аспект, промената на свеста на општеството во смисла на културна и ментална трансформација е сложен процес кој подразбира интервенција на различни државни и општествени механизми.

Но, од општа перспектива, формалното и неформалното образование и зајакнувањето на граѓанското општество би требало да одиграат клучна улога во овој поглед.

Во оваа смисла, како неопходност се претставува создавањето на образовен систем ориентиран кон европските вредности и кон негување на културата на критичко размислување. Исто така, зајакнувањето на граѓанското општество во неговата општа смисла, како антитеза на политичката моќ и како простор за критичко размислување, игра голема улога во подигнувањето на свеста на општеството за граѓанска и јавна одговорност.

Меѓутоа, надвор од оваа идеалистичка проекција, се поставува прашањето дали ние како општество сме способни да изградиме правна држава и стабилни и демократски институции, барем на среден рок? Според досегашното искуство, и гледајќи ја општата општествена, културна и политичка динамика, такво нешто е речиси невозможно.

Она што е јасно е дека политичките актери, но и ние како општество, сме далеку од желбата и способноста за промена на статус квото. Ако ова е така, тогаш кое е решението? Единствено решение е интеграцијата на Македонија во ЕУ, што се чини дека е единствената надеж за изградба на правна, социјална и демократска држава.

Нормално, оваа не значи дека ЕУ со магично стапче ќе не просветли преку ноќ и дека ќе бидеме исклучени од овој процес. Кога се вели дека единствено решение за излез од оваа ситуација каде што преовладува незаконитоста е само интеграција во ЕУ, тоа значи дека само под силен притисок и опсервација на ЕУ можеме да достигнеме до некое задоволувачко ниво на создавање демократски и европски институции.

Во спротивно, доколку овој процес на реформирање и градење на правна држава се остави на наша слободна волја, резултатите нема да бидат поинакви од тие што го имавме досега.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Мурат Алиу

Мурат Алиу е роден во 1990 година во Прилеп. Универзитетските студии ги завршил на Државниот универзитет во Тетово на Правниот факултет. Постдипломските студии ги продолжил на Универзитетот во Истанбул на Катедрата за политички науки и меѓународни односи. Истата година ги започнува докторските студии на Универзитетот во Истанбул на Катедрата за политички студии и меѓународни односи. Моментално работи на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје како доцент на Катедрата за политички студии и меѓународни односи. Научните области во кои истражува се: Национализам, идентитет, политички идеологии, современи политички теории, постмодерни теории.