Во време кога фокусот на ЕУ се насочува кон Украина и Молдавија, не смееме да заостануваме. Ако не одиме напред, ќе одиме назад. Сеопфатни уставни измени се во прилог на целосна подготвеност за членство во Унијата. Мора да работиме напорно, организирано и мудро.
По краткото затишје за време на изборите, повторно „на маса“ се врати дебатата околу уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот. Амбасадорот Гир интензивно го завршува својот мандат во Скопје со нагласување на потребата за исполнување на договорените обврски. Но, тоа е токму негова работа – да ги претставува и штити интересите на Унијата.
Нашите интереси се наша одговорност, а мора да ги имаме предвид предизвиците, реалните можности, контекстот и гео-политичката ситуација во која се наоѓаме. Во нашата јавност се уште се дискутира опфатот на Преспанскиот договор и уставните измени кои следеа после него, а Европската Унија нѝ доставува втора „фактура“, овој пат заради приближување кон ЕУ, односно започнување на преговорите.
За волја на вистината, ние, како држава, не приговоривме на тоа барање, туку напротив беше прифатено со ветување дека ќе биде исполнето, иако барањето за уставни измени не е експлицитно наведено во преговарачката рамка.
А, ниту измените после Преспа беа првите, ниту овие што се во собраниска постапка се последните измени на Уставот кои се барааат во нашиот евроинтегративен пат. За потсетување, Уставот претрпи измени во 2005 година заради ЕУ и реформите кои се бараа од нас во делот на судството и јавното обвинителство. А, секако ќе се потребни и конечни уставни измени заради пристапување кон Европската Унија, односно ефективно членство на Северна Македонија во европското семејство.
Компаративно, процесот на пристапување секаде завршуваше со уставни измени. Измените на уставите во источна и југоисточна Европа си имаа своја специфика за секоја земја одделно, Но, она што е идентично за сите измени на уставите заради конечно пристапување е дека тие треба да обезбедат неколку работи: прво, непречено пристапување и пренос на располагањето на суверените права на Европската Унија, земајќи предвид дека ЕУ не е класична меѓународна организација, тука организација од посебен вид (sui generis). Понатаму, треба да се даде правна основа за ефективна примена на правото на ЕУ и да се елиминираат можностите за потенцијални уставни конфликти, односно да се обезбеди супрематија и директен ефект на правото на Унијата. Исто така, неопходно е да се обезбеди слободно и непречено уживање на слободите и правата на државјаните на ЕУ, екстрадиција на домашните државјани, како и пристапување кон монетарната унија.
Важен момент кај уставните измени е да се нагласи фактот дека европската интеграција врши дисторзија на рамнотежата на силите меѓу носителите на власт во рамките на една држава, пред сѐ, во корист на извршната власт. Тежината и одговорноста во евроинтегративните прашања се концентрирани во владата, а парламентот е ставен во улога на „извршител“ на актите на извршната власт. Таквиот демократски дефицит нужно ја повлекува потребата од интервенции со цел ефективна контрола над владата во прашањата од евроинтеграцијата. Во некои земји, за таа цел, беа извршени уставни измени, а во некои со уставно толкување и донесување на закони беше решено тоа прашање.
Извор: neweasterneurope.eu
Во однос на Македонија, потребата за уставни измени заради пристапување во Европската Унија беше утврдена пред повеќе од петнаесет години. Одлуката за пристапување кон измени на Уставот е чисто политичка одлука, а во моменти кога сме исправени пред една сериозна условеност за уставни интервенции, разумно се поставува прашањето: зошто следните уставни измени да бидат „мал залак“ и да бидат само заради приближување кон ЕУ? Или вреди да се размисли за едни сеопфатни измени на Уставот заради пристапување кон Европската Унија, како полноправен член, со одложна примена до моментот на пристапувањето? Па така, да го затвориме во целост прашањето за уставни интервенции на нашиот евроинтегративен пат.
Аргументите кои го оправдуваат тој чекор се препознатливи. Имено, очекувањата се дека една квалитетна експертска комисија составена од правници – експерти по право на ЕУ, уставно и меѓународно право, „конзилијарно“ ќе даде предлог за измена на Уставот без особени потешкотии со оглед дека потребните интервенции се веќе детектирани.
Во таа смисла, во Македонија неопходно е да се допрецизираат односите Влада – Собрание во делот на европските прашања. Надминувањето на демократскиот дефицит е прашање за кое сериозно се доцни и требаше многу одамна да биде направено заради фактот што нашата држава спроведува реформи кои земјите од источниот блок ги спроведувале во времето на преговори. Ние, и пред започнување на преговорите, имаме завршено многу обврски, со што одговорноста и моќта се сериозно концентрирани во Владата.
Потребата за редовно информирање со Парламентот, соработка и координација е суштински важнa и оттука, правното уредување на релациите ќе биде голем чекор напред. Дополнително, два факти мора да се земат предвид: имаме реорганизација на органите на државната управа со што Секретаријатот за европски прашања прераснува во Министерство за европски прашања, а од друга страна билатералните односи на нашата држава станаа евро-интегративни прашања, согласно преговарачката рамка за Република Северна Македонија. Оттаму, добро би било да се даде уставно-правна основа за еден акт кој ќе регулира кој се треба да биде консултиран во државава, координација и соработка на министрите за надворешни работи и европски прашања, координација со Собранието и слично.
Еден пакет на сеопфатни измени на Уставот заради пристапување кон Европската Унија ќе ја елиминира можноста за повторно отворање на највисокиот правен акт, а секако ќе ги забрза реформите и динамиката внатре во државата, особено со појасно позиционирање на правото на Унијата во домашниот правен поредок. Измените на Уставот нужно ќе наметнат широка подготовка на судството, државната администрација и другите државни органи за членство во Унијата, а во таа смисла ќе се подигне општото познавање на фукнционирањето на Унијата и свеста за предизвиците, одговорностите, можностите и придобивките од членство во европското семејство.
Одложната примена, ако не за сите, ќе мора да биде предвидена за повеќето амандмани. Одложна примена на измени на Уставот беше пракса на Хрватска која ги донесе измените заради пристапувањето кон Европската Унија. А, одложна примена на уставни измени имавме и ние во пракса: Измените после Преспанскиот договор беа условени од влегувањето во сила на Конечната спогодба со Грција и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од страна на Грција.
Во време кога фокусот на ЕУ се насочува кон Украина и Молдавија, не смееме да заостануваме. Ако не се оди напред, ќе одиме назад. Сеопфатни уставни измени се во прилог на целосна подготвеност за членство во Унијата. Мора да работиме напорно, организирано и мудро.