На 28-ми септември, Молдавија ќе избира не само парламент, туку и својата судбина. Дали ќе остане на европскиот пат со Санду или ќе се сврти кон Москва со Додон.
На 28-ми Септември годинава, граѓаните на Република Молдавија треба да одлучат во кој правец сакаат да ја видат државата во наредните четири години. Како никогаш досега, молдавските парламентарни избори ќе бидат неизвесни, а политичката состојба, уште од сега, во најмала рака изгледа кризна и нестабилна.
Речиси е невозможно да се предвиди која политичка формација би составила мнозинство, а општествената поларизација е се повидлива како се наближува изборниот ден. Самиот политички спектрум е доста фрагментиран, па оттаму не се знае дали државата ќе остане на про-европскиот курс предводен од про-западната партија ПАС и претседателката Санду, или ќе се сврти кон Руската Федерација доколку мандатот го добие главната опозициска партија – Блокот на Социјалисти и Комунисти предводен од поранешниот претседател на Молдавија, Додон.
Партии и поединци кои се залагаат за европска интеграција
Акутелната претседателка на државата, Маја Санду, е главниот политичар кој ја промовира идејата за Молдавија да стане полноправна членка на ЕУ и цврсто да ја продолжи нејзината припадност кон западниот свет. Партијата на власт, ПАС, која во моментот има мнозинство во Собранието, е во директна соработка со претседателката Санду и тие практично заедно настапуваат пред молдавските граѓани, како про-европски блок. ПАС е партијата која според сите јавни истражувања и анкети ќе освои најголем број пратенички мандати во идниот парламентарен состав, но многу веројатно е дека сами не ќе можат да формираат влада, па ќе бидат приморани да бараат коалициски партнер.
Градоначалникот на главниот град Кишињев, Чебан, и неговиот блок „Алтернатива“ се прокламираат исто така како про-западна и про-европска коалиција, и за разлика од ПАС кои на истражувањата имаат околу 34-35% и се убедливо на првото место, имаат 7-8% и се трето-рангирани. Според Санду и ПАС, Чебан лажно се декларира за про-европски политичар во јавноста, а тајно одработува за про-руските сили во земјата, се со цел да одземе гласови од „колачот“ на владејачката партија.
Во истиот спектрум на про-западни партии се наоѓа и Молдова Маре, која неодамна беше преземена од поранешната обвинителка Викторија Фуртуна. Она што е интересно за нејзе е дека до пред преземање на функцијата претседател на Молдова Маре, таа имаше многу тврди и анти-европски позиции, како и остри критики кон ПАС и Маја Санду, за наеднаш да ја омекне реториката и да биде про-европски настроена. ПАС, исто како и за Чебан, велат дека ова е руска стратегија за одземање на про-европските гласови од нив, прелевајќи ги на конто на други партии кои се контролирани од надвор.
Андреј Настасе, поранешен близок соработник на Санду, уште од времето кога беа во опозиција, сега ќе настапи како независен кандидат за пратеник, имајќи го предвид конфликтот меѓу нив кој е веќе присутен со години.
Партии и поединци кои се залагаат за блиски релации со Руската Федерација
Поранешниот претседател на Република Молдавија, Игор Додон, кој отворено соработува со Руската Федерација и се противи на членството на Република Молдавија во Европската Унија, е предводник на Блокот на Социјалисти и Комунисти, или по ново „Патриотски Блок“, и воедно е главната опозициска сила која и се спротиставува на ПАС на овие избори. ПБ на сите јавни истражувања тежи речиси подеднакво со владејачката партија.
Политичката групација „Победа“ на милијардерот Илон Шор има забрана за учество на овие избори, иако и тие, како и групацијата на Додон, цврсто стојат на про-руските ставови. Според информации кои беа објавени во јавноста од страна на молдавските институции, тој активно работел за Викторија Фуртуна на претседателските избори во 2024-та година каде таа освои под 5%, па се очекува и сега да го стори истото. Фуртуна е исто така под санкции од ЕУ.
Поранешниот политичар и олигарх Влад Плахотниук, кој беше приведен неодамна, исто така пробува од позадина да ја реактивира својата ПДММ која е на прагот на исчезнување, и која не се појавува на последните анкети, но би можела да добие одреден (мал) процент гласови.
Наша Партија на Ренато Усаци, исто така може да се спомене како дел од анти-западните партии во Молдавија. Тој беше градоначалник на малото гратче Балци, а секогаш се наоѓа помеѓу 1-2% на анкетите.
Имајќи ја предвид сложената констелација на односите, каде ПАС е најголема партија, но тешко може да обезбеди сама мнозинство, Блокот на Социјалистите и Комунистите е втор, а Алтернатива е трета, исходот од изборите директно ќе покаже дали иднината на Молдавија ќе продолжи во западната сфера на интерес, или ќе се сврти кон источната/руската сфера на интерес. Постои исто така и опасност државата да остане без функционална влада, што секако им одговара на оние сили кои не сакаат Молдавија да продолжи брзо кон ЕУ. Кога ќе се погледне колку е силна поларизацијата меѓу Санду и Додон, постои можност Чебан да биде одлучувачкиот фактор за (не)формирање влада.

Извор: freepik.com
Влијанија од Москва
Минатата година во Молдавија се одржа референдум за тоа дали граѓаните сакаат да станат дел од ЕУ или не. Референдумот беше политичка алатка и на ПАС и Маја Санду, да се зацврстат како про-европска сила во земјата и да покажат дека мнозинството стои зад нив и зад европската агенда, но исто така и на Блокот на Социјалисти и Комунисти на Додон, којшто се обиде да покаже дека поддршката кон ЕУ е значително намалена, имајќи предвид дека гласовите ЗА и ПРОТИВ на самиот референдум беа практично 50-50%, се додека гласот на дијаспората не пресуди во корист на ПАС.
Според Службата за Безбедност и Разузнавање на Молдавија, во периодот на одржување на референдумот, Руската Федерација активно била вклучена во минирање на про-европските сили, односно работела на тоа референдумот да не успее и мнозинството да гласа против. Според нив, главниот човек преку кој се вршеле овие дестабилизирачки активности е Илон Шор, поранешен про-руски политичар од Молдавија, чијашто партија има забрана за учество на избори, а кој моментално се наоѓа во егзил во Москва.
Според извештаите на молдавските служби, станувало збор за различни видови операции, како што се ширење лажни вести и дезинформации, финансиска поддршка на партии блиски до Руската Федерација, организација на насилни протести со цел предизвикување хаос и паника кај населението, злоупотреба на Православната Црква, како и сајбер напади на изборната инфраструктура на земјата. ПАС и Претседателката Санду директно ги поврзуваат овие активности со Илон Шор, којшто го сметаат за главен организатор на истите. Извештаите на молдавската полиција велат дека преку 330 лица биле тренирани и платени за да се максимизира ефектот од овие активности, и дека околу 130.000 граѓани биле предмет на поткуп.
Она што треба да се знае за Шор е дека тој е еден од најбогатите граѓани на Молдавија, и дека во 2023-та година е осуден на 15 години казна затвор за кражба од околу 1 милијарда долари од три молдавски банки (Banca de Economii, Unibank и Banca Sociala. Сепак, никогаш не отпочнува со отслужување на казната, бидејќи непосредно пред објавување на пресудата прво побегна во Израел, а потоа во Руската Федерација. По добивањето политички азил во Москва, Шор ја формира невладината организација „Евразија“.
Според тоа што го пишува на нејзиниот вебсајт, Евразија се залага за зближување на соработката помеѓу државите во екс-советскиот простор, и дека организира разни културолошки и хуманитарни активности. Сепак, според институциите во Молдавија, овие навидум доблесни активности се само параван зад кој се крие организацијата на Шор, чијшто примарен интерес е промоција на про-руските политики во Молдавија преку регрутирање млади молдавци на обуки во Русија, таргетирање индивидуи кои се склони кон насилство со цел организирање немири низ државата, како и нелегално финансирање на про-руските политичари и субјекти на молдавска територија.
Реакции на ПАС и Санду
Претседателката на Молдавија, Маја Санду во континуитет зборува за руското влијание во земјата и за опасноста дека доколку про-руските сили освојат мнозинство во собранието, државата ќе го изгуби својот суверенитет, интегритет, и независност, а дека европската интеграција и иднина на земјата ќе биде доведена во сериозна опасност. Според нејзе, Руската Федерација во изминатиот период инвестирала над 100 милиони евра за пропаганда, организирање насилни протести и дестабилизација на Молдавија. Потенцира исто така дека доколку про-европските сили го загубат мнозинството, Молдавија би можела да стане платформа за инфилтрација во регионот Одеса, а дека Транснистрија (Приднестровје) би бил целосно дестабилизиран регион.
Во изминатите неколку недели, над 70 лица се приведени од страна на молдавската полиција под сомнение дека учествувале во активности против националната безбедност на земјата, а поддржани од трета земја (Руската Федерација).
Транснистрија – Постојано политичко жариште
Трансистрија е регион кој се наоѓа долж целата источна линија на Молдавија, односно на границата со Украина. Иако е составен дел од Република Молдавија, регионот делува самостојно, а индиректно е контролиран од Москва. Во него живеат околу 300.000 граѓани кои се директен таргет како потенцијални гласачи за партиите кои имаат про-руски ставови.
Владата на ПАС и претседателката на Молдавија, Маја Санду, како реакција на според нив агресивната руска политика, го намалија бројот на избирачки места во регионот, од 42 во 2021-ва година, на 30 во 2024-та година, и потоа на само 12 избирачки места за изборите во 2025-та година. Критичарите тврдат дека ова претставува систематско одземање на правото на глас на населението кое традиционално гласа за левичарски (најчесто про-руски) или опозициски партии.
Во меѓувреме, молдавските власти го оправдуваат намалувањето на избирачки места повикувајќи се на потенцијалните безбедносни ризици поврзани со војната во соседна Украина и на тешкотиите за организирање слободни избори на територија која не е под државна контрола. Тие тврдат дека безбедносните гаранции мора да имаат приоритет, но опозициските партии го отфрлаат истото и ги обвинуваат Санду и владејчката ПАС за манипулирање на изборниот процес и директно мешање во истиот, со цел да се наштети на опозицијата.
Што може да се очекува?
Во наредните месеци се очекува политичката борба во Молдавија дополнително да се интензивира. Државните институции ќе мора да покажат зрелост и капацитет за заштита на демократскиот капацитет.
Во ваква напната и поларизирана атмосфера, исходот од изборите во Молдавија ќе биде повеќе од обична промена на власта, тој ќе претставува референдум за иднината на државата. Дали ќе преовлада европскиот пат или пак земјата ќе се врати во орбитата на Москва, зависи од тоа колку граѓаните ќе се мобилизираат и ќе учествуваат во изборниот процес. Она што е извесно е дека секоја одлука ќе има длабоки последици за стабилноста, економијата и меѓународната позиција на Молдавија, која сè уште стои на крстопат меѓу Истокот и Западот.
