fbpx

Кинеските инвестиции на Балканот: помеѓу профитот и законите

Соња Стојадиновиќ

Политика

13.05.24

Прегледи

Се додека интересот на локалните заедници и граѓаните стои на последно место, сите земји кои примаат странски инвестиции без почитување на сопствените закони, доаѓаат на нивото каде се создава судир помеѓу жителите од една страна и државата со профитерите на другата страна.

Иако кинеските инвестиции на Балканот од почетокот на иницијативата Појас и пат во 2014 година, донесоа промени и напредок, тие не поминаа без законски, еколошки и други видови на легислативни проблеми. Без разлика на државите каде кинеската влада дојде со своите инвестиции, тие не поминаа без судски тужби за кршење на работничките права, енормното загадување на околината, сомнителните директни билатерални договори помеѓу владите на Балканот и кинеските компании, изгласувањето на lex specialis закони со кои им се даваат огромни поволности на кинеските компании.

Невладината оргaнизација Just Finance International направи истражување чија цел беше мапирање на судските тужби во Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина против кинеските компании и државните институции кои им дозволија на кинеските компании да работат надвор од препишаните закони. Ова истражување собра над 130 судски тужби против кинеските компании Linglong, Zijin, HBIS во Србија, Sinohydro во Македонија и  Црна Гора, CRBC (China Road and Bridge Corporation) во Црна Гора и Босна и Херцеговина, Bankers Petroleum Ltd во Албанија.

Сите тужби се насочени кон загадувањата и прекршување на локалните закони од страна на кинеските компании во местата каде оперираат. Tужбите кои се доставени против кинеските компании и државните институции за жал доаѓаат најмногу од локални невладини организации и граѓани кои се директно засегнати од оперирањето на кинеските компании.

Србија како најголем домаќин на кинеските инвестиции

Во Србија постојат 11 локации каде има кинески компании против кои се покренати тужби за прекршување на најразлични локални закони и видови на загадувања. Најмногу тужби имаат компаниите HBIS во Смедерево која е сопственик на Железарата во Смедерево и која континуирано ги загадува воздухот и водата во oколните села и градот Смедерево. Загадувањето има силно влијание на здравјето на жителите и дополнително на земјоделските производи од околните села. Компанијата HBIS е тужена од локални жители и невладини организации за загадување, прекршување на законите за заштита на животната средина, нетранспаретност во случаи на хаварија.

На истиот список со голем број на тужби е и рударската компанија Zijin која во 2018 година го купи рудникот за бакар во Бор, источна Србија но и рудници во блискиот град Мајданпек. Скоро целиот Борски рударски басен во источна Србија е во сопственост на Zijin mining. Иако оваа компанија важи како најважен и најголем работодавач во градот Бор и околината, исто така нивото на запазување на еколошките стандарди и почитување на условите за заштита при работа се на ниско ниво.

Zijin mining е тужен од локалните организации и жителите за загадување, неконтролирано копање во околината и загрозување на живеалиштата на граѓаните, незаконски узурпирања и приграбувања на приватни земјишта за потребите на проширување на рударските копови, незаконска изградба на нови преработувачки комплекси без градежни дозволи и анализи за влијание на проширувањето на производните комплекси.

На северот на Србија е градот Зрењанин каде е присутна компанијата Linglong. Оваа кинеска компанија прозиведувач на гуми за автомобили е тужена од локални организации за злоупотреба на работници од странство, најмногу увезени од Индија и Виетнам, изградба на нови производни капацитети без градежни дозволи.

Црна Гора и вечната изградба на автопатиштата

Иако Црна Гора има само три локации каде кинеските компании се присутни, изградбата на Бар-Бољаре автопатот стана најскапиот и најдолгиот проект во историјата на кинеските инвестиции во Црна Гора.

Тужбите кои ги доби кинеската компанија CRBC (China Road and Bridge Corporation) од страна на државните институции и локалните организации се однесуваат на отсуство на транспарентност во тендерските постапки на оваа компанија, блокиран пристап до информации од јавен карактер, уништување и загадување на кањонот на реката Тара, градба без соодветна дозвола и без анализа на влијание. Само локалните жители кои живеат во близина на локациите за изградба на автопатот, доставиле 23 тужби против оваа компанија за загрозување на животната средина и загрозување на нивните живеалишта.

Извор: novamakedonija.com.mk

Босна и Херцеговина во борба против термоцентралите на јаглен финансирани од Кина

Во Босна и Херцеговина кинеските компании инвестираат во термоцентрали на јаглен, Угљевик, Тузла 7 и Станари. За термоцентралата во Станари, кинеската компанија Dongfeng е тужена за изградба на капацитети без анализа на влијание, додека кинеската фирма Synohidro е тужена за изградба на хидроцентрала на реката Неретва со која го загрозила биодиверзитетот на реката. Од друга страна кинеската компанија Shangdong high speed International која го гради автопатот Бања Лука -Приједор е тужена за корупција и нелегално менување на рутата на автопатот.

Албанија и нафтените полиња

Ако во останатите Балкански земји кинезите се присутни во изградба на автопатишта, термоцентрали, рудници, во Албанија се присутни во рударскиот и нафтениот сектор. Кинеската компанија Bankers Petroleum Ltd која оперира на нафтените полиња Патос Маринз е тужена за загадување на подземните води, оштетување на приватна сопственост, нелојална конкуренција на пазарот на нафта во Албанија и избегнување на плаќање на данок.

Македонија со нејзините вечни автопатишта

Иако кинеските компании се најмалку присутни во Македонија, ни кај нас тужбите не ги заобиколија. Автопатот Кичево-Охрид си остана недовршен, со тужби за корупција, пробивање на роковите за изградба и оштетување приватни имоти и загрозување на животната средина. Овие тужби се доставени против компанијата Sinohydro и се најмногу за автопатот Кичево-Охрид.

Зошто толку многу тужби?

Потребата од странски инвестиции на Балканот постои со децении, но кинеските кредити беа најпримамливи во споредба со условите на западните банки. Сепак, случаите на изгласување на lex specialis законите во Србија и Македонија со кои им овозможија слободен пристап на кинеските компании за реализирање на своите бизниси беа една од клучните компоненти за создавање на предуслови за многу тужби.

Самото однесување на локалните власти на терен во земјите кои беа дел од анализата, покажува дека посебно во Србија се направени случаи на екстериторијалност каде власт нема државата туку кинеската компанија. Случаите на Zijin во Бор и Linglong во Зрењанин ја покажуваат состојбата на теренот. Подалеку од овие случаи не се ни случаите во Босна и Херцеговина со уништување на реката Тара и хидроцентралите каде државата пак е отсутна за да ги спроведува законите.

Екстериторијалноста која оди во прилог на профитот од двете страни, на крај се прекршува на грбот на локалните жители. Затворањето на очите пред уништувањето на земјиштето, водата, воздухот, прекршувањето на човековите права на чиста животна средина кои го прават кинеските компании, секогаш оди на вина на централните и локалните власти.

Третирањето на странските инвеститори како богови на земјата води само до уништување, па дури тие и да доаѓале од најпријателската земја која е во најдобри билатерални односи со нашите држави. Инвеститорот доаѓа за профит, не доаѓа за заштита на интересите на локалните заедници.

Се додека интересот на локалните заедници и граѓаните стои на последно место, сите земји кои примаат странски инвестиции без почитување на сопствените закони, доаѓаат на нивото каде се создава судир помеѓу жителите од една страна и државата со профитерите на другата страна.

Против таква иднина треба да се бориме сега и овде.

 
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Соња Стојадиновиќ

Соња Стојадиновиќ е родена во 1979 година во Велес. Таа е дипломиран политиколог на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, кадешто магистрирала на отсекот Меѓународна политика на тема „Ненасилната борба во политиката: фактори за успех и неуспех“. Работи како фриленс автор за хрватските регионални портали Lupiga и Bilten и е активист на левичарското движење Солидарност.