fbpx

Макрон наспрема радикална Франција: Шестата француска република во подем?

Данило Крстовски

Политика

11.05.22

Прегледи

Колку и да француското вето не остави простор за добар спомен кај Македонија и Албанија, надежта е дека преку претстојниот Самит во Париз ќе биде пресечен Гордиевиот јазол и ќе следи интензификација на евроинтегративниот процес на Западниот Балкан.

„Секој Претседател на републиката сака да има свој Устав. Тоа ги прави Французи во вистинска смисла на зборот. Бидејќи е тешко да се промени општеството, создаваат илузија на реформи и промени, и затоа се осврнуваат кон институциите“ вели Жан-Луј Дебре, поранешен претседател на Националното собрание на Франција и истакнат судија.

Слабиот рејтинг на Франсоа Оланд пред пет години не му остави рационален простор да бара втор мандат од граѓаните на Франција. Тоа остави простор за прв пат во француската политичка историја, политичар од центарот да зачекори како најважното лице во Елисејската палата.

Сумирано изборот на Макрон значеше победа на ЕУ, НАТО, еврото, слободните пазари и имигрантите. После раздорот од жолтите елеци, Макрон добива перцепција на „Робин Худ од паралелниот свет“ т.е. претседател кој одзема од сиромашните и ги дарува богатите, што сериозно ги разниша шансите за негов реизбор. Од другата страна, и покрај русофилските афилиации, руската инвазија врз Украина не влијаше исклучително лошо врз радикалната десничарка Ле Пен во првиот круг што ги направи овие избори уште понеизвесни.

Како што видовме изминатата недела, согласно повеќето предизборни анкети, Макрон успеа по втор пат да ја совлада Ле Пен, но овој пат со помала разлика од првобитната пет години претходно. Ако Макрон успеа да освои 66 % пред пет години, овојпат победа забележа со 58 % и најмалата излезност во вториот круг во последниот половина век, односно 28,1 %. Иако старо-новиот Претседател успеа да направи доволна и комфортна разлика, сепак од другата страна радикалната десница освои најмногу гласови во својата историја.

Предизвиците за Елисејската палата ќе бидат особено познати после парламентарните избори на 12 и 19 јуни кога ќе дознаеме дали вториот важен момент од претседателстувањето ќе ја поткрепи тезата дека Макроновиот „референдумот за Европа“ е успешен или тек допрва претстои политичка криза во Франција.

Изместен електорат: Битка на центарот против екстремизмот

Ако го погледнеме историскиот развиток на идеологиите, дихотомијата на леви и десни идеологии е дело на Франција во доцниот 18-ти век, кога оние кои ја поддржувале монархијата седеле десно од претседавачот на Националното собрание, а оние кои се бореле за нејзино укинување биле седнати лево. Францускиот електорат е познат по тоа што е исклучително фрагментиран и доследен на оваа поделба, нешто што и овие избори го покажуваат. Доколку сакаме да дојдеме до ср’жта на современата идеолошка полемика, која има длабоки корени, треба да се даде предност на резултатите од првиот круг.

Имено Макрон како кандидат на умерената, пролиберална и проевропска струја доби 27.8 %, евроскептичната Ле Пен како најгласна кај десничарите доби 23,1 %, додека ветеранот кај левичарите Меланшон кој се повикува на Шеста француска република доби високи 22 %. По втор пат во историјата на Петтата република, во вториот круг влегуваат кандидати кои не се членови на Републиканците и Социјалистите, кои традиционално прават центар-десни, односно центар-леви коалиции.

Кандидатката на Републиканците Пекрес освои 4,8 %, додека Ан Хидалго од Социјалистите неславни 1,75%, што ги допринесува најслабите изборни резултати на овие веќе стагнирачки, ако не и стивнати гиганти. За илустрација, републиканскиот претседателски кандидат во 2017 г. освојува 1/5 од гласовите во првиот круг и завршува на 3-то место, додека Пекрес освојува 1/20, што е сериозен пад на поддршка кај умерената десна партија. Она што останува во игра за овие две партии се претстојните парламентарни избори во јуни, за кои мали се шансите за некоја радикална промена во изборниот резултат.

Извор: pixabay.com

Собирајќи ги гласовите на Меланшон од екстремната левица, а и на Ле Пен и Земур од екстремната десница ќе дојдеме до ситуација каде повеќе од 52 % од електоратот кој се појави во првиот круг сака радикални промени во општеството, имајќи предвид дека апстиненцијата е во нормални мери според тамошното искуство (околу 26 %).

Победата на најмладиот француски претседател не беше ни малку месијанска, имајќи ги предвид протестите на жолтите елеци кои ја срушија сликата за „новиот лидер на Слободниот свет“ предвидувана пред пет години. Зголемените даноци, олабавувањето на работничките права кои доведуваат да газдите полесно ги отпуштат своите работници, како и укинување на солидарниот данок на оние со поголеми примања му даваат слика на нео-Марија Антоанета.

Исто така, незадоволноста од политиките на левиот и десниот центар, особено на претседателите Оланд и Саркози, остави голем маневарски простор за доминантна позиција на радикалните грла во францускиот електорат.

Извесна (не)извесност: Претстојните парламентарни избори во Франција

Моменталниот парламентарен состав на Националното собрание изгледа прилично едноставно. Мнозинството го предводи En Marche! на Макрон со 267 претставници во коалиција со парламентарните групи MoDem и Agir Ensemble, кои му беа поддршка на старо-новиот претседател и на претходните и на овие избори, со 57 односно 27 претставници. Магичната бројка за состав на влада во Националното собрание изнесува 289 пратеници, додека актуелната Влада на Франција се закитува со легитимитетот на 356 народни претставници.

Актуелната опозиција во Националното собрание изгледа многу покревка и распрскана во контраст со крикот кој го имаат на претседателските избори. Од оваа страна на реката, најмногу пратеници имаат Les Républicains и парламентарната група на скромната левица обединета околу Parti socialiste со 101, односно 28 пратеници. Останатиот дел од колачот го делат уште шест парламентарни групи кои се најчесто про-центар ориентирани, а како најважна и најактуелна во пресрет на парламентарните избори би ја издвоил La France insoumise која е збир на поддржувачите на Жан-Лук Меланшон со 17 пратеници.

Меланшон и Ле Пен ветуваат битка до крајот и се обидуваат да ги заматат сметките на новиот мандат на Макрон уште од самиот старт. Уште по резултатите претходнава недела, Ле Пен истакна дека ваквите резултати даваат основа за добар резултат на претстојните избори за Националното собрание, имајќи предвид дека сегашната парламентарна група брои 6 претставници. „Никогаш нема да го оставам народот на Франција и како никогаш до сега ќе бидам доследна на Французите и Франција“ истакна Ле Пен, давајќи простор за десна коалиција за претстојните избори. И Земур, иако незадоволен од резултатот на Ле Пен, повика за коалиција на сродните радикали од десницата како „нешто нужно“.

„И двата финалисти оваа недела имаа поддршка од 1/3 од регистрираниот број на гласачи“ изјави Меланшон после изборните резултати оваа недела, откако за помалку од 1,5 % изгуби од Ле Пен за трката во вториот круг. Ветеранот кај левичарите, правопропорционално со десничарите, повикува на обединување на левицата за претстојните избори. Меланшон оди толку далеку што дури од сега се претставува како „следниот премиер на Франција“. Алудирајќи и на најслабата излезност во последните 50 години, што до некаде е и резултат на апстиненцијата на Меланшоновите поддржувачи, не е далеку од вистината да се каже дека голем дел од Французите гласаше за „помалото зло“ оваа недела.

Опција за шеста француска република?

Аутсајдерски гледано од сето споменатото, гледаме дека победата на Макрон и не е така лоша. Згора на тоа и задоволителен број на анкети и’ дава задоволителна победа на En Marche! , а дури некои одат и чекор подалеку, давајќи им целосно мнозинство. Но имајќи ги предвид слабата излезност, големото незадоволство од двата кандидати и теоријата на „помалото зло“, двојно помалата маргина на победа на Макрон, како и особено круцијалниот момент пресликан во подемот на радикалните грла во Франција со преку 55 % во првиот круг, овие резултати само краткорочно би дале „утописка слика“ за француското општество.

Иницијалниот слоган на радикалната левица на Меланшон е „Шеста република“ која би била антипод на моќната фигура на претседателот во францускиот политички систем.„Зголемената апстиненција и сè понасилните протести се последица на нефункционалниот систем кој вложува премногу моќ и внимание на фигурата на претседател“ истакна долгогодишниот застапник на Шестата република, Пол Алиес, професор по политички науки на Универзитетот во Монпелје.

Она што јас би го истакнал како најважен момент во сето ова е секако подемот на радикалните грла. Центарот во Франција нема друг политичар освен Макрон кој е со подеднаква популарност како Ле Пен, Земур и Меланшон. Партијата на Макрон може и тоа како лесно да исчезне за наредни избори, што го гледаме преку лошиот резултат на Социјалистичката партија на изборите после претседателствувањето на Оланд, што не би било преседан во историјата на Петтата република. Она што останува за време на овие пет години е силна борба меѓу центарот и радикализмот, битка која може да биде клучна како за Франција, така и за Европа.

Француското претседателствување: Влијание врз евроинтеграциите на Западниот Балкан

Изборите за Елисејската палата и Националното собрание се совпаѓаат со француското претседателство кое завршува на крајот на јуни. Француското вето кон Македонија и Албанија ја разниша сликата на Франција во Западниот Балкан, што покажуваат и истражувањата. Речиси ¼ од испитаниците се изјасниле дека Франција не е доверлив партнер за аспирациите на своите држави за влез во ЕУ, а само 1/3 се спротиставила на исказот „ Франција придонесува за севкупно унапредување на процесот на пристапување во ЕУ“.

Париз овој јуни е по втор пат домаќин на Самитот за Западен Балкан како дел од Берлинскиот процес, шест години подоцна. Овој самит предвидува формирање на различни тинк-тенк тела чија цел би била подобрување на билатералата на однос Брисел - Западен Балкан. Експертскиот форум би имал за цел да ја доближи Франција до Западниот Балкан, Бизнис форумот во насока на подобрување на економската соработка и взаемната комуникација, како и стратегија за сеопфатно подобрување на комуникацијата на Париз со овој регион, се само дел од агендата за овој јуни.

Фрегзит е еден од често употребуваните зборови од поддржувачите на Ле Пен, иако истата ја имаше смирено реториката во контекст на ЕУ од пред пет години, сега заложувајќи се за ЕУ како за „лабав сојуз на држави“. Анти-исламизмот би бил пресудната каписла за евроинтеграциите на Албанија, а секако дека и Македонија би била под лупата.

Колку и да француското вето не остави простор за добар спомен кај Македонија и Албанија, надежта е дека преку претстојниот Самит во Париз ќе биде пресечен Гордиевиот јазол и ќе следи интензификација на евроинтегративниот процес на Западниот Балкан.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Данило Крстовски

Данило Крстовски е апсолвент на политичките студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, Скопје. Како посебни сфери на интерес ги издвојува политичката философија, политичката историја, политичката психологија, геополитика и политичките системи. Негова пасија е реториката и ораторските вештини.